Тоа изгледа вака. Претходниот ден државната агенција МИА ќе најави дека УТРЕ во 12.00, или најдоцна во 13.00 часот “ќе се држи прес лично од страна на Премиерот на Владата!“. (Оваа формулација порано ме нервираше оти секогаш инстинктивно се прашував: А каков тоа Друг Премиер има во земјава освен на Владата? Па како и за многу други работи, отрпнав, како и сите Вие, а и прес-службите, малку од малку, се описменија).

Нејсе, одиме понатаму. Времето за “пресот“ е важно, за да се‘ си биде “на време“. Печатените да ги дополнат резервираните места, а електронските мегафони да ги монтираат и дополнат прилозите и ги емитуваат едно седум-осум пати, а останатиот дел од “ударната екипа за фашизација“ да го среди теренот за бумбари, дебати гарнирани со г(л)асови на народот“, “пити, буреци“, евентуално “недоделкано“ гостување и сл.

Во големата сала на Владата најнапред се редат припадниците на ниските ешалони, па помалку важните министри, за да на крајот во салата влезе Тој, во придружба на свитата во која се некои министри, шефови на кабинети, чиновници и обезбедување.

Сè е под контрола, новинарите распоредени, камерите, магнетофоните вклучени, оние кои ќе прашуваат (ако за тој ден е предвидена таква опција?) веќе биле “на обука“ и по најавата дека ТОЈ ќе се ОБРАТИ следи тирадата:

…та така ние на таа седница решивме да инвестрираме едно три-четири мијарди евра во изградба на најмалку ДВЕ СТОКАТНИЦИ! Македонија тоа го може, а познато е дека комунистите за инает не градеа, а ние пак за инает ќе градиме! Сега засега се решивме за две, иако можеме четири, ако не и повеќе, кули се разбира!

Или: …на таа седница го прифативме планот за инвестирање во наредните четири години во износ од најмалку ОСУМ МИЛИЈАРДИ евра, ако не и повеќе, со што ќе го забрзаме и така брзиот циклус на интензивни и обилни странски инвестиции….

ТОЛКУ ЗА ДЕНЕС од НЕГОВА страна. А потоа следи продолжение, се разбира одкако новинарите и “новинарите“ ќе се совземат.

Топката снег се затркалува. Насловите во весниците се: Ќе зајдеме од инвестиции! Ќе има инвестициски БУМ! Во стокатниците ќе има и деловен простор, па и базени, а кино и театар “обавезно“. И апотека, да не заборавиме. На телевизиите, поранешни миленици на левицата, а денешни десни експерти, веќе елаборираат, а припадници на разно-разни еснафи врз кои криминалците во последниве 7-8 години се “изнаредија“ претворајќи ги во сексуални робови, небаре под тешки дроги, се восхитуваат! Да бидам искрен, зачуден сум што досега не е продуцирано ниту едно литературно сочинение посветено НЕМУ, или веќе има такво нешто, а јас сум испуштил да дознаам.

Сета оваа примитивна папазјанија е гарнирана со понекое опозиционо гласче (“писмено соопштение“ оти тој ден нивните “комуникации“ веројатно биле накурчени, па немало некој на менито кого би го натопориле пред микрофон да ЧИТА небаре папагал, а и не се тие таму за “качување на рејтинзи на ојле-дојле“, туку за соборување, ама ај, тоа е приказна за другпат, па ќе останеме на гласчето по повод милијардите и стотиците катови).

Ако ова било во понеделник, веќе во среда Тој е пак во акција. Сече лента и дава изјава како за општи, така и за посебни теми. Така на пример, еве деновиве, ТОЈ ЗНАЕ дека НИМИЦ доаѓа напразно! Грција НЕЈЌЕ! Што нејќе, како нејќе, не е битно, ама ТОЈ само дванаесет дена пред Нимиц воопшто да се качи на авион, ТОЈ како да му вели: Не доаѓај навака оти грците Те нејќат! Ај што е “Премиер на Владата“, од кога е пак порт-парол на грчката влада, си велам. Се разбира, Тој тоа го изговара со неподнослива леснотија, небаре е пред селска задруга и пие пиво со соселаните и се подготвува да сече лента на Сала за тренинг на Боксери!!

А сега најинтересното а на мене многу смешно. Кога на тикерот на државната агенција МИА ќе прочитате во највите дека УТРЕ Тој и Тој министер во Толку и Толку саатот таму и Таму, ќе отвора, ќе сече, ќе се сретне со некаков НАРОД, бидете си рајат, или како се вели, БИДЕТЕ ТАКА! Тоа значи дека на самиот ден (значи утредента) два-три часа пред најавениот настан, на тикерот на МИА следи една цела реченица и тоа со назнака важно: Ги известуваме корисниците дека во Толку и Толку часот ТОЈ ќе присуствува, ќе отвара, ќе сече, ќе фрла лопата…! Веќе погодувате каде. Тоа е настанот на кој беше најавен Министерот Тој и Тој. И тука, на лицето на местото освен што “чедно и смерно“ го ислушува Високодостојникот на најсоодветната конфесија, фрла машки неколку лопати и СЕ ОБРАЌА на присутните “преставници на медиумите“: Тој всушност ДОПОЛНУВА со толкувања за она што од средата до саботата се случило во земјата и пошироко. Објаснува дека опозицијата се гадови кои освен што се предавници и работаат против интересите на народот, на државата, тој ист народ го оставиле без тениски терени, да речеме! А Тој лично се заложил, не само за тениски терени, фудбалски игралишта и општо речено за благосостојба на народот, еве дошол да им направи чест и лично да им соопшти дека медот и млекото се појдени накај нив и кај да е ќе пристигнат, а дека парите од тутунот, сусамотот, млекото веќе се обезбедени и во моментов се бројат. А бидејќи ги има многу, не можат да се добројат! Целиот овој квази-фолклор под работен наслов: “Тој меѓу народот“, се одвива во друштво на едни чудни луѓе за кои, не сте сигурни дали фаците им се затупени од раѓање, или пак таа поза е резултат на фашистичките тренинзи од страна на југенд-комуникациите и нивните инструктори.

И така од недела, до недела, ред лаги, ред ленти, ред лопати!

Порталов за кого ова го пишувам се беше намерачил да направи евиденција на лентите, лопатите, лагите. Да ги преброи сите пари кои требаше да бидат инвестирани. Не се стасува, јасно ми е. Ресурсите се толкави, а настаните “газат“, животот се одвива со многу побрза динамика.

А прашувам: Во земјава на Порталов ли се сведе една задача која како секојдневна обврска треба(ше) да ја имаат Тие Што Утре сакаат да бидат власт? Белки за силните стокатници, десетиците милијарди и секодневните лаги, народот НЕКОЈ треба да го потсетува. Освен нели ако не е проблем толку многу лаги да се сместат во “писмени соопштенија“, или пак да им се “протне“ некој “неподобен“ и да чита за лагите на душманската власт.

И сега, драги пријатели, се прашувам: Ќе останеме ли на ова? Одвреме-навреме, преку полу-козерија, полу-сатира ќе евидентираме дека всушност Тој не направил СИТЕ, ама сите до еден, мајмуни и прашање на саати е кога во некој понеделни, без најава, ќе излезе и ќе објави дека во петок, а можеби сабота, ЌЕ СЕ КРУНИСА ВО ЦАР! Бидејќи десетиците милијарди “дојдоа и се инвестираа“, станавме тениска велесила, а по потрошувачката за ленти, половина кинеска индустрија за свила не може да не превтаса. Фудбалски терени и спортски сали бојадисани со идиотски бои се изнаг(к)радија, а по улици од мед и млеко, веќе не се поминува! А сето тоа го гледаме од терасите на стокатниците. Веќе вселени.

И сето ова, сфаќате нели, НИЕ МУ ГО ОВОЗМОЖИВМЕ И ДОЗВОЛИВМЕ. Свесен сум дека “она гласче“ можеби ќе мрмори нешто во смисла на тоа дека “народот е многу паметен и покрај се и…глуп!“ и дека ТОЛКУ СЕ МОЖЕ(ло), ама ќе имаме ли време да се присобериме и барем да го спречиме КРУНИСУВАЊЕТО!

Па човеков заради тоа што сме НИЕ ТАКВИ, тотално несоодветни како алтернатива, та дури и во очите на оние кои, можеби и се на некој начин заинтересирани за нас (“меѓународната““), на сите, а и ним, им се смее в‘лице. Им вели: Што БАРАШ БРЕ ТИ ТУКА? Тоа е тоа што Тој му го порачува на Нимиц, кога “му раскажува“ за тоа дека Грците го нејќат.

Колумна на Ѓунер Исмаил