Промотивната програма за регионално истражување иницирана од страна на Универзитетот во Фрибург, Швајцарија го поддржа истражувачкиот проект федерализација или унитарна држава: постојаната дилема на мултиетничките општества? Примерот на Република Македонија
Почнувајќи од 1 февруари, Форум – Центарот за стратегиски истражувања и документација започна со спроведување на двегодишен истражувачки проект Федерализација или унитарна држава: Постојаната дилема на мултиетничките општества? Примерот на Република Македонија.
Истражувањето ќе ја разгледа дилемата со која се соочуваат мултиетничките општества помеѓу концептот на унитарна држава, со можност за пренесување или деволуција на политичките и/или социо-економските овластувања на пониски нивоа на власт, и изгледите за уставно обезбедени решенија за поделба на власта и развојот на федералистички тенденции. Ова прашање е особено релевантно во општества длабоко поделени по етнички и религиозни линии. Република Македонија е редок пример на земја во која уставно донесен договор служи како гаранција за унитарноста на државата, додека во исто време се развиваат јасни политики и чекори кои одат во насока на радикална деволуција на централната власт кон локалните заедници.
Клучните теми кои ќе се истражуваат ќе бидат мултиетничноста во длабоко поделените општества, консоцијалниот аспект во поделбата на власта и балансирањето на меѓуетничките тензии, како и зацврстувачките и отежнувачките фактори во можниот развој на тенденциите за федерализација.
Целта на истражувањето е да се понуди сеопфатна анализа на зацврстувачките и отежнувачките околности кои ги држат заедно поделените општества. Иако Република Македонија ќе се земе како поединечен предмет на истражување, анализата ќе биде и од компаративна природа при што ќе се обидеме да детектираме заеднички точки со останатите поделени општества на меѓународната сцена.
Истражувањето е замислено како корисна референца како за пошироката јавност така и за донесувачите на политички одлуки и академските кругови во земјата и регионот со цел развивање одржливи политики за во иднина.
За подетални информации, слободно контактирајте ја Калинка Сентиќ-Габер.
