Се одржа првиот модул со десеттата генерација на Школата за активно граѓанство
Изминатиот викенд, од 21-23 октомври 2016, се одржа првиот модул со десеттата генерација на слушатели на Школата за активно граѓанство во Хотелот „Романтик“ во Велес. На сесиите присуствуваа 24 учесници од кои најголемиот број беа членови на граѓански здруженија, граѓански активисти и студенти.
Школата ја отворија Ѓунер Исмаил, Претседател на одбор на Форум ЦСИД и Слаѓан Пенев извршен директор на Форум ЦСИД, кои ги презентираа програмата и целите на Школата, по што следуваше презентација на Поимникот за граѓанско општество проследено со дискусија. Учесниците најмногу дискутираа за поимите граѓанин, човекови права, дискриминација, ксенофобија и толеранција, како и за протестите.
По паузата за ручек следуваше предавањето на професорката Мирјана Најчевска, на тема „Структура на општеството и местото на граѓанскиот сектор“ која ги објасни основните механизми на државата и што ја прави една држава демократска. Професорката дискутираше со учесниците за правата и слободите на граѓаните, за тоа што претставува граѓански сектор и улогата на граѓанскиот сектор во демократските општества. Предавањето на професорката Најчевска беше проследено со прикажување на документарниот филм за студентското движење Отпор во Србија
Вториот ден од Школата го отвори предавањето на Зоран Бојаровски, кој говореше за „Чекори во планирањето и реализација на граѓанска акција“ проследено со дискусија и работа во групи. Второто предавање во денот го одржа Ненад Марковиќ, професорот од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје (политички студии). Тој ја објасни разликата меѓу партиско и политичко, и проблемите со одвојувањето на партиското од политчкото во Македонија. По неговото предавање, следуваше работа во групи.
Третиот, и последен ден од Школата беше резервиран за панел дикусија на истакнатите граѓански активисти Павле Богоевски и Драган Додевски. Тие говореа за моќна на граѓанинот, и ги споделија своите искуства со учесниците на новата генерација на Школата. По нив следуваше предавањето „Политичката моќ и покорноста“ на Сашо Орданоски, истакнат аналитичар и предавач на ЈИЕ Универзитет во Тетотво.
Првиот модул на Школата го затвори дискусија и заедничка евалуација на предавачите и алумнистите.






