Сојузот на криминалците и политичарите не е непозната појава во било која земја на светот. Така било и е во Македонија.

Преродбениците тоа “правило“ го подигнаа до ниво на железна логика на постоењето и владеењето. Но,една работа никако не треба да се заборави: Тој сојуз секогаш подразбирал доминантно посредништво, учество,присуство на луѓе кои, освен личните документи, поседуваат (којзнае како!?) полициски значки! Преродбениците, дали од страв и паника, дали заради пресметка во нивните редови заради распределба на пленот, тоа правило ни го откриваат во директен пренос-на телевизија. Затоа, ако имате попаметна работа, не морате да читате понатаму, гледајте телевизија.

Во политиката сојузниците се неопходност и секој кој мисли дека сам како поединец, или пак некаква група на блиски истомисленици, ќе може да оствари некаков (политички)резултат, се лаже, како себе, така и граѓанството на кое му се обраќа и од него бара подршка. Се разбира лепезата на сојузници понекогаш знае да биде многу широка и таа може да подразбира сојуз како со други поединци, така и со групи со кои се споделуваат или доближуваат ставовите (политичките, се разбира) околу некое, или пак генерални прашања. Не е непознато, та дури е и пожелно, во сојузите да бидат вклучени што поголем круг, како на поединци, така на организации, интересни групи и сл. во кои членуваат граѓани со легитимни интереси, потреби, а со кои, на елементарно ниво, се договараат политичките активности, односно цели. Притоа, една работа никако не смее да се испушти од вид. А тоа е дека сите во такви цврсти, или пак лабави сојузи, своето дејствување го прават во рамките на поредокот, односно со целосно почитување на сите закони на државата. Било кое дејство надвор од законот е недопуштено! Во некои држави одат дотаму што неколкукратните сообраќајни прекршоци, или да речеме возење под дејство на алхохол тотално го дисквалификуваат ваквиот/ваквите од понатамошен политички ангажман, а за сојуз со Такви, да не зборуваме! Тоа би значело дека во тој и таков политички сојуз има гнила потпорна греда и граѓаните тоа соодветно го казнуваат!

Со такво третирање на сојузништвата во политиката имаме прилика да се соочиме токму деновиве, кога сме сведоци на тоа како претпазливо, вклучително и истраги на најмени специјалисти, партиските штабови на американските претседателски кандидати ја проверуваат секоја парична донација! Секоја. Ако пак се обидат да пропуштат некоја, да “не ја видат“, спротивниот табор веќе е во јавноста и алармира.

Не идеализирам, ниту пак ги потценувам Вашите сознанија за сите “расипани јајца“ во нивните кампањи и воопшто за тоа како во “развиениот свет“ се одвивааат работите, но свесни сте, се надевам, дека Македонија веќе дваесет години е заложник на една кретенска формулација за таквите случаи која вели: “Лесно им е нив. Таму државата функционира а правилата на игра се воспоставени одамна, за се‘ се дознава и секој бидува казнет, а ние сме млада демократија и ЌЕ ТРЕБА ВРЕМЕ!“.

Море, море. А кога ќе дојде ТОА ВРЕМЕ и КОЈ тоа време треба да ни го донесе? Сигурно не ОВИЕ-преродбениците и нивните јавни и тајни сојузници и соработници!

Со оваа и ваква формула, во поскриена или побезобразна и “ачик“ за сите нас, буквално СИТЕ политички гарнитури поаѓаа во битката за остварување на нивните (легитимни) политички цели. И притоа не се стеснуваа од тоа да склопуваат сојузи, дури и со Ѓаволот! А за криминалците да не зборуваме. Е, токму тие и такви сојузи, особено ако се добереа до власт ја чинеше Македонија многу скапо и е една од причините што земјава небаре има вреќи песок околу нозете, на грбот, па никако да се исправи, да застане стабилно на нозе. Не преценувам, ниту пак потценувам, ама ако не е така, тогаш е уште пострашно, но СИТЕ раководства на релевантните политички партии знаат кого се имаат во нивните редови, или во непосредната близина.Особено во редовите на тнр.“сојузници“. Разбирливо, некои од партиите или влијателни поединци во нивните редови, во такви сојузи со прекршителите на законот влегуваа, излегуваа, или пак негуваа цврсти, или лабави врски, а кога таквите сојузи “пукаа“ пред очите на јавноста, извлекуваа сосема привремени, но понекогаш (сосема ретко!) и трајни поуки. Најчесто, се потураа со пепел и толку! До следната прилика. Затоа се случува(ло), особено тоа било видливо во помалите места, или пак “тренди“ локациите во главниот град, НА ИСТА МАСА да ги среќавате политичарите и деликвентите, распашани, здружени, збратимени, како прославуваат некаква, како што е ред, зделка со државни (Јавни) пари!

Тоа ескалира дотаму што во последниве години десниве конзервативци, како себеси се “честат“ преродбенициве сојузот со криминалот го издигнаа на ниво на ДРЖАВНА ПОЛИТИКА! Не мислам дека треба да Ве потсетувам на доминантната “лика и прилика“ на водството ни наше! Главнината ја сочинуваат тнр. “ломброзо фаци“, или пак (верзираните тоа одлично го гледаат и разбираат) фаци кај кои латентната патологија неуспешно е сокриена, а всушност разоткриена, во милите бебешки, момчешки и слични пози. Какви се не, да не редам, студии можат да се направат (некои веќе се направени) за видливата, или пак латентната патологија на актуелниов состав кој ни ја води (пропаѓа!) државава, можете да си замислите.

Значи, да не должам, освен “теркот“ (сојуз со Ѓаволот, а со криминалците обврзно!) создаден некаде во деведесеттите, скапоцената помош на “службите“ е доминантен фактор во метастазирањето на државата до размери во кои насилието е главниот аргумент за постигање на целта, за да од собраниската говорница ја слушаме интерпретацијата од страна на владеечките: НАРОДОТ НЕ САКА!

Како да не ги сака!? Потрошија стотици милиони да го осиромашат, да го “убијат во поим“, да му го измијат мозокот, а уште неколкукратно повеќе пари отидоа за да создадат машинерија за тормозење, заплашување, корумпирање.

Ни потрошија шест и кусур години за да ја зацврстат таа машинерија (“Ке траеме вечно“!) од најниските ешалони на власта, вклучително и доминантно, полиција,судство. Та сега се чудиме, а Тие пред нас глумат исто така зачудени: Како тоа, “БОГА-ТИ“, имало мафии!?

Има, има и допрва ќе има. Нема да не спасат бладањата на jugend-те дека тоа Б.Ц. им го сместил. Насилието допрва ќе си го покаже неговото вистинско лице, ама за жал, најпрво врз невините. Нема тоа да биде само “пресметка во нивните редови“, нити пак на тоа ќе запре. Разузданите, сега веќе сите криминалци (Сојузот со криминалот одамна стана братство во се‘!), ќе сторат се‘ од трагичната македонска приказна да се извлечат неказнето!

Што ни преостанува? Најпрво НИЕ, останатите кои веруваме во иднината на оваа земја, да се убедиме меѓу себе дека тоа нема да им го допуштиме. Ако тој договор-Сојуз го постигнеме, останатото ќе биде обична техника.

Ѓунер Исмаил, политички аналитичар