Форум ЦСИД продолжува со објавување на списанието „Форум Аналитика“, во кое во досегашните 13 изданија се обработуваа теми од стратешко значење за Македонија и регионот и се промовираа релевантни анализи за важни прашања од развојот на општеството.

Во следните неколку месеци ќе бидат објавени две изданија на „Форум Аналитика“, посветени на темите:

  • Соработка на општинските администрации и граѓаните во контекст на процесот на децентрализацијата, и
  • Предизвиците на новата Влада на РМ.

Со овој повик за доставување предлози за анализи поврзани со овие две теми ги покануваме членовите на академската заедница, научно-истражувачките институти, тинк-тенковите и граѓанските организации да понудат предлози за подготовка на анализи. Бидејќи целта на „Форум Аналитика“ е да промовира и млади истражувачи специјализирани во нивните професионални области, овој повик посебно ги охрабрува помладите автори да понудат предлози за анализи.

Заинтересираните автори можат да испратат кратка биографија и сиже на тематиката за која предлагаат да подготват анализа (не подолго од 300 зборови), на електронската адреса forumcsrd@forum-csrd.org.mk најдоцна до 20 август 2017 г., а избраните кандидати ќе добијат известување дали нивниот предлог е прифатен најдоцна до 27 август.

Изборот на одобрените предлози ќе го направи Уредувачкиот одбор на „Форум Аналитика“ врз основа на релевантноста на предложената тематика.

Пријавата треба да биде доставена на македонски јазик, додека кратката биографија може да биде на македонски или англиски јазик.