Изборни нерегуларности и опасност од насилство на изборите, партиски претседател без никаков интегритет, разединувач а не обединувач, „самец” во претседателскиот кабинет без можност за здрава кохабитација…тоа е тажната слика на идниот македонски претседател.

Предизборната претседателска кампања веќе забрзано ја добива својата физиономија, но граѓаните (гласачите) сè уште не можат да насетат каков претседател ќе ја претставува Република Македонија во наредните пет години. Мартовската претседателска трка уште на почетокот ни укажа на неколку фундаментални противречности со кои, свесно или несвесно, ќе се соочи обичниот гласач во мигот кога ќе треба да го уфрли гласачкото ливче во кутијата.

Предизборната претседателска кампања веќе забрзано ја добива својата физиономија, но граѓаните (гласачите) сè уште не можат да насетат каков претседател ќе ја претставува Република Македонија во наредните пет години. Мартовската претседателска трка уште на почетокот ни укажа на неколку фундаментални противречности со кои, свесно или несвесно, ќе се соочи обичниот гласач во мигот кога ќе треба да го уфрли гласачкото ливче во кутијата.

Прво, и овие избори во Република Македонија се „едни од најважните“ во нашата кратка демократска историја. Тие се важни не затоа што изборот на вистинскиот или погрешниот претседател драматично ќе промени некои работи во државава, туку од една едноставна причина која европските демократии ја имаат заборавено уште пред многу десетлетија. Имено, Македонија мора да спроведе фер и демократски избори, без насилства пред и за време на изборите и без ниедна капка излеана крв. Колку и да изгледа апокалиптично сето ова, присуството на околу 300 странски набљудувачи, илјадници други помагачи и „олеснувачи“, и домашна јавност на штрек, срамно укажуваат дека Македонија е западната во длабока криза на политичката култура. Затоа првата противречност е токму таа: на земја кандидат за членство во ЕУ и со една нога влезена во НАТО, и се заканува сериозен предизвик дали ќе го положи „матурскиот испит“ кој толку јасно и експлицитно и го посочи чешкиот премиер Тополанек пред некој ден во Скопје. За волја на вистината, сенка врз регуларноста на претстојните избори веќе е фрлена со традиционалните фантомски или виртуелни гласачи во избирачкиот список. Сомнежот во валидноста на списокот, а со тоа и во декларираната регуларност на изборите, произлегува од бројката на македонски државјани со право на глас, која во моментов, претставува своевиден куриозитет искачувајќи се на неверојатен процент од 88 отсто од вкупното население на земјата.

Вториот предизборен апсурд се однесува на интегритетот на претседателските кандидати. Македонскиот гласач е постојано бомбардиран од партиските штабови дека токму нивниот претседателски кандидат е натпартиски, независен во одлуките и со силен сопствен интегритет докажан во изминативе години. Всушност, досегашнава предизборна кампања недвосмислено покажува дека скоро сите кандидати се „потопени“ во своите партиски агенди и го одразуваат само партискиот ракурс на гледање на нештата. Исклучок од ова е можеби само Љубе Бошковски, кој, не по своја волја, мораше да истрча како независен кандидат со претензии дека го претставува гласачкото тело на ВМРО- ДПМНЕ. Пра-гревот за ваквата предизборна „измама“ беше направен уште пред почетокот на кампањата и пред воопшто да се знаат претседателските кандидати. Без разлика на мотивите на едните или на другите, иницијативата Срѓан Керим да биде предложен за единствен натпартиски кандидат на двете најголеми партии беше експресно отфрлена од владеачката ВМРО-ДПМНЕ, при што ДПМНЕ буквално во фото-финиш „од фиока“ го извади својот „натпартиски“ кандидат, Ѓорге Иванов. По ваквиот развој на настаните, никој во Македонија нема право да зборува за интегритетот на претседателските кандидати. Едноставно, македонскиот гласач е понижен и изманипулиран, а нивото на политичка култура во државава пеплосано.

Третиот парадокс се однесува на тезата околу обединувањето и кандидати- обединувачи. Оваа теза се надоврзува на претходната, во случајов „проширена и надградена“. Историјата на изборниот процес во Македонија и сите претходни избрани претседатели покажува дека престедателот не е институција која обединува, туку напротив, служи за дневно-политички подметнувања и меѓупартиски обвинувања, играјќи ја улогата на „тројански коњ“ во политиките на владеачката структура. За жал, овој парадокс добива и некрофилски димензии во нашето практицирање демократија, кадешто македонските партии научија да ги валоризираат квалитетите и успесите на претседателот само доколку се случат тешки потреси во државата, како што беше демонстрирано при загинувањето на претседателот Трајковски и атентатот врз претседателот Глигоров. Повторно, единствена жртва на оваа парадоксална партиска политика се граѓаните кои секојпат влегуваат во ваквата замка. Македонското општество покажа дека не може да се одважи да избере натпартиски кандидат бидејќи партиите се предоминантни и тие ја диктираат целата приказна во смисла на избор на кандидат, партиска инфраструктура и финансирање. Самиот изборен модел уште поконкретно ја потврдува оваа теза, бидејќи во услови на мнозински изборен систем во два круга на гласање практично станува невозможно да се изнедри кандидат кој би бил натпартиски и би претендирал на обединување. Четвртиот елемент кој ја покажува фрагилноста на македонската демократија е (не)можноста да спроведеме релативно коректна кохабитација помеѓу претседателот и владата. Кохабитацијата не е лесна работа, и секогаш е подложна на концепциски разлики помеѓу „кохабиторите“. Но македонскиот случај покажува дека позициите на претседателот однапред се цементираат и практично во текот на целиот мандат се води рововска битка околу важните и не толку важните прашања од интерес за државата. Во услови на неподнослива партиска поларизација во моментов, илузорно е да очекуваме дека државниот врв во наредниов период ќе заплива во мирни кохабитациски води.

Македонија денес е длабоко поделено општество по неколку клучни линии (антиквизација-словенизација, НАТО интеграцијата наспроти решавање на спорот со името, меѓуетничка поделба и длабока недоверба помеѓу етникумите). Ова општество не е и не може да биде обединето во ситуација кога политичките партии не успеаваат (не сакаат!) да се одважат да го стават натпартискиот државен интерес во прв план. Затоа, идниот претседател на Република Македонија, кој и да биде тој, ќе биде однапред оспорен претседател заради наводни или реални изборни нерегуларности, со длабоки партиски корени и/или партиски условувања, разединувач, а не обединител и човек кој од првиот ден кога ќе седне во дрвениот изрезбарен претседателски кабинет ќе се соочи со неможноста за кохабитација со премиерот и политиката на Владата.

Едно друго сценарио… Размотувањето на дводецениската претседателска клопка ќе биде голем залак, но напор кој заради севкупната демократска атмосфера во државата ќе мора да започне од една клучна појдовна претпоставка – идниот претседател ќе мора да смогне сили да излезе од сенката на партиските и другите интересни побарувања. Практикувањето на позицијата Претседател на Република Македонија во иднина треба да се изземе од досегашната тенденција на потпаѓање под влијание на квазиексперти, квазистратегии на квазианалитичари, конспиративни теории и тесногради недржавни интереси. Претседателот ќе мора да биде стожерот околу кој полека ќе почне да се гради политичката култура во Република Македонија за еднаш за секогаш да излеземе од замките во кои народот се повикува да не си „игра со својата судбина“ (барем кога станува збор за потенцијалните изборни нерегуларности) наместо одговорноста да се бара кај челниците на главните политички субјекти во државата и судството кое по дефиниција е најповикано да ги повикува на одговорност прекршителите на изборните правила на игра. Останувајќи во контекст на политичката култура, без разлика на тоа кој од понудените кандидати ќе биде избран за претседател на Република Македонија на 5 април, тој/таа ќе мора да изнајде модалитет за составување на разделеното и разјадено (граѓанско) ткиво во Република Македонија. Иако ниеден од кандидатите досега не покажува капацитет да се оттргне од партискиот дискурс (било тој да е про- или антивладин), со седнувањето во кабинетот на бул. 11 Октомври тој ќе мора стратешки да работи на помирување на различностите и надминувањето на партизираноста на граѓаните, бидејќи само на тој начин, слично на покојниот Трајковски, ќе може да се етаблира како претседател на сите. „Натпартизмот“ и обединувачкиот капацитет на кандидатите, оттаму, не можат да бидат декларативни концепти скроени во изборните штабови за да предизвикаат симпатии и одобрување кај широките народни маси, туку резултат на идното делување во претседателскиот кабинет. Само на тој начин ќе се наметне граѓанско единство изградено врз принципите на демократското општество во кое претседателот ќе биде само израз на суверенитетот на граѓанинот, наместо одраз на волјата на партиските колективитети. Граѓаните овојпат нема и не смеат да ги заборават ветувањата на претседателските кандидати за натпартијност и обединување, и затоа идниот претседател ќе мора уште од првиот ден на својот мандат темелно да се посвети на оваа државничка работа.