ПРИЛОЗИ КОН ДЕБАТАТА ЗА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА И СУДСКИОТ СИСТЕМ
Судскиот совет и Советот на јавните обвинители
катализатори на политичките влијанија

Судскиот совет и Советот на јавните обвинители ги потврдија најцрните сценарија од времето на дебатите по однос на уставните амандмани за судството од 2004 г. Наместо главни гаранти за независноста на судството, овие тела со својата неотпорност на политичките влијанија и нетранспарентноста на своето работење и во 2009 г., се изродија во својата спротивност и станаа една од главните алатки за политичките влијанија врз судството и јавното обвинителство. Грубото влијание на извршната власт преку министерот за правда и претседателот на Врховниот суд во работата на судиите и обвинителите, а особено при нивниот избор и разрешување, силно го разниша интегритетот и легитимитетот на овие институции.

Неодамна објавените резултати од анонимната анкета меѓу судиите покажа поразителни резултати: судиите признаваат дека во вршењето на судската функција биле под голем притисок на извршната власт (Владата, Министерството за правда и МВР), на политичките партии и на повисоките судови! 75% од судиите немаат доверба во независноста на Судскиот совет и сметаат дека министерот за правда не треба да членува во истиот.

Иако се очекуваше формирањето на Советот на јавните обвинители да придонесе за поголема независност и поголем квалитет при изборот на кадри во редовите на јавното обвинителство, се чини дека тој со своето работење станува подеднакво контроверзен како и Судскиот совет. За волја на вистината, разочарувањето од неисполнетите очекувања од Судскиот совет не даваше големи надежи дека можеби Советот на јавни обвинители ќе успее да се востанови како независна институција, согласно неговата уставна улога. Партиското влијание врз Советот одамна стана јасно, за во 2009 г. тоа да стане и очебијно. Разрешувањето на првиот човек на Скопското обвинителство и уште на неколку други обвинители ширум државава претставуваше отворена пресметка со обвинителите поставени за време на претходната власт.

*Во подготовките на материјалот се користени анализите на невладината организација Транспарентност Македонија, извештаите во македонските медиуми, истражувањата на ФОРУМ ЦСРД како и согледувањата на повеќемина набљудувачи на состојбите во Република Македонија

ИНСТИТУЦИОНАЛНИ ПРОБЛЕМИ НА ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО
Во 2009 г. се покажа дека како држава имаме сериозни институционални проблеми со Јавното обвинителство кое се држи во положба на силна подреденост под политиката и со неа поврзаните центри на моќ. Од друга страна, Јавното обвинителство како институција се држи во позиција на зависност од МВР во остварувањето на своите функции и надлежности. Овластувањата и одговорностите кои обвинителството ги има согласно Законот за Јавното обвинителство од 2007 г. со новиот Закон за кривична постапка се предвидува и натаму да се зголемат. Оттука, клучна е борбата за јакнење и на самостојни капацитети и на Јавното обвинителство, во смисла на сопствени тимови од истражители и други експерти кои на обвинителството ќе му асистираат во тоа барем малку да се осамостои од МВР. Тоа е условот Република Македонија да стане правна, а не полициска држава.

За жал, гледаме дека самите обвинители не се чувствуваат подготвени за новата улога и се песимисти за успехот на реформата која токму од нив очекува да станат еден од гарантите за човековите слободи и права, наспроти полицијата. Ова е голем проблем и бара сериозна опсервација и акција. Не треба да се заборави дека токму начинот на тесна „соработка“ на МВР со Обвинителството за организиран криминал и корупција, раководството на МВР го препорачува како успешен модел кој треба да се преслика за целата организација. Тивкиот отпор на обвинителите со непријавувањето на конкурсите за специјализираното Основно јавно обвинителство за организиран криминал и корупција многу кажува.

Оценката за тоа како реформата на судството влијаела врз корупцијата може да се види преку познатите судски корупциски случаи. Поразително делува фактот што Врховниот суд на РМ ги укина пресудите кај дел од експонираните предмети на организираниот криминалитет („Југ“, „Змиско око 1“, „Бачило 2“, „Тифани“ и др.) поради оценките за сериозни пропусти во постапувањето на првостепените судови, односно и на првостепените и на второстепените судови.

Од друга страна, и во 2009 г. превладеа оценката на невладините организации кои се занимаваат со мониторинг на судења дека судиите не ја санкционираат адекватно корупцијата поради длабоката навлезеност на политиката во судството. Ваквите перцепции внесуваат загриженост и еволуирање на квалификациите од “влијание на реформата врз борба против корупцијата” на “елаборација за присутната корупција во судството”. Станува збор за корупција во судството што се огледа во чудни, брзи и нелогични напредувања на некои судии по одлучување во определени предмети, но за ваквите тврдења немаат конкретни докази, па перцепцијата останува на ниво на шпекулација. И покрај податокот дека Судскиот совет на РМ во 2009 г. разрешил вкупно 12 судии за злоупотреба на службената должност, сите овие случаи не може да се поврзат со коруптивно однесување.

Судството останува цел на носителите на извршната власт која, како што може да видиме, дури не ги ни крие намерите за негова политичка инструментализација. Потврда за ова е и скандалозното повикување на “разговор” кај премиерот лично на претседателот на Апелациониот суд во Скопје. Така, наместо да работи на создавање неопходни претпоставки за унапредување на независноста на судството и на градење поголема доверба на граѓаните во правниот систем во една земја аспирант за Европската Унија, Владата продолжува да се конфронтира со судиите и обвинителите кои не им се по волја.

ПРИТИСОЦИ ВРЗ УСТАВНИОТ СУД НА РМ
Во овие неколку годините зад нас бележиме досега невидени отворени напади врз работата на некои судови, а особено драматичен е нападот на политичката елита на власт (извршната и законодавната) врз Уставниот суд на РМ. Изјавите на премиерот, лично, како и на други претставници на извршната и законодавната власт, дека судиите на Уставниот суд се политички избрани и политички одлучуваат, во јавноста директно ја поткопува довербата во работата на Уставниот суд на РМ, но и дигнитетот на судството во целина. Во одредена смисла ова ги поткопува и останатите институции на системот/демократијата.

Недвосмислено е дека проблемите на (не)компатибилноста на некои од новите законски проекти со Уставот на РМ се должи на тоа што некои од нив се подготвени набрзина, без претходни истражувања на проблемите во дадената сфера, на споредбеното право, но и со огромно количество на политички волунтаризам. Некогаш, пак, споредбеното право се презема некритички, без да се познава доволно и со доза на експериментирање и дилетантизам. Во таа смисла, добро е што воопшто има некој што се грижи новите решенија да бидат во согласност со словото и духот на Уставот на РМ. Ако се согласуваме со претходните оценки, уште повеќе од јасно станува дека независноста на Уставниот суд треба да се поддржи, бидејќи оваа судска инстанца игра значајна позитивна улога во одбраната на демократските вредности на Уставот, пред налетот на интересите на извршната власт. Особено треба да се поздрави тоа што Уставниот суд на РМ се труди Уставот и законите да ги толкува согласно меѓународните стандарди за човековите права и со решенијата и искуствата од споредбеното право на развиените европски демократии. Впрочем последните случувања околу досегашниот претседател на Уставниот Суд, како и коментарите на Извршната власт, олицетворена лично во Премиерот, се последната подврда и дополнителна мотивација за зрелите сегменти на општеството да застанат во одбрана на судот.

ИЛУСТРАЦИЈА: СЛУЧАЈ “МИНИСТЕР ЗА ПРАВДА”
Министерот за правда Михајло Маневски, значи оној кој треба да се грижи за доследно спроведување на секој збор од секој закон, оној кој треба да се грижи за беспрекорно функционирање на нашите правосудни органи, оној кој е најповикан за почитување на правдата, за владеење на правото и за правната сигурност на граѓаните во државата, во текот на неговиот мандат постојано е центарот на вниманието на јавноста, поврзано, како со неколку коруптивни афери кои, посредно или непосредно, ја вклучуваа и неговата личност, така и со грубости во настапот, демонстрација на гола власт, инсталирање на атмосфера на нетрпеливост, диктат, но и неодговорност.

Изминатата година во јавноста беа изнесени докази дека министерот за правда неколку месеци од почетокот на 2009 г. земал министерска плата, истовремено добивајќи и пензија од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Овој скандал изнесен најпрво во самиот законодавен дом, па потоа дискутиран од сите правни аспекти и осуден од сите стручњаци по право во државава, како и во детали анализиран и презентиран во јавноста од страна на новинарите, вроди со неочекуван резултат: министерот е сé уште на функција, без никаква политичка или друга одговорност за своите постапки. Јавноста и денеска не знае дали, кога и во колкав иснос парите што ги земал министерот се вратени во буџетот на државата.

Во поекспонираните скандали врзани за името на овој министер спаѓа и аферата со повеќемесечното (не)пензионирањето на неговата сопруга, бивш судија во Апелациониот суд која, и покрај исполнувањето на условите за пензија, едноставно одбиваше да ја прифати реалноста што произлегува од законските прописи за регулирање на работните односи во државата.

Состојбата на затворскиот систем во Македонија е мета на постојани критики како на домашната, така и на меѓународната јавност. На овој план во целост е деградирана елементарната заштита на човечките права и слободи, за што надлежноста и одговорноста секако му припажа на овој министер. Маакедонските медиуми се преполни со ужасни стории за состојбите во затворите што, освен грдата слика за државата, сосема јасно ја одсликуваат менталната структура на оние кои се за тоа одговорни и кави приоритети имаат, поточно немаат!

Сепак, најголемиот и континуиран скандал, во чиешто средиште се наоѓа Маневски со години наназад, е отвореното и грубо мешање во работата и во независноста на институциите коишто го сочинуваат македонскиот правосуден систем. Овој заканувачки “упад во системот” е јавно констатиран од повеќето домашни и меѓународни, владини и невладини, инстанци кои го мониторираат македонското судство. Но, заради природата и историјатот на односите на Маневски со премиерот Никола Груевски, министерот за правда останува вон дофатот на политичката, моралната и другата одговорност вообичаени за правните и демократски држави во светот.

ПРЕДЛОГ ЗАКОН ЗА КРИВИЧНА ПОСТАПКА
Предлогот на новиот ЗКП кој влезе во собраниска процедура предвидува радикална реформа на казнено правниот систем. Имено, не само што со законот се напушта досегашниот модел на постапка активно водена од судот, туку се предвидува и сосема нова улога на учесниците во постапката и особено нови односи помеѓу судот, јавното обвинителство и полицијата.

Треба да се поздрави ваквото осовременување на постапката согласно најновите тенденции во Европа. Постапката со ова би требало значително да се забрза, како и да се унапреди непристрасноста на судот. Особено радува тоа што врз законот се работеше повеќе години со учество на голем број домашни и странски експерти.

Но, без да избрзуваме со оптимизмот, сметаме дека на предлогот може да му се стават барем неколку забелешки што не прејудицира дека со тоа дискусијата е финализирана. Токму спротивното, допрва ќе се разгорува.

Значи:

Прво, загрижува нерамноправната положба на осомничените во истрагата. Имено, осомничениот според предложениот закон воопшто не се известува за поведената истрага, ниту пак ќе може да ја оспорува основаноста на поведената постапка пред суд. Тој сега нема да може активно да учествува во истражната постапка, а нема ни јасно уредено право за увид во списите во текот на истрагата.

Второ, имплементацијата на новиот процесен модел кој значи коренита реформа замислена со предлогот на законот бара големи организациски и финансиски ангажмани. Особено обвинителството ќе мора да се опреми кадровски, просторно и технички, за да може да одговори на предизвиците пред кои е поставено со реформата. Новиот концепт поставува сериозни задачи пред јавното обвинителство, кое треба да стане гарант на законитоста во претходната постапка. Актуелната организација и персоналната структура на јавното обвинителство нема да може да излезат во пресрет на задачите кои ги поставува предлогот на законот, па може да се случи наместо обвинителството, со истрагата да загосподари полицијата. Од друга страна, може ли реално да се очекува дека државата навистина ќе сака и ќе може да одвои сериозни средства кои сега дури не се ни доволно прецизирани?! Согледано од аспект на сите досегашни дејствија на извршната власт а во насока на окупирање, во секоја смисла, на судскиот систем, вака замислената реформа е можно да се осуети, па дури и намерно да се саботира. Имено, досегашната расправа во текот на подготовката на законот, како и искуствата од претходно спроведените реформи во оваа сфера покажаа дека МВР и јавното обвинителство не се многу расположени за реформи, или пак истите ги имплементираат во дел и на начин на кој што им одговара.

Трето, сериозни финансиски импликации ќе има и зголемениот ангажман на адвокатите како бранители. Имено, судот повеќе нема да има обврска да собира и изведува докази по службена должност, па новата постапка ќе изискува многу повеќе активност од адвокатите во текот на истрагата, на судскиот претрес или во постапката за спогодување. Особено на главниот претрес вкрстеното испрашување како нова техника обвинетиот кој нема средства за (добар) бранител ќе го стави во незавидна положба, поточно да не може да се брани. Од овие причини се чини треба подобро да се размисли за консеквенциите од ваквите радикални реформи. Предлагачите на ваков закон аргументираат дека Законот за бесплатна правна помош е механиззмот кој што ќе биде заштита на граѓанинот, но ние сметаме дека ова никако не го решава овој проблем, особено ако се имаат во предвид досегашните искуства со постојниот ЗКП. Тој закон впрочем погрешно упатува дека со истиот не се зафаќа во задолжителната одбрана според ЗКП, со што ништо не решава, бидејќи задолжителноста на бранител во некои ситуации не кажува ништо за тоа кој на крајот ќе ги поднесе трошоците за неговиот ангажман.

СУДСТВО
Последните постапки против неколку судии од Апелациониот суд во Скопје одново ја покажаа ранливоста на македонското судство. Имено, прописите со кои треба да се гарантира неговата самостојност и независност очигледно оставаат простор за самоволно толкување и арбитрарност, а Судскиот совет наместо да биде основен гарант за независноста на судството, ги искористува ваквите недоречени прописи за да ја покаже сервилноста кон власта која не може да одолее на искушението да се справи со “непослушните судии”.

Во третманот на оваа тема нашата позиција е сосема јасна: сметаме дека независноста на судовите не може да биде покритие за нивна неодговорност и самоволие. Сепак, смислата на правните гаранции и на целото постоење и делување на Судскиот совет е да спречат каква и да е арбитрарност и надворешни влијанија, а разрешувањето на судиите да зависи само од покажаните резултати во вршењето на судиската функција.

Стручноста на секој избран судија се претпоставува, особено во повисоките судови! Секој што работи – може и да згреши. Но, за тоа постојат правните лекови, а разрешувањето на судиите заради нестручност (и несовесност, во смисла на неажурност) мора да биде засновано врз објективни критериуми за нестручноста, мерливи во како за мали така и за поголеми случаи. Оттука, да се разреши судија за кој најмалку две години по ред Судскиот совет оценил дека покажал незадоволителни резултати, особено преку тнр. објективизирани критериуми(!) какви што се на пример “ненавремено донесување на судските одлуки, неефикасно и неажурно водење на судската постапка, број на потврдени, преиначени и укинати судски одлуки”, е едно; но, да се утврди “несовесно, ненавремено или невнимателно вршење на судиската функција во водењето на судската постапка по одделни предмети” за некои судии (па дури и тука законот бара повеќе од еден предмет!), е нешто сосема друго. Втората, арбитрарна можност, остава простор судии да се разрешат дури и тогаш кога тие имаат долгогодишна успешна кариера во судството и натпросечни резултати во работењето. Значи, за конкретен случај еден судија може да биде разрешен само ако во тој случај манифестирал очигледна, односно докажана злоупотреба, злонамера и сл. Таа интенција на законодавецот се гледа и од другите основи за разрешување, како на пример со “намерно повредување на правилата за правично судење; злоупотребување на положбата или пречекорување на службените овластувања; повреда на прописите или на друг начин нарушување на независноста на судиите при судење и сл”.

Времето покажа и тоа дека правниот лек против одлуките на Судскиот совет едноставно не е ефикасен. Имено, и покрај сите контроверзи, ниту една одлука за разрешување на судии донесена од страна на Судскиот совет не беше оспорена од Комисијата на судии формирана при Врховниот суд.

Илустрацијата со постапките при разрешување на судиите на Апелациониот суд ја покажува практичната бесполезност на ова правно средство (Комисија на Судии) е едноставна – судиите се плашат и не сакаат на себе да го навлечат гневот на Судскиот совет и на тие кои што во вакви случаи стојат зад него. Со тоа, тие докажуваат дека немаат интегритет, што е нешто што треба да ги загрижува сите.

ПОЛИТИЧКА КОНТАМИНАЦИЈА НА РЕГУЛАТОРНИТЕ ТЕЛА
Визијата и концептот за Судскиот совет во Република Македонија се базира врз два суштински постулати. Првиот, мнозинството членови да бидат избирани од самата судска фела, на непосредни избори, во сите нивоа од судската хиерархија; и, вториот, избраните членови да бидат со силен личен кредибилитет. За жал, практиката покажа дека обата овие постулати не ги оправдаа очекувањата при изборот на г. Бранко Ушковски за член на Судскиот совет. Како се случи, при процесот на тајно гласање, да се нарушат овие два принципи, сé уште е мистерија, бидејќи резултатите од гласањето покажуваат силна политичка логистика.

Клучен фактор во работата на Судскиот совет е персоналната доминација на министерот Михајло Маневски. Таквата доминација се должи на неговата желба и желбата на извршната власт да воспостават целосна контрола врз работата на судството. На тоа, очигледно, не можат да се спротистават останатите членови од Советот, доведувајќи го во прашање и својот потребен личен интегритет. Дека ваквата тенденција нема да се промени во догледно време говори и изборот на г. Ушковски за член на Судскиот совет. Со ваквиот избор направен е директен упад во Уставот на Република Македонија и во Законот за судски совет. Имено, чл. 104 од Уставот го поставува стандардот под кој не може да се оди при изборот на членови на Судскиот совет, предложени од Собранието на РМ, упатувајќи на универзитетски професори по право, адвокати и истакнати правници. Со оглед дека г. Ушковски не е ниту универзитетски професор, а ниту адвокат, очигледно е дека парламентарното мнозинство во него препознало истакнат правник. Сметаме дека квалификативот “истакнат правник” не е гола и субјективна одредница, под која може да се протне каква било биографија. Зад овој квалификатив може да застане само лице кое има референтни научни трудови и/или евидентен практичен придонес во областа на правото. Г-динот Ушковски, како правник од Центарот за управување со кризи, ни приближно не може да се смести во категоријата истакнати правници. Тој нема ниту ден професионално искуство во судството, а се става во позиција да ја цени работата и стручноста на судиите во Република Македонија.

Ова е само дополнителна илустрација за натамошната компромитација на Судскиот совет и наведува на констатација дека суштината на проблемите на ова тело не се во неговиот концепт, туку во поведението на министерот Маневски, но пред се на доминантниот партнер во владејачката коалиција и нивните партиски инсталации во Советот.

СУДСТВО (ПРВ КВАРТАЛ ОД 2010)
Пред неколку месеци конечно беше објавена фамозната анкета за судската независност според која 43% од анкетираните судии сметаат дека има мешање во работата на судството однадвор и дека таквото мешање влијае врз спроведувањето на правдата. Испитаниците ги сметаат извршната власт и политичките партии за најголем извор на притисоци врз судството. За 66% од анкетираните судии, Судскиот совет не ја извршува соодветно својата функција и не дејствува независно.

Чудно е но е и за поздравување признанието на Владата дека врз Судскиот совет и судството навистина се вршени притисоци од страна на Министерот за правда, како и тоа дека (Владата) покажа подготвеност да предложи промени во Уставот во делот за изборот и составот на Судскиот совет. Навистина, учеството по функција на Министерот за правда во Судскиот совет беше најкритикувана точка во функционирањето на ова тело кое, наместо гарант за независноста на судството, како што се предвидуваше, израсна во инструмент на извршната власт за влијанија врз судството и судиите. Впрочем невладината организација Транспарентност Македонија неодамна предложи Министерот за правда да учествува без право на глас во Судскиот совет и во Советот на јавните обвинители, што по однос на Судскиот Совет е поскромно или помалку радикално решение од ова што сега се става на маса од самата извршна власт.

Со оглед на досегашната практика, сметаме дека и овај предлог на Владата е обична козметичка операција во функција на некој минијатурен позитивен поен во некаков извештај (нека е и на ЕУ) и всушност ова е само уште едно “политичко пукање во празно”, бидејќи според сите досегашни показатели сосема е јасно дека не е израз на вистинска волја на политиката да ги тргне рацете од судството. И власта и, во ограничен обем, опозицијата користат различни облици и методи за влијание врз судството. Нема уставни измени што можат да го спречат тоа влијание доколку за тоа не постои демократска зрелост и реална политичка подготвеност.

Со слични шанси за успех, од исти причини, е и вториот предлог за измените во составот на Судскиот совет. Навистина, теориски, зголемувањето на бројот на судии на сметка на други членови во Советот би требало да обезбеди поголемо влијание на судската професија врз овој орган и судството во целина. Во практика, пак, кога се има предвид силната желба за политичко мешање во судството, ова може да се изроди во своја спротивност, со трка околу тоа кој ќе вметне повеќе “свои луѓе” во Судскиот совет, што само дополнително ќе ја камуфлира, а нема да ја намали политичката инволвираност во судството.

Истовремено, неверојатно е дека ниту на власта ниту пак на опозицијата, а кога веќе се предлагаат корекции, во рамките на вакви или слични измени, не им паднало на памет да предлагаат и измени поврзани со статусот јавното обвинителство, кое и натаму останува на половина пат меѓу извршната и судската власт. За обвинителството со Уставот на РМ се гарантира самостојност, но не и независност – излегува дека самостојноста се остварува како делумна зависност од извршната власт?! Дотолку повеќе што со реформата на казнено-правниот систем јавното обвинителство треба да преземе дел од одговорностите што досега ги носеше судската власт, како нов гарант за законитоста и за заштита на човековите права во кривичните истраги.

Стручната јавност со голема загриженост го прими мислењето на Јавното обвинителство на РМ за Нацртот на новиот ЗКП. Имено, Јавното обвинителство на РМ очигледно не покажува амбиции и подготвеност да прифати активна и раководна улога во истрагата. Изненадува како тоа јавното обвинителство начелно го прифаќа концептот на обвинителска истрага, а не сака да има сопствени капацитети, туку да остане орган кој работи исклучиво канцелариски и во целост зависи од МВР!

Можеби е подобро со ова раководство во ЈО и МВР реформата да се одложи за подобри времиња. Во спротивно, обвинителската истрага може да стане полициска со големи опасности за човековите права и слободи. Во контекстот на погоре реченото за вкупните состојби во судскиот систем, најнапред, илузорно е да се очекува од било кој сегмент на тоа судство да се очекува иницијатива во правец на заштита на човековите права и слободи, а потоа, секој напор, вклучително и дебатите околу оваа тема (слобода!) ќе бидат иницијална каписла за дополнителна “мобилизација” на застапниците на искривените модели на демократија.

ИЗВАДОК ОД НАЈНОВИОТ ИЗВЕШТАЈ НА РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦИ

Според најновиот извештај на организацијата “Репортери без граници”, Македонија се наоѓа на 68-мо место според слободата на медиумите, што претставува голем пад од 34 места. Во подолниот извадок се истакнува врската на судството со политиката, што има свој одраз и во работата на медиумите.

THE BALKAN PENINSULA IS STILL A CONCERN AND HAS RECORDED MAJOR CHANGES.
Montenegro (-27), Macedonia (-34), Serbia (-23) and Kosovo (-17) constitute the most substantial losses. Although the legislative reforms required for accession to the EU have been adopted in most Balkan countries, their implementation is still in the embryonic – if not non-existent– stage. Control of the public and private media by the calculated use of institutional advertising budgets and the collusion between political and judicial circles is making the work of journalists increasingly difficult. In a precarious situation, caught in a vice between the violence of ultranationalist groups and authorities who have not yet rid themselves of old reflexes from the Communist era, an increasing portion of journalists are settling for a calculated self-censorship or a mercenary journalism which pays better, but gradually ruins the profession’s credibility. Blighted by mafioso activities which, every year, strengthen their financial stranglehold on the media sector, independent publications are waging an ongoing battle which deserves more sustained attention from European neighbours.

Балканскиот Полуостров се` уште загрижува и бележи големи промени.

Црна Гора (-27), Македонија (-34), Србија (-23) и Косово (-17) бележат најсуштествени загуби. Иако во поголемиот дел од балканските земји се усвоени законодавните реформи потребни за пристап во ЕУ, нивната имплементација е сè уште во фаза на зачеток- па дури и и во фаза на непостоење. Контролата на јавните и приватните медиуми со калкулирана употреба на институционални буџети за реклама и тајната спрега меѓу политичките и правосудните кругови, работата на новинарите ја прави се` потешка. Во ваквата зависна ситуација, приклештена меѓу злото на насилството на ултранационалистички групи и власти коишто се` уште не се ослободиле од старите рефлекси од комунистичката ера, голем број новинари се приклонуваат кон пресметана автоцензура или платеничко новинарство, но постепено го уриваат кредибилитетот на професијата. Уништувани од мафијашките активности коишто секоја година ја зацврстуваат финансиската стега во секторот на медиумите, независните изданија водат постојана битка којашто заслужува поодржливо внимание на европските соседи.