E Pur Si Muove, Ho…
Неодамнешната изјава на македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски дека Грција ќе вложи вето за отпочнување на преговори за членство на Македонија во Европската унија е всушност алиби зад кое владата на Груевски ќе се скрие за своите неуспеси да ги спроведе реформите кои се однесуваат на осумте одредници што и беа испорачани на македонската страна во март 2008 година. Иако во моментов сигналите кои пристигнуваат од Брисел упатуваат дека извештајот за напредокот на земјата што се очекува на 15 октомври ќе биде позитивен, од аспект дека ќе содржи препорака за отпочнување на преговори, мора да се земе предвид целата констелација на односи и особено моментот во кој ваквата одлука доаѓа. Имено, Комисијата предводена од Барозо, во која Рен седи како шеф на генералниот директорат за проширување, ги живее последните денови од својот мандат. Во услови кога преговарачките подглавја на Хрватска се блокирани заради спорот со Словенија, напредокот на Турција кон ЕУ спорен како заради внатрешниот отпор во ЕУ, така и поради нејзините (не)постигнувања дома, отворањето на преговори со Македонија веројатно би бил најбенигниот потег со кој Брисел би покажал реални резултати во процесот на проширување. Оттаму следува дека одлуката би била пред сè политичка, предизвикана од прагматичните потреби на Брисел, а не одраз на реално постигнатите реформи на теренот.
Иако некако агресивно ни беше наметната перцепцијата дека позитивниот одговор од Брисел ќе зависи исклучиво од донесувањето на четирите комплексни и политички сензитивни закони во Собранието – законот за финансирање на политичките партии, законот за Собрание, законот за државна администрација и законот за внатрешни работи – тоа воопшто не е така. Македонија реално сè уште каска во исполнувањето на одредниците – дел од законите беа донесени без конструктивен и сеопфатен дијалог, особено во областите во кои се бара консензус меѓу сите политички партии во демократските институции (одредница бр.2); нема индикации дека се преземени чекори вработувањето и напредокот во кариерата на државните службеници да се вршат без политички интервенции и партиски клуч (одредница бр.6); реформите во судството не вродија со зајакнување на неговата независност и капацитет (одредница бр.3); а регулаторните тела сè уште не можат да остварат целосна независност (одредница бр.8).
Затоа, наместо да ги коментира идните грчките потези предвидувајќи вакви или онакви сценарија, владата на Груевски треба реално да се фокусира на исполнувањето на реформите. Со тоа не само што ќе биде посилна нејзината аргументација дека реално заслужуваме одредено признание за вложените напори и постигнатите успеси, туку пред сè ќе спроведе политики кои суштински ќе се одразат врз благосостојбата на македонските граѓани. Впрочем, значителен дел од нив, гласајќи за Груевски во изминатите три циклуса, и очекуваат вакви резултати.
За дел од оваа изјава пренесена од дневниот весник Време, кликнете тука
