…е на власт во Македонија, работите одат надолу! И не само во најблиското минато, како во годините 1998-2002. Не само денес кога бездната веќе се гледа.

Одсекогаш македонската десница ги “одработувала“, стоела зад сите највалкани, најгрозни работи кои му се случувале на овај народ. Долг е списокот на недела. Многу долг. Уште од времињата кога “десните“ (за себе милувале да зборуваат како за “патриоти“ – Ви текнува нели?) по улиците, куќите, шумите безмилосно ги убивале сите оние (воглавно левичари, социјалисти), а кои пак се осмелиле да помислат дека борбата може да вроди со плод наречен слобода и дека е можна поинаква рецептура за создавање на држава, без притоа идната престолнина да биде Софија или Белград. Диригираните десничари камуфлирани во некакви борци за “некаква“ слобода, во нивниот крвав поход не се стеснувале од најгнасни сојузништва (така налагале нивните “газди“), а сето тоа само за “грст сребреници“! Цутот на македонската интелигенција од почетокот на дваесеттиот век, а ако подлабоко размислиме, сè до денешниот ден, се нашол на нишанот или под ножот, на испљувоците кои задачата ја одработуваат сè до денес. А задачата не е само да ја нема Македонија. Поголема е, посложена е, а сепак многу поедноставна за да се разбере. Овде, во срцето на Балканот “Огнот мора да гори и не смее да се угасне!“. Колежите меѓу двете светски војни, атентатите по престолнините на Европа, настаните од кои цивилизираниот свет се згрозил, десничариве ги финишираа со сојузништвата со сите окупатори на Македонија во Втората Светска војна, а кога низ македонските градови, со насилие, организирале дочеци со цвекиња, за окупаторските војници. Да, токму така, булументата извршители, на чиј што водач, ене “онаму“, во “Музејот“, му ја наместија восочната фигура, само ја доработувала задачата. За жал, крајот на војната, кога со фашистичките орди си заминале и испљувоциве, не е крај и залудни беа надежите дека македонското општество еднаш засекогаш се ослободило од оваа метастаза. Се покажа дека Комунистичкиот цитостатик, нити бил вистинскиот, нити бил доволен. Со поедноставни зборови речено, времето, историјата, социјалната, економската, демографска, политичката структура на македонското општество е многу погодна за “будење“, но и “инсталирање“ на, овојпат криминални, десничари кои никогаш ниту биле, ниту ќе бидат софистицирани конзервативци од британски ранг. Ако во минатото биле убијци, денес се криминалци со “пукнато перде“, здружени со сиот балкански полу-свет, а со локалниот особено, и врз Македонија го играат нивното апокалиптично оро, смеејќи ни се в‘лице и на нас, но и на сите кои годиниве зад нас СТАВИЈА ПОТПИС дека земјава ќе се движи во вистинска, цивилизирана насока. Сега засега сме на дното, а во бездната кај да е….!

Споменав структура на опшетството како погодно тло за раѓање, или поточно оживување на деструктивни групи кои овојпат се помогнати и “од страна“ (да немаме илузии), а уште потрагично е што она што требаше да биде фактор (странски!) го одмолча нивното размавнување, до степен да се помислиме дека и на тој “фактор“ не му е од интерес овдека “огнот да се угасне дефинитивно“!

Сепак, не смееме да бидеме несамокритични. Македонското општество, неговиот, ајде малку да претерам, прогресивен дел, се покажува како недоволно да создаде критична маса која ќе го оневозможи размавнувањето на десницата (фашизмот). Од многу причини. Доволно ќе биде само да ги споменеме некомпетентноста, нерешителноста, корумпираноста на сè она што трајно, или привремено се засолнуваше под чадорот на она што за себе сметаше дека е државотворна левица. Транзицискиот метеж, колку што е нормална појава, дополнително се “закашка“ со редицата будалаштини токму на левицата, а структурата на населението (погоре ја нарековме социјална, економска, демографска) извонредно му погодуваше за финалното, овојпат без шанса за враќање назад, перфектното разработување на планот за растурање на Македонија. Како во должина, така и во широчина! За шест и нешто години, локалниве фашисти успеаја Македонија да ја доведат до крах на сите полиња, а притоа економскиот е и дури (!) најмалку важен. Ги уништија сите претпоставки за некаква иднина, за која не мислевме дека ќе биде лесна, но сепак ќе беше иднина во која беа вградени резултати на трудот на многу генерации. Од партизаните, генерациите после нив, па вклучително и на оние кои во југословенските премрежја на распаѓањето ја сочуваа државата од воените пожари. Ништо од сето тоа нема веќе. Во Македонија под власта на внатрешниот фашистички окупатор, се одработува агендата за растурање (не заборавајте дека делумно беше тестирана во 2001-та) и кај да е од таа агенда ќе произлезе финалето.

Охридскиот Договор ќе се адактира, а ќе уследи некаков “дејтон“ од кој ќе произлезе Република Македонска (во најдобар случај), можеби Кантон Скопје, а за останатото, “ќе има дијалог“. …! Во таа “каша-попара“ ситуација, криминалците ги полагаат сите нивни надежи дека сè што сторија (испљачкаа) ќе се забошоти, ќе се заборави (како во 2002-та) и тие среќни весели ќе ги уживаат плодовите на злосторот.

Идентитетски и слични академски дребулии нив секако никогаш не ги интересирале. Во оваа земја, овде треба да си признаеме барем на самите себе, како левите, така и десните, секогаш им постилале пат само на полу-писмените, на полу-интелигентите, на луѓе без интегритет и р‘бет, на полу-светот, или по нашински: курназите, измамниците од сите насоки.

Како за утеха еве една убава вест: Пред неколку дена Претседателот на Република Австрија ОДБИ да го одликува претседателот на Австриската Слободарска Партија заради кокетирањето на ова партија со фашизам, ксенофобија, хомофобија и сл. Големите нации знаат што е фашизам. Особено Австрија која е попарена од фашистичкото млеко. Та затоа денес дува на Слободарското Кисело Млеко.

Ѓунер Исмаил, политички аналитичар