Идејата дека НАТО не смее веќе да се шири, не е нова, но е една од помалку успешните од сите гео-политички идеи, во реализацијата, се разбира. Сега-засега таа идеја, горе-долу функционира и успева само кога се работи за Македонија.

Значи, кога се растураше тогашниот (бидејќи има и сегашен!) биполарен свет, додека се совзедоа (противниците на НАТО) им “отидоа од рака“ цела Нова Европа, вклучително Романија, Бугарија, Албанија и секако Косово! Остана малата и нискокапацитетна Македонија, како последна одбрана од НАТО-злосторниците (“НАТО-зликовци“), а одсекогаш опкружена со соседи-апетитлии! Грција, тоа ебарем јасно иако е Таа Таква и погодна за улогата на НАТО-членка која ќе ги тестира капацитетите на една двомилионска, тукушто осамосталена држава, како и амбициите на сите заинтересирани. Улогата си ја одигра искрено (не и бешше тешко), а како што гледаме, не само оваа задача-улога, ја наплати со неколку стотици милијарди! А и сите други апетитлии си ги покажаа роговите. Некои порано, некои сега, а некои допрва, кога ситуацијата “ќе се развие“, ќе го сторат тоа. Кога е Македонија во прашање, а во контекст на балканските состојби, секој историчар ќе Ви ја кажа една од најпростите вистини кога се работи за Балканот: “На Балканот, само апетитите се вечни, а границите секогаш се релативни!“

Најбрзо од балканската каша се извлекоа Словенија и Хрватска, со тоа што Хрватска плати скапа цена, а Словенија многу брзо го фати приклучокот со западните алијанси и ене ја, членка на НАТО и ЕУ! Хрватска со сите паѓања и станувања, деновиве стана членка и на ЕУ. Се друго од бившата СФРЈ остана недефинирано.

Изгледа парадоксално но во балканскиот котел, Косово е најсигурно во неговата НАТО-ЕУ иднина, иако за таа иднина да стане реалност, ќе треба уште многу.

Пост-дејтонска Босна е со вградена фабричка грешка и таа грешка Додик и компанијата обилно ја користат, со сесрдно одмагање на останатите босански лидери. Сите вкупно, а секој заради различни интереси и мотиви (криминалните се вклучени) Босна да ја држат во позиција на некој кој “виси“ ни ваму-ни таму, а колку тоа ќе трае никој не знае, освен сувопарниот бирократски заклучок на гарантите на Дејтонскиот Мир (САД, ЕУ,НАТО) дека ситуацијата е “под контрола“.

Македонија има најколоритна судбина во овие дваесет години независнот. Нејзините капацитети се покажуваат како недоволни за завршување на сите започнати акции за нејзино дефинитивно заздравување и асоцирање во алијансите. Цело време некакво падни-стани!

Зошто е тоа така и дали Македонија ќе успее?

Прашањето е сосема легитимно и не е ново. Уште во првите години на независнист, ова прашање го поставуваа многу, па дури и пријатели, на Македонија. Сите тие се сомневаа дека една комплексна структура (мулнационална, мутикултурна,технолошки ампутирана од поранешната држава, со слаби политички елити итн.) ќе може да се одржи во компликуваните балкански околности, а притоа да создаде доволно цврст државно-правен механизам, придружен со квалитетна администрација, а кои ќе бидат основа за градење на институции на демократијата и се друго што се подразбира под држава која е способна за, во модерна смисла разбрано, самоодржување и продуцирање на просперитет за нејзините граѓани, добар сосед, одговорен член на меѓународната заедница итн.

Македонија, како што Ви е познато, стори се‘ тоа да не се случи, а притоа колку тоа таа самата (си)го правеше, а колку во тоа имаше и “други прсти“ сега не би можело прецизно да се каже, иако темата за тоа дека “ние сме многу добри, ама душманите не кочат“ е многу добра музика за ушите на локалните глупаци и криминалци, костимирани како патриоти и слични гадинки.

Според последните неколку извештаи на ЕУ, а за напредокот на Македонија, ние сме заостанати на сите полиња иако до пред неколку години не беше така. Тоа покажува дека земјата понекогаш ја управувале успешни, а понекогаш неуспешни политички елити и лидери. Притоа, овие успешните, се далеку од тоа да бидат оценети како некои кои многу сториле за напредокот. И тие со себе си ги носеле сите свои неспобности, неморалности, заблуди,а најжалното е дека сето тоа го вградувале во градбата наречена Држава.

Но, стрмоглавото паѓање започна во 2006-та одкако земјата падна во рацете на, да бидеме умерени, авантуристи кои, дали заведени од длабочината на државната каса, дали охрабрени од балканското подземје, дали подлажани од некој од “слоновите“, гео-политички играчи, сторија се‘ Македонија да се оддалечи на безбедна дистанца од НАТО, а притоа секое отворено прашање, а особено она со “името“ да го вжештат до толкава мерка што дури и Грците, иако изненадени од количеството на самоубиствена “бронза“ со која Скопје ги нападна, почнаа де веруваат дека можеби би било добро да “притиснат“, па нешто може и дополнително да ќарат. На некоја “МАСА“ за договори-преговори. Останува последната фаза: До Чикаго и потоа!

Што дотогаш ќе се случува? Па еве, веќе се случува. Огнот се разгорува. Мангупите-преродбеници, на кои единствена шанса да исчезнат и никој да не ги праша, на пример, КАДЕ СЕ ПАРИТЕ, тој оган го подготвуваа сите овие шест и кусур години, повремено го распалуваа благо, а сега го распалија здраво. Податоците за тоа КОЈ ПОЧНА велат дека во ПРВОТО ТЕПАЊЕ во Скопска Кисела Вода учествувале и државни службеници!? Продолжението не е ни важно. Важното е дека се знае КОЈ почна.

Сега преродбениците или ја играат последната карта-“Примете не! Гледате ли што се случува“, или пак го остваруваат поголемиот план: Македонија не смее во НАТО!

Џепчиите многу добро ги знаат тие двојни игри. Ние сме за НАТО, еве војници во Авганистан! Од друга страна растурај колку што можеш. Македонија, ако не сте забележале, одамна е само една пустелија и ништо повеќе, а на сето одозгора ПРОИЗВЕДУВАПРОБЛЕМИ! Па Кој ќе те прибере таков каков што си? Никој! Мислам дека преродбениците, освен задачата НАТО-не, одат чекор понапред. Уценуваат, се пазарат за нивната, лична иднина, а најверојатно е дека, помогнати од соседите апетитлии, го доработуваат проектот од 2001-та. Поделба и размена на територии и население.

Светот притоа, нема да ме зачуди, можно е и да помогне со јасно кажување: СИТЕ ШАНСИ ВИ БЕА ДАДЕНИ. СИТЕ ГИ ПРОКОЦКАВТЕ.

Многу би сакал да не вака како што напишав.

Ѓунер Исмаил, политички аналитичар