Како што поминуваат месециве од владеењето на композицијата ДПМНЕ-ДУИ, или како што дежурните магупи кај албанците ја нарекуваат “една и пол главата коалиција“, се помалку успевам да пронајдам некаква паметна причина за нејзиното постоење. Ги немав многу ниту на почетокот, ама сега пак ич! Во 2008-та причините за нејзиното составување беше повеќе од нужна и доттаму се беше во ред. Ама оттогаш до денес …!?

Кога по изборите се подготвуваше теренот за нејзиното формирање имаше разни облици на зачуденост за тоа: Како е можно вулгарниот политичкиот интерес да ги спојува неспоивите, или како во студените денови што велевме, “кучето и мачето спијат заедно“? А се сеќавате нели на оној резил во Парламентот кога, согласно на тоа како криминалци ја разбираат демократијата, Тој беше претворен во “парламент“ и мораше да донесе една сурија од закони за да се обезбедат некакви, божемни, гаранции за идниот хармоничен живот на две партии, нагласувам две партии, а не за Влада која ќе треба да се грижи сите! Тогаш, веќе се навикнавме, опозицијата реагираше глупо! Одбра да седи внатре во салата на парламентот и да “критикува“, наместо еден од нив да соопштеше дека “Опозицијата ќе биде во бифето и ќе пие кафе, а Вие повелете правете Влада. Кога ќе ја направите повикајте не, ние ќе бидеме во зградата!“. Нејсе, не само што го легитимираа процесот на резилење, туку опозицијата успеа да пропадне во прилично сомнителна реторика за “сојузот помеѓу УЧК и Комитите“ (ТОЈ што тоа ги советуваше, ах да ми е да го знам, не им го мислел доброто ниту нив ниту нам?), а со тоа си ги упропасти и најмалите шанси “факторите“ да ја земаат “за озбилно“ во некаква алтернатива, во мултиетничка, пост-охридска Македонија. Со тој речник затворија многу врати, како внатре во Македонија, така и надвор. За ова јас да си кажам, да не речат после дека не знаеле. А не им е првпат.

Значи, ДУИ раководен од, демек, “Виши причини“ за иднината на државата, регионот, па дури и светот(!), всушност одбра да ја продолжи агонијата не само на државата, туку и нашата, како живи луѓе од крв, месо, душа, замислувајќи си, или претставувајќи се како таков, значи како некој кој ОДВНАТРЕ ќе дејствува и ќе ја разводнува пеколната намера на преродбениците-да ја довршат замислата на оние кои 2001-та сакаа да го ревидираат договорот од Букурешт, склучен по Балканските Војни. Да подсетам: тогаш малите Балкански империјалисти, охрабрени од поголемите империјалисти изведоа едно кроење на границите, кое се финализираше 1918-та. Се покажа дека тоа е привремено, само 23 години, па уследи ново кроење кое траеше, според балкански стандарди поприлично, цели 45 години! Притоа, ниту ДУИ, а особено не ДПМНЕ, не ја занемарија лукративната (на македонски: арамиската) страна на власта како таква. Добивме коалиција во која едните решија да упропастуваат и да се прават “на удрени“, демек дека не ги знаат намерите на другиот и обратно, вториве ќе спасуваат кај ќе стигнат, а патем, “дај-шта-даш“! Јавно глумат љубов, загриженост за општото добро, за иднината, за ова-она, а паралелно си ја тераат “програмата“ која, парадоксално ама точно, во себе има и тоа какви гео-стратешки димензии. За граници се работи нели. Дали на НАТО-алијансата границите, или некакви други, допрва ќе видиме.

ДПМНЕ преродбенички руши се пред себе од историја, идентитет, економија, институции, живи луѓе, или буквално се‘, а ДУИ божем “конструктивен“, шие таму, каде што преродбенициве “параат“! А ние треба да стоиме настрана и да навиваме за “побрзиот“. Ај погодете сега КОЈ за КОГО навива!

Запнало кај “името“, трча Теута. Запнало кај НАТО, трча Фатмир. Запнало кај слободите, трча Беџети (Блерим). Запнало кај струјата, ене-ти-го Валјон (Сарачини). Забележавте нели? Се трудат дечкиве, нема што! И последново: Се преговара за слободата, поточно (со големи букви) СЛОБОДАТА, еве ја Теута и преговара со “новинари, медиуми“ и слично, ама овојпат во друштво на министерка за внатрешни работи која, патем, директно е обвинета дека раководи процесот на загрозување, поточно целосно иселување на слободата од македонските простори. Можеби не лично таа, ама сигурно е дека асистира, со оглед на тоа што ресорот секако не го раководи автономно! Резултатот е дека, така разбрав, се (де)криминализира клеветата! Море, море! Едно пет-шест министри се наредија на прес-конференција за да објават дека се шири просторот на слободната мисла, односно слободното изразување во медиумите и дека. Се ПРЕГОВАРАЛО за СЛОБОДАТА и ете ДУИ, благодарение на неговата “конструктивна и мудра политика“, успева да ги амортизира злосторничките намери на преродбениците и да “скубне“ едно парченце слобода! Па уште истиот час, истиот ден, истата вечер, сите мегафони на власта директно (да ми простите!) се помочаа врз слободата!!

Си велам, како и многумина од Вас: Можно ли е да веруваат во тоа што го зборуваат? Можно ли е да не гледаат каде живеат? Можно ли е да не разбираат дека Слободата одамна не живее во Македонија и дека се глупираат, си го трошат и она малку углед што го имаа(т)? Можно ли е да не им е јасно дека веќе подоста време се само СОУЧЕСНИЦИ во тешки дела против народот (сите два милиони!) и државата?

Да, да, ги разбирам прашањата од другата (нивната) страна кои ми велат: А што да правиме? Со кого да се осојузуваме за да земјава ја изведеме на прав(НАТО)пат? Е да, не е лесно прашањето, ама и одговорот? Затоа што е контра-прашање. А со кого, молам убаво, се осојузивте во пост-воениот период? Со едни луѓе кои и не се нешто нарочито, нешто специјално, а тоа го знаевте и го знаеме сите. Така ли? Знаеме дека и тие, како и ВИЕ, имале, а и сега имаат по два три плана, или ако сакате на картарошки јазик, два-три кеца во ракавите, ама види чудо, тогаш земјата одеше напред! Сега оди назад и дека е така, знаете и самите. Никакви вербални жонглирања, никакви мрморења, никакви вакви-такви интереси нема да можат да Ве оправдаат пред Историјата. Па макар таа, идна, историја нека ја пишуваат некакви хипер-енциклопедисти.

Видлива е, понекогаш, непријатноста кај министрите од “половината глава“ на “едноиполглавата“ коалиција, ама таков им е планот! Решиле да голтаат. Ај што голтаат во име на “Големи Идеи“, заради тоа што во нив веруваат (или “по задача“), туку голтаат и во име на сосема мали, приземни идеи. Прашањето е како се чувствуваат кога соучествуваат во голтањето, гмечењето на слободата, во зацрнувањето на судбините на луѓе кои (многу е веројатно) лично ги познаваат и кога знаат дека после се, сепак ќе им остане некое делче од образот. Ќе мораат многу да го чуваат бидејќи кандидати за плукање врз тоа мало парче ќе има многу.

Моето сочуство и разбирање дека е тешко да се биде “половина глава“ нема да им биде од помош. Соработуваат со најцрната чума што можела да ја снајде една држава, еден народ. А тоа во правото се нарекува: соучесништво! За тоа дека имале добри намери одговорот го имаат во Библијата. Во оној дел кај што пишува како најлесно се стасува до пеколот. Од македонската каша НИКОЈ НЕКА НЕ СЕ НАДЕВА ДЕКА ќе се извлече и ќе заврши во рајот. Преродбениците веќе се помирени и видлив е очајот во кој запаѓаат. Нека се подготвува ДУИ.

Ѓунер Исмаил, политички аналитичар