Дали Македонија десет години по Охридскиот договор е држава каква што овој договор определи дека ќе биде – унитарна? Или токму овој договор ја направи Македонија де факто федерална држава, како што сметаат некои политичари?

Пишува: Слаѓан Пенев

Не беше неочекувано враќањето на ф-зборот во македонската политика. Редовно пред избори некоја од партиите на албанската етничка заедница во Македонија го отвара прашањето за федерализација на Македонија, користејќи го како средство за придобивање симпатии меѓу гласачите кои се незадоволни од постојното државно уредување, според кое Македонија е унитарна држава.

Според последниот попис од 2002 година, една четвртина од населението во Македонија се етнички Албанци, и соодветно на тоа се бара учество на оваа етничка заедница во јавните институции, вклучително и во највисоките органи на одлучување. Тоа, впрочем, е една од главните точки на Охридскиот договор, со кој беше прекинат воениот конфликт меѓу албанските бунтовници и македонските вооружени сили во 2001 година. Иако овој договор, за разлика од Дејтонскиот договор со кој беше завршена војната во Босна и Херцеговина, има полабава структура и овозможува побрзо решавање на меѓуетничките проблеми, без многу строго дефинирани процедури, веќе десет години политичките лидери на македонската етничка заедница не покажуваат волја да го прифатат духот на овој договор и да отстапат некоја од врвните државни функции на претставник од некоја од недоминантните етнички заедници, како и да демонстрираат волја за инклузивност на овие заедници во формулирањето на стратегиските национални интереси. Тоа значи дека наспроти вербалното залагање за мултиетничноста, продолжуваат да поддржуваат политики на моноетничност, што од друга страна предизвикува некои лидери на Албанците сé поотворено да зборуваат и да се залагаат за биетничност на државата.

“ФЕДЕРАТИВНА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА”

Во таа смисла може да се сфати и најновото промовирање на идејата за институционална или нетериторијална федерализација на Македонија, искажано од Руфи Османи, градоначалник на Гостивар и претседател на новата партија Национална демократска преродба, која е основана во периодот кога стана извесно дека ќе се распишат нови предвремени парламентарни избори (што ќе се одржат во јуни годинава). Во интервју за македонскиот сервис на Радио Слободна Европа, Османи рече дека постои незадоволство кај Албанците од нивниот политички и правен статус, како и дека во Македонија треба да се практикува консензуална демократија не само за елементи на националниот идентитет, туку и за стратегиските одлуки кои се однесуваат на развојот на земјата.

Ова не е прв пат гостиварскиот градоначалник, кој во 1997 година беше уапсен и осуден од страна на македонската држава за кршење на Уставот и законите поради истакнувањето на албанското знаме пред општинската зграда во Гостивар, да се залага за некаков вид на федерализација на Македонија. Во едно издание на емисијата “Патот кон…” на Алсат-М телевизијата, посветено на идеите за федерализација на Македонија, Руфи Османи тврдеше дека Албанците не успеале во Македонија да ја реализираат нивната аспирација да бидат рамноправни со Македонците во уставно правна смисла и дека нетериторијална федерација во Македонија ќе значи Албанците да се втор конститутивен народ, албанскиот јазик да биде официјален на национално ниво и усвојувањето на државните и национални стратешки одлуки да се прави со консензус.

Во истата емисија поранешниот премиер Љупчо Георгиевски, во неговиот препознатлив саркастичен стил кажа дека можеби решение на спорот за името со Грција би се нашло доколку се предложи името “Федеративна Република Македонија”. Како и во неколку други прилики во кои се изјаснувал за Македонија по промените настанати со Охридскиот договор, неговата теза е дека оваа држава е де факто федерација, иако тоа македонските политичари се плашат да го кажат.

Сепак, за разлика од Руфи Османи, кој смета дека е тешко да се направи територијално разграничување меѓу Македонците и Албанците бидејќи живеат во мешани средини, Љупчо Георгиевски во своите колумни неколку пати промовираше идеи за поделба на Македонија и размена на територии и население.

ОХРИДСКИОТ ДОГОВОР

Уставните измени од 2001 година го официјализираа фактот дека Македонија е мултиетничка држава, наведувајќи ги во преамбулата на Уставот побројните етнички заедници како конститутивни народи. Иако со Охридскиот рамковен договор беше предвидено во преамбулата да не се споменуваат етничките заедници, туку Македонија да се дефинира како држава на сите граѓани кои живеат во неа, сепак под притисок на разни политички, академски и граѓански групации кои лобираа за останување на одредницата “Македонски народ” во Уставот, тогашниот парламент одлучи да не се определи за пост-етнички модел на држава, туку за држава во која етничкиот идентитет ќе има поголема вредност.

Со еден друг став од Охридскиот договор поконкретно се разреши дилемата унитаризам или федерализам. Во ставот 1.2 од овој документ се тврди: “Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, и унитарниот карактер на државата се неповредливи и мора да се сочуваат. Не постојат територијални решенија за етничките прашања”. Според упатените во преговорите во Охрид во летото 2001 година, на оваа одредба инсистирале македонските лидери, а и се спротиставувале албанските.

Поради тоа и голем дел од Македонците се плашат дека барањата на етничките Албанци никогаш нема да бидат задоволени. Тие веруваат дека вистинската цел на Албанците е федерализација на земјата. Како што забележи американската аналитичарка на состојбите во Балканот Бренда Пирсон во една текст објавен во списанието Форум Аналитика, многу Албанци гледаат на федерализацијата како на долгорочно решение, особено оние што живеат во Македонија, а се дојдени од Косово или живеат во заедниците на дијаспората во Европа.

РЕФЕРЕНДУМИ

Не се овие тенденции резултат само на поновата историја. Тоа барање има своја предисторија од Втората светска војна кога територијата на сегашна Република Македонија била поделена помеѓу италијанските, германските и бугарските окупатори. Територијата која ја окупирале италијанските сили (во некои историски учебници италијанските фашистички окупатори се идентификуваат со големоалбанските) е онаа територија во која Албанците денес се во поголем процент од населението. Во текот на скоро половина век постоење на социјалистичка Југославија, албанско-македонските односи беа во голема мера зависни од албанско-српските односи, а тие најчесто беа тензични. Сепаратистичките тенденции во Косово наоѓаа одраз и во Македонија, каде Албанците беа соочени со изразена дискриминација, особено во 80-те години од минатиот век. По прогласувањето на независноста на Македонија, албанската заедница организираше референдум за политичка и територијална автономија на Албанците во Македонија, кој не беше признаен од државата.

Од друга страна, во македонската политика постои традиција на соработка меѓу македонските и албанските партии, постои и неформално правило на правење владини коалиции во кои секогаш учествуваат албански партии. Иако постои такво непишано правило, сепак во таа традиција постоеја и негативни тенденции кои го одразија ниското ниво на доверба помеѓу двете доминантни етнички заедници. Барањето на албанската партија која освои најмногу гласови на парламентарните избори во 2006 година да биде дел од владината коалиција кај некои македонски претставници беше толкувано како барање за федерализација. Неодамна на пример, по повод заминувањето на Ерван Фуере од функцијата дипломатски претставник на Европската комисија во Македонија, во изјава за весникот Дневник поранешниот македонски амбасадор во Русија, Ристо Никовски, рече дека еден од најголемите гревови на амбасадорот Фуере е што се залагал за владина коалиција помеѓу победничките партии во македонскиот и албанскиот корпус во 2006 година, а таквото залагање, според Никовски, било залагање за федерализација на државата. Албанските претставници бараа формализирање на ново правило, според кое ќе се составува владина коалиција помеѓу двете партии кои освоиле најмногу гласови кај македонскиот и албанскиот електорат. Такво формално правило не е донесено во форма на закон, но сепак, во последната владина коалиција која се создаде по вонредните парламентарни избори во 2008 година, влегоа двете победнички партии во македонскиот и албанскиот блок. Но, последиците на ваквото неформално правило се манифестираа во случаите кога високи владини функционери од албанскиот партнер во владата (министер и заменик министер) јавно изјавија дека за својата работа одговорност сносат само пред претседателот на својата партија.

Уште еден важен тест за унитарноста на државата по Охридскиот договор беше донесувањето на пакетот закони за децентрализација, меѓу кои и Законот за територијална организација на локалната самоуправа во Република Македонија, со кој се определи некои општини кои претходно беа со доминантно население од македонската етничка заедница да станат општини со доминантно население од албанската етничка заедница. Тоа доведе до создавање силен опозициски фронт кој иницираше референдум за овој закон во 2004 година, претставувајќи го како закон за прекројување на државата според желбите на Албанците, со цел таа потоа да се федерализира. Референдумот не успеа, но очигледно, темата за федерализацијата создава политички капитал не само кај албанските политички актери, туку и кај македонските, бидејќи секое споменување на федерализацијата кај доминантната етничка заедница создава асоцијации на распад на државата, нешто што се случи со поранешната држава во која што тие живееја, федеративна Југославија. Токму движењето кое се создаде при кампањата за референдумот против новата територијална поделба прерасна во политичка коалиција предводена од ВМРО ДПМНЕ, која настапи заеднички на локалните избори во 2005 година и од тогаш редовно победува на сите избори во Македонија. Иако оваа коалиција не ги промени законите за децентрализација, не се ни потруди многу овие закони да профункционираат, па затоа можат да се слушнат се повеќе оценки дека Македонија е една од најцентрализираните држави во Европа, во која централната власт нема волја да пренесе доволно финансиски и институционални надлежности врз локалната власт. Една од можните причини за слабиот учинок на децентрализацијата е загриженоста на владините претставници од доминантната заедница дека локалните самоуправи во кои се на власт политичари од втората по големина етничка заедница би можеле да се обединат во поголеми географски ентитети и да прогласат автономни региони.

ИСТРАЖУВАЊЕ

Темата за Македонија меѓу федерализмот и унитаризмот, покрај политичката употребливост, предизвика и интерес на тинк тенк заедницата во Македонија. Форум Центарот за стратегиски истражувања и документација од Скопје во изминатите две години спроведе истражување за македонскиот модел на мултиетничко општество гледан низ призмата на дилемата за унитарна или федерална држава. Во рамките на ова истражување спроведено под покровителство на Регионалната промотивна истражувачка програма за Западен Балкан (РРПП) иницирана од Швајцарската агенција за развој и соработка и Универзитетот во Фрибург, беа направени интервјуа со политичари, универзитетски професори, писатели, новинари, невладини и религиозни активисти и претставници на меѓународни организации. Студијата која произлезе од истражувањето ќе биде објавена во следното издание на списанието Форум Аналитика.

При истражувањето на факторите за засилување на федерализациските тенденции во Македонија констатирано е дека тие се засилуваат кога постојат поголеми меѓуетнички тензии, претежно кога на државно ниво се на власт националистички политичари кои не се заинтересирани да инвестираат во интегративни политики, туку напротив, промовираат проекти кои се моноетнички, додека во образованието и културата се појавуваат сегрегациски политики. Во однос на дилемата меѓу унитарна или федерална држава одговорите кои произлегуваат од истражувањето и од мнозинството на одговорите во интервјуата направени за потребата на оваа анализа, се забележува дека во Република Македонија засега нема политичка клима за ново државно уредување. Постојната територијална поделба на општините не ги следи етничките граници, но тоа не е ни можно. Населението е премногу мешовито за да може без поголеми турбуленции да се организира територијална поделба по етнички линии на кои би се засновала федерацијата. Тоа исто така е невозможно без преселби на население и размена на територии, кои се спротивни на современите концепти на менаџирање со мултиетнички држави. Федерализирањето по етничка линија би било опција во случаи на долгогодишни граѓански војни во кои цената на крвопролевањето е сепак поголема од федералното решение, кое фактички создава две етнички чисти држави, како што беше случајот со Босна. Случајот со Македонија е поинаков и доколку политичките елити бидат одговорни и се придржуваат до духот на рамковниот договор, дилемите околу идната организација на македонското општество ќе се сведат на прашањата од корпусот на темите за доброто владеење. А именувањата на системот ќе останат дел од политичкиот фолклор – некогаш тој ќе се нарекува консоцијална демократија, некогаш нетериторијална федерација, некогаш мултиетничка држава.

Авторот е извршен директор на Форум Центар за стратегиски истражувања и документација