Враќање во нормала
Колумна на Ѓунер Исмаил
Само мала прошетка по социјалните мрежи ќе Ве увери во тоа дека живееме во ненормална држава. Таму, без асистенција на било каков институт, можете да дознаете каде всушност живеете и што точно “сака народот“. Велам токму таму, иако фашистичките (под државна капа)штабови, обилно помогнати од патологизираната емиграција, “се трудат“ да ги разводнат дебатите, да оцрнат, да исплукаат, да посеат поделби, да дополнат таму каде што во окупираните медиуми jugend-мегафоните не стасале да отворат дупки во мозоците на нивните, за среќа се помалку, гледачи и читатели. Едно прашање доминира: До кога вака?
Да, до кога? Кога оваа земја ќе се врати во нормала? Кога ќе заврши овој кошмар во кој јавето е полошо од сите лоши соништа? И најважното: КОЈ И КАКО ТОА ТРЕБА ДА ГО НАПРАВИ? Да ја врати земјата во нормала, а притоа сета работа да не се сведе на простата, според навиките на балканските итромани-политичари, формула: Вие одете си, за да дојдеме Ние, а за останите детали “ќе се разбереме“!
Зошто го велам ова? Македонија зад себе го има искуството на промената во 2002-та кога граѓаните на избори се пресметаа со една група која тукушто беше почнала да се разулавува и да се однесува како улична банда. Среќа наша, не успеа да се доконституира до крај, па изборите беа сосема доволен лек за да оваа земја продолжи по некоја нормална патека. Но, одтогаш во памтењето остана, а и се пренесува до поновите генерации дека се случила некаква “преќутна амнестија“ и дека само Војо и Ламбе го јаделе стапот. Помнат дека остана неказнета огромната пљачка од секоја каса до која се беа добрале тогашните преродбеници и дека поважните арамии меѓу нив, се токму оние кои денес ја владеат оваа земја. Ним (на арамиите), воопшто не им беше тешко (на пример со парите кои ги заработија од набавките на оружје и сл.) да го подготват, овојпат посериозно, теренот за враќање и дефинитивно реализирање на велепредавничкиот план: Оваа земја да ја нема! Тогашните победници фатија да се занимаваат со “државни работи“ (како кој?), та со рамковен, та со ова-она, за да на крајот испадне дека тоа било само едно одлично трасирање, постилање на патот по кој преродбениците-велепредавници се вратија и еве ги, шеста година владеат, зулумќарат. Кој се во тоа им помогна е едно од прашањата на кое секој оној кој ќе се нафати да ги “нормализира“ работите, ќе мора да вети дека ќе им го одговори на сомничавите граѓани. Додека граѓаните не добијат гаранции дека најпрво ќе им се суди и пресуди на арамиите, а особено на “соработниците“, не би бил сигурен во тоа дека ќе му се придружат на било каква акција против оваа власт. А досега таква гаранција никој од нас не слушна! Во ниеден од “изгубените“ изборни циклуси.
Еве пример: Поминаа два-три изборни циклуси НИКОЈ, ама НИКОЈ од оние кои застанаа да го носат бајракот на промените не изговори: “По туркањето на оваа власт најпрво следи ГЕНЕРАЛЕН РЕИЗБОР НА СУДИИТЕ И ОБВИНИТЕЛИТЕ!“. Зошто? Заради “преплет на црева“, можеби?
Чувствувате нели, прејдовме до создавањето на неопходните услови за повторното собирање на “народот“, а тие услови, овојпат како цврста гаранција мораат да бидат изговорени, гарантирани со морален авторитет и интегритет на оној кој тоа ќе го гарантира.
Овојпат не станува збор за промена, или промени кои ќе се сведат на, нели, “вие одете-ние да дојдеме“, што ќе рече континуитет! Од досега приложеното, не видовме дека некој од опозицијата е за радикална промена. Се она што досега прават укажува на тоа дека се во некаков “филм“ на некаков апстрактен континуитет. Демек, цивилизирани се, демократи се и слични селско-салонски финти. Да се разбереме, ако “идните“ јасно и гласно не речат дека имаме работа со фашистички, окупаторски режим, со режим кој намерно ја турка земјата во бездна, со кој ќе се пресметаме најсоодветно, зошто било кој граѓанин на оваа земја би им се придружил? За да има уште една епизода со лажни надежи дека “ќе не биде“?
А ако “идните“ не излезат со јасна програма за тоа дека ЗЕМЈАТА МОРА ДА СЕ ВРАТИ ВО НОРМАЛА, а тоа до детали да го опишат (без фразирања од кои секако дека се гадиме) што точно ќе значи, поарно нека не ни го трошат времето. Не мора Македонија да ги живее циклусите на вечно враќање на истото. Четири години вака, па четири “онака“.
За да нема никакви дилеми, не прејудицирам кој се ќе се нареди во редовите на “идните“ од проста причина што критериумите се строги а според расположивите хумани ресурси не сум баш сигурен дека секој кој се камуфлирал како некаков ослободителски потенцијал, ќе ги помине филтрите. На попарените граѓани, особено од ослободители им е преку глава. Понекогаш робството, особено ваквото апатично е со поголеми извесности за преживување, одколку искуствата од неизвесностите, производ на лаги и лажни ветувања од страна на луѓе на кои едвам, од немајкаде им поверувале. А дека работите не се така едноставни, доволно е да се погледне што точно денес се случува, барем на вербално ниво, кај она што се презентира како некакво спротивставување на “режимот“. Тие зборуваат за иднина (!?), а станува збор за ургентно- УТРЕ! Имено, иднината на оваа земја се брои ВО ДЕНОВИ. Нема недели, нема месеци и илузиите дека “Грујо сам ќе падне, а ние сите ќе преживееме и ќе си живееме среќно и весело“, не се веќе политичка наивност, туку опасна глупост! Не им е јасно дека заедно со неговото пропаѓање ќе пропаднеме сите ние, сосе Македонија. Повторувам, овие оценки “идните“ мора да ги знаат. И соодветно да се однесуваат за да, малку-од малку, почнат да ја освојуваат довербата на граѓаните.
Или, со години одбиваат да разберат дека имаме работа со операција која е спакувана во тоталитарно пакување кое, колку сипатично, науката го именува со името фашизам. Неукост ли е, или нешто друго, не е познато, ама уште од 2006-та се знае дека станува збор за тајфа која, не само заради крадење, можеби и најмалку заради тоа, земјата ја управува со брутално насилие. Дали сега тоа го гледаат, не знам, бидејќи таков исказ досега ниту сум слушнал ниту сум прочитал. А деновите ни се изброени.
А додека Тие се думаа Груевски во целост се инсталира. Та дури (припросто додуша) се мајтапи и дрско во лице на сите ни вели: Ми се може и Ви правам се што ќе ми се присака! Ако е за утеха, тоа им го вели и на“странците“, ама тие секако нема да живеат тука.
И, еве го врвот на се: НИКОЈ, ама НИКОЈ од она што смета за некаква релевантност во опозициските редови не кажа што ќе се случува со фашистичкиот проект Скопје 2014! Имаше некакви искази и толку. Ако веќе УТРЕ не излезат со точен план за тоа која топлиница ќе биде ангажирана за топење, кој ќе биде ангажиран за рушење, и КОЈ ЌЕ ОДГОВАРА, тешко нив. Тогаш барем ќе знаеме како и со кого ќе си го бараме чарето.
Прекраток е животот за да уште еднаш го слушаме Груевски како блада и примитивно се шегувана со цел свет, на отворање на некаков анти-македонски споменик.
