Колумна на Претседателот на управниот одбор на Форум ЦСИД, Ѓунер Исмаил, објавена на порталот www.sky.mk
PLUS – SKY
Ете и тоа го дочекавме. Велепредавниците, на нивното конто за зулуми додадоа уште едно! Да , да, зулуми, ами како?! Туку, ајде по ред.
Компјутерите и интернетот се специјалитет на оваа тајфа (Тричко би рекол-окупатори ОДВНАТРЕ!) и батињава кои многу милуваат да се китат со разно-разните рекламни перја за нивните достигања, на ова е особено горда.
Па дури и специјално министерство за тоа направија. Министерство за информатичко општество и администрација! Што би рекле мајтапчиите: Море, море, го фатија Господ за “таквите”! Е тие, во Историјата од Ацета па навака, информатички најписмените Македонци, влегуваат во нова фаза на развојот на примената, односно злоупотребата на интернет-технологијата.
За почеток, знаете веќе за таа злоупотреба, испотрошија едно чудо милиони (евра) за комјутери, ја изнакитија државата со интернет-трафики, во автобусите на Градскиот Сообраќај воведоа интернет, во парковите и којзнае каде уште, вклучително и кампањи (рекламни) остварија, во проширена и вградена, со пари, се разбира. Важно им беше “…некоја пара да се заврти…”, нели, за да се најадат никогаш наситените “блиски бизнисмени”, кандидатите за Новата, овојпат, вмровска капиталистичка каста!? Еее, добро. Се изнаполнивме со компјутери, сите разбравме за тоа какви се инсталациите, серверите, бајтите, та дури и на шалтери може(в)ме со помош на некое копче да оценуваме како работи државата, демек.
Креативните зулумќари не застанаа на тоа. Ај што не комјутеризираа, добро. Признаваат и кога ќе треба, барем половината ќе им се прости-од зулумот. Но, уште кога започна петгодишното “вјавање” на народот токму тој, нивниот креативен дел, компјутерите, интернетот (како ли им текнува, мајката нивна?) ги користат ЗА КАЗНУВАЊЕ! Како? Па просто. На неподобните, сомнителните, “комуњарите”, или уште поедноставно, тие што не им се по кеиф им се одзема компјутерот! Точка! Жртвата, на која секако и го спремаат “пашапортот” завршува во некоја канцеларија, по можност без прозори, или пак се шиканира до степен на неиздржливост па, сама да си оди!
Ако мислевте дека ќе застанат на ова се излажавте. Не застанаа. Повисокиот облик на ваков сајбер-зулум е ИСКЛУЧУВАЊЕ НА ИНТЕРНЕТ ПРИСТАП на одредено работно место, односно на одредена, да речеме, несимпатична персона! Молам. Нема “…тука- Ти-мене…” по цел ден да ми зјапаш во екранот и да влегуваш на Интернет и читаш којзнае какви содржини. А, бидејки несимпатичниот е предавник со гаранција, Тој/Таа 100% читаат или грчки сајтови, или пак комуњарски кои ги има малку, ама ете, “…заради курвата ЕУ..”, ги има! Нејќум да бидам злобен и анти-интелектуален ама во овај тип на, како учените велат, пенализација, предничат простаците на интелектуални, директорско-шефовски позиции!
И, тоа што досега го знаевме сите, ама не беше “објавено” се случило деновиве. Каде? Во Охрид и Ресен.
Началствата на локалните канцеларии на централната администрација во Ресен и Охрид им НАРЕДИЛЕ на администраторите на компјутерските системи да го ОГРАНИЧАТ достапот на интернет на неколку портали! И тоа: +info; sky.mk; ohridsky 1 prespasky!. Дотука, па застанале. Значи, службениците во државната администрација во овие портали ќе може да влегуваат од дома! Или од некоја Владина Интернет-трафика!!! (Лелее! Си го гризнав јазикот оти лудациве дојдени на власт со ПРИЗНАЕНО, не знам зошто и за колку, гласање, може да ја прошират и надградат идејата?!) Јас овде немам никакви сомневања дека тоа е само почеток, тест. Пиаровците на власта (ама вистинските, а не некој павелшатевдимитријачуповски институт) ќе ги измерат реакциите. Ако оценат дека работата им се движи “на арно”, ќе започне општ колеж на дневна основа на се она што Југенд-Штабот за комуникации ќе оцени дека е неподобно! Ова, најпосле ќе стане тоа за што со архитектурата не подготвуваат. Северна Кореја. И не се смејте, Ве молам.
Ако имате илузии дека некое локално шефче кое “…не се разбира во компјутери…” ова го направило во договор со колегата од соседниот град, се лажете. Кај Југенд-патриотите, ТВРДАМ: НАРЕДБАТА ЗА ОВА Е ДОЈДЕНА ОДОЗГОРА!
И? Што сега? Па ништо. Пет и кусур години патриотиве направија купишта свинштини, повредија на овој или оној начин стотици илјади граѓани на оваа земја. И пак никому ништо. Ни останува само да прашаме: ВОДИ ЛИ НЕКОЈ НЕКАКВА ЕВИДЕНЦИЈА ЗА ОВА? Има ли (ако Опозицијата е одговорна би требало, ама и ТОА ЌЕ СЕ ПРОВЕРИ, да немаат илузии дека се таксани за вечно удобната опозициона фотеља!) некаква КНИГА ЗА НАПРАВЕНИ ЗУЛУМИ?
Ај да видиме.
Ѓунер Исмаил, политички аналитичар
