САШО ОРДАНОСКИ: СОЦИЈАЛНИ И ЕКОНОМСКИ ПРОМЕНИ ВО АЛБАНИЈА КОГА НАУКАТА И ПОЛИТИКАТА СЕ СУДИРААТ*
Албанија, 20 години по падот на комунизмот – држава која e географски подеднакво далеку (или блиску) до Виена, Атина, Рим и Истанбул. Тоа е регион кој се наоѓа на работ на пост-конфликтно безбедно, политичко и економско управување во последните 20 години.
Затоа, обврзани сме да ги видиме главните текови на меѓународните напори за отстранување на тоталитарните режими, и нивната помош во создавањето на про-западни влади, како и во подредувањето на овие земји со институциите и интересите на западната заедница и нивниот систем на вредности. Оваа иницијатива е инспиративна бидејќи се стреми не да експлоатира, туку да инвестира во стабилност, слобода и просперитет на нациите за кои станува збор, создавајќи за возврат свет “безбеден за демократија” и пазарна економија.
Единствениот начин тоа да се постигне бил – и сè уште е – со интеграција на балканските нации во западните институции и во една мрежа на условеност и взаемна независност. Независно од сите замки и бавност на тој процес, евро-атланските интеграции прогресираат и се создаваат подобри услови за развој на демократијата и економијата.
По две децении на помирување и политичка стабилизација, се наоѓаме на точката на развој на југоисточниот регион каде економските фактори играат голема, па дури и поголема улога од политичките фактори во менувањето на балканските општества. Во последниот извештај на Светската Банка за водење на бизниси за 2010 (World Bank’s Doing Business 2010 Report ) се истакнува дека скоро секоја земја од регионов бележи подобрување. Во Извештајот на Светскиот Економски Форум за глобална конкуренција од 2009-2010 (World Economic Forum’s Global Competitiveness Report 2009-2010), Албанија, Црна Гора и Македонија бележат пораст во нивното рангирање за разлика од истражувањето спроведено минатата година. Државите од регионот се тесно врзани со агендите на ЕУ интеграциите, и повеќето од нив, но не секогаш по сопствена волја, каков што е случајот со Македонија – ја препознаваат важноста од политичката заштита обезбедена со процесот на пристапување кон Европската Унија.
Претпоставувам дека повеќето стручњаци ќе се согласат дека мојот вовед е многу учтив и цивилизиран, скоро како да давам воведен збор на некоја конференција на УНДП или на конференција на Пактот за стабилност некаде во Брисел. Сепак, нашата балканска транзициска “монета” има две страни. Да видиме што се наоѓа на другата страна…
Според проектот “Migration out of poverty” (“Миграција поради сиромаштијата”) спроведен од страна на Универзитетот во Сасекс и неговиот албански партнер – Центарот за економски и социјални студии во Тирана се вели: “започнувајќи од 1990 година, Албанија беше сведок на една од најголемите емиграции во последно време; десет години подоцна најмалку 600,000 Албанци, еден од петмина од населението, живееле во странство, најповеќе во Грција и Италија. Можеме слободно да заклучиме дека десет години по 2000 година, многу дополнителни илјадници Албанци се иселиле од својата родна земја. Секако, ова масовно движење на населението значително влијаело на руралната депопулација на земјата и на “забрзаниот развој на главната оска Тирана – Драч” со силен наплив на непланиран урбан развој во главните градски подрачја.
Не се знае колку од тие значајни пораки испратени со голема емигрантска љубов и посветеност до родната земја им дала и поголем развоен импулс на веќе постоечкиот урбан хаос во главните метрополи во Албанија. Се сеќавам, кога пред многу години го интервјуирав градоначалникот на Тирана Еди Рама, тој ми даде една одлична завиена дефиниција за тоа што се случува во процесот на урбанизација на Албанија: “Тоа е војна за јавен простор која беснее во Тирана.” Денес, мене како туѓинец ми е тешко да проценам кој ја доби таа војна. Заклучокот би бил дека таа војна всушност сè уште се води. (На пример, можам да сведочам дека урбаната мафија го доби урбаниот конфликт во Скопје со неинтелегентната антиквизација на моменталната влада, која дополнително ги повредува и веќе постоечките урбани рани).
Земете, на пример, друг витален социо-економски фактор: образованието.
“Експолозијата” на приватниот образовен сектор во Албанија – повторно, отсликувајќи ги сеприсутните регионалните тенденции – е повеќе показател за трка за висок профит во “индустријата на образованието” отколку за квалитет во предавањето и учењето.
На пример, за да го поткрепам ова тврдење, ќе говорам од мое сопствено искуство. Студентите на кои им предавам во Македонија на еден од најдобрите приватни универзитети во државата (финансиски и наставно-програмски поддржани од страна на ЕУ и САД), често имаат проблем да го именуваат главниот град на Канада (веднаш до Мелбурн, го земам Торонто како барем континентално точен одговор)! Брзите технолошки промени имаат зголемени побарувања за обука и специјализирани вештини. Добар управувачки кадар е сè уште тешко да се најде, и покрај фактот дека училишта за бизнис менаџмент никнуваат на секој агол во поголемите градови.
Се појавува уште поголем проблем: Што им претстои на сè поголемата “армија” на формално високо образувани млади луѓе кои немаат можности за вработување и немаат никакво работно искуство? Популистичката мантра на сегашната Влада на Македонија е повеќе од 95% од учениците кои завршуваат средно училиште да се запишат во институциите за високо образование. Господ нека им е на помош! (Не на Владата, на студентите, секако. И на Канада, исто така). Од друга страна, бидејќи овие студенти веруваат повеќе во симнување на музика и филмови од интернет отколку во Господ (што според мене е добро): можеби помошта ќе биде овозможена од “рајот” на интернет, отколку од “рајот” на нашите Боже-ми-прости општества во транзиција…
Потоа, доаѓаме до една позната ситуација на недостиг од институционална стабилност што се наоѓа во центарот на регионалните проблеми во однос на економијата, развојот на приватниот сектор и странските инвестиции. Институционалните реформи се стари две децении, но понекогаш се чини како да започнале само пред неколку години. Регионалната државна администрација е силно партизирана (контролирана од политичката партија која е на власт) и ендемски корумпирана . Највнимателната корупција на која бев изложен во регионов до сега е кога еден албански полицаец ме застана пред неколку години на патот од Елбасан кон Драч со шармантна насмевка и незаборавно барање: Zoti Sasho, rruga perfekt, policia – respekt! (“Господине Сашо, патот е одличен, покажете малку почит за полицијата”), покажувајќи кон џебот на неговата кошула. Раширената корупција, во комбинација со долги правни и регулаторни реформи, претставува една од главните пречки за развој на бизнисот и посуштински регионални евро-атлантска интеграции.
Албанците, сè уште ја разбираат државата како еден врвен ентитет во нивните животи кој постои само за да зема – претставено преку разни форми на арач, или регрутација за нечии војни, или преку лимитирање на различните форми на слобода. Никогаш да не даваат за возврат: започнувајќи со комуналните и здравствените услуги, и завршувајќи со основните форми на безбедност. Од една страна, познатата дефиниција на Ветон Сурои за Косово во 1990-та “како најголемата НВО во светот” може да се примени и на голем период во историјата на Албанија исто така. Од друга страна, како резултат на недостатокот на традиција на култура на владеење и почитување на властите како легитимни актери во име на општото добро, по многу време поминато во Албанија во последниве две декади, не можам да се сетам ниту еднаш дека некој јавно протестирал против владата на Албанија, барајќи вработување од државата. Во Скопје, од друга страна, практично не можете да возите со автомобил низ градот затоа што секој ден некој ги блокира улиците со барање владата да најде решение за нивната невработеност или примањата. Со други зборови, релативното исклучување од институционалните форми на функционална држава направија Албанците да бидат до некаде повеќе претприемачки, повеќе “самоодржливи” посуштински активни да постигнат поголем успех, отколку останатите етнички заедници на Балканот.
Можеби ова долготрајно партнерство меѓу државата и граѓаните делумно го дополнува заклучокот на Коста Барјаба во неговата студија за албанската транзиција и улогата на нејзината елита објавена во 1998 (и според мене, сè уште релевантна): “Албанската политичка елита е окарактеризирана со деспотски и авторитарен менталитет, кој секогаш имал потреба од ‘татковска фигура’, барана, најдена и изневерена, барајќи набргу нова откако првата повеќе нема да ги задоволува нивните интереси. Овој архетип на владеење преовладувал секој пат кога Албанците имале шанса да создадат демократска држава.
Откако ова го кажав, не е тотално изненадување кога некој ќе ги прочита најновите сумарни заклучоци од Индексот на Граѓанското општество објавено во Тирана во 2010 година и овозможено од страна на Институтот за демократија и медијација од Тирана во соработка Светската Алијанса – CIVICUS. Комбинирајќи 5 клучни димензии, 28 суб-димензии, конфигурирани во 67 одделни индикатори, заклучокот од оваа сложена матрица е меѓу останатото дека “најголемиот недостаток на албанскиот граѓански сектор се состои од нискиот степен на граѓанско ангажирање”, “широк скептицизам меѓу граѓаните насочен кон граѓанскиот активизам” кој резултира со “ограничено влијание” на невладините организации во албанската реалност.
Но, дали е навистина поразлично во останатите делови на Балканот? Гледајќи на последните дваесет години, гледам многу истакнати личности и пријатели кои биле активни во граѓанското општество, впрочем меѓу нив и повеќемина Албанци, сега комотни во нивните амбасадорски, министерски кабинети или пак во кабинети на извршната државна власт. По поминати години во граѓанскиот сектор, тие донеле сигурна одлука дека животот се наоѓа некаде на друго место на планетата на нашите балкански транзициски демократии. Некои од нив исто така го практикуваат широко распространетото вербално насилство кога се обраќаат меѓусебно (истиот тој јазик што го осудуваа додека беа во граѓанскиот сектор), нетолеранција за различните ставови од страна на опозицијата, а имаат и тенденција да ја монополизираат јавната администрација со нивните лојални сопартијци, започнувајќи со министрите и судиите, а завршувајќи со паркирачите на автомобили.
Сè на сè, албанската социо-економска транзиција навистина има потреба од “преиспитување”! Нашите општества се премногу конфронтирачки. Солидарност и сочувство речиси не постои. Сите се натпреваруваат во популистичките платформи, грчевито мантраат за ЕУ и НАТО интеграциите, и во целина, чекаат да помине уште еден ден во транзицијата. Одговорот е очигледен: не постои единствен одговор, ослабува масовната хемотерапија за да ја искорени социјалната метастаза која ги заразила нашите држави веќе долго време. За Балканот, особено за Албанија, утрешната агенда ќе пристигне, но потребно е ние да откриеме како ќе живееме во неа. Зборувано генерално, кога ќе се судрат науката и политиката, науката губи. Тоа е добар изговор за оние кои влегуваат во политика, гледајќи од зад аголот.
Веб адреса на журналот Südosteuropa Mitteilungen е
http://www.suedosteuropa-gesellschaft.com/index.cfm?page=mitteilungen
