Информации за проектот „Активни граѓани за добро владеење“
Здружението Форум – Центар за стратешки истражувања и документација од Скопје, во следните 3 години ќе го спроведува проектот „Активни граѓани за добро владеење“, кој се реализира во рамките на проектот на УСАИД за Граѓанско учество. Проектот „Активни граѓани за добро владеење“ ќе се спроведува во сите 8 Плански региони во Република Македонија, а веќе се отпочнати активностите во Полошкиот регион. ФОРУМ ЦСИД пред отпочнувањето на активностите, потпиша меморандуми за соработка со сите поголеми општини во планските региони, меѓу кои и со Општина Гостивар. Во секој од планските региони, ФОРУМ ЦСИД има своја партнерска организација, која ќе помага во реализирањето на предвидените активности.
Главна цел на овој проект е граѓаните да се информираат и поттикнат да влијаат на процесот на донесување одлуки на локално ниво.
Од предвидените активности, до сега се реализираше фокус група во Гостивар и работилница за слушатели од Полошкиот регион која се одржа од 24 до 26 ноември во Маврово.
Теми кои беа опфатени на работилницата се: соработката меѓу локалната администрација и граѓаните; стекнување вештини за мониторинг и евалуација на јавните услуги; соодветна едукација за спроведување на акции и иницијативи; мониторирање на буџетите на општините; транспарентност и отчетност на локалната самоуправа; структура на општеството и улогата на граѓанскиот сектор; добро владеење; човекови права; вмрежување на групи со заеднички интереси и други.
На оваа работилница учествуваа членови на граѓански организации од Полошкиот регион, претставници на локалните самоуправи во Полошкиот регион, претставници на младински здруженија, маргинализирани групи, образовни институции, медиуми, и други засегнати заедници од Полошкиот регион кои покажуваат интерес за проширување на своето знаење.
