Не дека не можам да најдам црвена капа и црвена облека (брадата секако ми е бела!) и да се натопорам пред Вас и егзалтирано да фатам да Ви посакувам разно-разни убавини да Ве снајдат во годинава пред нас. Можам сето тоа да го сторам. Ама…?

Најнапред, пред Вас не е најдолгиот, туку НАЈСУРОВИОТ месец во годината. Во секој поглед. Ладен, снеговит, мразовит. Барем кај нас, во северната хемисфера. А кај соплемениците што (некои велат навреме?!) одлетаа во јужните краеви и континенти, горештини. Додуша тие, барем имаат каде и како, а и со што, да се разладат. А ние тука? Ние, или немаме доволно пари за дрва (45 евра метар кубен!), или пак струјата и парното-изгор! Заради парите, поточно цената која, се разбира, не е висока туку платите и пензиите или (ќе)ги нема, или пак се мали.

А кога сме кај парите, тие (предвидените за јануар) се трошат уште во декември, ако не и од порано. А потоа јануар бил “најдолгиот месец”. Тоа воопшто не е некоја новост. Одамна во Македонија сите месеци се ужасно долги. А колку се долги не зависи само од тоа колку пари имате, односно немате во џебот. Во Македонија (специјалитет на Jugend-пропагандните штабови), зависи само од тоа, што читате и гледате, освен SKY, нели и колку Ви е мозокот “измиен/исплакнат”? Ако сте “навлечени” на некои од многуте мегафон-канали, или пак црно-бело-жолти весници, тогаш немате никаков проблем. Под анестезија сте и мој совет ќе биде одвреме-навреме да проверувате дали сте живи?! А секако сте во длабоко пијанство, или поточно-Розов Шок! Лечењето ќе Ви трае долго, освен ако не се разбудите, или отрезните, ама да се разбереме, доброволно оти, кога Те буди некој ДРУГ, тоа бидува грубо! Ако се разбудите доброволно, ем образот ќе си го спасите, ем ќе можете на внуците да им ја раскажувате точната приказна за тоа како “Ве излажале”-привремено и како се обиделе да Ви го измијат мозокот, ама Вие сте се свестиле и сте ги “начукале” измамниците, поточно велепредавниците. Вистинските велепредавници кои Ви се претставувале како преродбеници, ослободите. Сте ја сотреле бандата, како што Вашите дедовци тоа го сториле во “втората војна”.

Ако ја имате пак таа среќа да ѕирнете на некој вистински ТВ-канал на кого, покрај цензурата, му се провнала некоја луцидна минута, или пак во некое печатено четиво, да речеме Washington Post (“онаа” статија за младите и опасни за околината лидери, а каде е споменат и “нашиот”, особено е весела и поучна, како за нас, така и за “странциве”!) ќе Ви се стемни, дополнително. Кај ладно, кај се нема пари, ете-ти, годинава пред нас-катастрофа. Едвам, светот де(!), ќе се мрднел од место, соодветно, помалите и со ум скудните (како нас, на пример!) ќе си го “папале”! Јас ѕирнав, а и си прашав кај неколку умни луѓе. Тука, во земјава. Инаку надвор не прашувам. Таму “јавувам”, според бладањата на “домашните пријатели” и други мегафони, а всушност деликвенти и неколкукратни рецидивисти, според речникот на казненото право, да нема забуни.

Значи, нашиве умни глави велат дека: Владата Ве лаже. Борчлии сме до гуша. Пари нема ниту за лек. Пријателите ги растеравме, а вакви какви што сме дури и лихварите не одбегнуваат. Безработицата е поголема одколку што пишуваат по билтените. Сиромаштијата е стропана скоро на секоја врата, ако не и на секоја. Таму кај што не стропала всушност станува збор за медицински проблем. Стропала, ама не ја слушаат, затнати им се ушите, а на очите “перде”! И уште многу други нешта додаваат, па така следи и најтешката дијагноза: Сега-засега нема КОЈ на народов, НА ГРАЃАНИТЕ, да им ја каже вистината. На Тие кои, (полу)гласно, уплашени од самите себе, оваа сурова вистина ја изговараат, не им веруваат. Зошто? Па затоа што народот Ти е жив ѓаол. Еднаш-два пати си го излажал, а плус “Те гледа” дека не си веруваш на самиот себе, зошто пак Тој би ти верувал, па уште безрезервно. Така де! Но, надеж има и, советуваат мудреците, да не ја губиме, да ја бараме. Ова не го разбрав до крај, ама белки сите здружено ќе си помогнеме како да ја најдеме, најпрво надежта, а потоа и слободата.

Та така, драги мои пријатели, стојат работите со месецов, а и годинава пред нас. Многу ќе биде тешко. Многу. Едно нешто ме теши иако и во тоа гледам проблем. Ние сите ќе се разбудиме од лошиот сон. Ќе биде лошо, валкано, тврдо, борбено. Ама “ќе ја биде”! И, што ќе најдеме? Ќе најдеме опустошена земја, касите ќе бидат празни, а ние истоштени од повеќегодишниот терор, нема да знаеме од каде да почнеме. Дали бесот да го истуриме врз БРОНЗЕНИТЕ ИДОЛИ и нивните доносители, или пак да се фатиме за работа и тула по тула, наново, да ја градиме земјата. Или пак и двете работи наеднаш! Тешки задачи ни следат. Толку тешки, што јануар ќе има остра конкуренција во натпреварот за најсуров, во секој нареден месец!

Но, во сета црнотија, да не ги заборавиме децата. Да им посакаме барем јануар месец да биде месец на снегот оти тие на снегот му се радуваат. Под услов да не одат на училиште.

А ние? Да си ги размениме желбите, што јавно, што приватно, иако, секоја желба за некакви убавини знае да биде чист цинизам, освен едната единствена. Да сакате и да Ве сакаат.

Разбравте белки дека на 31-ви декември не можете да ги оставите тегобите на животот под чизма, пред вратата, како стар неупотреблив мебел, или алишта и да влезете во суровиот јануар?

Затоа, Ви посакувам што побрзо будење од лошиот сон.

Ѓунер Исмаил, политички аналитичар