На 30 ноември 2016 се одржа завршната конференција на Школата за активно граѓанство. На конференцијата присуствуваа голем број на алумнисти од сите генерации на Школата, како и голем број на соработници во изминатите пет години. Настанот го отвори извршниот директор на Форум ЦСИД, Слаѓан Пенев, кој даде краток вовед и ги претстави учесниците во првата панел-дискусија „Активното граѓанство – пет години потоа“, истакнатите предавачи на Школата: Зоран Бојаровски, новинар и уредник во Алфа ТВ, Сашо Орданоски, политички аналитичар и предавач на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, Мирјана Најчевска, професор на Институтот на политичко – правни  и социолошки истражувања во Скопје и Огнен Јанески, новинар и уредник во 24 Вести.

31197141122_77a5f7b11d_z     30518824174_3493d67cc6_z

Професорката Најчевска направи дистинкција помеѓу власта која е привремена и државата, која е постојана категорија. Таа е убедена дека еднаш разбуденото граѓанство нема да заспие. Како што граѓанските активисти сè повеќе напредуваат, таа ја нагласи потребата од флексибилно и индивидуално делување. Таа напомена дека активниот граѓанин не мора нужно да е поврзан со граѓанска организација и посочи дека не треба да се плашиме да го искажеме нашиот став, мислење. Сашо Ордановски смета дека „будењето“ во Македонија е изненадувачки масовно, но не и доволно масовно за држава како Македонија. Понатаму, посочи дека граѓанскиот сектор во Македонија нема база, постои недостаток на грас рут организации, како и развиеност на волонтерството, односно имаме граѓански сектор кој е пред сè канцелариски. Тој нагласи дека лоши денови доаѓаат за демократијата во Европа и дека проблемот не е само кај нас. Проблемот настанува кога политиката наместо да се базира на вредности, се базира на цели. Огнен Јанески посочи дека е круцијално да го победиме стравот во себе, дека тоа ги урива диктатурите. Стравот како таков може и да ни помогне. Ако стравуваме дека тоа може да ни се случи нам,  може да нè поттикне да излеземе да протестираме. Зоран Бојаровски се надоврза на претходните предавачи и даде свое мислење за состојбите со активизмот во Македонија.

30972158610_de5c8ff793_z     31226356931_4a9e6d6d0b_z

Во втората панел дискусија „Како понатаму? Активизмот пред нови крстопати“ дискутираа четири истакнати алумнисти на Школата за активно граѓанство: Ангела Илиевска, Џељо Хоџиќ, Вики Младенова и Антонио Михајлов. Ангела Илиевска потенцираше дека секој проблем треба да стане видлив. Таа смета дека проблемите се проблеми сами по себе, дека не треба да ги рангираме по важност. Таа конкретно зборуваше за проблемот со загаденоста на воздухот и за акцијата каде таа има земено најмногу учество.  Џељо Хоџиќ смета дека граѓанскиот сектор треба да соработува со државни институции, па дури и партии. Понатаму, дека треба да веруваме во сопствените потенцијали и капацитети и дека со 11 декември нема да се реши политичката криза, бидејќи ние имаме поголем проблем, а тоа е проблемот на „заробена држава“ односно приватизирани институции.  Антонио Михајлов истакна дека ни недостига самокритика, како и работа на терен. Понатаму посочи дека постои проблем со недоволна сензибилизираност на граѓанските активисти кон маргинализираните заедници, бидејќи само така ќе градиме сојузи.  Вики Младенова смета дека минорните проблеми ги тргаме на страна и се занимаваме со политика на високо ниво, односно, ни фали дисциплинираност.