GLOBAL TRENDS 2025: A TRANSFORMED WORLD 
National Intelligence CouncilWashington DC, November 2008

Во страниците за уреднички коментари на Фајненшл тајмс, во изданието од 14 септември 2024 година, го читаме воведникот во кој пишува: „Се наоѓаме во нова ера во која владите повеќе не се најглавни…”. Оваа теза се образложува со фактот што новата спогодба за климатските промени е донесена под силен притисок на мрежите на професионални групи, невладини организации и религиозни групи што ги надминале националните, класните и културни поделби кои често ги спречуваат владите да дејствуват во ситуации кога е потребна итна акција. Во еден дел од текстот се споменува и оправданоста на одлуката на Генералното собрание на ООН да прими во свое членство 20 невладини организации кои имаат исти гласачки права како и државите членки на светската организација.

Секако, ова е презентација на претпоставен иден тек на развојот на светот, но изготвувачите на овој фиктивен коментар на Фајненешл тајмс, кој е објавен во студијата „Глобални трендови 2025: Трансформиран свет“ не се петпарачки СФ писатели или мистично обдарени јасновидци, туку врвни авторитети во аналитичките и универзитетските центри на САД и некои други делови од светот. Всушност, ова е четврта ваква студија во последниве 12 години што се занимава со идентификување на клучните идни трендови во светот – глобалната економија, демографијата, енергетиката, климатските промени, подемот на новите велесили, поделбата на влијанието во светот, можностите за конфликти, улогата на меѓународните организации и сл. Првата, „Глобални трендови 2010“ (објавена во ноември 1997 г.) била базирана исклучително врз податоците на американската разузнавачка заедница, втората, „Глобални трендови 2015, Дијалог за иднината со невладини експерти“ (декември 2000) вметнала и мислења на американски невладини авторитети. Во третата, „Мапирање на глобалната иднина: Извештај на Националниот разузнавачки совет за Проектот 2020“ (декември 2004) се вклучиле и неамерикански специјалисти, кои за таа цел учествувале на шест семинари организирани во пет континенти. Поради таквиот поширок опсег на мислења поголемо било и влијанието на извештајот врз јавноста и државните претставници во разни делови од светот. Конечно, студијата „Глобални трендови 2025“ (ноември 2008) опфаќа мислења на стотици експерти од САД и остатокот на светот, претставници на истражувачки центри, консултантски фирми, академски институции и сл. Во делот каде што издавачот, американскиот Национален разузнавачки совет, се заблагодарува за придонесот за изработката на оваа студија споменати се претставници на некои од најрелевантните американски тинк-тенкови: корпорацијата РАНД (Research ANd Development), Советот за надворешни односи (CFR), Брукингс, Американскиот претприемачки институт (AEI); како и од Четам хаус од Лондон (во чиј состав е Кралскиот институт за меѓународни односи), Кинеските институти за современи меѓународни односи (CICIR) и Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (SIPRI). Целите на овие истражувања се јасни – денешните состојби и трендови се ставаат во подолгорочна перспектива, стратешки се размислува за иднината и се идентификуваат можностите за интервенирање за да се намалат опциите за негативен развој на настаните. За разлика од претходните три прогнози, во кои се тврдеше дека американската доминација во светот ќе опстои и дека останатите големи сили нема да можат да бидат нејзина контратежа, во прогнозата за 2025 г. се наведува дека од сегашниот униполарен свет доминиран од САД, новиот поредок ќе прерасне во релативно неструктурирана хиерархија на стари сили и нации во подем, а моќта сè повеќе ќе биде дифузирана од државните кон недржавните актери. Според тоа, следните 15-20 години би требало да бидат една од оние големи историски пресвртни точки во кои ќе има повеќе промени отколку континуитет.

Она што останува како константа во прогнозите и за 2020 и за 2025 г. е извесноста за висок глобален економски раст, предизвикан пред сè од подемот на Бразил, Русија, Индија и Кина (БРИК групата), во случај да нема поголеми економски шокови во светот. Исто така, во обете студии постои увереност дека глобализацијата ќе биде двигател со кој ќе се променат сегашните поделби кои се засноваат на географијата, етницитетот, религиозниот и социо-економскиот статус.

ПОДЕМ НА КИНА И ИНДИЈА

Една од тезите која експлицитно, но често и имплицитно, се форсира во оваа студија е дека богатството сè повеќе ќе се движи од Запад кон Исток и ќе биде сконцентрирано под државна контрола. Првиот аргумент за бранење на оваа теза е динамичниот развој на Кина и Индија. До 2025 г. Кина ќе биде втората по големина економија во свет и прва по воена моќ, а осумте најразвиени економии во светот ќе бидат во следниов редослед: САД, Кина, Индија, Јапонија, Германија, В. Британија, Франција, Русија. Сепак, богатството по глава на жител во Кина и Индија уште долго време ќе заостанува зад западните економии. Значително ќе се зголеми и политичката и економската моќ на Индонезија, Иран и Турција. Новите сили ќе имаат повеќе средства за купување на суровините (првенствено енергенсите) со кои ќе го обезбедат нивниот постојан развој. Исто така, тие имаат голем капитал складиран во т.н. суверени фондови со кои инвестираат во развиените, но и во новите пазари, што ќе им овозможи дипломатско приближување и евентуални нови сфери на влијание во идната глобална политика. Со најновиот развој на настаните, кога столбовите на либералниот капитализам паѓаат насекаде, може да се очекува дека повеќе земји во развој во следните години ќе гравитираат кон Кина, која со својот државно-центристички модел (некои го нарекуваат „државен капитализам“) последниве години покажува многу успешен развој и политичка стабилност (наспроти западниот пазарен модел и демократски систем).

Како и во погореспоменатиот коментар во Фајненшл тајмс, авторите на „Глобални трендови 2025“ нудат една фиктивна интервенција во иднината, со објавување на писмо кое шефот на Шангајската организација на соработка (кој по националност е Русин) го испратил до Генералниот секретар на НАТО на 15 јуни 2015 г. Од тоа писмо дознаваме дека новите сили ги потиснуваат западните сили како водачи на светската сцена. Еден од главните актери на новиот свет станува Шангајската организација за соработка, како коалиција на источни сили по примерот на НАТО. Првиот крупен чекор за пропаста на Западот е повлекувањето на сегашната безбедносна мисија во Авганистан и нејзина замена со мировна мисија на источната алијанса. Потоа следи силно протекционистичко движење во САД и Европа, што предизвикува националистички изблици во државите кои својот капитал од суверените фондови го инвестирале во западните економии.

ЕВРОПА И РУСИЈА

Европа ќе направи спор прогрес за остварување на визиите на големите европски водачи за континент кој е интегриран и влијателен глобален актер и кој е во можност независно од другите светски сили да ангажира цел спектар на политички, економски и воени средства за поддршка на европските и западните интереси и универзални идеали. Понатамошниот неуспех да се убеди скептичната јавност за бенефитите од подлабоката економска, политичка и социјална интеграција и несправувањето со проблемот на намалувањето и стареењето на населението може да ја остави ЕУ во немоќ да ја употреби својата економска сила за глобално влијание. Националните интереси на поголемите европски сили ќе продолжат да ја комплицираат надворешната и безбедносната политика на ЕУ, а извесна е и ерозијата на европската поддршка за НАТО.

Една од најголемите шанси за ЕУ да биде во можност да ја зацврсти политичката стабилност и демократизација на европската периферија е со прием на нови членки од Балканот и можеби Украина и Турција. Особено прашањето за приемот на Турција во ЕУ ќе продолжи да биде тест за европската иднина. Скептицизмот за турското евроинтегрирање веројатно ќе предизвика потврда на аргументите на муслиманскиот свет, а особено кај европските муслимани, за некомпатибилноста меѓу Западот и Исламот.

Русија има потенцијал да биде побогата и помоќна во 2025 г. доколку инвестира во човечки капитал, ја диверзифицира својата економија и се интегрира во глобалните пазари. Сепак, мали се надежите дека Русија ќе стане многу поотворена и прогресивна држава во следните 15-20 години. Веројатно е дека Москва ќе има проактивна и влијателна надворешна политика и дека повторно ќе биде еден од водечките играчи на светската сцена, важен партнер за Западот, но и за Азија и Блискиот Исток, а секако и главен противник на глобалната доминација на САД.

ДЕМОГРАФСКИ ПРОМЕНИ

Населението во Индија ќе порасне за 240 милиони луѓе до 2025 г., во Кина за 100 милиони (и двете држави ќе се приближат до бројката од околу 1.5 милијарди жители), во Потсахарска Африка ќе порасне за 350 милиони, а во Латинска Америка и Карибите за 100 милиони. САД, Канада и Австралија, кои се традиционално полиберални за имиграција, исто така ќе забележат раст на населението. Наспроти нив, населението ќе се намалува во Русија, Украина, Италија, Јапонија и скоро сите источноевропски држави. За да се спречи пензионерскиот бум и драстичното намалување на работоспособното население, во овие земји, како и во западноевропските, ќе мора да се зголеми стапката на имиграција, што конкретно во Европа ќе доведе до раст на не-европските малцинства. Се проценува дека до 2025 г. најмалку 15% од европските граѓани ќе бидат имигранти (претежно муслимани), што ќе ги зголеми и тензиите помеѓу новите и старите европски сограѓани, особено доколку нема позначителен економски раст и понуда на нови работни места. Поголемиот процент на муслиманско население ќе најде свој одраз и во политичкиот спектар на поединечните држави, но и на Европската унија како сè посилен ентитет, и ќе ги принуди европските политичари да бидат почувствителни за надворешната политика кон Блискиот Исток и останатиот муслимански свет.

ПОТЕНЦИЈАЛНИ КОНФЛИКТИ

Најголем потенцијал за конфликт постои во просторот што авторите на оваа студија го нарекуваат „арка на нестабилност“ – тоа се регионите на Потсахарска Африка, Северна Африка, Блискиот Исток, Балканот, Кавказот, Јужна и Централна Азија и делови од Југоисточна Азија. Дел од државите во овие региони доживуваат зголемена економска активност, а нејзиното менаџирање ќе бара балансирање помеѓу императивите за раст и одржување на авторитарната власт.

Ризикот од употребата на нуклеарно оружје во следните 20 години, иако останува мал, е поголем отколку што е денес, поради рапидното ширење на нуклеарната технологија и експертиза, а со тоа и полесен пристап до нуклеарен материјал за терористичките групи. На пример, нуклеарното вооружување на Иран ќе натера некои од соседите да развијат нови безбедносни аранжмани со надворешни сили, да го зголемат своето вооружување, па и да се обидат да дојдат во посед на нуклеарни оружја. Тоа ќе предизвика и натпревар помеѓу надворешните сили кои се трудат да го заштитат својот пристап до енергетски залихи и да продадат свое оружје во замена за поголемо политичко влијание и енергетски договори. Се поставува прашањето и дали некои од блискоисточните држави ќе имаат капацитет да ги држат под контрола нуклеарните арсенали и технологии.

Не помалку алармантни се и можностите за конфликт поради пристапот до ресурсите, особено енергетските. Растот на населението и економиите нужно ќе доведе до раст на побарувачката за ресурси, кои пак, се во ограничени количества и често се наоѓаат во турбулентни региони. Таквата ситуација ќе ги зголеми тензиите помеѓу државите кои се натпреваруваат за пристап до залихите.

Македонија во оваа студија не се споменува, а на 3-4 места се споменуваат само Балканот или Источна Европа, претежно во негативен контекст. На пр. во делот во кој се анализираат перспективите на организираниот криминал, се предвидува дека евроазиските криминални транснационални организации вклучени во бизнисот со енергенси и минерали ќе станат помоќни и со поголеми апетити, па поради тоа можно е една или повеќе влади во Источна или Централна Европа да бидат жртви на нивната доминација.

Во секој случај, кога се прават прогнози за подолги периоди често се промашуваат крупни настани, бидејќи предвидувањата обично се базираат на линеарни проекции. Такви крупни настани, како што беа на пр., распадот на СССР, економскиот подем на Кина или нападите врз САД од 11 септември, целосно го променија текот на современата историја. Голема непознаница е и појавата на големи лидери со идеи кои можат да мобилизираат големи движења.

Но, понекогаш прогнозите испаѓаат точни. Некои случајно, а некои поради проверената методологија на прогнозерите. Конечно, можеме да бидеме скептични за сите предвидувања за иднината во оваа студија, но вредноста на овие изданија е и во тоа што нудат извонредна вивисекција на сегашните состојби и тенденции во клучните области на светската геополитика, а воедно и слика за главните преокупации на американските и светските стратези.

Слаѓан Пенев

Фичерси:

Со најновиот развој на настаните, кога столбовите на либералниот капитализам паѓаат насекаде, може да се очекува дека повеќе земји во развој во следните години ќе гравитираат кон Кина, која со својот државно-центристички модел (некои го нарекуваат „државен капитализам“) последниве години покажува многу успешен развој и политичка стабилност (наспроти западниот пазарен модел и демократски систем).

Една од најголемите шанси за ЕУ да биде во можност да ја зацврсти политичката стабилност и демократизација на европската периферија е со прием на нови членки од Балканот и можеби Украина и Турција. Особено прашањето за приемот на Турција во ЕУ ќе продолжи да биде тест за европската иднина. Скептицизмот за турското евроинтегрирање веројатно ќе предизвика потврда на аргументите на муслиманскиот свет, а особено кај европските муслимани, за некомпатибилноста меѓу Западот и Исламот.

Нуклеарното вооружување на Иран ќе натера некои од соседите да развијат нови безбедносни аранжмани со надворешни сили, да го зголемат своето вооружување, па и да се обидат да дојдат во посед на нуклеарни оружја. Тоа ќе предизвика и натпревар помеѓу надворешните сили кои се трудат да го заштитат својот пристап до енергетски залихи и да продадат свое оружје во замена за поголемо политичко влијание и енергетски договори. Се поставува прашањето и дали некои од блискоисточните држави ќе имаат капацитет да ги држат под контрола нуклеарните арсенали и технологии