НЕДОВЕРБА ВО ПОЛИТИКАТА, НАДЕЖ ВО РЕЛИГИЈАТА

Минатата година водечката глобална агенција за испитување на јавното мислење, Галуп, по трет пат го спроведе истражувањето наречено Балкан Монитор, во соработка со Европскиот Фонд за Балканот. Истражувањето се состои од анкетирање на граѓани на 7 држави од Западен Балкан (во секоја држава се испитани околу 1000 жители на возраст од над 15 години), а прашањата се однесуваат на животниот стандард, довербата во институциите, односот кон соседите и кон ЕУ, очекувањата за иднината итн.

Кон крајот на февруари резултатите од ова истражување беа претставени и во Скопје, откако претходно претставниците на Галуп и на Европскиот Фонд за Балканот во своевидно патувачко шоу со овие резултати ги запознаа и заинтересираните во Белград, Загреб, Сараево, Подгорица и Тирана.

Подетални резултати од истражувањето може да се видат на www.balkan-monitor.eu, а овде сакаме да обрнеме внимание на некои трендови што се регистрирани од анкетарите на Галуп. Веројатно најочекуваниот одговор, кој се потврдува и во ова испитување на јавното мнение е тоа што мнозинството анкетирани во скоро сите држави (со исклучок на Хрватска) сметаат дека членството на нивната држава во ЕУ е добра работа, иако во Македонија и Србија процентот на застапници на ваквиот став се намалува. Ако во 2006 година 76% од испитаниците во Македонија и 61% во Србија сметале дека ЕУ интеграцијата е добра работа, во 2008 година тие проценти се намалиле на 66 во Македонија и 58 во Србија, во 2009 година стигнале до 62 за Македонија и 50 за Србија.

Во однос на ставовите за животните стандарди, во 2009 година најзадоволни биле Албанците од Косово и Албанија. Мнозинството од припадниците на останатите нации во ова испитување изјавиле дека нивната држава се движи во погрешна насока и дека очекуваат нивниот животен стандард да се влоши во следните години. Едно од можните објаснувања за ваквата тенденција е нискиот стандард на живот кој граѓаните на Албанија и Косово го имаа во споредба со останатите балкански држави во поблиското минато, па затоа овие години ги доживуваат како напредок во нивниот стандард. Патем, токму граѓаните на Албанија и Косово даваат најголема поддршка за членство на нивните држави во ЕУ (88% од испитаниците во обете држави).

Македонците во ова истражување се покажале како најзагрижени за можен воен конфликт во регионот во следните 5 години. Но, за разлика од испитаниците во Србија и меѓу босанските Хрвати, кај кои е зголемен стравот од војна во споредба со испитувањето од 2006 година, во Македонија се намалил од 43% во 2006, на 31% во 2009 година. Најубедени во мирната иднина се косовските Албанци.

Во испитувањето е поставено и прашањето за Охридскиот договор во контекст на односите помеѓу Македонците и Албанците. Процентот на Македонци кои веруваат дека договорот е добро долгорочно решение за етничките тензии пораснал од 30 на 39, а кај Албанците од 70 на 72. Над 40% од обете етнички групи веруваат дека односите помеѓу Албанците и Македонците се подобри сега отколку пред 5 години, додека 11% од Македонците и 20% од македонските Албанци не веруваат во тоа.

Во однос на довербата кон националните и меѓународните институции, Македонците имаат најголема доверба во религиозните организации (74%), потоа во полицијата (67%), владата (57%), институциите на ЕУ (52%), НАТО (50%), судовите (42%) и најмалку во политичките партии (37%). И македонските Албанци најголема доверба изразуваат во религиозните организации (82%), а следат НАТО (80%), институциите на ЕУ (76%), полицијата (61%), владата (50%), судовите (49%) политичките партии (44). Воопшто, политичките партии се институции со најмала доверба во регионот, освен во Црна Гора и Србија, каде што единствено НАТО ужива помала доверба меѓу анкетираните од Галуп.

Една од методолошките недоследности кои паѓаат во очи кога се гледа ова истражување е тоа што некои испитаници се третираат како припадници на етнички заедници, а други како припадници на држава. Така, во Босна и Херцеговина, Косово и во Македонија дел од резултатите се групирани според етничката припадност на испитаниците, додека во Црна Гора, каде што над 30% од населението се декларираат за Срби, не се прикажани посебни резултати за нивните одговори. На пр., од оваа анкета дознаваме дека во религиозните организации имаат доверба 69% од Бошњаците во БиХ, 72% од Хрватите во БиХ, 68% од Србите во БиХ, 86% од Албанците во Косово, 72% од Србите во Косово, 82% од Албанците во Македонија, 74% од Македонците во Македонија, 49% од граѓаните на Албанија, 61% од граѓаните на Хрватска, 82% од граѓаните на Црна Гора и 67% од граѓаните на Србија. (Патем, ова укажува на една безнадежност во целиот регион во општествените процеси, за сметка на надежта во религијата.)

Истражувањето е спроведено во септември, а во тој период слично истражување спроведе и една друга значајна институција за испитување на јавното мнение во Европа, Евробарометар. Со таа разлика што Евробарометар го мереше пулсот на овие теми во само две од седумте држави од Западен Балкан – Македонија и Хрватска, кои се официјални кандидати за членство во Европската Унија, а со тоа се и квалификувани за релевантните истражувања на оваа европска институција. Резултатите во обете истражувања делумно се поклопуваат. На пример, на прашањето: „Општо земено дали мислите дека членството на вашата држава во ЕУ ќе биде добра работа?“ во анкетата на Галуп 62% од испитаните граѓани на Македонија рекле дека е добра работа, 9% рекле дека е лоша работа, а 26% рекле дека не е ниту добра, ниту лоша работа. Во анкетата на Евробарометар на истото прашање, 66% дале одговор дека е добра работа, 9% дека е лоша, а 22% рекле дека ниту е добра, ниту лоша. Но, на прашањето „Дали сметате дека работите се движат во добра или во лоша насока во вашата држава?“ 29% од анкетираните на Галуп во Македонија одговориле дека работите се движат во добра насока, 61% одговориле дека се движат во лоша насока, а 10% немаат дадено одговор или не знаеле како да одговорат. Додека на истото прашање во анкетата на Евробарометар 35% одговориле дека работите се движат во правилна насока, 34% одговориле дека работите се движат во погрешна насока, а 26% не го одбрале ниту првиот, ниту вториот понуден одговор. Или, пак, на прашањето на Галуп: „Како ја оценувате работата на владата во вашата држава?“ 12.4% од испитаниците во Македонија дале одговор „одлично“, 32.8% дале одговор „добро“, 30.9% дале одговор „доволно“, а 20.2% дале одговор „слабо“. Во анкетата на Евробарометар е поставено прашањето „Дали и’ верувате на вашата влада?“, на кое 31% одговориле дека и’ веруваат, 59% одговориле дека не и’ веруваат, а 10% не дале одговор.

Иако немаме намера да ги омаловажиме резултатите на овие истражувања, овие примери ни покажуваат дека, како и во случајот со резултатите од анкетите кои во последно време зачестено се објавуваат во Македонија, можете да добиете дијаметрално спротивни одговори во две различни анкети (на слични прашања). А со тоа се отвора добра можност за спин докторите во разните партиски и државни структури да наметнуваат заклучоци во правецот кој најмногу им одговара.