ВОВЕД
Појдовната премиса во овој труд е бурниот рзвој на односот политика-медиуми, а во исто време, не само недефинираната, туку и во потполност искривената релација помеѓу овие, навидум, одвоени сфери, видлива не само од страна на новинарскиот еснаф туку и од пошироката општествена заедница.
Всушност оваа анализа е поттикната од, многукратно повторените критички интонирани извештаи на разните мониторинзи за состојбите во сферата на правата и слободите на граѓанинот (демократијата воопшто!) во Република Македонија. Од друга страна практицирањето на политиката кон радикални исходи не само што резултираше со целосна дегенерација на медиумската професија, особено нејзината реторика, туку сè на сè, состојбите веќе стануваат загрижувачки, а според некои оценки и опасни по општото здравје на општеството. Состојбите се доведени до ниво на отворена закана за демократијата, а не постои поиндикативно место за дијагностицирање за здравјето на заедницата, од она што се нарекува медиум, односно медиумска сфера.
Токму заради тоа, во општеството е нужна дебата која што не само што, уште еднаш, ќе ги претресе појдовните принципи на медиумското дејствување, туку и ќе се осврне на појдовните позиции на политиката разбрана и водена така како што, на тоа сме сведоци, се води во Република Македонија.
При сето ова максимално ќе водиме сметка за т.н. надворешно-политичка димензија на работите со оглед на тоа што станува збор за импликации врз она што се нарекува егзактна слика за нашата држава во очите на светот, а во најмала рака за перцепција која што во никој случај не може да биде интерпретирана како поволна и перспективна.
Со ова ќе сакаме да покажеме дека не само што не ни е сеедно како какви ќе бидеме перцепирани, туку дека ќе се втурнеме во создавање на услови за широка и вистинска демократска платформа, за општа добробит на нашата држава.Нема да се воздржиме од учество во креирање на процеси чиј што исход ќе вроди со плодови од кои користа ќе биде општа.
ПОЛИТИКА
Македонската политика, или поточно македонските политички елити, никогаш до крај не покажаа дека ја разбираат суштината на еден процес којшто се нарекува демократија. Само спорадично ќе сретнеме искази за важноста на демократијата, со самозаљубена интонација за тоа колку сме Тие/Ние демократи, а во стварноста занимавањето со политика, особено од позиција на власт, се сведува на рудиментарни облици на поприлично примитивно разбрани облици на акумулација на моќ, ресурси, или пак вулгарна лукративност, а сето тоа поткрепено со авторитарни механизми на партиско-семејно организирање, со многу клиентизам и непотизам.
Додека независна Македонија проодуваше, овие процеси беа дури и тешко забележливи и околу нив, ниту се заподенуваше дебата, ниту пак беа допрени, барем површно од, така тогаш се велеше, плурално распределените политички елити. Сосема тивкиот глас на малкумината познавачи на процесите на воспоставување на едно вистинско демократско општество беа или пречуени, или пак замолчени!
Едноставниот магичен збор преку којшто се објаснуваа видливите, или пак предвидливите процеси на можната дегенерација на процесот на демократизација се нарекуваше ТРАНЗИЦИЈА! Најпрост супститут на идеолошката формула на комунистичките дејци, особено кога повикуваа на трпение кај широките слоеви, а таа е: социјализмот е само преоден период, демек транзиција, од капитализам во комунизам!
Така и оваа формула со т.н.транзиција, како што не објаснуваше ништо, сокриваше сè и сешто! Во нашиов случај особено е важен еден момент.
Разбирливо, станува збор за нешто што се нарекува одговорност за процесите (состојбите) во општеството во кое што сте се нагрбиле да ги вршите општокорисните (за сите!) работи и кое што општество треба да го водите кон некаква просперитетна иднина.
(За појаснување: претходната реченица е само парафраза на општата дефиниција на политиката, достапна во сите учебници за политиката и феномените (по)родени благодарение на неа!)
Македонската политика, преокупирана со проблемите на елементарниот опстанок на државата, воените пожари околу нас, препреките на историјата олицетворени во разно-разни соседи и други интереси, се разбира дека во нејзините хоризонти не можеше да конституира ПРОГРАМА за дооформување на една целосна структура на демократско општество вклучително и за она што се нарекува СТОЛБОВИ НА ДЕМОКРАТИЈАТА.
Некои инерции од минатото подразбираа дека некои нешта, појави, организациони облици на граѓаните, медиуми и сл. беа третирани како неважни, или пак како рецидиви на минатото (лошото!), а за некои пак, за
несреќа, не беше необично да се чуе дека се опасни и мора да бидат контролибилни! Последново се однесува(ше) пред сè на медиумите и невладиниот-граѓански сектор.
Доживеавме политичките елити кои, до некритичност, реализираа проекти натокмени во лабораториите на либерализмот (од неговата последна-вулгарна, или т.н.неолиберална фаза), како што беше приватизацијата, дерегулацијата и ред други помодарства, во целост да ја испуштат иницијативата за отворање на процеси со кои демократските текови ќе се довршат и општеството ќе се стекне со дополнителни столбови за неговата, секако, кревка градба. Токму спротивното. Деведесеттите години ќе останат запаметени, во медиумската сфера, според два карактеристични момента. Едниот беше експлозијата во сферата на електронските медиуми до димензии на, уште тогаш, хипертрофија, а вториот беше исклучително тешкото плурализирање на медиумскиот простор за печатените медиуми. Или поточно, породилни маки проследени со отворени спротивставувања како на властите така и на веќе, донекаде, конституираните елементи на новата капиталистичка каста, со сите атрибути на социјално неодговорна групација!
Одтогаш датираат сите обиди на политиката кон, или со, медиумите да негува специјални односи!
Она што беше инерција на минатото, а значеше “црвен телефон”, на релација власт-медиум, некаква распределба на јавни пари кон социјалистичките мастодонти, многу бргу дури и за изведувачите на ваквите операции стана анахроно, но рецептот за прегрупирање, растеретување, освежување и сè она што виситинското ново време го бараше, ниту се бараше ниту пак беше на повидок.
Додека политиката, во паузите на некаква државно-важна расправа, проговараше по некој, безмалку куртоазен, збор за “столбовите на нацијата” (социјалистичките мастодонти), се случи експлозија! Приватната иницијатива, скоро преку ноќ, користејќи се со обилието на поприлично сиви пари во прометот, но и од иницијативите кои доаѓаа од страна на новинарскиот еснаф, основа стотици радио и ТВ-куќи, што од локален, што од државен опсег, напросто преку ноќ наметнувајќи се, не само како готов факт, туку и како фактор во креирањето на јавното мислење!
Беше доцна за било каков аларм, а знаење за т.н.регулација ниту имаше, ниту пак волја за тоа да се бара. Така Македонија доби една сфера која што неколку години опстојуваше покриена со закони кои, во најдобар случај, само индиректно го покриваа нејзиното делување.
(Финалната верзија на неколку законски проекти, или пак обиди за нивно креирање денеска ја имаме како, релативно пристоен, Закон за Радио Дифузија, донесен во 2005 година, а во неколку наврати модифициран во, за нас, небитни делови.)
Всушност недостигот на политичка волја дополнително се закомплицира со појавата на неколку печатени медиуми кои во една бурна секојдневна динамика се изборија за нивното место, дополнително разоружувајќи ја политиката, односно обесхрабрувајќи ја од тоа да биде наметлива кон и со медиумите.
За љубов на вистината, ова никако не значи дека попречно-подземни врски веќе не беа воспоставени, но сето тоа се покажа како недоволно, особено во кризната 2001 година кога медиумите и невладиниот сектор ја одиграа, можеби клучната, улога во спречување на воените подбуцнувања, иако нивните страници/минутажи, многу често знаеја да бидат “артилериска подготовка” за воено-подбуцнувачките дејствија.
Сè на сè, политичките елити дефинитивно научија дека со медиумите треба да негуваат некаков однос и тој однос, парадоксално и за жал, се изгради, денес видливо, на најлошиот можен начин!
Властите по 2001 година беа внимателни до толку да, освен еклатантните обиди да инсталираат јасна и недвосмислена волја во Јавниот Сервис (МРТВ), кон другите медиуми дејствуваа, пред сè политички! (Во превод: со пазарење!)
Колку тоа било успешно не е ни важно, важното е дека политичкиот пораз на владеечка елита во 2006 година, во голема мера може да се објасни со многуте невешти потези и во оваа насока, а како најосновна треба да се наведе неспособноста да се воспостави јасна и јака политичка волја за регулирање на сферата! И покрај постоењето на Закон (за радиодифузија) политиката не успеа, во најголем дел, да ги спроведе не само јасното Слово на Законот, туку и духот!
Секако Малиот Пазар, како според бројот на читатели, така и според бројот на гледачи, а за нивната куповна моќ и да не зборуваме, беше предмет на политичко арбитрирање кај актуелните и потенцијалните рекламери (основниот, ако не и единствениот извор на егзистенција на најголемиот број на медиуми), нешто што, веќе споменавме, на социјално неодговорниот капитал совршено му одговараше, бидејќи својот раст, постоење, опстанок, пред сè му го должеше на спрегата со најголемиот потрошувач-ДРЖАВАТА, односно полугите на владеење и касата со Јавни Пари !
И така сè до моментот кога во Македонија на власт, по очигледно, метафорички речено, воени подготовки, дојде политичка гарнитура која што од првиот ден на нејзиното владеење јасно покажа како ќе владее и што подразбира под демократија.
Имено, со своевиден блиц-криг ги каптираше (ги запоседна!) најголемиот дел од невладините организации (што со нивно замолчување, што со оснивање на “свои” , што со закани и други бруталности, што со “дошепнување” на странските донатори дека нивните локални партнери не се подобни, па тие нека повелат!) Прагмата кај западните донатори, во многу случаи превагна и многу брзо на површината останаа само најхрабрите и најиздржливите НВО-а!)
Што се однесува пак до медиумите, токму тука, токму кон нив се воспостави долго посакуваниот-сонуван специјален однос власт-медиуми!
Во свежо сеќавање се првите денови на владеење на актуелната власт и јавно обелоденетите сознанија дека “тој и тој газда, новинар, или сосема
обично, едикојси кај едикојси, бил повикан и бил посоветуван!”. И не само тоа. уследија гигантските нарачки за гигантските владини и пара-владини рекламни кампањи за сè и сешто (изразени во милиони-евра!) па така минијатурниот пазар одеднаш се претвори во Златен Рудник!
Ако невладините организации беа окупирани, или пак замолчени така како што беа замолчени, кај медиумите тоа се стори со пари. Со ЈАВНИ ПАРИ!
А беше доволно јасно која и каква е намерата. Медиумите, поточно нивните сопственици, потполно растеретени од материјалните грижи, скоро во целост се “ставија на располагање”. Македонскиот медиумски просртор се претвори во Дневен Билтен на Власта, промотер на “новите вредности”, инструмент за диригирање со свеста на широкиот аудиториум, а во голем број на случаи (деновиве ескалирани до отворени повици за одстрел!) во полигон за дифамирање на неистомислениците, вклучително и повици за брутални ликвидации.
Она што на почетокот, можеби, беше незнаење, неопитност, недостиг на политичка волја, во фазава на која што сме сведоци деновиве, се претвори во орудие за ширење на омраза, нетрпеливост, нетолеранција и сè друго што во арсеналот на популистичко-авторитарните режими може да се замисли.
Конечно, македонските политички елити (се разбира дека исклучоците не ги заборавивме) успеаја да воспостават режим на специјални односи, сонот да го претворат во јаве!
Во линковите на крајот од оваа анализа (ЕУ-извештајот, опсервациите на Фридом Хаус и др.) се содржани некои од апсурдите на овој однос, а особено внимание му е посветено на преседанот што во македонскиот парламент седат еклатантни сопственици на медиуми, а дека во владеечката коалиција, како дополнување, седат уште неколку сопственици на медиуми. И не само тоа. Главните промотори токму на она што е говор на омразата се медиумите чии што сопственици се парламентарци и претседатели на политички партии од владеечката коалиција.
МЕДИУМИ
Погоре веќе беше кажано. Голем дел од македонските медиуми се создадоа во времето кога “иницијативноста” беше на висока цена, како придружен феномен на тогашната претприемачка, транзициска клима. Тоа особено важи за електронските медиуми.
Експлозијата на новоосновани медиуми многу брзо ја доживеа својата кулминација и денес сферата ја покриваат десетина ТВ-станици со национална фрекфренција. Поточно многу повеќе, со оглед на тоа што во меѓувреме беа распределени усте десетина т.н. сателитски фрекфренции, а кабелските оператори по некаков чуден автоматизам ги преземаат, па не сме сигурни за тоа колкава е финалната бројка на ТВ-станици, со родно место во Македонија и разбирливо, видливи на целата нејзина територија. Се разбира дека станува збор за типична хипертрофија, бидејки не зборуваме само за квантитет, туку и за појава која што, учебнички докажливо, никако не може да се изроди во квалитет!
За тоа има многу причини. Тука ќе наброиме неколку:
– Ниту теоретски, ниту пак практично е возможно цело ова мноштво на ТВ-станици да биде пополнето со квалитетен новинарски, па и технички кадар, за да емитуваната програма биде на ниво на стандардите, еве, без да претеруваме во барањата, но кои ги бара Законот за Радиодифузија, или пак уште поригорозно – Етичкиот кодекс на ЗНМ! Премала е Македонија за да може да располага со бројка од многу стотини новинари кои на вистински начин ќе ги реализираат барањата на професијата, а соодветно и на општеството! А да не зборуваме за примарната задача на новинарството-медиумите: ДА БИДАТ ЕДЕН ОД СТОБОВИТЕ НА ДЕМОКРАТИЈАТА! Едноставно е – ресурсите се ограничени, а ако се водиме од едно просто прашање: Колку тоа и какви причини за медиумски вести може да произведе една Македонија за да исполни неколкучасовни програми за вести, ќе си помислиме дека сме држава од неколку десетици милиони жители!
– Сопственичката структура на медиумите веќе беше допрена како факт од којшто се изродуваат најголемиот број на аномалии со кои денес се судираме како општество. Поточно, успешно воспоставената спрега помеѓу газдите и политиката. Во општество во кое, веќе неколку години по ред, Властите никому не приложиле сметка за тоа како ги трошат јавните пари, сосема е нормално капиталот (дијагностициран како социјално неодговорен) да се впушта во воспоставување на спреги. Вулгарната варијанта на неолибералниот капитализам, всушност балкански разбраното претприемаштво, сопствениците на медиумите ги втурна во оваа спрега од која, сосема е неизвесно дали ќе излезат, поточно дали сакаат да излезат?!
– Во целава оваа мешаница не треба да се испушта од вид уште една непогодност. Таа се нарекува: мал пазар! Логиката на пазарот низ сиве овие години на транзиција сепак функционира, сосе сите нејзини нелогичности. И да
не беше Окупаторската намера на Власта да запоседне буквално сè, медиумите ќе беа водени од суровата логика на малиот пазар, што не значи дека ја занемаруваме состојбата и во другите држави, па и оние медиумски
најразвиените. Но, кај нас дополнителната, отежнувачка, околност со малиот пазар ги втера медиумите во жестока борба за гледачи, па и читатели. Се разбира, тоа дополнително ги разниша кревките новинарски стандарди, разболувајќи го македонското новинарство (медиуми!) со класичните, да не речеме ендемски, болести: Багателизација, Банализација, Површност. Или, преведено на пообичен, за овие денови разбирлив, јазик, медиумите ги претвори во полигон за практикување-презентирање на патологии од разни извори, дополнително избезумувајќи ги од транзициските болести (криза, сиромаштија, оскудица, дезориентираност) веќе болни гледачи/читатели.
Преку ноќ, некои дури и несвесно, па дури и оние кои имаа крајно племенити проектни намери при стартирањето на нивните медиуми, во експоненти на вулгарниот жолт печат и жолто новинарство. Од тоа жолтило, до отворени повици за ликвидации немаше ниту еден цел чекор. И не само тоа. Македонската демократија веројатно стана “лидер” во регионот благодарение на телофон-смс-демократијата, своевиден хот-лајн за анонимно практицирање и распостилање на цела една лепеза на анонимни телефон-смс патологии!
Можеби профитот дури и да е регистриран на касите на капиталот (сопствениците и нивните телефонски оператори), ама финалната сметка, што денес, а што утре, ни се испорачува и ќе ни се испорачува во сосема поинаква валута. Мал пазар, би рекле рамнодушните.
– Новинарскиот еснаф не да немаше традиција на (само)организирање, ама фактот дека Кодексот на ЗНМ е донесен дури 2001 година кажува сè. Хаосот на “експлозијата на медиумите”, како и некадарноста на политичките елити да иницираат благопријатни процеси во вкупната медиумска сфера придонесе “еснафот”, во некаква организирана форма да заживее дури во таа, за Македонија критична година. Десет години по осамостојувањето!
Дотогаш, новинарите опстојуваа како индивидуи кои “нешто работаат”, а свеста за тоа дека би било згодно да му припаѓаат на некаков (организиран) еснаф беше само местимична! Освен поедини т.н. Фаворити на политиката, есклузивци “за на маса”, или пак најстрашното, “луѓе на контакт” со припадниците на разузданото разузнавачко-полициско-криминалното подземје! Иронијата да биде уште поголема, токму тогашните “фаворити”, “есклузивци”, “лица за контакт” денес сè уште се во најголем број присутни во медиумскиот простор и што е ироничното-најстрашното, го водат апокалиптичното оро на привикувачите за тепање, ликвидирање и слични непогоди за поинаку-мислечките од нивните газди и наредбодавачи.
Како и да е, денес ЗНМ постои во формат кој, можеби, не ги задоволува еклатантно загрозените, ама сè на сè ова здружение е сепак рационалното јадро кое единствено ги има условите за понатамошна модулација, па дури и реорганизација на еснафот, во насока на преферираната и почитувана индивидуалност на новинарот, како чинител на онај важен, да не заборавиме, столб на демократијата.

РЕГУЛАЦИЈА
Прашањето на Регулација на сферата се наметна уште во средината на деведесеттите години, особено кога стануваше збор за, од социјализмот наследените, закони.
Тогашните дебати дојдоа до, според нас, исправниот заклучок дека секој обид Државата преку својата законодавна дејност да ја регулира сферата, доколку се обиде, нема да стори ништо корисно, туку дополнително ќе ја закомпликува работата. И не само тоа. Сè уште беа свежи сеќавањата за разноразните (со закон предвидени) санкции кои, особено кај новинарскиот еснаф, беа доживувани како дополннителна, односно непотребна стега врз слободата на говорот, изразувањето на мислење итн. Се разбира дека секоја дискусија си имаше своја јасна и јавна мотивација, иако подоцна се востанови дека некои од дискутантите сосема лесно и “доброволно” си ги ставија јамките околу вратовите и, како што и погоре кажавме, денес се фатени за најапокалиптичното оро. Постоеја кажувања за тоа дека нешто “чудно се случува”, тоа особено може да се види ако се прегледаат воено-подбуцнувачките бисери од 2001 година, ама очигледно не беа разбирани како сериозни. Како и многу други работи, впрочем.
Како и да е, по неколку, така да се рече, експерименти со некои закони, првиот горе-долу прифатлив и доличен закон го добивме дури во 2005 година, Законот за Радио Дифузна Дејност и соодветно од него произлезените акти, како и органи задолжени за негово спроведување.
Во линковите ќе ги сретнете деловите, и некои членови кои се однесуваат за темата на дебатата, а интегралниот текст е достапен на сајтот на Советот за Радио Дифузија. Кога сме веќе кај Советот, треба сосема јасно да кажеме дека Македонската Демократија не изгради соодветен однос кон сите т.н.Независни Регулаторни тела и во таа смисла овој совет не е ништо подобар, ниту пак полош од другите Регулатори!
Иако не смееме да заборавиме дека: Било кое регулаторно тело, најдиректно преку своите “чинења” и “нечинења” ја носи, во најмала рака, моралната одговорност за она што на граѓаните им се случува заради дејствијата на чинителите од сферата за која што е конституиран овој Орган.
Се разбира дека Советот е исто така изложен на некоја од, веќе разработените, усовршени, надградени, варијанти на т.н.специјален однос на политиката кон него, ама среќната околност е таа што, барем кај зрелите нации, дијагнозата за состојбите во едно општество, не е ништо друго туку само почеток за барање на лек!
Во оваа прилика нема да се задржме на проблемите кои се составен дел на струката, а се однесуваат на образованието и подготовката за занимавање со новинарскиот занает, од проста причина што конституирањето на новинарскиот интегритет иако започнува од проодувањето во училиште, не е тема која што во дебатава може да ни помогне. Не ја занемаруваме, ама сметаме дека изворот на проблемот на дезинтегрирањето на целата медиумска сфера сепак треба да се бара на друго место, а ние тоа место во оваа прилика го бараме во политика и нејзиниот однос кон медиумите. Се разбира дека стана збор за спрега што на одреден начин подразбира интеракција, па затоа медиумите ги согледавме пред сè како финална креација на една друга социјална група, за која најпогодното име во моментов е: сопственици+политички елити.
Не сакаме да амнестираме, или пак осудуваме, туку сметаме дека од некаде мора да се започне, а новинарите не се тие, или не се единствените и првите, од кои треба да се стартува во некое идно реформирање, или поточно дооформување на македонскиот модел на демократија.

НОВИ МЕДИУМИ
Сосема намерно ги издвоивме Новите Медиуми, поврзани пред сè со разгранувањето на Интернет-от и можностите за поинакви, нови форми на комуникација. Природата на нивното создавање, постоење, како и начинот на обраќање кон и од нивните корисници сепак подразбира еден поинаков однос, а донекаде и поинакво разбирање на стандардните, или така да се рече, класичните категории со чија што помош досега ја исцртувавме општествената градба, во случајов на нашата Држава.
Се разбира дека не е испуштено од предвид дека во моментов ние како заедница некои од манифестациите на можностите на Новите Медиуми веќе интензивно ги живееме (телефон-смс демократија пред сè; псевдо-интерактивноста преку можноста за пишување на коментари на веб страниците на класичните медиуми, или пак некои портали, а сепак и сè уште во духот на патологиите од телефон-смс, пред сè, анонимната демократија и сл.).
Но, треба да бидеме свесни дека и ова поле, кое отвори, односно допрва ќе ги отвора новите простори за информирање, учење, креирање на јавното, но и на индивидуалното мислење, е место во кое веќе се испенетрираа сите оние кои погоре ги идентификувавме како можна закана за просторите на слободата-генерално.
Оние кои внимателно ја следат, а и учествуваат во оваа сфера, ќе забележат дека освен што се појавија некои нови, сè уште до крај невалоризирани облици на социјализација (т.н.социјални мрежи), токму во тоа поле, можеби најефикасно и најагресивно се вселија, според јазикот на технологијата, вирусите кои се закана за слободата на мислење, говор, постоење!
Групите, или како веќе ќе се наречат, собрани-конституирани, со намера да го мразат, замолчат, повикаат на погроми и сè она што се подразбира под насилие и омраза сега засега успеваат многу повеќе и подобро да се снајдат во овој простор од било кој т.н.администратор на веб-страна, портал, група и сл.
На крајот на краиштата, политиката можеби и најефикасно и најдобро ги разбра Новите Можности.
Не дека е непристојно или политички некоректно, ама мноштвото на т.н. Профили на угледници-политичари, или пак страници на нивни пријатели, симпатизери и сл. се можност уште еднаш да се проверат ослободувачките капацитети на Новите Медиуми. Не дека станува збор за скепса. Токму спротивното: Станува збор за ЗДРАВА СКЕПСА!
ЛИНКОВИ
Линковите ги групиравме според следниот критериум:

ДРУГИТЕ ЗА НАС

Дел од Извештајот на ЕУ којшто се однесува генерално на правата и слободите (2.1; 2.2; 4.23; 4.10).
Извештаи на Фридом Хаус за последните осум години.
Извештајот на Репортери без граници, заедно со критериумите за негово составување, за да ги одбегнеме манипулациите со т.н.РАНГИРАЊЕ.
Исто така, донесуваме еден поглед од, се надеваме, објективни монитори на нашите состојби.

РЕГУЛАТИВА

Овде ќе ги најдете најнеопходните членови на Законот за Радио Дифузија на РМ, како алатка во која на одреден начин сепак се кодифицирани нужните елементи во кои се содржани доволно јасни насоки како треба да се однесуваат тие на кои овој Закон се однесува, а во случајов политиката и медиумите.

ПОГЛЕД ОДВНАТРЕ

Овде ги донесуваме Кодексот на ЗНМ И Декларацијата од пролетта 2009-та, како и текстот на колегата Христо Ивановски (стр.24-26) овојпат во својство на активист на македонскиот Хелсиншки Комитет, за сметавме дека е неопходно, човекови права!