ЗАЈАКНУВАЊЕ НА КАПАЦИТЕТИТЕ НА ЛОКАЛНИТЕ ЛИДЕРИ ОД КУМАНОВО, КИЧЕВО И СТРУГА
Форум Центар за стратегиски истражувања и документација (ЦСИД) во соработка со германската организација Кристијан Шварц-Шилинг Програма за интегративна медијација (ЦССП) спроведуваат активности во рамките на програмата на УНДП за зајакнување на капацитетите на локалните лидери од Куманово, Кичево и Струга, кои се состојат во подготовка, организирање и спроведување на лидерски семинари, работилници и дебати од областа на меѓуетничките односи. Целта на овие активности е зголемено учество на локалните лидери во општествениот дијалог, развивање на граѓанското учество во процесот на решавање на конфликти преку подобрување на сфаќањата за правните, стратешките и институционалните основи на граѓанското учество.
Во таа насока се одржа подготвителен семинар во Струга од 2 до 4 декември 2010 година на кој беа одржани обуки со претставници на невладини, политички, младински и религиозни лидери од Куманово, Кичево и Струга. Идејата на семинарот беше преку практикување и употреба на различни форми на општествен дијалог и граѓанска партиципативност, како што се преговорите, техниките за решавање на проблемите, јавни дебати и др, да се постигне поголема свест кај локалните лидери за решавање на споровите, а исто така и поголема свест за граѓанско учество во донесувањето одлуки на локално ниво.
На семинарот учествуваа дваесетина претставници на невладини, политички, младински и религиозни лидери од Куманово, Кичево и Струга, кои потоа беа вклучени во подготовка и спроведување на три јавни дебати во овие општини.
По завршувањето на семинарот во Струга, тимот на Форум ЦСИД и ЦССП за спроведување на проектот за подготовка, организирање и спроведување на лидерски семинари, работилници и дебати од областа на меѓуетничките односи почна со подготовки на трите дебати во овие три града со цел да се применат лидерските и комуникациските вештини за кои се правеа обуките.
ЈАВНА ДЕБАТА ВО КУМАНОВО
Првата дебата се одржа на 17 декември во Куманово, во салата за конференции на Хотелот “Рим-Париз”, под наслов “Граѓаните и лажните надежи за добивање азил во Западна Европа”. На дебатата учествуваа претставниците на невладините организации, политичките партии религиозните и младинските организации кои претходно учествуваа на семинарот за зајакнување на капацитетите на локалните лидери, а од кумановската локална самоуправа на дебатата учествуваа Градоначалникот на општината Куманово Зоран Дамјановски, Претседателот на Советот на општината Куманово Виктор Цветковски, претставник на СВР Куманово, Љубомир Ѓурчески и еден барател на азил од Германија. Модератор на дебатата беше Кујтим Деари, Кординаторот на ЦССП за Македонија.
Претседателот на Советот на Општината Куманово и градоначалникот на Куманово го поздравија одржувањето на семинарот во Струга и организирањето на оваа трибина го оценија како голем придонес на невладиниот сектор во насока на решавање на проблемот и на потенцијалните азиланти да им се објаснат проблемите со кои можат да се соочат при обидот да добијат азил во земјите на ЕУ. Од трибината произлезе и заклучокот заедно со локалните самоуправи и државните органи да се размислува за социјални програми со кои би се подобрила материјалната положба на ранливите категории граѓани кои и понатаму можат да се обидат повторно да барат азил во некоја од земјите на ЕУ, што на Македонија ќе и нанесе сериозна политичка штета и ќе ја загрози визната либерализација.
ЈАВНА ДЕБАТА ВО КИЧЕВО
Втората дебата се одржа на 13 јануари 2011 година во Хотел “Арабела” во Кичево, со тема “Изградба на нова детска градинка во Кичево”, со присуство на претставници на локалната самоуправа, невладините, младинските и религиозните организации, а беа присутни и претставници на Центарот за социјални работи од Кичево.
Градоначалникот Благоја Деспотоски ја поздрави идејата за оваа јавна дебата и вети дека максимално ќе го поддржи овој проект, ќе разговара со претставници на Министерството за труд и социјална политика за со нив да се подготви и успешно да се спроведе целиот проект.
Претставниците на невладините организации понудија да ја направат анкетата меѓу родителите во регионот во кој се бара изградба на нова градинка и истакнаа дека со ваков проект позитивно ќе се влијае врз младите луѓе, кои ќе се оформат со поинакво воспитание од постарите луѓе.
Гордана Србиноска од Центарот за социјални работи исто така ја искажа поддршката за оваа иницијатива, која ја оцени дека е во функција на подобри меѓуетнички односи, но забележа дека треба да се води сметка за кадровската екипираност на градинките, особено во однос на детектирањето на можните проблеми на раниот развој на децата, за што се потребни едуцирани психолози, педагози и дефектолози, во согласност со Законот за заштита на децата.
Мурат Хусеин од Исламската верска заедница рече дека неговото муфтиство максимално ќе го поддржи овој проект, со чија реализација очекува да се засили меѓуконфесионалното и меѓунационалното заедништво на децата во Кичево. Тој смета дека во Кичево постои соработка меѓу верските заедници и соработка со општината, како и дека сите градоначалници на Кичево секогаш ги поддржувале барањата на верските заедници.
Модераторката Миде Неџипи од НВО Сојуз на жената Албанка во Македонија ја затвори дебатата со заклучок дека треба да се повикаат сите невладини организации од Кичево и да се направи иницијативен одбор за изградба на нова градинка, кои со помош на локалната самоуправа ќе ја координираат динамиката за работа за реализација на оваа благородна идеја.
ЈАВНА ДЕБАТА ВО СТРУГА
Третата дебата се одржа на 21 јануари 2011 година во Хотел “Аполонија” во Струга, со работна тема “Изградба на регионална депонија во Струга и подигање на свеста за дивите депонии”. На неа учествуваа претставници на локалната самоуправа на општина Струга, претставници на Јавното Комунално Претпријатие од Струга, претставници на Инспекторатот за Животна Средина во Струга, претставници на невладиниот сектор и претставници на Комитетот за односи меѓу заедници од општина Струга.
Јавната дебата ја отвори претставникот на организаторот Форум ЦСИД, Слаѓан Пенев, кој ја образложи идејата на семинарот и претходната активност на која претставниците на Струга, Кичево и Куманово беа обучувани за зголемување на капацитетите за активизам во своите локални средини.
Менаџерот за проекти за локален развој од Општина Струга, Владислав Жупан, укажа дека во Југозападниот регион, каде што припаѓа и Струга, досега имало неколку предлози за депонии, но секогаш тие завршувале со неуспех, поради тоа што локалното население не ги прифаќало тие предлози.
Во однос на состојбата со дивите депонии во Струга, Владислав Жупан посочи дека според сегашната ситуација скоро секое населено место има своја дива депонија. Иако во 2005-2006 година биле исчистени дивите депониии и направен е проект за чистење на пластичен смет од езерото, проблемот е во брзото самоообновување на дивите депонии, така што пред самиот старт на туристичката сезона се обновуваат дивите депонии пред селата и пред помали и поголеми населби.
Од Инспекторатот за животна средина во Струга од Јавното претпријатие “Комунално” од Струга посочија дека редовно се чистат дивите депонии, за тоа се потрошени многу пари и дека основен проблем е ниската свест на граѓаните.
Советниците во Општина Струга рекоа дека ова е проблем стар 20 години и дека јавноста и граѓаните не се задоволни со работата на службите за хигиена, како и дека на тој начин Струга не може да го врати сјајот на чисто туристичко место, какво што било порано.
Дел од советниците во Општина Струга нагласија дека едукацијата за екологијата е важна и дека со неа треба да се почне уште во основното училиште, но сепак сметаат дека граѓаните не се единствените виновници за постоењето на диви депонии, туку дека вината ја сноси и инспекторатот за животна средина и јавното комунално претпријатие. На крајот на дебатата се обрати Градоначалникот на Општина Струга, Рамиз Мерко, кој оцени дека целата дебата беше многу интересна и корисна и предложи вакви дебати да се организираат и за други теми како начин проблемите да се решат. Тој рече дека со Законот за јавна чистотија од 2008 година, Министерството за екологија наредило да се одстранат сите диви депонии и Општината Струга презела акција тоа да се направи. Од контактите со надлежното министерство дојдени се позитивни сигнали за проблемот да се реши регионално и во март оваа година ќе биде распишан тендер за регионална депонија за Југозападниот плански регион. Депонијата нема да биде ни во Охрид, ни во Струга, ни во Дебар или било која друга поголема средина, туку решението ќе се бара во некоја мала општина или во рудникот Осломеј.
Модераторот Камиџа Речи од струшката невладина организација Натура ја затвори дебатата со заклучок дека треба да се зголеми свеста на населението за проблемот со дивите депонии, како и дека треба да се зголемат напорите да завладее правото за оваа област.
Проектот продолжува во февруари со обуки за претставниците на Комисиите за односи меѓу заедниците во Куманово, Кичево и Струга.
