Никола Писарев

Резиме

Оваа анализа има за цел да ги покаже конкретните акции, методи и пристапи кои ги користеле граѓанските иницијативи, движења и организации за да го заштитат јавниот интерес и едновремено да даде увид во однесувањето на носителите на одлуки и надлежните кон проблемите на граѓаните. Битен дел на оваа студија е посветен и на анализа на стратешките документи на општините, планските региони, институциите и министерствата и нивната усогласеност со идеите и проектите кои доведоа до граѓанска мобилизација и појава на граѓански движења и  иницијативи.
Вовед
Нефункционалната соработка и комуникација помеѓу носителите на одлуки на различни нивоа (локално и централно) со граѓаните, и многу честата појава на маргинализација на интересите и потребите на заедниците во изминатиот период, а особено по 2012 година, доведе до појава на низа локални и национални движења и иницијативи кои отворено заговараа решенија за акутните проблеми и се бунтуваа против голем број одлуки на централните и локалните власти во сите плански региони на Македонија.  Предмет на оваа анализа се иницијативите за екологија и  чист воздух во Скопје и Тетотво, иницијативата „Го сакам ГТЦ“, неколкуте иницијативи за заштита на националниот парк Маврово од изградба на браните и акумулациите Бошков Мост и Луково Поле, иницијативите групирани околу платформата „Охрид СОС“ и иницијативата за здрава вода за пиење „Арсена“ од Гевгелија.  Сите овие иницијативи беа и сè уште се  активни во Скопскиот, Полошкиот, Југозападниот и Вардарскиот плански регион.
Иницијатива „Го Сакам ГТЦ“

Оваа иницијатива, која доби поддршка од голем број од граѓаните на Скопје, започна во пролетта 2013 година и претставуваше прв организиран облик на отпор и несогласување против проектот „Скопје 2014“. Кога се зборува за борбата против „Скопје 2014“ мора да се спомене судбоносниот датум 28 март 2009 година кога под закрила на здружението „Веритас“ беа нападнати  демонстрантите на првиот протест за заштита на јавниот простор, односно идејата на Владата и МПЦ за изградба на црквата Св. Константин и Елена на градскиот плоштад.  Овој протест насловен како “Не, за црква на плоштад” во 2009 година беше организиран од „Прва Архибригада“ и студентите на АФС (Архитектонски факултет Скопје). Дел од овие активисти понатаму ќе имаат  битна улога во создавањето на иницијативата „Го сакам ГТЦ“[1].
Иницијативата „Го сакам ГТЦ“ во прв ред потекна од  Асоцијацијата на Архитекти на Македонија, а беше веднаш поддржана од граѓанските организации „Плоштад Слобода“, „Центар за Современи Уметности“ , „Прва Архибригада“,  АФС , како и голем број граѓански активисти и архитекти кои го создадоа ‘рбетот на иницијативата. Првата поголема пресвртница и видлива активност на иницијативата која навести дека граѓаните на Скопје нема лесно да го прифатат преобликувањето на овој објект во барок, е првото гушкање на ГТЦ организирано во форма на мирен протест на 14.06.2013 година, на кој учествуваа околу 3.000 граѓани. Овој протест всушност претставува прв поголем протест против политиките за „Скопје 2014“, а и прв поголем граѓански протест воопшто во периодот 2009 – 2013[2].

Според мислењето на Сања Раѓеновиќ Јовановиќ (претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија 2014-2016), за заштита на Скопје од барокот се чекало премногу. „Мислам дека до првата гласна и масовна реакција премногу се чекаше и се одвиваше бавно. Затоа граѓаните како едвај да дочекаа да се случи иницијативата за спас на ГТЦ. Таа беше и првата иницијатива на масовно, јавно покажан револт против реализација на проектот „Скопје 2014“. Ако не успеевме да го спасиме ГТЦ , ќе значи дека го заслуживме она што ни се случи. Ако го спасиме само ќе пратиме порака дека тие после нас треба да добијат шанса и да видат јасно каде ние згрешивме, да бидат подобри и почесни од нас“.[3]

Процесот на борба за зачувување на автентичноста на ГТЦ претставуваше пример, но и предлошка, особено во делот на креативноста, кои доведоа до едно пошироко будење на граѓанската свест и вклученост кое ќе кулминира подоцна во студентските протести, а ќе резултира со активностите на Шарената револуција како политичко движење кое ќе обедини огромен број граѓански иницијативи од цела Македонија.

Обидите за воспоставување дијалог со претходната Влада, која беше нарачател на проектот „Скопје 2014“, а во чии рамки се предвидуваше „облекувањето“ на ГТЦ, и со Град Скопје како одговорен субјект, беа неуспешни, иако постоеше решение за заштита на недвижно културно наследство, односно заштита на споменик на културата – Урбана целина – „Централно градско подрачје 2“ во кое припаѓа ГТЦ, а кое Министерството за култура и Управата за заштита на културно наследство сосема нетранспарентно со некомпетентно и срамно образложение го укина  во март 2012 година[4]. Подоцна, во текот на 2014 и 2015 г., видни и еминентни научници под водство на Центарот за културно наследство ќе се обидат да започнат процедура за ставање под заштита на објектот на ГТЦ, како наследство од современата архитектура, но истото во 2016 г. ќе биде одбиено без било каква дебата и образложение и без обзнанување на основите по кои барањето е одбиено.[5]
Долго време сите државни и градски институции работеа по диктат на Владата, односно постојано носеа одлуки во корист на проектот „Скопје 2014“. Иницијативата „Го сакам ГТЦ“ успеа конечно  по промената на власта во Општина Центар да воспостави соработка со општинските власти и во рамките на оваа соработка, а на барање на иницијативата „Го сакам ГТЦ“, поднесено формално од страна на Асоцијацијата на Архитекти на Македонија, во јуни 2014 г. на седницата на Советот на Општина Центар во март 2015 г. е донесена одлука за спроведување на референдум на ниво на Општина Центар на кој граѓаните ќе се изјаснат за иднината на ГТЦ[6]. Референдумот е одржан на 26-ти април и на изјаснување излегле 17.655 гласачи од скопската општина Центар, односно 40,53% од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список. Според официјалните податоци на Државната изборна комисија, за задржување на постоечкиот лик на фасадата на архитектонскиот симбол на Скопје гласале 16.836 граѓани или 95,36%, додека против се изјасниле 659 жители, односно 1,51% од оние што излегле на референдумот.[7] Иако формално неуспешен, овој референдум не само што јасно ја отслика волјата на граѓаните за зачувување на автентичноста на ГТЦ, туку претставува и прв локален референдум на кој граѓаните непосредно имаа шанса да го кажат својот став.
Последната и исклучително значајна активност на иницијативата „Го Сакам ГТЦ“ која го осигура успехот на иницијативата е Иницијативата до Уставниот суд поднесена на 26 јули 2016 г. Одлуката на судот од 5-ти јули годинава не означува само запирање на барокизација на ГТЦ, туку и запирање на други веќе започнати проекти. Уставниот суд на РМ, со укинување на член 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, што противправно и противуставно ѝ даваше апсолутно право на Владата да прогласува простори и градби од посебен интерес, се спасени и Градската универзитетска библиотека и Македонската опера и балет. Оттука, она што успеа да го оствари Иницијативата „Го Сакам ГТЦ“ е зачувување на она што остана од духот на градот и архитектурата на Скопје.[8]

Иницијативи за чист воздух, здрава вода за пиење и екологија во Полошкиот Југозападниот, Скопскиот и Вардарскиот плански регион.

Овој дел на анализата опфаќа повеќе иницијативи од неколку плански региони (Вардарски, Скопски, Полошки и Југозападен). Со анализа на состојбите, но и законската регулатива и стратешките документи кои Република Македонија ги има, уште на прв поглед се забележуваат неколку работи:
Во делот на загадувањето на воздухот, сè до 2016/2017 година, не постоеле никакви стратешки документи, планови и програми кои би го намалиле аерозагадувањето, иако десетици години наназад Скопје, Тетово, Битола, Кавадарци, Куманово и други населени места се гушат од загадениот воздух.
Загадувањето во Скопје и Тетово особено расте по 2008/2009 година паралелно со градежната експанзија и намалувањето на зелените површини во градовите кое се појавува како резултат на инстант промените на деталните и генералните урбанистички планови и нивните сè почести отстапки од просторниот план на РМ, кој точно ги предвидува зоните за градба и зоните на заштитни зелени појаси и кој директно предвидува ефикасна контрола на користењето и уредувањето на градежното земјиште, како и заштита и унапредување на животната средина.[9]

Узурпацијата и негрижата за животна средина успеа да мобилизира над  200.000 граѓани од скоро сите региони на Македонија активно да се борат за зачувување на човековата околина, здравата вода и чистиот воздух.

Дел од овие движења се јавуваат и како резултат на отстапките на властите во РМ од тенденциите за одржлив развој и отстапување од меѓународните конвенции, во прв ред од препораките на  Светската комисија за животна средина и развој позната како Brutland комисија,[10] чиј потписник е и Македонија, и го дефинира одржливиот развој како: Развој кој ги задоволува потребите на сегашните генерации, без да ја загрози можноста на идните генерации да ги задоволат своите потреби.[11]

Иницијативи за чист воздух

Иницијативите за чист воздух во Скопје, Тетово и Битола настанаа како самоникнати (grassroots), од граѓаните, без хиерархија и со една и единствена цел, да се зголеми свесноста за аерозагадувањето и да се изврши притисок врз надлежните да делуваат. Мобилната апликација “Мој Воздух” и споделувањето на статистиките за аерозагадувањето беа иницијалната каписла за граѓаните да се организираат, да се вмрежуваат и да делуваат преку протести, петиции, настани, кампањи на социјални мрежи, итн. Прапочетоците на овие иницијативи се врзуваат за периодот есен-зима 2013/14 и се поклопуваат со поставувањето на автоматските мерни станици на Министерството за животна средина и просторно планирање кои даваат алармантни податоци за аерозагадувањето. Во периодот 2013-2014, сите активности поврзани со аерозагадувањето се во целост вонинституционални и предводени од граѓанските активисти.[12] Подоцна, од 2015 година, во битката се вклучуваат и еколошките организации „Го Греен“, „Фронт 21/42“ и „Еко Свест“, со што борбата за чист воздух почнува да добива и институционална димензија, односно сè повеќе се упатувааат официјални барања (период 2015/16) и барање за преземање мерки од општинските/градските власти како и од МЖСПП. Резултат на овие организирања и групирања на активистите и еколошките организации се движењата (организациите) „Скопје Смог Аларм“, „Еко Герила – Тетово“ и „За нас се работи“ од Битола, кои заедно со еколошките организации (најголема поддршка во знаење и правни аргументи иницијативите добиваа од организациите „Еко свест“, „Фронт 21/42“ и „Македонско еколошко друштво“) и активистите, на своја одговорност го преземаа приматот во битките за чист воздух.
Во последниве две години, „Скопје Смог Аларм“ и другите еко иницијативи ширум Македонија успеаја да го стават прашањето на аероагадувањето на агендата на надлежните и на политичките партии. Резултати сепак недостасуваат, во поглед на статистики за намалено аероагадување. Тука претстои многу работа за надлежните и за граѓаните кои треба да ги сменат навиките и да преземаат мали, но важни еко чекори.[13]
Едновремено, по неколку масовни протести, маршови и герила акции во Тетово и Западна Македонија, иницијативата „Еко Герила“ успеа да ја стави животната средина како едно од најклучните прашања за граѓаните на Тетово и околината. Со тоа се влијаеше  МЖСПП да го затвори најголемиот загадувач – Југохром. „Југохром не работи од 1 ноември 2016 г., и од тогаш па наваму загадувањето во Тетово е намалено до 60%, споредено со истите временски периоди на минатите години. Ваквите сознанија ги добиваме од мерењата на мониторинг станиците и МЖСПП, и истите беа јавно потврдени и од страна на екс министерот а животна средина Башким Амети“, вели Аријанит Џафери, претставник на Еко Герила од Тетово[14].

Она што всушност се најголемите придобивки од иницијативите за чист воздух е дека МЖСПП и Градот Скопје почнаа проблемите со аерозагадувањето да ги решаваат на системски начин. За само неколку месеци под притисок на еко движењата донесен е Националниот план за заштита на воздухот, кој се надоврзува на Законот за заштита на амбиенталниот воздух од 2004 година. Новиот план предвидува низа конкретни мерки во корист на граѓаните, а она што е најбитно е дека со националниот план за заштита на воздухот директно се предвидува постојано и јавно достапно мониторирање на  квалитетот на воздухот, односно овој мониторинг станува постојана државна мерка која мора да се врши преку мерните станици на Министерството за животна средина и просторно планирање.[15] Паралелно со овие стратешки документи, Град Скопје, под притисок на јавноста, во зимата 2017 г. изготвува „Краткорочен акционен план за заштита на амбиентниот воздух во Скопје“. Со овој план, при алармантни состојби, Град Скопје е задолжен да презема краткорочни мерки насочени кон намалување и елиминирање на ризикот од изложување на штетни загадувачки супстанции во воздухот и брзо ограничување на времетраењето на таквите услови, истражување и идентификување на причините и информирање и предупредување на населението за можните здравствени ефекти причинети од загадувачките супстанции во воздухот.[16]

Добра страна на овој план е и што точно ги утврдува вредностите на аерозагадувањето и се смета дека прагот е надминат доколку концентрациите на PM10 (24-часовен просек) се над прагот од два последователни денови. Се очекува епизодата со високи концентрации да продолжи[17] што му дава на градот (градоначалникот) право за преземање итни мерки, како што на пример беше мерката за бесплатен јавен превоз минатата зима.

Од  друга страна иако Град Скопје со забрзан интензитет носи стратешки документи за борба со аерозагадувањето (План за подобрување на квалитетот на воздухот Скопје и стратегијата  Отпорно Скопје – Стратегија за Климатски промени), според зборовите на експертите од Град Скопје кои не сакаат да бидат јавно цитирани,[18] истите се недоречени и не предвидуваат конкретни чекори во буџетска смисла. Слични се и ставовите на претставниците на еколошките движења кои на властите во Град Скопје му забележуваат дека не е сè уште подготвен и дека не постои политичка волја за сериозно справување со проблемите на аерозагадувањето. Обично се преземаат краткорочни, површни мерки од типот на бесплатен автобуски превоз, прскање на улиците со средство за намалување на ПМ честички, субвенции за печки за пелети, итн. Сепак сè ова е премалку и предоцна. Град Скопје и МЖСПП имаат многу документи, стратегии, анализи итн., меѓутоа имаат малку резултати на терен.[19]

Во Тетово, во тек е борбата против дивата депонија, а позитивните сигнали се веќе присутни со тоа што од страна на ЈКП Тетово е изградена претоварна станица надвор од градот. Во прилог на овој процес, и решавањето на проблемот со претоварната депонија, се надополнува и стратегијата за развој на Полошкиот плански регион, во која овој проблем исто така е нотиран и се бара негово итно решение.[20]
Во делот на иницијативите и мерките кои државните институции ги преземаат за подобрување на состојбите со аерозагадувањето, исто така е забележлива уште една појава, а тоа е дека покрај директните мерки за решавање на овој проблем нужно е зголемување на јавното зеленило и парковските површини на целата територија на градот Скопје, како и почитувањето на регулативите кои ги дава просторниот план на РМ,[21] особено во Скопскиот регион каде што е нужно итно запирање на градежната експанзија кон Водно и уништувањето на шумите на Скопска Црна Гора. Исто така, интензивирањето на напорите за прогласување на Шар Планина за национален парк ќе придонесе кон подобрување на ситуацијата со животната средина во Полошкиот регион.

Иницијативи за заштита на реката Радика, за спас на Националниот Парк Маврово, Стоп за браните Луково Поле и Бошков мост и иницијатива Охрид СОС

Југозападниот плански регион, заедно со Скопскиот, покажаа најголема иницијативност за зачувување на јавното добро и заштита на природното наследство. Она што од аналитичка гледна точка е особено интересно кај овие иницијативи е дека единиците за локална самоуправа и јавните установи задолжени и формирани да го чуваат природното наследство во целост потфрлија и се ставија на страна на Владата, неисполнувајќи ги своите обврски кон граѓаните. Во оваа смисла битно е да се напоменат дијаметрално различните ставови на општините Маврово Ростуше и Дебар. Во целиот процес, Општината Маврово Ростуше, која иако во своите стратешки документи развојот го планира на одржливо користење на природните ресурси,[22] и покрај противењето на огромен број од граѓаните, најверојатно по партиска директива (Градоначалникот е од партијата која беше на власт на централно ниво) во целост ги поддржуваше идеите на ЕЛЕМ и Mинистерството за економија за изградба на браните на територијата на Националниот парк Маврово. Она што можеби е уште позагрижувачко е тотално игнорантскиот однос и незаинтересираноста  на Јавната установа Национален Парк Маврово, задолжена да го чува и штити природното наследство и биодиверзитетот, за она што се случуваше на територијата на паркот, со што НП Маврово можеше да ги изгуби и основните атрибути и вредности заради кои е воспоставен како национален парк. Во овој случај НП Маврово оди уште подалеку, менувајќи ги преку ноќ степените на заштита на одредени делови на паркот. Конкретно, делот околу Луково поле, од висока категорија на заштита, каде не смеат да се прават никакви економски дејности, по барање на ЕЛЕМ, се спушта во категоријата со ниска заштита, каде е дозволено вршење економски и градежни активности.[23]
Официјалниот став на Општина Дебар беше против изградба на Луково Поле, а сепак даде позитивно мислење за изградба на ХЕЦ Бошков мост. Иако официјално беше против изградбата, Општината преку Градоначалникот Ружди Лата многу малку направи за да го поддржи ставот против изградбата на ХЕЦ Луково Поле, и на таков начин работеше и беше на иста линија со Владата.
Многу бргу во Дебар се формира коалицијата на невладините организации кои јавно го објавуваат проблемот со браните, а на коалицијата се приклучуваат и поголемите домашни и меѓународни еколошки организации и бројни граѓански активисти. Сржта на ова иницијатива ја сочинуваат организациите „Фронт 21/42“, „Центар за развој на заедницата-Дебар“, „Заедно за Река“, „Центар за Современи Уметности“ (кој дава  креативна поддршка), „Македонско Еколошко Друштво“, ЗГ „Бистра“, сите месни заедници од реканскиот и дебарскиот крај, како и бројни меѓународни организации како „Riverwatch Blue Hеart of Europe“, мрежа од над 100 еко-организации од цела Европа. Здружени, овие иницијативи во тек на неколку години заедничка работа успеваат во целост да го стопираат почетокот на градбата на овие брани, а МАНУ, иако официјално не е позната причината, во Стратегијата за енергетски развој на РМ 2010-2035, дава сценарија за енергетската стабилност на Македонија и без ХЕЦ Луково Поле и Бошков Мост.[24] Прашањата за оправданоста на проектите може да се разглобуваат на долго и широко, но според деталните анализи на енергетските стратегии никако не е јасно зошто наместо во овие електрани не се донесени одлуки за  инвестирање  во електраните Чебрен/Галиште на Црна Река, или електраните Градец или Велес/Сопот на Вардар, кои иако се двојно и тројно поскапи, произведуваат многу повеќе електрична енергија, бидејќи вкупната моќност на електраните Луково Поле и Бошков мост е 66,2 мегавати, наспроти моќноста од 333 мегавати на Чебрен, 193 мегавати на Галиште или  54 и 93 мегавати на Градец и Велес, а цените за инвестиција по мегават на електраната Галиште се еднакви и поевтини од оние на Бошков Мост и Луково поле.[25]
Иако работите и плановите во моментов се во целост стопирани, идеите за финансирање и изградба на двете хидроелектрани се сè уште дел од Националната стратегија за развој на енергетиката. Нивното спроведување е суспендирано од 2015 година со усвојување на Препораката бр. 184 на Постојаниот Комитет на Бернска Конвенција. Финансирањето од меѓународните финансиски институции (Светска банка за Луково Поле, и Европска банка за реконструкција за Бошков Мост) е  откажано. Исто така, моментално на сила е забрана за било какви активности во територијата на НП Маврово, сè додека не се изврши нова студија за влијанијата на овие дејности врз биодиверзитетот во НП Маврово, по што Бернската конвенција (усвоена 1979 год.) чиј потписник е и Македонија (18.09.1997 год.)  ќе расправа повторно и се очекува да донесе финална одлука со препорака да бидат забранети било какви активности во НП Маврово.[26] Всушност, интернационализацијата на проблемот, како и неодржливите идеи на Владата на РМ да гради брани во најголемиот национален парк во земјата и еден од најголемите во регионот на Балканот, ја доведе државата до таму да повреди редица меѓународни конвенции и договори за заштита на природата чиј што е потписник. Покрај Бернската конвенција, изградбата на браните ќе ги повредеше и Резолуцијата WCC-2012-Rec-150 на Меѓународната Унија за заштита на природата, Архуската Конвенција и правото на ЕУ.[27]
Паралелно со борбата во Реканско-Дебарскиот регион и Националниот парк Маврово, со остварувањето на првите граѓански победи во текот на 2016/17 година, како една од позабележителните граѓански еколошки иницијативи во Југозападниот плански регион  во последниот период е иницијативата „Охрид СОС“, која всушност претставува конгломерат на повеќе локални иницијативи („Стоп за уништување на студенчишко Блато“, МЗ Лагадин, „Спас за Охридското Езеро“, помогнати од поголемите еколошки движења и организации).
Иницијативата „Охрид СОС“ се обединува околу неколку точки, односно активности за запирање на намерите за измена за планот за управување на НП Галичица, изградба на Ски центар и експресен пат во паркот, за урбанизирање на Студенчишко блато, како и хипер градба и предимензионирани објекти кај плажата Лагадин. Бројните зафати кои се спроведуваат и се планираа да се спроведуваат, доведоа до тоа да се преиспита статусот на заштитено подрачје на Охридското Езеро од страна на УНЕСКО.[28] Поради ова, работна група на УНЕСКО во текот на месец април 2017 г. престојуваше во Охрид со цел проверка на предвидените проекти и како истите ќе влијаат врз статусот на  заштитено подрачје. За таа цел е подготвен и извештај (кој сè уште не е објавен целосно) со препораки кои главно се фокусираат на напуштање на сите проекти кои се спротивни на правилата на градови и области од листата на заштитени подрачја.[29] Токму благодарејќи на притисокот од домашните организации, но и од меѓународните организации и УНЕСКО, иницијативата „Охрид СОС“ успеа да исполни дел од своите барања. Постапката за заштита на Студенчишко блато односно негово прогласување за категорија 3 заштитено подрачје – споменик на природата, е стопирана заради потребата од измена на студијата за ревалоризација на подрачјето. И за Охридското езеро и за Студенчишко блато допрва треба да се финализира постапката за ре-прогласување и да се изготви соодветен план за управување со подрачјето.[30]

Југоисточен регион

Од граѓанските иницијативи поврзани со водите и здравјето на луѓето во Југоисточниот регион, особено активна и интересна за анализирање е иницијативата „Арсена“ од Гевгелија која се раѓа по сознанието на група гевгеличани дека Државната Агенција за храна и ветеринарство на РМ, по три последователни мерења на 23 септември 2012 година издала забрана за употреба на водата во Гевгелија.[31] На почетокот, бидејќи никој од локалните власти, ниту водоснабдителното претпријатие, ниту локалната самоуправа и општинскиот Совет не се произнесуваат за проблемот,  „Арсена“ прави неколку анализи на примерок вода од градскиот водоснабдителен систем и тие во континуитет покажуваат високи концентрации на арсен. Иако максимално дозволената концентрација изнесува 10 микрограми на еден литар,[32] сите анализи покажуваат значително зголемени вредности на еден од најотровните и најканцерогените елементи кои се движат во вредностите 14,8 микрограми на 24.12.2013 година, 15,32 микрограми на 15.05.2014 година, 17,86 микрограми на 2.07.2015 година, 21,3 микрограми на 24.03.2016 година, 19,7 микрограми на 14.06.2016 и 18,0 микрограми на 21.12.2016 година, што укажува на енормното присуство на арсенот од 40 до 130% повеќе од здравствено дозволената граница.[33]

Медицината вели дека континуираната изложеност на човековиот организам на отровниот арсен подолго од шест месеци може да предизвика низа малформации во клеточната структура, канцерогени заболувања, пред сè кожни лезии (меланом на кожата), карцином на црниот дроб, кардиоваскуларни пореметувања, болести на лимфниот систем, зголемување на ризик од карцином кај децата и младите поради слабиот имунолошки ситем и сите други видови на карцином. Стапката на заболување од карцином и смртност на жителите на Општина Гевгелија од карцином е енормно зголемена на 22,3%, што е на четврто место во државата, иако Гевгелија важи за еколошки чист и незагаден регион. Од болницата во Гевгелија велат дека некогаш во Гевгелија имало една или ниедна операција годишно на карцином на дојка, или една или ниедна операција на карцином на дебело црево, а сега годишно се прават по 22 операции на карцином на дојка, и 20 операции на карцином на дебело црево. Тоа е за 400% поголем број на пациенти од карциноми.[34]
Интересно е дека иницијативата „Арсена“ повеќе од било која друга граѓанска иницијатива, беше блокирана и игнорирана од локалните, регионалните и државните институции.  ЈЗУ „Институт за Јавно Здравје“, Подрачна единица Гевгелија, доби забрана да соработува со граѓанската иницијатива и да дава податоци, иако законски се обврзани на тоа. Интересен е ставот на Институтот за Јавно Здравје на РМ  во Скопје: „Не нѝ носете повеќе примерок на вода за анализа. Знаеме, водата во Гевгелија е токсична и нема што уште да правиме анализа“.[35]
Иако никогаш не признаа, под притисок на „Арсена“, Општина Гевгелија подготви нов проект за ископ на нови бунари со издашност од 200 литри во секунда и нов цевководен систем до градот од 3.880 метри, објавен е тендер за избор на најповолен изведувач и веќе се на терен екипи за реализација на проектот кој треба да биде готов до ноември 2017 година. Средствата за реализација се обезбедени од Светска Банка и од Програмата за рурален развој на Европската Унија.
На крајот битно е да се напомене дека резултатите на Арсена се отсликуваат и по прашањето за референдумот против отварањето рудници за злато на планината Кожуф, бидејќи кога ова прашање стаса на дневен ред пред Општинскиот Совет и доби едногласна поддршка од сите советници, граѓанскиот одговор беше очекуван, со изјаснување на 92% од граѓаните кои гласаа против отварање на рудници за минерални суровини на планината Кожуф.[36]

Заклучок

Длабинското истражување и оваа анализа само ги потврдуваат првичните сознанија и претпоставки дека најголем број од проблемите кои ги мобилизираа граѓаните воопшто не биле дел од било какви стратегии на државата, локалната власт или институциите. Едноставно, при детално анализирање на состојбите и стратешките документи, повеќе од очигледно е дека прашањата кои ги мобилизираа граѓаните и граѓанското општество всушност претставуваат ад-хок идеи излезени од тесните политички кругови на властите и воопшто не беа базирани  на никакви стратешки документи при нивната изработка и носење. Токму заради тоа, овие идеи никогаш претходно не биле предмет на дебата во јавноста, стручна анализа и осмислен планиран процес.
Во најголем број случаи, иницијативите кои се предмет на оваа анализа, всушност и да сакале, не можеле да се потпрат на никакви стратешки планови или документи кои можеби би овозможиле  поорганизирано водење на институционалните битки, наместо активистичка мобилизација на граѓаните, за да го заштитат својот интерес, бидејќи такви документи воопшто и не постоеле.
Она што е особено важно е дека токму благодарејќи на овие иницијативи денес се сочувани амбиенталните и еколошките вредности на долината на Радика и Националниот парк Маврово, кој не е разорен со градење на брани и големи инфраструктурни зафати во неговото срце, не е изграден парапет околу Охридското езеро, стопирана е изградбата на бетонски плажи, спасено е Студенчишкото блато и намалено е сечењето на трската. Гевгелија е на чекор до здрава вода за пиење, запрено е уништувањето на Кожуф. Скопје и Тетово, како и Министерството за животна средина, иако со мали чекори, сепак преземаат мерки за намалување на аеро загадувањето, а Градскиот трговски центар ја задржа својата автентичност.  Сè на сè, она што во периодот 2010-2016 изгледаше невозможно, денеска е на чекор до целосно остварување благодарение на ангажманот на над 40 граѓански организации, неколку стотици граѓански активисти и поддршката која иницијативите во изминативе години ја добија од над 200.000 граѓани на Република Македонија.

Селектирана Библиографија

  1. Општина Маврово и Ростуше, Стратегија за локален економски развој 2014 ‐ 2018 година

http://www.mavrovoirostuse.gov.mk/wp-content/uploads/2015/10/14.05.15_Strategija-za-LER_Mavrovo-i-Rostuse.pdf
2.   Национална стратегија за одржлив развој во Република Македонија дел I/II (2009 – 2030), Министерство за животна средина и просторно планирање http://www.macefdrr.gov.mk/files/dokumenti/NSSD.pdf
3.   Нацрт стратегија за заштита на природата 2017-2027, Министерство за животна средина и просторно планирање, Скопје 2016  http://www.moepp.gov.mk/wp-content/uploads/2016/09/NACRT_STRATEGIJA_-ZA_ZASTITA_PRIRODA.pdf
4.   Национална стратегија за развој на енергетиката во Република Македонија до 2030 година, Македонска Академија на науките и уметностите, Скопје 2010 http://arhiva.vlada.mk/registar/files/ME_Strategija_za_energetika_2030_22.12.2009.pdf
5.   Национална стратегија за развој на енергетиката во Република Македонија до 2035 година , Македонска Академија на науките и уметностите, Скопје 2010  http://arhiva.vlada.mk/Nacrt_tekst_strategija_854918556%20(2).pdf
6.   Национален план за заштита на амбиентниот воздух во Република Македонија за период од 2013 до 2018 година, Министерство за животна средина и просторно планирање, Скопје 2012  http://www.moepp.gov.mk/wp-content/uploads/2014/12/Nacionalen-plan-za-zastita-na-vozduhot-2013-2018.pdf
7.   Национална Стратегија за одржлив развој во Република Македонија -дел I / II (2009-2030), Министерство за животна средина, Скопје 2010 http://arhiva.vlada.mk/registar/?q=node/378
8.   Национална стратегија за инвестиции во животната средина, Министерство за животна средина, Скопје 2008 http://arhiva.vlada.mk/registar/?q=node/397
9.   Отпорно Скопје, Стратегија за климатски промени на Град Скопје, Град Скопје, Скопје 2017 http://www.skopje.gov.mk/Uploads/Otporno%20Skopje%20Startegija%20mkd.pdf
10.   Програма за развој на Полошки плански регион, 2009-2013, Арбериа, Тетово 2010 http://www.rdcpolog.mk/files/Program%20MK%20ArberiaDesign.pdf
11.   Стратегија за регионален развој на Република Македонија 2009-2019, Собрание на РМ, Скопје 2009  http://arhiva.vlada.mk/registar/files/STRATEGIJA_ZA_REGIONALEN_RAZVOJ_NA_REPUBLIKA_MAKEDONIJA_2009-2019_GODINA.pdf
12.  Закон За Рамномерен Регионален Развој, Сл.Весник на Р.Македонија бр.63 од 22.05.2007 година http://www.pravo.org.mk/documentDetail.php?id=729
13.   Краткорочен акционен план за заштита на амбиентниот воздух во Град Скопје и општините во Град Скопје, јануари 2017, Скопје http://www.skopje.gov.mk/Uploads/%D0%9A%D0%A0%D0%90%D0%A2%D0%9A%D0%9E%D0%A0%D0%9E%D0%A7%D0%95%D0%9D%20%D0%90%D0%9A%D0%A6%D0%98%D0%9E%D0%9D%D0%95%D0%9D%20%D0%9F%D0%9B%D0%90%D0%9D%20%D0%97%D0%90%20%D0%97%D0%90%D0%A8%D0%A2%D0%98%D0%A2%D0%90%20%D0%9D%D0%90%20%D0%90%D0%9C%D0%91%D0%98%D0%95%D0%9D%D0%A2%D0%9D%D0%98%D0%9E%D0%A2%20%D0%92%D0%9E%D0%97%D0%94%D0%A3%D0%A5.pdf
14.   План за подобрување на квалитетот на воздухот во агломерација Скопски регион, Град Скопје, Скопје 2017 http://www.skopje.gov.mk/Uploads/%D0%9F%D0%BB%D0%B0%D0%BD%20%D0%B7%D0%B0%20%D0%BF%D0%BE%D0%B4%D0%BE%D0%B1%D1%80%D1%83%D0%B2%D0%B0%D1%9A%D0%B5%20%D0%BD%D0%B0%20%D0%BA%D0%B2%D0%B0%D0%BB%D0%B8%D1%82%D0%B5%D1%82%D0%BE%D1%82%20%D0%BD%D0%B0%20%D0%B2%D0%BE%D0%B7%D0%B4%D1%83%D1%85%D0%BE%D1%82.pdf

  1. Просторен план на Република Македонија, Агенција за планирање на просторот, Скопје 2004 http://app.gov.mk/?spatialplaning=%D0%BF%D1%80%D0%BE%D1%81%D1%82%D0%BE%D1%80%D0%B5%D0%BD-%D0%BF%D0%BB%D0%B0%D0%BD-%D0%BD%D0%B0-%D1%80%D0%B5%D0%BF%D1%83%D0%B1%D0%BB%D0%B8%D0%BA%D0%B0-%D0%BC%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D0%B8
  2. Програма за развој на Вардарскиот плански регион, Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, Велес 2008 www.vardarregion.gov.mk/nova/index.php?

 

[1] Интервју со Анита Ивковиќ претставник на  Центар за современи Уметности остварено во Скопје на 10-ти јуни 2017

[2] Исто 1

[3] Интервју  со Сања Раѓеновиќ Јовановиќ, инг. Архитект и претседател на Асоцијацијата на Архитекти на Македонија во периодот 2014-2016 остварено во Скопје на 23 Јуни 2017

[4] Интервју со Инг. Архитект и просторен поранешен планер во Град Скопје, Даница Павловска, остварено на 28 Јуни 2017 во Охрид.

[5] Во неколку наврати во 2016 г. од страна на неколку субјекти се упатени барања до Градскиот Завод за заштита, согласно закон за пристап до информации од јавен карактер, за одговор и образложение, но никогаш не е добиено. Последното барање е упатено во на 13 јуни 2017 г. од страна на авторот на анализата, но и на истото не е одговорено.

[6] Интервју со Дарко Атанасовски, советник во Општина Центар од 19 јуни 2017 во Скопје

[7] Државна изборна комисија, http://old.sec.mk/arhiva-rezultati/referendumcentar

[8] Интервју со Ана Малцева, советник, правник и член на тимот кој ја припремаше претставката остварено во Скопје на 07 јули 2017

[9] Просторен план на Република Македонија, стр. 14

[10] http://www.un-documents.net/our-common-future.pdf

[11] Ibid, p. 82

[12] Интервју со Мартин Попов, претставник на иницијативата „Паркобрани“, остварено во Скопје на 4 јули 2017

[13] Интервју со Игор Новески, претставник на „Скопје Смог Аларм“, остварено на 11 јули 2017 г. во Скопје

[14] Интервју со Аријанит Џафери, претставник на „Еко герила Тетово“, од 12 јули 2017

[15] Национален план за заштита на амбиенталниот воздух, стр. 14

[16] Краткорочен акционен план за заштита на амбиентниот воздух во Скопје, стр. 3

[17] Исто, стр. 6

[18] За време на изработката на оваа анализа сите претставници на администрациите на Град Скопје, Општина Тетово, МЖСПП, Национален парк Маврово одбиваа да бидат цитирани со име и презиме, но затоа пак дадоа исклучително корисни податоци за анализата.

[19] Интервју со Игор Новески, претставник на „Скопје Смог Аларм“ остварено на 11 јули 2017 г. во Скопје

[20] Програма за развој на Полошки плански регион, стр. 49

[21] Просторен план на РМ, стр. 6

[22] Стратегија за локален економски развој на Општина Маврово и Ростуше 2014 ‐ 2018 година, Стр. 14

[23] Интервју со Адем Сулејманоски, поранешен советник во Општина Маврово Ростуше и претставник на  „Заедно за Река“, остварено на 07 јули 2017 г. во Ростуше.

[24] Стратегија на МАНУ за енергетски развој на Република Македонија 2010-2035, стр. 116

[25] Стратегија на МАНУ за енергетски развој на Република Македонија 2010-2035, стр. 123

[26] Интервју со инг. Бардил Марку, остварено на 7 јули 2017 во Дебар

[27] Интервју со Александра Бујаровска, еко адвокат и претставник на „Еко свест“, остварено на 10 јули 2017 во Скопје

[28] Интервју со Емина Рустемоска, докторанд на социологија при Универзитет „Свети Кирил и Методиј“, Скопје, остварено на 11 јули 2017 во Охрид

[29] http://whc.unesco.org/en/documents/158740/

[30] Интервју со Александра Бујаровска, еко адвокат и претставник на „Еко свест“ остварено  на 10 јули 2017

[31] Решение на Институт за јавно Здравје добиено при увид во интерната документација на иницијатива Арсена при посета и Интервју остварени на 02 јули 2017 во Гевгелија

[32] Правилник за квалитет на водата за пиење ИЈЗ Скопје

[33] Сите анализи и мерења се направени од ИЈЗ Скопје, по барање на Иницијатива Арсена, мерењата се достапни на www.facebook.com/inicijativaarsena/?fref=ts

[34] Интервју со Др. Ристе Деамов, лекар во пензија, остварено 2 јули 2017 г. во Гевгелија

[35] Интервју со Јованка Дојранлиева, остварено на 2 јули 2017 г. во Гевгелија

[36] Исто