Одржано основачко собрание на мрежа на граѓански организации за реформа и развој на локалната и месната самоуправа
На 25 февруари 2021 година се одржа основачко собрание на новата мрежа на граѓански организации кои се залагаат за за реформи и развој на локалната и месната самоуправа, која скратено ќе се нарекува МРЕЖА ЗАЕДНИЦА. На собранието му претходеа неколку подготвителни средби помеѓу претставници на заинтересирани организации од повеќе плански региони за потребите на дефинирање на целите, визијата, мисијата и основачките документи на мрежата, како и предлози за првичните активности.
За потребата од постоење на ваква мрежа која првенствено ќе се занимава со проблемите во процесот на децентрализација и демократизација во локалните заедници беше дискутирано подолго време на многу форуми, работилници и јавни настани организирани од граѓанскиот сектор. Затоа Форум ЦСИД во рамки на институционалната поддршка која ја добива од програмата Цивика мобилитас иницираше неколку состаноци и организираше видео конференции со долгогодишните партнери со кои претходно имаше успешно соработувано на теми од областа на децентрализацијата. Неколку од нив прифатија да бидат основачи на оваа мрежа која во наредниот период ќе се обиде да се вклучи во јавноста со свои предлози и заклучоци за реформи и развој на локалната и месната самоуправа.
На собранието беа изгласани статутот и програмата за дејстување на мрежата и беа избрани шест членови на секретаријатот, како извршно тело кое ќе биде задолжено за носење одлуки во периодот помеѓу седниците на собранието, три членови на надзорниот одбор, како и застапник на мрежата, кој ќе биде задолжен за официјална регистрација на мрежата и нејзино формално претставување.
По формалното регистрирање на мрежата, се очекува нејзино претставување во јавноста и отворена покана за вклучување на заинтересирани граѓански организации за нови членки на мрежата.

