РЕЗИМЕ

Политичките партии во Македонија и моралните вредности што тие ги практикуваат и пропагираат се еден од клучните фактори што влијаат врз политичката култура во земјата. Оставени на маргините на демократските реформски зафати во последните две децении, партиите се претворија во моќни центри на политички клиентелизам, корупција и нетранспарентност. Партиите во Македонија отсекогаш настојувале да го “окупираат” демократскиот живот во општеството и да ја наметнат својата кадровска и вредносна логика во државната администрација. Но, со амбициозната агенда, без преседан, на сегашната власт во Македонија да ја наметне сопствената партиска логика во секоја пора на македонското општество и држава, политичката култура и политичкиот дијалог во земјата доживуваат рекордни падови во домените на толеранцијата, компромисот и инклузивноста, како три носечки вредносни столбови на македонскиот демократски модел.

ВАЖНО ИЗВЕСТУВАЊЕ: ПОЛИТИЧКАТА КУЛТУРА ВО МАКЕДОНИЈА СЕ ОДЛАГА НА НЕОДРЕДЕНО ВРЕМЕ

М-р Сашо Орданоски

Во театрологијата е одамна познато дека централното прашање во повеќето трагедии на Шекспир (Магбет, Хамлет, Кралот Лир, Ричард Трети, Отело…) се сведува на два проблеми: желбата за апсолутна власт и прашањето на лојалноста. Испреплетеноста на предавствата и недовербата, бројните братоубиства и таткоубиства, дворските заговори помешани со амбицијата за потполна власт, се моќните драмски агенси што ги движи трагичните ликови во светот на Шекспир. Вината и казната во тој свет на бескрајни подметнувања и измами како меѓусебно да не се во никаква релација, бидејќи ниту една победа на правдата не е загарантирана и е предмет на ново предавство веќе во следниот чин.

Ваквиот претенциозен вовед може да наведе на погрешни очекувања за развојот на тезите во овој текст – дека, имено, и македонската политика наликува на Шекспировите трагедии. Додуша, дваесетте години македонска транзициска демократија изобилуваат со политички предавства и внатрепартиски “братоубиства”, со морал кој лази по земја и со ликови кои како да избегале од проба на некоја аматерска продукција на Ричард Трети. Сепак, македонското демократско сценарио ги нема шекспиријанските димензии, не затоа што и овде заплетите не се кројат околу амбицијата за тотална власт и за доминација врз политичките противници, туку затоа што нашите ликови попрво наликуваат на протагонистите од Нушиќевото Сомнително лице: затворени во својот паланечки менталитет, менажеријата на Нушиќевите ликови патат од разни облици на грандомании, паранои, болни амбиции, алчност, полуобразованост, корупција и широк дијапазон на политички и социјални илузии. Во првата деценија од вториот милениум македонската политичка класа сé уште покажува тврдоглава упорност да се подложи на рационална политичка анализа. За да се разберат “подводните струи” што ги креираат јавните политики, партиските ставови и кадровските структури во македонското политичко секојдневие, овде мора да се примени мултидисциплинарниот приод на општествено-политичка анализа во кој политиката е испреплетена со семејните, криминалните, деловните и психолошките склоности на главните актери.

Овој амбиент силно се рефлектира врз квалитетот и нивото на политичката култура и политичкиот дијалог во земјата. Политичката култура е “супстанцата” што ја исполнува јавната сфера во просторот помеѓу државата и граѓанското општество, оној простор што не припаѓа на приватноста на граѓаните. Јазикот на таа култура го одразува односот на граѓаните кон демократијата во општеството и говори за почитувањето на институциите на таквата демократија, што, во крајна линија, е показател за легитимитетот со кој власта го практикува своето владеење.

Карактеристиките и елементите на политичката култура се опширно истражувани во политиколошките теории и во политичката филозофија, особено во втората половина од минатито век. Истражувањата за формирањето и влијанието на политичките ставови во демократијата (Г. Алмонд, С. Верба), или за политичката култура кај масите и кај елитите (А. Липхарт), како и политичките и социјалните механизми кои придонесуваат за поголема или помала кохезивна моќ во општествата со различна политичка култура, се добар патоказ за толкување и разбирање на домашните собитија.

Секое општество на свој специфичен начин ги одредува главните столбови на политичката култура во земјата. Во македонскиот мултиетнички, мултикултурен и мултиконфесионален демократски модел, главните карактеристики на политичката култура ги опфаќаат принципите на толеранцијата, компромисот и инклузивноста како главни дискурси во јавната политичка дебата и во делувањето на политичките партии и непартиските структури во демократскиот систем. Квалитетот на политичката култура ја определуваат тенденциите на пораст или на намалување на застапеноста на овие принципи во општествениот живот и во спроведувањето на јавните политики на власта. Би можело да се тврди дека доколку се воспостави редовен систем на мерење на тенденциите кај овие вредносни општествено-политички агрегати, може да се добие релативно прецизна слика за степенот на конфликтноста во општеството, односно за квалитетот на политичката култура во Македонија. Тоа, од своја страна, суштински влијае врз градењето на моралните вредности во општеството, како белег на времето во кое живееме.

Во услови на недоизградени институции, чиј интегритет е под силен притисок на дневнополитичките интереси, системот не е во состојба “да го врати ударот” и да ја сочува својата независност и професионалност. Заради партиско-политичката инструментализација, државните институции, кои би требало да се грижат за заштита на јавните интереси и, особено, за правилно трошење на јавните пари, не функционираат со својот потребен капацитет. Тие не се во состојба да обезбедат политичка неутралност во јавната сфера и да изградат објективни вредносни стандарди околу “рингот” во кој, потоа, може да се води и жестока политичка дебата која нема да ја наруши стабилноста на системот. Државната и општествената сфера се максимално партизирани, ширејќи ги логиката и интересите на партиите на власт.

А какви морални и политички вредности промовираат македонските политички партии, како маркантни чинители на политичката култура во земјата?

“СВЕТИТЕ КРАВИ” НА МАКЕДОНСКАТА ПОЛИТИКА

После две децении македонска демократија и после бројните напори за реформирање на македонското општество во сите негови политички и економски димензии, зачудува како една област, суштествена по своето значење за функционирањето на демократијата, остана речиси нечепната од бранот промени што, на еден или на друг начин, го зафатија општеството. Таа област е “забранетата зона” за реформи, нашата демократска terra incognita – функционирањето на политичките партии во Македонија. Партиите, овие “Свети Крави” на македонскиот политички систем, и понатаму остануваат бастиони на недемократските односи кои царуваа во комунизмот. Во нив е продолжена традицијата на партискиот “демократски централизам” во кој, преку пирамидалната структура на моќта и власта, улогата на партиската врхушка е семоќна и неприкосновена. Партиското фракционерство и издвоеното мислење за специфични прашања, дури и таму каде што тоа не е јасно статутарно забрането, во стварноста речиси е незамисливо. Да се има поинакво мислење од лидерот е мошне непрепорачливо, а често е рамно на предавство. Дури и кога ќе се јават поединци кои инсистираат на својата интелектуална автономија, тоа не стигнува подалеку од новинските колумни, без суштинска рефлексија во позициите и функционирањето на партиите.

Внатрепартиските процеси за донесување одлуки и формирање политики се суштински нетранспарентни. Иако сите партии го имаат и формално прокламирано принципот на важноста на ставовите на базата и од-долу-нагоре (bottom-up) методот на градење на ставовите, во практиката процесите најчесто се одвиваат обратно, според принципот од-горе-надолу (top-down). Примената на ваквиот принцип на градење на интерните ставови остава важни последици во функционирањето на партиите. Кога најголемиот дел од комуникацијата доаѓа од врвот, тогаш примарна е функцијата на дистрибуција на ставовите кон членството, а не собирањето на знаењата и искуствата со кои располага партиската база. Системски, тоа значи дека партиското раководство е секогаш поважно од базата, па на тој начин се процесуираат и интересите и придобивките од занимавањето со политика. Таквите “командни” системи се полесни за манипулација, поподложни се на корупција од секаков вид (материјална, кариерна, морална), но и многу повеќе зависат од харизматичните лидери и внатрепартиските “митологии” што се плетат околу лидерот и неговото опкружување.

Како последица на ова, клучниот фактор во кадровската политика што се води во партиите се сведува на прашањето на близината и лојалноста кон лидерот, толкувана од него самиот и од тесниот круг негови најблиски соработници и протежеа. Таквиот систем, со тек на време, станува сé повеќе идејно нефлексибилен (ставовите во базата се прилагодуваат кон директивите на раководството) и кадровски ексклузивен (а не инклузивен). Бидејќи е еднонасочно проточен, во него царува негативната кадровска селекција според криетриумот на прилагодливост кон инструкциите добиени од раководството. Кадровскиот “канцер” незапирливо се шири низ ткивото на партијата создавајќи бирократски структури според правилото дека првокласните партиски “менаџери” се опкружуваат со првокласни соработници; второкласните партиски функционери носат третокласни соработници. Досегашното македонско партиско искуство покажува дека количеството на првокласен човечки и професионален кадар низ партиите е со тенденција на намалување.

Во СДСМ, како официјален наследник на Сојузот на комунистите на Македонија, инерцијата на демократскиот централизам и “комитетскиот” резон на владеење, со циклична и предвидлива редовност во изминатите две децении, придонесоа многу креативни и капацитетни кадри да си заминат, а често и брутално да бидат исфрлени од партијата. Кадровската политика е во функција на одржувањето на јасната партиска вертикала на чиј врв неприкосновено владее лидерот. Статутарно не е предвидено во партијата да може да се формира фракција по определено прашање или според областа на интерес, иако партијата предвидела дека секој член може да има издвоено или спротивставено мислење по одредени прашања, за што не треба да сноси последици. Сепак, дури и кога во дведецениската историја на СДСМ се појавувале партиски “неистомисленици”, тие ефикасно биле изолирани на маргините на партиското влијание и стигматизирани како непожелни бунџии или “салонски интелектуалци”, во крајна линија, како некакво “нужно зло” во градењето на партискиот “демократски централизам”.

Нагласениот крипто-комунизам во кадровската политика на ВМРО-ДПМНЕ е цинично замаскиран, меѓу другото, и со објавување “јавни конкурси” за кандидирање на членови од пониските, до највисоките партиските раководства. Оваа пародија на демократските принципи не помага да се измени функционирањето на партијата според моделот на строга субординација, како да се работи за војска, во која лидерот е нејзиниот фелд-маршал со неограничена моќ за раководење и со најситните пори на “армискиот” живот. Дури, за да нема нејаснотии, во важечкиот Статут на оваа партија во чл. 22 стои пропишано “демократското” право на нејзиниот претседател дека “може да запре извршување на одлуки и други акти на Извршниот комитет и на другите органи и тела на партијата”, за што само има обврска да го извести партискиот Централен комитет. Во ДПМНЕ неистомислениците со врхушката не се третираат дури ни како “нужно зло”, туку традиционално се прогласуваат за предавници на патриотската и на националната кауза, што резултира со потполна екскомуникација на различно-мислечките и нивно внатрепартиско и јавно изложување на “столбот на срамот”.

Кај албанскиот политички фактор во Македонија внатре-партиските демократски стандарди се на уште порудиментарно ниво, со чести изблици на пред-политички фази во партиските делувања. Во ДУИ превладуваат “дворските игри” меѓу командантните структури од некогашното герилско движење и новото “интелектуално крило” во партијата, засенети со митологијата на статусот на “иконата” на “борбата за слобода на Албанците”, олицетворени во нивниот лидер. Во ДПА, пак, ситуацијата е болно едноставна: постои лидерот и неговиот портпарол – сите други се неважни и заменливи штрафчиња во внатре-партискиот механизам за обезбедување и канализирање на ресурсите кои се ставаат на беспоговорно располагање на лидерот.

Другите, помали партии на сцената, главно функционираат како осамени врхушки чија единствена задача е на некои наредни избори, преку коалиција со главниот победник на изборите, да обезбедат некакво ухлебие на четири-петмина главни партиски функционери (по некое пратеничко или директорско место во државните институции и претпријатија) и нешто пониски функции во “морето без обали” на сто-и-кусур илјадната државна администрација.

ИДЕОЛОШКИ “ЛИМОНАДИ”

Ваквата дестимулирачка состојба со внатре-партиската демократија и со негативната кадровска селекција во Македонија се должи на неколку клучни фактори. На почетокот, се разбира, е историјатот на настанувањето и развојот на самите партии. Најголем дел од нив – можеби единствено со исклучок на ДУИ во првите години од основањето – својата развојна партиска логика не ја црпат во социјалната или идеолошката (со исклучок на етничката) стратификација на политичкото тело во Македонија, па да претставуваат израз на реалната потреба во општеството за артикулирање на специфичните барања на своите гласачи. Наместо тоа, тие денеска претставуваат низ од неуспешни внатрепартиски фракционерски движења и борби за превласт во неколкуте главни политички формации основани на почетокот од деведесеттите години од минатито век. Ваквиот историјат, покрај тоа што е зачинет со суетите и инаетот на различните лидери и квази-лидери во партиите, во значајна мера е насочуван и од делувањето на други општествени структури на моќ: разместеноста на определени бизнис-структури и остварувањето на нивните краткорочни и долгорочни профитни интереси; или интригите и операциите на разни нивоа и рестлови од македонските (но и други) тајни полициски служби, кои сé уште успеваат во важна мера одвивањето на општествените процеси во Македонија да го контролираат преку контрола на поединци во политичкиот живот на државата.

Следниот фактор на влијание не е специфичен само за Македонија, бидејќи е глобален демократски феномен: живееме во “пост-идеолошко” време (“крајот на историјата”) во кое партиите, сите здушно определени за пазарните капиталистички односи, тешко се разликуваат по своите “леви” или “десни” идеолошки одредници, бидејќи своите вредносни системи ги конструираат како калеидоскопски слики условени од дневната политика на превладувачките моментни интереси. Во последните десетина години, бранот политички популизам и во Македонија ги “испегла” идеолошките разлики меѓу главните политички конкуренти, правејќи ги нивните идеолошки платформи воопштени и непрепознатливи. На пример, народњачко-десничарското владеење на ВМРО-ДПМНЕ е одбележано со некои суштински карактеристики на традиционалните левичарски идеологии, во комбинација со желбата за воведување “цврста рака” во општеството: обемни програми за субвенции, огромен (и растечки!) неефикасен државен апарат, јасна борба против крупниот капитал, желба за контрола врз што поголем дел од реалниот економски сектор, ограничување на слободите во сите домени на граѓанскиот живот, зголемување на даноците под маската за нивно намалување, отворени анти-западни и анти-демократски тенденции, инструментализација на медиумите…

Некогаш суштинските идеолошки и програмски определби кои ја претставуваа “светата вода” со која се поеше партиското членство и се енергизираа партиските маси, денеска се разблажени до ниво на диетални идеолошки “лимонади”.

Ваквата општа “дезидеологизираност” придонесува политичката борба да се одвива во “театарот” на дејноста која добива примарно политичко значење – односите со јавноста. Перманентната мобилизација на членството и монополизацијата на непартиската јавност, лишени и од релевантна идеолошка содржина, е главната задача на партиските активисти и гласноговорници. Експертите за односи со јавноста се поважни од партиските идеолози, а кампањите се сé почесто негативни и агресивно непријателски, претворени во натпревар за тоа колкава е “должината на носот” на противникот, наместо во дебата за партиските вредности и предложените планови за управување со државата. Политичката култура натежнува од некултура, а во јавната пресметка не се бираат средства.

ЗЛОСТОРНИЧКИ ЗДРУЖЕНИЈА

Сето ова е испреплетено со устоличувањето на уште еден битен фактор во функционирањето на партискиот живот, односно демократијата во општеството. Имено, политичкиот процес стана толку скап (во смисла на пари!), што партиите се принудени да функционираат како некакви корпоративни здруженија кои ќе бидат способни да собираат доволно пари за да ги финансираат своите скапи операции за останување или освојување на власта. Ниту за лепење партиски постери и за растурање летоци нема волонтери – се наплаќа секој ангажман, на еден или на друг начин. Мал е бројот на оние кои без никаков личен интерес се вклучуваат да помогнат во партиските активности.

Но, бидејќи постоечките закони (уредно препишани од легислативите во развиениот демократски свет) пропишуваат ригорозни мерки за количествата и начините за легално финансирање на партиите – суми коишто не одговараат ни приближно на востановените партиски потреби – на дело се две тенденции кои сите партии здружно ги спроведуваат: прво, законите за финансиско работење на партиите масовно се игнорираат, со премолчена согласност на сите гарнитури на власт и на надлежните државни служби под нивна контрола, кои би требало да ги санкционираат таквите противзаконски делувања; и, второ, заради големите финансиски потреби, партиите од квази-корпорации се претвораат во масивни криминални здруженија, кои своите каси ги полнат со примена на разни техники за стекнување “црни” партиски пари: рекетирање на бизнис-секторот, распишување “партиски даноци” за вработените партиски кадри на државно и локално ниво, перење пари од најразличен вид, “окупирање” на тендерските постапки во државата, но и други, често пати потешки криминални облици.

Оваа дијагноза илустративно ја потврдува еден неодамнешен пример од соседството: “Употреби ги овие пари за финансирање на изборната кампања, оти изборите се финансираат од две третини нелегални и една третина легални пари” – наводно ја советувал уапсениот бивш хрватски премиер и претседател на ХДЗ Иво Санадер својата наследничка Јадранка Косор, оставајќи повеќе од два милиони евра нелегални пари во партиската каса во моментот на примопредавањето на партиската челна функција. Впрочем, исказите и на уапсениот сопственик на А1 ТВ, Велија Рамковски, за нелегалните начини со кои сегашната македонска владејачка партија од државниот буџет ги финансирала партиските кампањи, се силно сведоштво за степенот на бескрупулозната криминализација на македонскиот демократски простор.

Се разбира, нема потреба од дополнителни објаснувања и аргументирања за разорното влијание на ваквите партиски делувања врз функционирањето на целата држава. Практично, државата е заложник на партиската структура на власт, која прераснала во злосторничко здружување со право да владее врз (а не со) државата.

ВОЈНА ДО ИСТРЕБУВАЊЕ

Сите овие фактори придонесуваат за извитоперување на нормалните демократски процеси, а политичкиот натпревар го претвораат во “војна до истребување”, во која победникот зема сé, а губитникот губи сé. Ваквиот модел на “сé или ништо” во политиката се нарекува и модел на “zero sum game” – победникот добива онолку колку што губи страната што загубила и за да расте добивката на едната страна, мора со иста пропорција да расте загубата на другата. Целта на партиите е, преку “демократски” избори – зборот демократски е под наводници, бидејќи со оглед на финансирањето на процесот, злоупотребата на медиумите, заканите по слободниот избор на граѓаните, игрите со избирачките списоци итн., изборите во Македонија заслужуваат демократски наводници – да се стекнат со “сопственост” врз државата и нејзините ресурси, а политичките противници сосема да ги истиснат на маргините на општеството и да ги исклучат од нормалните облици на политичко опстојување. Логиката на “јадење живи луѓе”, изречена или неизречена, е мерката и стимулот за општата политичка борба “до истребување”. Кога еднаш ќе ја освојат власта, набилдани со стероидите на неограниченото располагање со државните ресурси по сопствено наоѓање и приватен ќеф, партиските олигархии се подготвени да ги употребат сите дозволени и помалку дозволени средства за да останат на власт.

Ваквата бескомпромисна стратегија демократијата ја претвора во средство, а власта во цел. Во овој свет на Макијавели, сите средства се дозволени за остварување на целта. Доколку за доаѓање/останување на власт пречка е демократијата – дотолку полошо по неа!

Во партиска смисла, ова извртување на смислата на демократскиот натпревар во општеството произведува еден критериум во однесувањето што се издига како примарен над сите други – лојалноста кон партијата, односно кон нејзиниот лидер. Можете да сте паметен или глупав, образован или без образование, чесен или корумпиран, но не смеете да сте нелојален. Лојалноста, за секој случај, се зацврстува со потпишани изјави за оставка од државната функција добиена од партијата, за да биде употребена ако тоа на лидерот му се види за потребно. Оваа своевидна партиско-политичка омерта во последно време добива и нови димензии на лојалноста, со тоа што крвното сродство се промовира како дополнителна гаранција за лојалноста стекната со членство во партијата. Ако врската не може да се воспостави со директно крвно сродство, тогаш се склучуваат бракови и кумства, кои треба да ја гарантираат меѓусебната поврзаност и молкот за сите употреби и злоупотреби сторени за целите на партијата, утврдени, толкувани и прогласени од партискиот врв, односно од лидерот.

Вака воспоставената лојалност навистина потсетува на атмосферата од трагедиите на Шекспир: дејствието е полно со драма, со крв и со солзи, но и со параноја од предавства и постојани дворски заговори. Тоа е “средновековна” лојалност кон личниот/групниот интерес, не кон модерните стандарди на демократските вредности или кон државните интереси. Во овој модел на владеење, принципите и процедурите на демократијата и државните интереси се добри само доколку одговараат на интересите на партијата на власт. Таквата лојалност се наградува со напредување во службата и со зголемување на приходите, со обезбедување на родот и породот. Тоа лојалноста ја чини како “двонасочна улица”, бидејќи се исплатува за двете страни. Станува збор за многу повеќе патологија, отколку политикологија.

ДИЈАЛОГ ПОД ШАТОР

Во ваквиот ултимативен политички контекст – Или ние или они! – политичките агенди се максималистички, а партиската команда е да не се остави ни еден жив “заробеник”. Јавниот политички дијалог меѓу политичките противници повеќе заличува на воени преговори под некој шатор, на маргините на боеното поле, или во некој вагон паркиран на слеп колосек. Меѓународниот фактор, кој со години и во бројни прилики предупредува за недостаток на конструктивен политички дијалог во земјата и за тоа дека таквите тенденции се заоструваат, наместо да се релаксираат, веројатно наскоро ќе мора да донесе експерти за преговори во заложнички кризи (Пердју, Солана, покојниот Холбрук?), бидејќи македонската демократија навистина сé повеќе наликува на заложник грабнат од некоја банда криминалци кои на власт доаѓаат со избори.

Со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт во 2006 година, политичкиот дијалог во земјава, кој претходно, колку-толку, се одвиваше во некакви достоинствени рамки и со барем минимална динамика, доживеа комплетна блокада, во услови на тотална конфронтација меѓу “завојуваните” страни. Логиката на изборниот победник во последните парламентарни, локални и претседателски избори е дека за дијалог речиси и нема потреба, со оглед на стекнатиот легитимитет на изборите. Се промовираше и политиката според која секоја јавна артикулација на поинаков став од власта се прогласува за поддршка на опозицијата. “Или сте со нас, или сте против нас!”, нема “ничија земја”, нема неопределеност, нема независност. Неистомислениците доживуваат јавен прогон и стигматизација чиишто димензии имаат карактеристики на автократските режими од најлошите периоди на минатиот век. Заканите се во дијапазон од социјални притисоци, преку ограничувања на цела низа политички права, до даночни и кривични прогони со кафкијански димензии. Силата се демонстрира пред камери, а правдата завршува и пред да се помине прагот на Скопска Единица, во придружба на грдите полициски “робокапи”.

Стравот е важен елемент во ваквиот начин на владеење. Тој ја парализира јавноста, ја тера да се дистанцира од поинакумислечките. Власта и не крие дека има намера да завладее со секоја пора на општеството: судството, медиумите, бизнисот, академската заедница, невладината сфера, професионалните и струковите здруженија, државната администрација итн. На дело е процес на сеопфатна партиска окупација на општеството, во име и за сметка на една владејачка гарнитура. Овој опасен партиски експеримент има силни знаци на насилен социјален инженеринг и во материјалните и во нематеријалните сфери на општественото живеење.

Проектот на власта не се спроведува само на теренот на традиционалното разбирање на економско-политичките сфери во општеството и партиското завладување со институциите на државата. Напротив, напорот е многу посеопфатен и во своите амбиции вбројува темелно редефинирање (“total design”)на историските постулати за настаните и вредностите на македонската држава и општество, за архитектонскиот изглед на градовите, за улогата на религијата во животот на граѓаните, за прашањата на односот кон различните видови на малцинства во општеството, за редефинирање на семејните вредности итн.

Во својата основа, би можело да се каже дека проектот на ВМРО-ДПМНЕ има за цел да го помести либералниот вредносен систем, кој (со многу мака) превладуваше во македонското општество во последните две децении, кон многу поконзервативни идеи за конституирање нов вредносен систем, поблизок кон сфаќањата на власта. Агресивноста во наметнувањето на “новите погледи” врз стварноста и итноста на која се инсистира во торпедирањето на голем број востановени вредности во општеството, понекогаш засенува и некои добри намери и иницијативи од овој мегаломански, социо-инженерски политички потфат. Брзањето и идеолошката недообмисленост на целиот проект, кој би требало да потсетува на македонско фаќање приклучок кон “модерниот конзервативизам” во светот, произведува низа контрадикции во стварноста: пазарното општество и слободната економија подразбираат лимитирана улога на државата и непартиска шанса за слободна иницијатива на секого, а не обратно; индивидуалните слободи подразбираат немешање на власта во нивното практикување, а не обратно; владеењето на цврст “ред и поредок” подразбираат силни антикоруптивни практики кај власта и принцип на неселективно владеење на правото, а не обратно; зајакнување на улогата на семејните вредности бара високи морални стандарди кај власта, а не обратно; намерата да се регулира социјалното однесување на луѓето (од пушачките навики, до бројот на новородени деца во семејствата) бара владеење со сопствен пример, а не обратно; итн.

Контрадикциите во ваквата “натежната”, нервозна и недемократска атмосфера има силен одраз врз квалитетот и начинот на јавната политичка и неполитичка комуникација во земјата. Во официјалната партиска комуникација и меѓу заговорниците на спротивставените опции најчесто преовладува јазикот на пропагандата. Противникот се сведува на една, негативна димензија, а неговите постапки или изјави се вадат од контекст и му се припишуваат омаловажувачки карактеристики. Лагите стопати се повторуваат (често и низ платени партиски рекламни кампањи) за да заличат на вистина. Пропагандистите вложуваат подеднакво внимание за тоа што треба да не се објави, колку и за тоа што треба да се објави. Намерно се мешаат компетентни со безвредни информации, за на вториве да им се даде некаков кредибилитет. Се бараат и се плаќаат кредибилни комуникациски канали, за да се пласираат некредибилни информации, при што подеднакво се користат и масовните и алтернативните медиуми. Најчесто се апелира кон чувствата, а не кон разумот на публиката, а и најкомплексните проблеми се сведуваат на црно-бели “квиз” прашања, за да се промовира сопствениот став и да се обезвредни противничкиот. Измислиците се пласираат како факти, а фактите толку се извртуваат, што стануваат бесмислици.

“РАЗБЕСНЕТИОТ БИК” НА ПРОПАГАНДАТА

Пропагандата во политиката, вклучувајќи ја и “црната”, не е ништо ново, ниту особено скандалозно. Перцепциите во јавноста (и нивното менување) се постојан предмет на политичката активност и спаѓаат во најтесниот круг задачи во “описот на работата” на секој политичар.

Сепак, она што во целата сегашна пропагандна активност и во актуелниот мега-проект на власта за влијание врз перцепциите во македонската јавност претставува значајна новина – па, со тоа, суштествено ја разликува од претходните периоди, кога се практикувале слични техники на политичка комуникација – не е само вонредно големото количество агресија и конфликтност што се промовира од партиските центри за комуникација, туку и количеството на пари кои се во “оптек”. Влоговите се драматично зголемени со одлуката на власта да не жали пари за својата пропагандна машинерија. За жал, ваквата квалификација не е само реторичка финеса. “Разбеснетиот бик” на владејачката пропаганда годишно троши десетици милиони евра јавни пари за, буквално, да ја наметне својата пропагандна “вистина” врз општеството.

Финансиско-пропагандната понуда од страна на власта, создаде голема побарувачка на медиумскиот и пазарот што ја опслужува пропагандната индустрија. Значаен дел од постојните медиуми, фирмите за маркетинг и агенциите за односи со јавноста, “истражувачките” институти за мерење на пулсот на јавноста, невладини организации и бројни поединци, своето постоење го насочија кон напорот преку нив да помине што поголем дел од средствата што ги троши власта во сопствената промоција и во презентирањето на вредностите и проектите за кои се залага. Наметната е една посебна логика на “одржливост” на пазарот – колку повеќе се троши, толку повеќе расте апетитот за нови трошења. Врската помеѓу потрошеното за пропагандата, нејзините ефекти и оној што ги дава средствата, станува егзистенцијална.

Агресивниот, нетранспарентен и селективен одлив на јавни пари во делот на телевизиската пропаганда во изминатите неколку години има(ше) двојна задача: да закупи доминантен простор за емитување на владините пораки, но и да ја придобие за себе независната уредувачка политика кај добро платените информативни медиуми. Последиците, очигледно, се примарно политички, но и пазарните не се за потценување. Милионските суми во евра што се слеаја на сметките (и во џебовите) на сопствениците на некои од македонските телевизии придонесоа за темелно нарушување на ценовните политики на пазарот (и во продажбата на рекламните секунди и во набавката на програма), но и за тотално уривање на лојалната конкуренција на пазарот. Тие последици ќе траат многу подолго и по запирањето на коруптивно високите владини финансиски средства потрошени за монополизирање на медиумскиот пазар во државата.

На овој начин, “маѓепсаниот круг” на овдешната политичка практика се затвора: на партиите им требаат сé повеќе пари за да останат или за да ја освојат власта; тоа политичкиот процес го прави сé поскап и покорумпиран, а ресурсите сé поограничени и притисокот врз нив сé поголем; тоа, пак, го засилува општествено-политичкиот конфликт и ја зацврстува победникот-зема-сé логика на политичкото делување. Процесот се врти во круг, а “задоволството” од потрошените пари и продлабочените конфликти расте на квадрат!

ЕУ – ДА, НО ПОД НАШИ УСЛОВИ!

Излезот од оваа ситуација не може да биде брз, ниту едноставен. Стекнатите навики не се менуваат лесно, а постоечките политички елити не покажуваат знаци на подготвеност за суштински промени ниту во начинот како се партиски организирани, ниту во методите на политичката борба. Магистралниот начин за реформирање на политичкиот систем, а со тоа и на свеста и политичката култура во земјата, е изодување на патот на евро-интеграциите. На тој пат стојат неколку големи предизвици.

Од една страна, Европската Унија се наоѓа на крстосница во сопствениот развој. Унијата во периодот што следи ќе мора да ја консолидира својата економска и енергетска позиција по глобалната криза, да ја реши судбината на еврото и различни аспекти од сопствената “уставна криза”, доколку сака во светски рамки да остане стабилна економска и политичка зона. Растот на политичката десница и на анти-европските сили во земјите членки на ЕУ не влеваат надеж, барем на среден рок, дека постигнатите дострели во обединувањето на Европа ќе продолжат со истото темпо како и во изминатите две децении. Додека Унијата срамежливо ја преиспитува својата политика кон соседите, интегрирањето на Западниот Балкан, барем декларативно, останува дел од нејзините политички приоритети. Но, факт е дека европската политика своето тежиште од Брисел го помести во главните градови на најголемите конститутивни држави на ЕУ, а тој тренд на национално “затворање” на политичките агенди секогаш навестувал време на интроспекција и преиспитување на надворешно-политичките приоритети, а не на активно ширење на Унијата и отворање кон она што ЕУ го смета за свое соседство.

Од друга страна, во последните неколку години Македонија покажува силна декларативна желба за зачленување во ЕУ, но под сопствени услови. На владејачката структура во Скопје ѝ се многу поважни процесите на потполна “окупација” (вмровизација) на општеството и подготовка за долгогодишно останување на власт, одошто сериозно и неселективно спроведување на реформите неопходни за понатамошно интегрирање во системот на ЕУ. Таквите приоритети на власта нема да се менуваат во догледно време, а особено додека тоа значи доволен рејтинг меѓу гласачите за освојување на следните избори.

Овие трендови, од аспект на политичката култура и на политичкиот дијалог во земјата, не предизвикуваат оптимизам. Македонија на краток и среден период влегува во политичка криза предизвикана, пред сé, од некадарноста да се решат социјалните и економските проблеми во општеството, но и од политиката, наметната од власта, на решавање на отворените проблеми низ наметнување на ставовите по пат на конфликт и конфронтација. Поделбите во општеството се продлабочуваат паралелно со одржувањето на ниската доверба во институциите на системот, а желбата за дијалог меѓу социјалните, политичките и другите партнери во општеството се намалува.

Тоа само значи дека политичкиот речник во Македонија и понатаму ќе “стврднува”, во медиумите ќе превладуваат негативните вести и кампањи, а партиите ќе се вкопуваат во своите позиции во очекување на вонредни избори во наредните неколку месеци. Зреењето на македонската демократија ќе помине низ уште една фаза на поделби и разочарувања. Подобрите времиња за подигнување на квалитетот на политичката култура во Македонија се одлагаат на неодредено време.