АНАЛИЗА/ИСТРАЖУВАЊЕ на плановите за ЛЕР на Делчево, Берово, Македонска Каменица и Пехчево
Депопулацијата на малите градови во Република Македонија станува загрижувачки социо-економски проблем, кој во годините пред нас ќе доведе до континуиран пад на квалитетот на животот и ќе биде увертира за исчезнување на малите градови.
Сите стратешки, програмски и плански документи што следуваа по изгласувањето на Законот за рамномерен регионален развој во 2007 година, како и имплементираните проекти за спроведување на политиката за рамномерен регионален развој во изминативе речиси десет години покажаа многу недостатоци и проблеми во функционирањето на политиката, со многу доцнења и пробивања на законските рокови.
Со анализа на ЛЕР за секој од овие градови (Делчево, Пехчево, Берово и Македонска Каменица) се обидовме да откриеме дали стратегиите за ЛЕР се рационални планови, кои можат да донесат благосостојба и да променат нешто, или се „список на желби“, дали овие стратегии се базирани на реални претпоставки, дали се земени предвид силните и слабите страни на овој регион, како и колку транспарентно се донесени тие планови, дали во нивното донесување биле вклучени граѓаните, бизнис-заедницата, невладините организации, експерти и колку тие се реални за остварување. Истовремено истражувавме дали плановите за ЛЕР на овие четири општини коинцидирале со плановите на регионално и на централно ниво, како и дали биле компатибилни со општинските буџети и трансфери на средства од централната власт кон ЕЛС. Исто така истражувавме и кој и како учествувал во нивното креирање, дали се прашани граѓаните, заедниците, бизнис-заедницата, граѓанските организации и како тие го замислуваат развојот на овие општини и дали имаат идеи како да се спречи депопулацијата во нивните градови. Анализиравме и дали во овие општини се направени и други придружни документи важни за локалниот економски развој, какви што се акциски планови, стратегии, односно анализи за развојот на единиците на локалната самоуправа по европскиот модел и стандардите што ги воспоставила СИГМА. Важноста на ова истражување, меѓу другото, е и од причина што прашањето на депопулацијата и внатрешните и надворешните миграции се важен индикатор за виталноста на секое општество.
Истражувањето во целост можете да го преземете тука.

