СРЕДБА НА ПАРТНЕРИТЕ ОД ПРОЕКТОТ „ВОЗРАСНИ ЛИЦА ВО ЗЕЛЕНА АКЦИЈА“
На 1 декември 2022 во Софија, Бугарија, се одржа првата средба на партнерите од проектот „Возрасни лица во зелена акција – од рацете до умот и душата“, (Seniors in Green Action – from Hands to Minds to Souls-SenGA), со што се означи почетокот на активностите кои ќе се спроведуваат во пет европски земји – С. Македонија, Бугарија, Шпанија, Полска и Италија. Форум ЦСИД е дел од овој проект, заедно со Бугарската Школа за политика „Димитри Паница“ (како координатор на проектот), Универзитетот Адам Мицкиевич од Познањ (Полска), АССЕТ Базиликата (Италија), СТП Консалтинг (Шпанија) и АРТИЕД (Бугарија), кои во текот на идните месеци ќе реализираат активности насочени кон подобрувањето на образованието за возрасни лица во областа на екологијата и борбата со климатските промени.

Во првата фаза од проектот SenGA, партнерите ќе подготват Упатства и Библиотека со ресурси за вклучување на возрасни лица како ученици за еколошки активности, а потоа врз основа на неколку обуки и работилници за креативно рециклирање, ќе бидат продуцирани серија кратки видеа врз принципот „Од стари за стари“ и ќе се објави Водич за обуки на обучувачи за вклучување на постари луѓе во креативно рециклирање и зелени активности, наменет не само за едукаторите на возрасни лица, туку и за социјалните работници, терапевтите, членовите на граѓанските организациите чии целни групи се постарите луѓе итн.
Активностите на овој проект се спроведуваат со поддршка на програмата Еразмус плус, како дел од потпрограмата за стратешки партнерства за образование на возрасни (KA204), преку повикот објавен од бугарската национална агенција.

