Да, тоа е Македонија, според “Павел Шатев“ се разбира. И, додека Црна Гора според Херман Ван Ромпуј е лидер помеѓу кандидатите за ЕУ, помеѓу земјите од Западен Балкан, Хрватска пак, според американската Државна Секретарка Хилари Клинтон, е земја-лидер во земјите на целиот Балкан. Еее, на толку држави-лидери во околината, вклучително и Албанија како земја која, покрај транзициските невољи, цврсто чекори напред, та дури и Косово кое завчера се стекна со независност. но перспективите му се отвораат од ден на ден, портокаловите jugendi, агилни и фашистоидно енергични, си рекле: ајде и ние да сме биле лидери. Речено-сторено и уредно преку мегафони објавено. Павелешатевистичкиот портокалов “институт“ објави дека НАС не владееле (тоа белки подразбира дека ќе не владеат и следните илјада години!) едни “многу арни луѓе“, какви досега Мајка Македонија не видела, ниту ќе види! Тоа се оние, знаете веќе, “жими мајка“ истражувања и соодветни резултати, составени на кафеанска салвета!

Токму затоа и заради такви, “многу арни луѓе“, колегите од “Глобус“ јавно побараа стратешки партнер со кого заедно ќе го состават списокот на сите кои учествуваат во планираното убиство на Македонија! А што треба(ше) да прават колегите? Окапааа чекајќи да го сторат Тие на кои Тоа им е одговорност-опозицијата. Тие, како и ние со нив, добивме “опозиционо фемкање“, идолошки конфузии, “тапа“ објаснувања за тоа што ни се случува, левичарење директно од салон (поправо-предсобје!), пазарења “под маса“, транзициски лево-десни криминални спреги околу некои бизнисчиња, внатре-партиски интриги и “фаќање залет“ за некакви идни (имагинарни) избори, ишкање на ројот муви од капите и, ај да не редам сега. Другпат за тоа.

Појдовната теза за правење на ваков список е таа дека на Македонија и се случува типично злосторничко здружување кое систематски ја уништува, убива, а се со цел да ја снема! Формулацијата за Злосторничко здружување во Кривичниот законик сосема добро е објаснета и опишана во повеќе параграфи. Сосема доволно и нема да има никаква дебата и развивање на дополнителни дилеми. За оваа стрмоглаво паѓање јасно е: Мора да има План? Некои веќе го знаат, а сите граѓани во земјава и тоа како го наслутуваат и секојдневно го чувствуваат. Тука нема простор за политика и бладања за демократијата. Ако не нешто повеќе, доволно е да знаеме, а тоа ЕУ во своите извештаи упорно ни го повторува дека: Слободата е загрозена, односно ја нема! Ако е тоа така, а така е, за што треба да зборуваме освен за тоа како да ги санкционираме сите тие кои одземајќи ја слободата на граѓаните им ја одземаат, всушност, државата.

Еве како почнува ставот во Крвичниот Законик на РМ а кој се однесува на злосторничкото здружување: “Кој што ќе создаде група или банда што има за цел вршење на кривични дела ќе се казни со…“ итн. Со ШТО и со КОГО се соочуваме годиниве зад нас? Со еден или со повеќемина кои се организирани, хиерархиски подредени, со развиена инфраструктура (чиновници, џандари, интелектуиалци, новинари итн.) и со се‘ она што едно злосторничко здружување го подразбира, вклучително и “ОНЕВОЗМОЖУВАЊЕ на судот“, како кривично дело за кое во Кривичниот законик има посебно поглавје, ама секако казната на крајот ќе се кумулира и дистрибуира до виновниците секому според проценката за учеството во злосторот. Од страна на НЕЗАВИСЕН СУД кој, во прво време, ќе мора да биде ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН, со оглед на метастазираноста на судскиот систем. Според извештаите на ЕУ. Ништо не измислувам. Таму така пишува.

Но, еве што вели Кривичниот законик за “учесниците“, поточно “соучесниците“ во вториот став: “Припадникот на групата или бандата ќе се казни со со затвор од три….“ итн.. Но, Кривичниот законик е пишуван во средината на деведесеттите па тогашните законодавци предвиделе една исклучително убава работа која, претпоставувам, ќе му ја олесни работата на судот, а познавајќи го бандитскиот и страшлив менталитет на локалниве бандити. Таму се вели (во третиот став на овој член):

“Припадникот на групата или бандата кој ќе ја открие групата, односно бандата, ќе се ослободи од казна“. Нека се думаат преродбениците КОЈ се‘ од нивните ќе се пријави да биде во оваа група!?

Ете тоа е така и тоа го очекува овај “Грст добри луѓе“ кои со ДЕБЕЛО соучесништво на многумина (за)седнаа на власт, та уште демократи ни глумат. Со аздисаноста освен што не спуштија до самото дно на балканската тиња, туку и земјата, нејзината иднина, углед ги срозаа до ниво на скапано јужно овоштие, нашироко познато како банана! А, молам убаво, за тоа-Уништување на Угледот на државата, во Кривичниот законик исто така има посебно поглавје, сосема јасно напишано а докази има секој ден, во релевантни светски медиуми. А ако ве мрзи да пребарувате, доволно е креативно да ги читате извештаите на Европската Комисија, кај нас позната, на скратено, како ЕУ. Подсмевот, мајтапењата, се‘ се тоа евтина цена, бидејќи допрва штетата ќе ни се случува, а дури кога ќе бидат удобно изолирани ќе дознаеме во колкава дупка сме. Под услов да не ја повториме грешката од 2002-та, кога заради “оние работи под маса“, си го “папаја“ Ламбе и Војо и толку. До денешен ден мене, ни крив ни должен, ме прашуваат: како тоа се случи да им простите? Немам(е) веќе намера да црвенееме од срам пред луѓето кои со “бројани ситни пари“ дошле на пазар да купат два домати, една пиперка и една врзолка кромид.

Да заклучам за листата на ГЛОБУС во чие составување не само што ќе учествувам туку, сондирајки деновиве, разбирам дека ќе бидеме многумина.

Но, тукушто (петок вечер) на една од телевизиите, онаа пратеничката која многу вика кога дискутира, а кај нејзините симпатизери позната под кодното име “Силванева“ елаборира!! А за што? Па се знае: За нејзината и на партијата фиксацијата, а многу типична за за организации, здруженија, друштва, оснивани од УДБА. За досиејата, лустрацијата, непријателите, комуњарите, а претпоставувам, бидејќи не сум дотаму мазохист да ја слушам до крај, за соросоидите и Б.Ц!

На многумина од Вас им е познат мојот став околу оваа “северна“ занимација која на македонското општество ЗДРУЖЕНО им ја подметнаа неколкумина, а ја реализираат шутраци, но и криминалци кои, како и сите кокошкари и џепчии, секогаш најгласно викаат: Држете го арамијата! Така и со фото-шоп лустрацијата. Ќе прават неред, ќе плукаат, ќе произведуваат непријатели, ќе се пазарат, ама не можам да не се радувам на една работа. НИКОЈ од нив никогаш нема да биде сигурен и никогаш нема да спие мирно бидејќи НЕМА ГАРАНЦИИ за тоа дека еден ден НЕКОЈ од НЕКАДЕ нема да се појави со некакви хартии, микро филмови и слични производи, бидејќи како денешните, така и утрешните “материјали“ ќе бидат “производ“. Та тогаш, заедно со делата опфатени погоре во цитираните ставови на Кривичниот законик, ќе се забавуваме во паузите од судењата на столетието.

Драги преродбеници: Заштедете некоја пара. Составете го СПИСОКОТ на душмани, изгласајте го и објавете го! Ќе ни/ви се најде во иднина. Заедно со овој на ГЛОБУС.

Ѓунер Исмаил, политички аналитичар