Барање на Платформата на граѓански организации за борба против корупција
До: Членови на Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците Собрание на Република Македонија
Предмет: Барање да не се усвои и да се врати на дополнување Годишниот извештај за работа на Државната комисија за спречување на корупцијата во 2016 г.
Почитувани,
Платформата на граѓански организации за борба против корупција ја повикува Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците да донесе Заклучок со кој на Собранието ќе му предложи да не го усвои Годишниот извештај за работа на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) во 2016 г., а Собранието Заклучокот и да го донесе. Истовремено бараме Годишниот извештај за работа на ДКСК во 2016 г. да се врати на дополнување. Притоа, ја повикуваме Комисијата да покани претставници на граѓанските организации од Платформата, како и надворешни експерти за дискусијата околу Извештајот и во рамки на работните тела и на пленарното разгледување.
Платформата на граѓански организации за борба против корупција смета дека иако со својата структура Годишниот извештај дава одговор на спроведувањето на надлежностите на ДКСК тој не дава сеопфатна слика за активностите кои биле или не биле преземени во 2016 г., а во согласност со надлежностите дадени во Законот за спречување на корупцијата, Законот за спречување судир на интереси, Законот за заштита на укажувачите и Изборниот законик. Затоа сметаме дека е потребно Извештајот да не се усвои и да се врати на дополнување од страна на ДКСК. Овој заклучок се темели на податоците објавени во Кварталниот извештај бр. 1 од следењето на работата на ДКСК во периодот од октомври до декември 2016 г., којшто го подготви Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС) и податоците што редовно ги собира Транспаренси Интернешнл – Македонија.
Една од клучните забелешки која директно го засега граѓанскиот сектор е дека во Годишниот извештај не е презентиран предметот каде ДКСК побара надлежно постапување од Јавното обвинителство на Република Македонија, Управата за јавни приходи (УЈП) и Управата за финансиско разузнавање против 21 здружение и фондација и една политичка партија. Имено, постапувајќи по примена пријава од учесник во изборниот процес за сомневање за користење противправни и анонимни извори на финансирање од страна на една политичка партија и поткупување на избирачите, а во врска со член 13 став 3, член 14 став 1 и член 49 став 1 алинеа 4 од Законот за спречување на корупцијата, ДКСК побара надлежно постапување од Јавното обвинителство на Република Македонија, детални контроли на финансиското – материјално работење од УЈП и финансиска контрола /анализа од Управата за финансиско разузнавање на 21 здружение и фондација и една политичка партија.
Треба да се напомне дека ДКСК за овој предмет не ја известила јавноста иако согласно Законот за спречување на корупцијата член 49 став 2 ДКСК има обврска да ја известува јавноста за преземените мерки и активности и за нивните резултати. Сметаме дека јавноста како најзасегната страна од работењето на ДКСК и Собранието на Република Македонија, како институција пред која одговара ДКСК, не добиле сеопфатни информации за да може да се оценат ефикасноста и ефективноста на работата на ДКСК во 2016 г.
Во Годишниот извештај се забележува и различен пристап во презентирањето и деталноста на податоците во врска со отворените предмети. Еден ваков пример се однесува на информациите објавени за два случаи за поведени постапки за одговорни лица во институциите. Во описот на еден од предметите, а во врска со користење на државните
средства за партиски цели, не е наведен називот на јавното претпријатие, политичката партија и името на општината за коишто ДКСК утврдила дека го прекршиле Изборниот законик. Додека при описот во друг предмет, поврзан со сомнежи за вршење влијание врз вработените во Центрите за социјална работа и граѓаните да гласаат за одредена политичка партија, како лице кое што ја злоупотребило службената положба е наведен „техничкиот министер на Министерство за труд и социјална политика”.
ДКСК во 2016 г. има потфрлено во спроведување на надлежностите поврзани со спроведувањето на Законот за заштита на укажувачите. Имено, овластените, односно раководните лица на институциите до кои се врши заштитено внатрешно и надворешно пријавување се должни до ДКСК да доставуваат полугодишни извештаи за примените пријави од укажувачите. Доколку не постапат по ова, може да ѝ се изрече казна во износ од 4.000 евра на институцијата. Казна во износ од 30% од казната изречена за институцијата ќе му се изрече и на одговорното лице во институцијата. До ДКСК, полугодишни извештаи за примени пријави од укажувачи за периодот од март до јуни 2016 г. доставиле само 42 (или 3,2%) институции од вкупно 1.291 институции активни во јавниот сектор на Република Македонија.1 Јавните институции имаат и обврска да достават до ДКСК информација со име и презиме на овластеното лице за прием на пријави од укажувачи, неговото работно место; телефонскиот број за контакт и поштенската и електронската адреса2. Во 2016 г. вкупно 29 институции од јавниот сектор (или само 2,2%) ја доставиле оваа информација. Во самиот Извештај не е наведено дали и какви активности ДКСК презела за да се зголеми бројот на институциите кои ги доставуваат полугодишните извештаи и податоци за овластеното лице за прием на пријави од укажувачи, ниту дали покренала постапки пред надлежните судови за да се изречат предвидените глоби.
Во базата на податоци со анкетни листови достапна на веб страната на ДКСК се забележува дека недостасуваат анкетните листови на одредени избрани и именувани лица, а кај некои има очигледни недоследности. Транспаренси Интернешнл – Македонија идентификува 30 лица кои се на функција повеќе години, а за кои не се објавени податоци од анкетните листови и побара од ДКСК да постапат согласно своите надлежности. Според добиениот одговор, ДКСК воопшто не располагала со анкетни листови на 26 лица.
Според погоре изнесените информации, сметаме дека Годишниот извештај за работата на ДКСК во 2016 г. не треба да биде усвоен од страна на Собранието на Република Македонија, и треба да се организира поширока дискусија за ефикасноста, ефективноста и неселективност на остварувањата на законските надлежностите на ДКСК, со присуство на експертска јавност и граѓанскиот сектор. Дополнително е потребно да се формира и работно тело со претставниците од граѓански сектор, академската заедница и експертите кои би го анализирале мандатот и поставеноста на ДКСК, и би ги идентификувале потребите од измени на законската рамка.
За сите дополнителни информации Ви стоиме на располагање, и можете да ја контактирате Влора Речица, од Секретаријатот на Платформата на телефон ХХХХХХ, или електронска пошта ХХХХХХ.
Платформата на граѓански организации за борба против корупција е основана на 9 декември 2014 год. од страна на 15 граѓански организации: Асоцијацијата за демократски иницијативи, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје, Истражувачкиот центар за граѓанско општество, Коалицијата „Сите за правично судење“, КОНЕКТ, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Метаморфозис, МОСТ, Охрид Институт, Транспаренси Интернешнл Македонија, Транспарентност Македонија, Фондацијата Отворено општество – Македонија, Форум ЦСИД, Центарот за граѓански комуникации и Центарот за истражување и креирање политики. Платформата цели кон проактивно, динамично и оспособено граѓанско општество кое ќе игра значајна улога во борбата против корупцијата. Платформата тежнее да биде коректив на состојбите, а ќе соработува и комуницира со сите засегнати страни вклучувајќи ги државните институции, политичките партии, бизнис заедницата и меѓународната заедница. Исто така, ќе ги следи и анализира правната рамка и актуелните јавни политики и активности за сузбивање на корупцијата, ќе иницира јавна дебата за квалитетот на законите и ќе иницира законски измени каде што е потребно и ќе работи и на зголемување на свеста на граѓаните за борба против корупцијата.
Членки на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата:


