Првиот модул за осмата генерација слушатели на Школата за активно граѓанство се одржа во Велес, во Хотел „Романтик“ од 30 октомври – 1 ноември 2015 година. На сесиите присуствуваа 26 учесници од кои најголемиот број беа студенти, но и членови на граѓански здруженија, политички партии и граѓански активисти.

Школата ја отвори извршниот директор на Форум ЦСИД, Слаѓан Пенев, по што следуваа предавања на Зоран Бојаровски, Уредник во Алфа ТВ, истражувач и тренер, кој го претстави Поимникот за граѓанско општество. По ручекот следеше предавање на Ѓунер Исмаил, Претседател на управниот одбор на Форум ЦСИД, на тема „Структура на општеството и местото на граѓанскиот сектор“ проследено со дискусија и прикажување на документарен филм.

Вториот ден од Школата го отвори предавањето на Гордан Георгиев, поранешен пратеник во Собранието на РМ и поранешен потпретседател на СДСМ, на тема „Партиското и политичкото“ проследено со дискусија и работа во групи. Второто предавање во денот го одржа Зоран Бојаровски на тема „Чекори во планирањето и реализација на граѓанската акција“ проследено со работа во групи.

Третиот, и последен ден од Школата беше резервиран за две панел дискусии. На првата панел дискусија учествуваа Кочо Андоновски, Програмски директор на ЛГБТ Центарот за поддршка и Љатифа Шикоска, од НВО Амбрела, кои говореа на темата „Невидливи заедници“ и отворија дискусија со учесниците на Школата за состојбите на маргинализираните заедници во Македонија.

Втората панел дискусија ја одржаа алумнисти на Школата за активно граѓанство и истакнати граѓански активисти, Џељо Хоџиќ од граѓанското движење „Ајде“ и иницијативата „8-ми септември“, и Благица Петровска, Национален младиснки совет и Студентска организација „Излез“.  Првиот модул на Школата го затвори дискусија и заедничка евалуација на предавачите и алумнистите.

Вториот модул е планиран кон крајот на ноември 2015 година.