Зајакнување на капацитетите на месните и урбани заедници
Децентрализацијата денес се поставува како еден од најважните услови за опстанок и понатамошен развој на демократијата. На централната власт во современите демократски општества се гледа како на место за донесување на општите насоки и обезбедување на ред и сигурност, додека другите нивоа (регионални, локални) треба да бидат места на непосредна конкретизација, креирање на потребите на граѓаните и нивното остварување.
Тука месните и урбаните заедници би требало да ја преземат таа функција, да обезбедат повратни информации и да го зголемат обемот на партиципацијата на граѓаните во остварување на оние цели кои најнепосредно се однесуваат лично на нив и да го подигнат граѓанскиот активизам на повисоко ниво.
Целта на овој проект е подигнување на капацитетот на месните и урбани заедници и нивните претставници, во функција на подобро решавање на проблемите во локалните средини и поттикнување на граѓаните активно да се борат за решавање на своите проблеми и остварување на своите права во локалните средини. Нашата цел е месната заедница да стане простор за иницијативи и активизам во основната единица на локалната самоуправа, каде ќе се дефинира политика за најсуштинските прашања на локалната заедница, решавање на заедничките проблеми и нивното поставување на дневен ред на повисокото ниво во ЕЛС, подобрување на комуникацијата помеѓу претставниците на органите на локалната власт и органите на месните и урбаните заедници и зголемување на обемот на нивната соработка во функција на подобро искористување на потенцијалите на овие заедници.
Активностите од пректот треба да им овозможат на претставниците на месните и урбаните заедници во целост да се запознаат со можностите и начините на кои ќе можат да функционираат во иднина, но исто така доколку е потребно да се здружат и заеднички да побараат нови решенија кои долгорочно ќе овозможат успешно функционирање на овие основни клетки на локално организирање. Покрај институционалното и внатрешното јакнење на месните и урбаните заедници, преку овој проект ќе се овозможи и размена на искуства и практики, како и вмрежување на месните и урбаните заедници, особено оние кои потекнуваат од различни краишта на државата, а имаат слични карактеристики, потреби и потенцијали. Акцијата ќе овозможи охрабрување на месните и урбаните заедници да се ослободат од директното влијание на политичките партии и локалните власти и инклузивно да работат за остварување на правата и интересите на граѓаните преку заеднички реакции и поттикнување на граѓански активизам во месните и урбани заедници, како метод за решавање на акутните проблеми на терен и подигнување на свесноста за правата и моќта на граѓанскиот збор. Имплементацијата на проектот и неговите активности за дефинирање на проблемите и за развојот на капацитетите на месните заедници ќе придонесе кон јакнење на капацитетите и функционалноста на овие заедници како основна форма на локална самоуправа. Со тоа се унапредува и доградува децентрализација и се спушта до ниво на непосредно одлучување на граѓаните на микро ниво, поттикнување на граѓанско организирање во самите месни и урбани зедници, како и детерминирање на заедничките проблеми од областа на легислативата и правниот статус со кои се среќаваат месните и урбаните заедници.
Овој проект Форум – Центар за стратегиски истражувања го спроведува во партнерство со тетовската организација Европски центар СН7, а со финансиска помош од Програмата за поддршка на граѓанското општество „Цивика мобилитас, 2014-2018“. Оваа програма е финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), а за нејзиното спроведување во Македонија ангажирани се НИРАС од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Шведскиот институт за јавна администрација (СИПУ) од Шведска.
