Почнаа активностите на Алијансата за регионален развој
Форум ЦСИД и организацијата Младински иницијативи за дијалог и соработка од Битола ја создадоа иницијативата Алијанса за регионален развој која има за цел зголемување на транспарентноста на јавните политики за регионален развој во Република Македонија преку вклучување на претставници на граѓанското општество во процесите на планирање и имплементација на овие политики. Со тоа се очекува и да се зголемат капацитетите на претставниците на граѓанското општество за активно вклучување во овие процеси и да се засилат активностите на мониторинг врз домашните јавни инвестиции и врз формите на надворешна (меѓународна) помош во развојот на сите плански региони.
Планирано е во текот на пролетта 2016 г. Алијансата за регионален развој да ја објави првичната студија во која ќе се направи пресек на состојбата со развојот на локално и регионално ниво во сите 8 плански региони и приказ на политиките за рамномерен регионален развој во Македонија.
Потоа ќе се одржат работилници во сите 8 региони и обука за претставници на граѓанскиот сектор, активисти и истражувачи кои се заинтересирани за темите поврзани со регионалниот развој.
Активностите во оваа иницијатива ќе бидат реализирани со финансиска помош од програмата на ЕУ од Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР) за 2014-2015 г., која го поддржува граѓанското општество преку шеми на поддршка базирани на специфичностите на државата.
