Во Старзбур се одржа летниот Универзитет за демократија 2010
Од 28 јуни до 2 јули, во Стразбур се одржа традиционалниот Летен универзитет за демократија, организиран од Советот на Европа, со поддршка на Европската унија, Владата на Франција и локалните заедници на регионот Алзас и градот Стразбур.
Во рамките на универзитетот учествуваше и триесетчлена делегација на Школата за политика од Скопје, како дел од 16-те политички школи од транзиционите држави во Европа, кои во текот на изминатата година обучуваа помлади општествени активисти во разни сфери од областа на политиката.
Во името на македонското претседателство со Комитетот на министрите на Советот на Европа, на учесниците на Универзитетот им се обрати и македонскиот потпретседател на Владата задолжен за евроинтеграции, Васко Наумовски.
Летниот универзитет усвои финална декларација со која се повикуваат раководителите на Советот на Европа, ЕУ и другите организации што соработуваат во Европа да ја олеснат размената меѓу народите во Европа и да ја зачуваат заштитата на правата зацртани во Европската конвенција за човекови права.
