Сто дена самотија
Пред многу многу години имаше еден стандарден понеделнички дијалог. По улиците, на работните места: “Виде ли сношти како Цуле им го шлепна на Буџите? Партали ги напрај!” Станува збор за една дамнешна легендарна ТВ-Серија, за ПОКОРНИОТ граѓанин, со прекар Цуле, прототип на МАЛИОТ ЧОВЕК, сместен во социјалистичко време. Ете тој и таков “мал Цуле” беше главниот вентил за забава (серијата беше хумористичка), но и за “празнење” на она што секој божји ден знаеше, како незадоволство, да се натрупа во душата на секој, па и на овој мал-голем јунак на социјалистичкото време. Не беше тоа идеално време, да се разбереме и околу тоа да не развиваме дополнителни фантазии, зачинети со примитивни забелешки за”комуњарскиот мрак”. Само да си знаеме, малиот човек секогаш е мал и буквално во сите времиња е мета на, особено, насилниците, та биле тие “комуњари”, или пак од овие, модерниве простаци кои за себе велат дека се најидеалните “мажи”, изданоци на македонската раса. Додуша, тепаат жени, тепаат деца, а и ги убиваат, ама мажи биле?!
Нејсе, тој несреќник Цуле знаеше, особено кога ќе му “пукнеше филмот”, да се изнатраска се и сешто на сметка на власт, партија, директори, шефови, жена му, децата, комшиите. Никој од “важните” во неговиот живот не остана поштеден. Сочно и точно го правеше тоа. Се сеќавам многу убаво, како да беше вчера. Деца бевме, ама знаевме дека улиците се празнеа, кафеаните затвораа порано, а следниот ден понеделник, работно, небаре е ден на дрвото, прераскажување со генерален заклучок: “Виде ли што се им изнакажа Цуле?”.
На овој несреќник многу често се присетувам во овие времиња на апатија, или како на македонски би се рекло, отрпнатост. На времиња во кои запуштеноста и однадвор и одвнатре стана наша општа карактеристика. Никогаш толку многу лица без било каква мимика на нив, а камоли насмевка, немало по улиците. Никогаш толку многу луѓе со запуштени (циниците би рекле: патинирани) стари облеки не се движеле по улиците. Никогаш толку многу неизбричени мажи не се шетале по улиците. Никогаш. Небаре се сите сами и живеат во некоја пустелија како осаменици кои, жив човек ниту гледаат, ниту пак нив некој ги гледа, па им е сосема сеедно.
Се присетив денес, а веројатно утре наутро пред весникарата некој од комшиите ќе ме дотепа со прашањето: “Виде ли комшија вчера на телевизија, како Нашите ги напикаа во ќош Власта и тоа министерчињата? Не знаеја кај им е главата а каде опашката!”
Не видов! Можеби тоа е најумниот одговор, ама пустинското, елементарната љубезност налага коментар, или барем насмевка која навестува дека сте биле среќни и задоволни заради “нашите”. Ќе го направите тоа што е најумно, особено ако се брзате со навестување дека “Нашето, кога и да е, ќе дојде”, а свесни дека до следната епизода сте рајат и дека дури по еден месец, или триесет дена, или не знам колку дена, ќе направите нешто слично. Ќе се разделите и секој по својот пат, во неговата осаменост, отрпнатост.
А не дека треба така да биде. Онај ПОКОРЕНИОТ ЦУЛЕ, комунистичкиот, само во миговите кога беше изнервиран, можеби, беше сам, а во сето останато време, скромно и чисто облечен, избричен, ги живееше деновите и годините на нормален човек со издржливи тегоби на секојдневието, ама и со многу остварливи планови и надежи.
Не! Ова не е приказна за старите добри времиња. Па толку детинести сигурно не сме за да не знаеме каде се наоѓаме и до кај ни е алот. Ама си велам: Дали баш мораме да бидеме толку многу осамени, оставени сами на себе? Та нели, така да се рече “до вчера” бевме на стотици илјади, чекоревме заедно, се надевавме, свесни дека и не мора надежите да ни се остварат, ама знаевме, гледавме, не сме сами!
Сонот за тоа дека можеби светот може да биде подобар, односно ќе го направиме да биде подобар, не се оствари! Еден убав ден ќе дознаеме зошто. Сигурно не само заради тоа што наспроти нас бил некаков “режим”, сигурно не. Ама тоа сега е помалку е важно.
Важното е дека оттогаш, НИКОЈ и тоа нас, стотиците илјади, не не побара. Слушнавме некои приказни зошто тоа мора да биде така и толку. Оттогаш, велат, поминале сто дена, а јас велам двесте (!), ние сме сами, а Тие на чиј што повик излеговме, презедовме ризици, ги мобилизиравме сите атоми на граѓанска храброст, ене ги, небаре актери во ТВ-сериите од дамнешните времиња, не хранат со материјал за муабети пред весникара, за на пазар. На телевизија “Нешто таму некаде-на некого таму, му велат, а Тој се пика во ќош!”.
Ами, ако веќе ја тераме работата до таму, можеби немаме имиња, презимиња, анонимни сме, најголемиот дел од нас. Дотолку пострашно и посрамно. Тоа на нашиве пријатели кои, еве ги, “се бунат во наше име” им ја дополнува обврската да бидат со нас СЕКОЈ ДЕН! Да, да. СЕКОЈ ДЕН. Како тоа ќе го сторат не знам. Односно знам, ама тоа мене не ми е работа. На опозицијата тоа и е морална обврска. Тоа дека НЕКАДЕ ТАМУ ќе одат и ЌЕ СЕ СРЕТНАТ со НЕКОИ ЛУЃЕ не е нешто што ќе ја разбие нашата самотија, апатија.
Или, не верувам дека ќе го читаат ова, ама да претпоставиме дека некој сепак ќе чита, полесно ќе му биде да “мудрува” за тоа КАКО ОВОЈ ЗАБРАЗДИЛ НАДВОР ОД ЛИНИЈАТА, па станал непријател. Ништо попогрешно и лекциите за таков, беден, интелектуален напор, секогаш биле скапо плаќани. Затоа прашувам: ЗОШТО НЕ ОСТАВИВТЕ САМИ?
За ова прашање, најмалку очекувам одговор од локалниве фашисти и простачки мудрувања на нивните загари.
Ѓунер Исмаил, политички аналитичар
