Форум Центарот за стратегиски истражувања и документација од февруари 2010 година го спроведува проектот “Транспарентноста на единиците на локална самоуправа и нивната отчетност пред граѓаните”, во кој ќе бидат опфатени сите општини во Република Македонија.

Проектот е овозможен со грант од програмата Civica Mobilitas, спроведувана од Центарот за институционален развој – CIRa и поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка, застапувана од Канцеларијата за соработка во Скопје.

Проектот ” Транспарентноста на единиците на локална самоуправа и нивната отчетност пред граѓаните” е прво системско истражување во Република Македонија кое ги опфаќа сите 84 општини во државата како и градот Скопје, кое има за цел да направи анализа на состојбата и да изготви препораки за зголемување на транспарентноста и функционалноста во работата на единиците на локална самоуправа, но и да ја унапреди нивната соработка со граѓанското општество. Сметаме дека се работи за клучни области во понатамошниот развој на демократијата во децентрализирана Македонија и учеството на граѓаните во политичкиот живот на нивните локални заедници.

Врз основа на резултатите кои ќе се добијат од ова сеопфатно истражување ќе се утврди добрата пракса, но и клучните недостатоци во овие области, со што ќе се создадат темели за идни иницијативи кои ќе поттикнат граѓанско влијание врз политиките што се носат на локално ниво. Се претпоставува дека преку активностите кои ќе следат по објавувањето на извештајот (јавни презентации, медиумско брифирање, итн.) ќе се поттикне поактивен пристап во мониторингот на политичките процеси на локално ниво во насока на унапредување на релевантните пракси на единиците за локална самоуправа.

Освен собирање на податоци, целта на овој проект е и да се воспостават стандарди и критериуми за проценка на транспарентноста во работата на единиците на локална самоуправа, кои на самите единици ќе треба да им послужат како водич за подобрување на нивниот начин на работа и комуникација со граѓаните. Очекуваме дека по изготвената анализа и нејзината презентација пред засегнатата целна група, единиците на локална самоуправа ќе го искористат концептот на ова истражување во насока на подобрување на својата транспарентност и отчетност пред граѓаните.

Целокупната база на податоци и извршената анализа ќе биде достапна за сите граѓани, властите во единиците за локална самоуправа, медиумите, други истражувачи и сите останати потенцијални корисници. Освен тоа, претпоставуваме дека укажувањето на потребата за зголемена транспарентност (овој пат поткрепена и со емпириски докази) ќе донесе и нова енергија и поактивно вклучување на граѓаните во процесот на креирање и донесување политики на локално ниво, преку создавање на свест за постоењето на темели и можност за идни иницијативи.

Емпириските податоци и анализата кои ќе произлезат од ова истражување, ќе ја дадат првата реална слика за степенот на транспарентност на единиците на локална самоуправа во Република Македонија. Оттаму, се претпоставува дека преку увидот во постојната состојба, и можноста за споредба со другите единици на локална самоуправа, секоја општина во државата ќе знае во кој домен од својата работа треба да делува во насока на зголемување на својата транспарентност и отчетност, а со тоа и да влијае врз вкупниот развој на демократичноста на локално ниво. Освен тоа, се надеваме дека општините кои се релевантно лошо оценети по изготвувањето на ова истражување ќе го искористат неговиот концепт за унапредување на својата транспарентност, комуникација и интеракција со својот краен корисник – неговото Величество граѓанинот.

Со оглед на фактот дека истражувањето и анализите ќе бидат дисеминирани и до пошироката јавност, се очекува дека, во крајна линија, овој проект ќе влијае и врз јавната свест на граѓаните на секоја поединечна единица на локална самоуправа, и ќе ги поттикне да земат поголемо учество во креирањето и донесувањето на локалните политики.

1 reply to this post
  1. Hi, this is a comment.
    To delete a comment, just log in and view the post's comments. There you will have the option to edit or delete them.

Leave a Reply