Вклученост на граѓанскиот сектор во креирањето на политиките на Центарот за развој на Југозападен плански регион
За авторите
Емина Рустемоска е магистер по евроинтеграции, социоекономски модул (во тек социокултурен модул на евроинтеграции и докторант на социологија од домен на одржливост на градови). Претходно има работно искуство како Наставник во основно училиште 2010-2014, проектен координатор во ЛЕР Струга од 2014, проектен менаџер во Енхалон Струга 2015 (Вмрежување на НВО од областа на животната средина за општините Струга и Вевчани/Изработка на регистер на НВО), координатор во граѓанска иницијатива за подигање на свеста за вработување на лица со хендикеп (јануари – март 2016), работа за интернет портал(септември 2016 – март 2017).
Работи на теми поврзани со анализа на законска регулатива од областа на животната средина (тема за магистерски труд), Законот за вработување на лица со посебни потреби. Учесник е на обука за пишување на документи за јавни политики, граѓански активизам и др.
Емин Рустемоски е студент на факултетот за физичка култура, отсек фудбалски тренер.
Има работно искуство во угостителство, проектен координатор во Енхалон Струга, вмрежување на НВО од областа на животна средина за општините Струга и Вевчани/ изработка на регистер на НВО, учесник на граѓанска иницијатива за подигање на свест за вработување на лица со хендикеп, локален координатор на проект против говор на омраза, финансиран од Амбасадата на Република Франција во Република Македонија. Набљудувач на изборен процес од „Цивил“. Бил учесник во повеќе обуки за мониторинг на јавни набавки, граѓански активизам, буџетска траспарентност и сл.
Резиме
Предмет на оваа анализа се процесите на креирање, донесување и спроведување на политики и програми на Центрите за развој на планските региони, како дел од главните носители на политиките за рамномерен регионален развој (РРР). Како овие Центри комуницираат со пошироката јавност, односно колку тие во својата работа го вклучуваат невладиниот сектор како показател колку овие институции се транспарентни и подготвени за меѓусекторска соработка. Ова произлегува и од начелата кои се пропишани со Законот за Рамномерен регионален развој (член 4).
Темата на ова истражување е како Центарот за развој на Југозападниот плански регион функционира, како и во која мера е спроведена Стратегијата за рамномерен регионален развој за периодот 2009-2019 година во однос на предвидените активности за Југозападниот плански регион, како и Програмата за развој на регионот 2015/2019 година.
Со оглед на тоа дека до завршувањето на Стратегијата и Програмата за рамномерен развој има уште околу година и половина, ова истражување беше важно од неколку аспекти. Со анализата се направи обид да се утврди дали Центарот во изминатиов период имал позитивно влијание во регионот и какво било тоа. Ова е релевантно на локално ниво, бидејки според Законот за рамномерен регионален развој овие Центри се носители за развојот кои треба да помогнат да се намалат диспаритетите на развој на национално ниво, односно директно се одговорни за подобрување на општите услови на живеење и развој на населението по региони, заедно со единиците на локалната самоуправа.
Како извори на податоци кои беа користени во изработка на анализата се:
- Анкетен прашалник и интервју со вработените во Центарот за развој на Југозападен плански регион
- Прашалник за Програмата за работа на Центарот 2015/19
- Статистички податоци од Државниот Завод за Статистика
- Прашалник за невладини организации кои биле консултирани во процесот на подготовка на Програмата
- Прашалник за невладини организации кои не биле дел од процесот на подготовка на Програмата
- Прашалник за институции на локално ниво
- Законот за рамномерен регионален развој
- Стратегијата за рамномерен развој 2009 – 2019
- Програмата за работа на Центарот 2015/19
- Интернет страницата на Центарот за развој на Југозападен плански регион
Со анализирање на документите кои се однесуваат на Југозападниот плански регион и нивно вкрстување со добиените податоци од анкетите се доби слика за функционирањето на Центарот од институционална перспектива, како и од перспектива на невладиниот сектор.
Вовед
Во текот на спроведувањето на истражувањето беа изготвени прашалници за невладини организации (организации кои биле консултирани во тек на изработката на Програмата, како и оние кои не биле, но своите активности ги спроведуваат на територијата на ЈЗПР). Понатаму, беа изготвени прашалници и анкетни прашања за вработените во Центарот за развој на ЈЗПР, институции во градот Струга и општини кои припаѓаат на ЈЗПР. Времетрањето на овие активности беше периодот мај-јуни. Прашалниците беа дистрибуирани лично или по електронска адреса, додека интервјуата со Центарот за развој на ЈЗПР и институциите беа спроведени лично. Исто така, како извор на податоци беше користена и интернет страницата на Центарот за развој на ЈЗПР, која воедно и е дел од оваа анализа, веб страницата на Државниот Завод за статистика, веб страниците на општините на ЈЗПР, како и публикацијата „Политиката за рамномерен регионален развој во Македонија: Цели, предизвици, трендови.“
За регионот
Југозападниот плански регион е еден од осумте плански региони во Република Македонија. Го сочинуваат општините Вевчани, Дебар, Дебрца, Охрид, Кичево, Македонски Брод, Пласница, Струга и Центар Жупа. Оваа поделба е направена врз основа на усвоената номенклатура на Владата на Република Македонија во декември 2007 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 158 од 28.12. 2007 година).[1]
Како приоритети на Центарот за развој на Југозападниот плански регион се наведени: економски развој, образование, социјална и здравствена заштита, туризам и култура и животна средина.[2]
Во Програмата за развој на ЈЗПР е предвидено регионот своите развојни програми да ги базира на основа на потенцијалите кои ги има, а тоа се туристичките потенцијали за развој на масовен, верски, рурален и алтернативен туризам, како и промоција на регионот како заштитено подрачје под УНЕСКО.
Стратешки документи за рамномерен регионален развој
Стратешки документи за РРР се Закон за РРР, Стратегија за РР и Програма за развој за плански регион.
Co законот „се уредуваат целите, начелата и носителите на политиката за поттикнување на рамномерен регионален развој, планирањето на регионалниот развој, финансирањето и распределбата на средства за поттикнување на рамномерниот регионален развој, следењето и оценувањето на спроведувањето на планските документи и проекти и други прашања поврзани со регионалниот развој.“[3]
Од целите на Законот ги издвојуваме:
- зголемување на конкурентноста на планските региони преку јакнење на нивниот иновациски капацитет, оптимално користење и валоризирање на природното богатство, човечкиот капитал и економските особености на различните региони,
- зачувување и развивање на посебниот идентитет на планските региони, како и нивна афирмација и развој,
- ревитализација на селата и развој на подрачјата со специфични развојни потреби и
- поддршка на меѓуопштинската соработка на единиците на локалната самоуправа во функција на поттикнување рамномерен регионален развој.
Меѓу наведените начела на Законот се и следниве:
- партнерство – соработка при подготовката, имплементацијата, мониторингот и евалуацијата на планските документи за регионален развој меѓу органите на централната власт и единиците на локалната самоуправа, економските и социјалните партнери и други релевантни претставници на граѓанското општество,
- транспарентност – редовно, навремено и објективно информирање на јавноста за мерките на политиката за поттикнување рамномерен регионален развој, како и овозможување слободен пристап до информации на заинтересираните страни,
- одржливост – почитување на економските, социјалните и еколошките компоненти на развојот при креирање на политиката за поттикнување рамномерен регионален развој.
Стратегијата за регионален развој претставува основен документ врз кој се базираат вкупните активности во однос на регионалниот развој на државата.[4] Таа се однесува на периодот 2009/2019 година, а е подготвена и донесена како обврска која произлегува од Законот за РРР од 2007 година.
Со неа се дефинирани начелата за рамномерен развој како што се: програмирање, партнерство, кофинансирање, транспарентност, субсидијарност и одржливост. Потоа целите, како што се: рамномерен и одржлив развој на целата територија на РМ, намалување на диспаритетот помеѓу планските региони, зачувување и развој на посебниот идентитет на планските региони, ревитализација на селата, како и поддршка на меѓуопштинска и прекугранична соработка.
Програмата за развој на планските региони произлегува како обврска од Законот за РРР и се изработува за секој регион одделно, врз база на карактеристиките и потребите на регионот, а се во согласност со Стратегијата и документите кои излегуваат од процесот на интегрирање на РМ во ЕУ.
Програмата за развој на Југозападниот плански регион[5] е среднорочен документ со предвидени среднорочни цели кои се планира да бидат реализирани до 2019 година. Програмата претставува документ кој има за цел управување со развојот на регионот и опфаќа развој на знаење, образование, туризам, инфраструктура, информатичка технологија, кохезија, економија, заштита на животната средина. Истата е разработена врз основа на ресурсите, потенцијалите и потребите на регионот. Програмата се базира и на визија за развој на Југозападниот плански регион и претставува основа за насочување на проекти на општините. Со имплементација на Програмата се предвидува дека ќе се придонесе и кон зајакнување на меѓурегионалната и прекуграничната соработка во реализација на заеднички развојни проекти.
Улога и структура на Центарот за развој на Југозападен плански регион
Центарот за развој на Југозападниот плански регион (ЦРЈЗПР) ги врши надлежностите кои произлегуваат од законските одредби на Законот за рамномерен регионален развој. Според истиот, седиштето на регионот е во општината со најголем број жители, а во случајот на ЈЗПР тоа е Општина Струга.[6]
ЦРЈЗПР како главна задача има подготовка на Програма за развој и акциони планови за спроведување на истата, а се базираат на Стратегијата за регионален развој. Покрај тоа, во склоп на активностите на регионот се вклучуваат и активности поврзани со Центарот за меѓуопштинската соработка, промоција на можности на развој на регионот, како и соработка со регионалните институции од другите земји.
Работата на Центарот е директно поврзана со Советот за регионален развој на Југозападниот плански регион и воедно преставува тело кое ги спроведува одлуките на Советот.
Центарот за развој на Југозападниот плански регион е функционален од 01.07.2009 година, има пет вработени со следната структура: раководител, три проект-координатори и администратор.[7]
Анализа на засегнатите страни за развојот на ЈЗПР
За потребата на ова истражување, беа спроведени интервјуа и анкети со вработените на ЦРЈЗПР. Од прибраните информации може да се заклучи дека ЦРЈЗПР организациите ги вклучува во својата работа преку консултирање во изработката на Програмата и преку предлог проекти. Невладините организации понекогаш ги користат ресурсите на ЦРЈЗПР за планирање на нивните активности и проекти.
Организации кои зеле учество во активностите се од општините Струга, Дебар и Охрид, а нивното поле на работа е туризам, социјални прашања, екологија и сл. Исто така, како институција добивале покани од организациите на нивни трибини, сесии, јавни расправи и активности.
Претставниците на Центарот сметаат дека постои простор и потреба за поголема соработка на релација организации и ЦРЈЗПР, како и поголема промоција на активностите на ЦРЈЗПР преку социјалните мрежи. Соработката помеѓу општините во ЦРЈЗПР се одвива преку координација на активности, спроведување на заеднички проекти, консултативни и информативни средби. Како активности кои ги спроведува ЦРЈЗПР се истакнуваат: инфо сесии за повици со фондот за иновации и консултации за пополнување на апликации, организирање на работилници, презентации за зголемување на капацитетите за пристап до соодветни фондови на ниво на државата и ЕУ.
Меѓу активностите кои ги спроведува Центарот се и брендирањето на регионот преку брендирање на Охридските цреши и Дебарското сирење, кои се спроведени во целост.
Како мерка или активност за привлекување на инвестиции во регионот е подготовка и печатење на водич за инвестиции, промоција на економските потенцијали преку ГИС системот за инвестициски потенцијали во ЈЗПР.
Предвидени активности за јакнење на мали и средни претпријатија се спроведување обуки за жени претприемачи во 3 микро региони – Струшки, Дебарски и Кичевски, како и отворање на бизнис центар за поддршка на страт-ап бизниси, организирање на инфо сесии со МБП, фонд за иновации, поддршка и соработка на кластери.
Изработката на проектни документации за рурална инфраструктура е една од мерките за создавање на услови за рурален развој, а за изградба, реконструкција и модернизација на сообраќајната мрежа е предвидена подготовка на техничка документација за регионални патишта и основен ифраструктурен и градежен проект за изградба на велосипедска и пешачка патека во ЈЗПР.
За развој на туризмот поврзан со природно и културно наследство е предвидено изготвување на урбанистичко–планска документација на урбанистички планови за села, кој е во тек, а исто така и изработка на андроид апликација за обезбедување на информации за туристичките атракции. Преку организирање на работилници, формирање на Мрежа за инклузивен рурален развој, Мрежа на инклузивен регионален развој, Програма за развој на рурален туризам и Акционен план се предвидува подобрување на работата на кластерите и другите видови здружување.
Во поглед на зачувување на квалитетот на животна средина е предвидено изработка на основен проект за третирање на градежен шут, а за одведување на комуналните отпадни води и пречистителни станици се подготвува документација и изведба.
Еден од начините за подобрување на соработката со организациите и другите институции се можноста за соработка и поддршка при потреба за партнерство во зависност од можностите. Исто така и соработката со одделенијата за локален економски развој на општините, преку кои директно или индиректно праќаат покани до други организации во зависност од секторот на соработка. На крај на годината се поканети организации кои се поактивни, кои со нивни спроведени проекти и активности можат да се најдат во годишната програма на Центарот. Како објаснување за недоволното вклучување на повеќе организации во активностите, од Центарот наведуваат дека организациите можат да бидат вклучени само на консултативно ниво поради институционалната и законска поставеност на ЦРЈЗПР, а слабата финансиска независност на Центарот ги ограничува можностите за поголема директна комуникација со граѓанскиот сектор (организирање повеќе консултативни средби во сите општини, трибини и сл).
Во однос на приоритетите за реализација одлучува Советот за развој на ЈЗПР, а со нивно приоретизирање на листата градоначалниците одлучуваат кои проекти ќе се реализираат. Затоа кај одредени мерки од Програмата нема спроведени активности. Како најприоритетни прашања за кои Советот се изјаснил дека ќе бидат спроведени се мерките кои спаѓаат во инфраструктурата и екологијата, како поставување на урбана опрема, контејнери за отпад и сл. Она што останува како предизвик е во наредниот период да се изнајдат модели со кои мерките кои се запоставени, а се од висок интерес за жителите на ЈЗПР, да бидат делумно реализирани.
Како дел од истражувањето беа интервјуирани неколку институции во однос на нивото на нивна соработка со ЦРЈЗПР.
Агенција за вработување –Струга
Како приоритет на оваа институција беше посочено дека посредуваат при вработување и евиденција на невработени, како и соработка за подршка за вработување. Од спроведената анализа беше констатирано дека меѓу ЦРЈЗПР и Агенцијата за вработување нема соработка, но исто така дека погенерално, нивото на соработка од овој вид на институциите кои работат на подобрување на економската активност на населението на локално ниво не е на задоволително ниво. Претпоставка е дека поинтензивна соработка би довела до поголема реализираност на предвидените активности од страна на двете институции. Наведено беше дека соработката за подобрување на комуникацијата помеѓу институции кои работат на локално ниво е споделувањето на информациите, како и заеднички проекти и иницијативи во оние домени каде има поклопување на одредени теми.
Црвен Крст Струга
Црвен Крст е институција чие поле на делување се социјалните прашања и здравствената заштита. Од нивна страна беше посочено дека немаат соработка со ЦРЈЗПР и дека ако имаат поинтензивна соработка би довело до поголема реализација на предвидените активности на двете институции.
Канцеларија за Животна Средина при МЖСПП – Струга
Од оваа институција ни беше посочено дека треба да се обратиме во Општина Струга, Сектор за урбанизам и животна средина, при Одделение за животна средина. Информации за поранешна соработка со ЦРЈЗПР не ни беа доставени.
Сектор за локален економски развој при Општина Струга
Една од институциите со кои ЦРЈЗПР има соработка на високо ниво со одлично разбирање и комуникација е секторот за ЛЕР при Општина Струга.Тие потенцираат дека комуникацијата се одвива на интензивно ниво, со неделни, месечни и периодични средби, а за подобрување на комуникациите помеѓу институциите кои работат на локално ниво, како помош при редовни неделни состаноци за координација и комуникација се користат и интернет алакти како што се skype, webinar и сл.
Како споделени активности на ЛЕР И ЦРЈЗПР се посочени: заедничко управување, планирање и имплементација на програми, планови и проекти во сите области од надлежност на општините заедно со тим од ЛЕР и останатите сектори.
Овие активности се во рамките на законот, во согласност со начелото на супсидијарност, што значи дека имаат право на своето подрачје да ги вршат работите од јавен интерес од локално значење, што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт. Тие потенцираат дека би било добро ако се направат напори за креирање на интер-институционално тело во кое би членувале повеќе институции на локално ниво (ОВР Струга, Црвен Крст, Центар за социјални грижи, НВО, ЛЕР и ЦРЈЗПР) кое би имало координативни состаноци и би придонело за многу поголема координираност и запознавање со меѓусебните активности и подобрување на соработката помеѓу истите.
Во периодот 16-19 јуни 2017 година спроведовме анкета со 10 невладини организации кои делуваат во ЈЗПР (Струга, Кичево, Охрид, Дебар).
Врз база на податоците кои се добиени може да се заклучи дека најголем број од анкетираните невладини организации се запознаени со постоењето на ЦРЈЗПР, но не го гледаат како потенцијален партнер за соработка, со оглед на тоа дека најголем број од нив не се обратиле за податоци до Центарот и не учествувале во активностите кои ги спроведува истиот.
Во однос на транспарентноста одговорите се поделени. Ова веројатно се должи на фактот дека веб страницата на Центарот дава доволно информации за активностите, но факт е и дека Центарот не е доволно медиумски промовиран. Центарот нема профили на социјалните медиуми, што е веќе востановена пракса на повеќе институции. Линк до Центарот постои на официјалната страница на Општина Струга.[8]
Она што се вклопува во главниот интерес на оваа анализа е дека најголем дел од НВО сметаат дека Центарот треба да соработува со невладиниот сектор, посебно со организациите кои делуваат на локално ниво, со оглед на фактот дека голем број од проектите се поклопуваат со приоритетите на ЈЗПР. Како главни начини преку кои може да се зголеми оваа соработка се наведуваат мејлинг листа преку која невладините организации и Центарот ќе разменуваат информации за активностите кои ги спроведуваат и ги планираат, како и поголема заинтересираност на Центарот за активностите кои се спроведуваат од страна на НВО.
Ако се сумираат сите податоци, може да се заклучи дека перцепцијата на невладините организации е дека Центарот е поприлично затворен за соработка, дека истите моментално не го гледаат како партнер за соработка и дека во иднина треба да се создадат канали за комуникација со НВО на локално и регионално ниво.
Како дел од истражувањето, беше спроведено и интервјуирање на организациите кои зеле активно учество во изработката на Програмата за развој на ЈЗПР. Една од организациите која учествувала во консучтативните средби и достави информации за истото е Локалната агенција за развој од Струга. Од другите организации кои учествувале во изработка на програмата, а ни беа посочени во интервјуто со вработените во ЦРЈЗПР, не добивме одговори на нашите прашања.
Локална агенција за развој Струга (ЛАР)
Врз основа на доставениот прашалник и спроведеното интервју со ЛАР Струга, ни беше посочено дека тие како организација се запознаени со постоењето на ЦРЈЗПР и организацијата била поканета во подготовката на Програмата за развој 2015-2019 и промоција на регионални проекти. Исто така, во случаи кога биле побарани информации за ЈЗПР истите им биле доставени. Во однос на транспарентноста, беше истакнато дека ЦРЈЗПР е транспарентен во својата работа, иако медиумски Центарот не е доволно промовиран.
Беше потенцирано и дека е потребна соработка со невладиниот сектор со оглед на тоа дека Центарот се бави со прашања од локален интерес на граѓаните. А како начин за зголемување на соработката беше посочено вклучувањето на ЦРЈЗПР од страна на НВО секторот при подготовка на проекти преку консултации, поголемо и навремено одговарање на пораките доставени преку електронски адреси, со цел подобро запознавање со нивната работа и активности, како можност за соработка и поголема транспарентност.
Заклучоци
Како генерални заклучоци од ова истражување може да се изведат неколку:
- Центарот за развој на Југозападниот плански регион не е доволно познат на пошироката јавност во однос на ингеренциите кои ги има. Постои недоволна меѓуинституционална соработка со другите институции на локално и регионално ниво. Не постои координација на активности со другите институции во однос на соработка на исти или слични теми, освен со ЛЕР Струга.
- Иако Центарот има капацитет за работа, голем дел од предвидените активности со Програмата 2015-19 не се започнати со реализација.
- Соработката со невладиниот сектор е на ниско ниво. Центарот многу малку ги вклучува НВО во своите активности, а граѓанскиот сектор не го гледа Центарот како свој партнер за соработка.
- Траспарентноста на ЦРЈЗПР е делумна и потребна е поголема отвореност на Центарот.
Препораки
- Потребно е Центарот да се насочи кон поголема промоција преку социјалните мрежи, со оглед на тоа дека најголем број од институциите ги користат мрежите како сервис за комуникација со граѓаните.
- Потребно е поголемо вклучување и информирање за невладините организации во работните активности на Центарот. Формирање на мејлинг листа со кој Центарот може да ги информира заинтересираните НВО за тековните и предвидените активности е една од можностите која може да се искористи.
- Формирање на неформално тело во кое би членувале Центарот, останати институции на локално ниво и невладини организации со кое би се координирале активности, би се разменувале информации и сл. би придонело за подобро функционирање на сите наведени страни.
- Поголемо приоретизирање на предвидените мерки од Програмата за развој на планскиот регион од страна на Советот на ЈЗПР би придонело за поголем процент на спроведеност на истата. Моментално голем дел од мерките не се ни започнати со спроведување, а истите би можеле во голема мерка да ги подобрат социо-економските услови во ЈЗПР.
Библиографија
- Службен весник на Република Македонија бр. 10 од 20.01.2014 г.
- Службен весник на Република Македонија бр. 63 од 22.05.2007 г.
- Стратегија за регионален развој, Службен весник на РМ бр. 119 од 30.09.2009 г.
- Програма за развој на Југозападен плански регион 2015-2019, Струга, 2015
Користени интернет извори
- http://www.stat.gov.mk/OblastOpsto.aspx?id=1
- http://www.stat.gov.mk/publikacii/2.4.15.10.pdf
- http://makstat.stat.gov.mk/PXWeb/pxweb/mk/MakStat/MakStat__ProstorniEdinici/125_PrEdn_reg_09_BrOpstiniNM_mk.px/table/tableViewLayout2/?rxid=8ea62263-fc0a-4416-95b0-cbdc7fe7539c
- http://makstat.stat.gov.mk/PXWeb/pxweb/mk/MakStat/MakStat__DelovniSubj__AktDelovniSubjekti/375_DelSub_Reg_01DsBrVr_mk.px/table/tableViewLayout2/?rxid=f7bfd065-765f-484a-9557-b37473c14b3f
- http://www.southwestregion.mk/ZaRegionot.aspx
- http://www.southwestregion.mk/home.aspx
- http://www.southwestregion.mk/media/24018/giz_jugozapadenregion_razvojnaprograma_vnatresni_makedonski_posledna.pdf
[1]„Службен весник на Република Македонија“ бр. 10 од 20.01.2014 година
[2]Официјална страница на ЈЗПР
[3] Сл.Весник на Р.Македонија бр.63 22.05.2007 год
[4] „Стратегија за регионален развој“, Службен весник на РМ бр.119, 30.09.2009
[5] „Програма за развој на Југозападен плански регион 2015-2019“,Струга, април 2015
[6] Закон на Рамномерен регионален развој Член 24, Службен весник на РМ бр 63, 22.05.2007 година
[7] Официјална веб страница на ЦРЈЗПР
[8] Официјална веб страница на Општина Струга
