Кратка информација за авторот

Митко Николов е граѓански активист во полето на заштита на животната средина. По професија е рударски инженер. Изминатите 18 години има реализирано голем број проекти од областа на животната средина преку Еколошкото друштво Планетум, а истовремено како вработен во Центарот за поддршка на невладини организации има реализирано и други проекти од граѓанскиот сектор. За време на работењето во граѓанскиот сектор има посетено голем број на обуки, меѓу кои и две меѓународни во организација на Регионалниот центар за животна средина од Будимпешта. Во моментов, кога се актуелни прашањата за работењето на новите рудници, како рударски инженер тој сака да даде придонес за добивање на по објективна слика за влијанието на овие рудници во регионалниот развој на Југоисточниот плански регион.

Кратко резиме  

Оваа анализа го опфаќа влијанието на новите рудници во развојот на Југоисточниот регион со посебен акцент на граѓанската вклученост во планирањето на развојот на регионот. Наодите во анализата се базираат на интервјуа направени со раководни лица од граѓански организации, претставници на локалните самоуправи, претставници на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, претставници од фирмата концесионер за откопување на минерални суровини, од објавените документи за влијанието врз животната средина од страна на фирмите концесионери, Програмата за развој на Југоисточниот плански регион 2015-2019 година, анализа на постојната законска рамка за вкучување на граѓаните и граѓанските организации во процесот на планирање на регионалниот развој, директни разговори со граѓани, како и следење на медиумите.

Според добиените наоди, Југоисточниот плански регион е многу специфичен, и неопходно е да се спроведе интегриран регионален развој во кој ќе биде вклучено земјоделството како примарна дејност и останатите дејности вклучувајќи го и рударството. Анализата покажа дека работењето на новите рудници не смее негативно да се одрази на земјоделството. Земјоделството е примарна дејност на мнозинството граѓани од овој регион, и затоа ако се случи нарушување на имиџот на земјоделските производи од овој регион, поради нарушување на животната средина, ќе се направи повеќе штета отколку корист. Треба да се запазат сите стандарди за заштита на животната средина, односно новите рудници да обезбедат гаранции за зачувување на чиста животна средина во овој регион.

Ненавременото вклучување на граѓаните во процесот на планирање на регионалниот развој, како и недовербата на граѓаните во институциите, доведе до поттикнување на граѓански иницијативи за референдуми против новите рудници. Без да ги вклучат навремено граѓаните во носењето на одлуките, локалните власти побрзаа по високите приходи за општините кои би произлегле од работењето на новите рудници, притоа сметајќи дека новите инвестиции во рударството ќе придонесат овие општини да можат самостојно да инвестираат во инфраструктура и реализација на планираните проекти.

Вовед 

Најавата за отворање на рудници во Југоисточниот регион, отвори многу прашања кај граѓаните од овој регион. Првично, отворањето на новите рудници беше прикажано дека е позитивно прифатено од граѓаните во овој регион и дека граѓаните очекуваат дека ќе се подобри нивниот животен стандард и ќе престане иселувањето. Но, како што инвестициите стануваа реалност, така кај граѓаните се појави страв од загадување на животната средина и нарушување на нивното здравје и страв дека инвестициите во рударството негативно ќе се одразат на земјоделството кое е примарна дејност на граѓаните од овој регион. Најпрво, активисти од Гевгелија започнаа кампања по социјалните мрежи против издавањето на земјиште под концесија за геолошки истражувања во околината на Гевгелија, по што следуваше референдум против рудниците кој беше успешен, односно граѓаните на Гевгелија се изјаснија против отворање на рудници. Со успешниот референдум во Гевгелија беа охрабрени и граѓаните во останатите градови да бараат изјаснување преку референдум против изградбата на рудниците во нивните општини.

Главна причина за отпорот на јавноста кон новите рудници е нивната невклученост во процесот на планирање на развој на регионот преку отворањето на нови рудници, како и недовербата на граѓаните во институциите, односно граѓаните не се сигурни дека институциите навремено ќе спречат евентуално загадување на животната средина.

Оваа анализа има за цел да даде објективна слика на состојбата со изградбата на новите рудници во Југоисточниот плански регион, со што правилно и објективно би се информирала јавноста за темата.

Анализа на темата

На барањата кои беа упатени до локалните самоуправи од Југоисточнот регион, да се произнесат во врска со отворањето на новите рудници, тие одговорија дека сите десет градоначалници имат консензус по ова прашање. Консензусот бил постигнат на 16 јуни на седница[1] на Советот за развој на Југоисточниот плански регион, каде меѓу другото се разговарало за состојбата со отворањето на новите рудници. На оваа седница сите десет градоначалници со консензус ги донеле следните заклучоци:

  • Постапката за оцена на студиите за влијание врз животната средина на потенцијалните рудни наоѓалишта беше спроведена според Законот и Правилниците од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање на РМ.
  • Согласно Законската регулатива во Република Македонија, со која се одредува проблематиката околу искористувањето на минералните суровини, концесиите за геолошки истражувања на минерални суровини ги издава Министерството за економија односно Владата на РМ.
  • Концесии за експлоатација на минерални суровини издава Министерството за економија односно Владата на РМ.
  • Општините пред и по одржаните референдуми немаат никаква надлежност за преземање мерки, односно, референдумите не произведуваат никаква правна обврска за локалните самоуправи, за веќе издадените концесии за екскплоатација, единствено резултатите од референдумите може да ги достави до Министерството за економија односно Владата на РМ.
  • Владата на РМ има законска обврска да се произнесе за резултатите од референдумите и да донесе соодветни одлуки за доделените концесии за истражување и експлоатација на минерални суровини.

Според овие заклучоци, градоначалниците од десетте општини од Југоисточниот плански регион, побараа од Владата на РМ на првата наредна седница да се произнесе со официјален став по однос на прашањата за рудниците.

На состанок на Премиерот со бизнис зедницата, на прашањето од директорот на рудникот Бучим и претседател на Асоцијацијата за рударство, Николајчо Николов, во врска со референдумите, премиерот Заев, според интернет порталот „Плусинфо“[2], одговорил дека ставот на Владата е да се поттикнува заштита на животот на граѓаните, но тоа не е спротивно со развојот на рударството. Тој истакнал дека, Владата сака да ги добие и анализира сите документи и да ги види деталите што е планирано и како се остварува, а цел на Владата е инвеститорите да продолжат да работат. Откако ќе ги видат деталите, решението на Владата ќе биде јавно достапно. Исто така тој изјавил дека сегашниот проблем со новите рудници ќе се реши со тоа што ќе се вклучат еколошките здруженија во Надзорните Одбори на рудниците. Така тие ќе имаат влијание во рудниците за да не дојде до загадување на животната средина.[3]

Во врска со идејата за вклучување на еколошки здруженија во Надзорните Одбори на рудниците, разговаравме со Драги Пелтечки[4], раководител на проектот Иловица-Штука. Според Пелтечки, тоа зависи од политиката на секоја посебна компанија и како таа компанија го гледа вклучувањето на чинителите во процесот на сопствената работа. За проектот Иловица-Штука, тој истакнува дека вклучувањето на чинителите е замислено на сосема друг начин и предвидени се механизми за приговори и поплаки за работата на рудникот, доколку некој верува дека работата не се врши како што треба. Целиот тој концепт на вклучување на чинителите е во согласност со барањата за изведба на Европската банка за обнова и развој. Вклучувањето на еколошките здруженија во надзорните органи на компанијата, според Пелтечки, е малку нејасен концепт, можеби има примери за таков начин на функционирање на компании во светот, но тој досега не наишол на таков податок.

Директорот на Бучим, Николајчо Николов[5], во интервју за Фактор истакна дека се носат одлуки за референдум без претходни анализи, а тврдењата за влијанието на рудниците врз животната средина се многу паушални, произволни и без конкретни показатели. Според него, ако рудниците за обоени метали се градат согласно законските прописи, ако се изработат квалитетни студии за нивното влијание врз животната средина, се применат во градбата најдобрите достапни технологии и се врши редовен и квалитетен мониторинг во текот на експлоатацијата, тогаш рудниците можат да работат во услови на одржливо влијание врз животната средина. Не треба да се прават претпоставки за тоа што би било кога би било, туку треба да се предвидат и применат сите мерки за претпазливост. Тој исто така смета дека, концесиите за детални геолошки истражувања се доделуваат на јавни и транспарентни тендери и рамноправно учествуваат и домашни и странски фирми и лица. Тоа што има повеќе странски фирми веројатно е резултат на економската моќ и потребата за големи инвестициски вложувања. Според него, одржаните и предвидените референдуми во кои луѓето се изјаснуваат против рударството, сигурно ќе имаат негативно влијание и врз рударството и врз економијата на земјата. Особено затоа што референдумите се организирани набрзина и без претходни детални анализи. Николов смета дека нашата земја треба да изработи долгорочната стратегија за рударството, а исто така и долгорочна стратегија за земјоделството и другите индустриски гранки. Во врска со отворањето на рудникот Иловица-Штука, како најголем рудник во овој регион во близина на плодното земјоделско земјиште, Николов смета дека рудникот Иловица претставува голем рударски потенцијал. „Таму сѐ уште нема дозвола за експлоатација и сѐ уште не е доцна да се направи нова стручна, целосна и неутрална анализа, изработена од врвни стручњаци од областа на земјоделството и рударството. Никако не смее да се запостави Струмичкото поле, кое е нашиот земјоделски бисер. Треба да се стави на вага што се добива и што се губи со евентуалниот нов рудник и потоа да се заземе став“, изјавил Николов.

Постоењето на рудници во овој регион не е нешто ново. Рудникот Бучим, каде што слично на планираните нови рудници, се откопува метална руда, опстојува децении наназад. Општината Радовиш има голем економски интерес од работењето на рудникот Бучим. Според Игор Чапов, вработен во општинската администрација[6], приходите во општината од концесија за експлоатација се околу 5-6 милиони денари месечено, што за една мала општина како што е Радовиш, има голем удел во вкупниот буџет на општината. Ако на тоа се додадат и 670 вработени со просечна нето плата од околу 27.000 денари, може да се констатира дека општина Радовиш има голем економски интерес од работењето на рудникот Бучим. Но, наспроти тоа,  жителите на околните села Бучим и Тополница се жалат на загадување од рудникот Бучим. Колкаво е тоа загадување, досега нема конкретни показатели, што дава до знаење дека институциите не се многу загрижени за загадувањето на околните населени места. Според Чапов, земјоделството во Радовиш е поразвиено во населените места кои граничат со општините Василево и Конче, па директно влијание од рудникот врз земјоделството не е многу забележително. Според него, рудникот Бучим е еден од двигателите на економијата во општина Радовиш и е од голем интерес за градот.

ПРОЕКТ ИЛОВИЦА-ШТУКА

Од добиените податоци за рудникот Иловица-Штука, може да се забележи дека станува збор за рудник кој ќе има големо влијание врз економијата во регионот, посебно во општините Босилово и Ново Село. Според информациите добиени од Елизабета Стоева, вработена во информативниот центар на рудникот Иловица-Штука[7], и од материјалите добиени од фирмата концесионер Евромакс, во текот на изградбата, најголема потреба од работна сила ќе изнесува 800 работници, а 720 од нив се очекува да бидат македонски работници. Слично и при работењето на рудникот, 96% од вработените ќе бидат македонски работници. Раководителите од странство, постепено ќе се заменуваат со македонски раководители, кои ќе бидат обучени во почетните години од работењето на проектот Иловица-Штука. Висината на платите на неквалификуваните работници ќе биде двојно повисока од националниот просек, и истата ќе биде поголема со растот на квалификациите. Вкупните директни приходи за вработените, како резултат на 18 месечнииот период на изградба на рудникот, се очекува да бидат над 63 милиони евра. За време на работењето, проектот се очекува да создаде приближно 14 милиони евра директни приходи за вработените на годишно ниво. Според тоа, вкупните директни приходи на вработените, како резултат на 23 годишниот период на работење на проектот, се проценети на над 320 милиони евра. Вкупните лични приходи, за време на изградбата на проектот Иловица-Штука, заедно со приходите од директните, индиректните и предизвиканите вработувања, се предвидува да достигне околу 73 милиони евра. За време на експолоатацијата, се предвидува проектот да генерира вкупно околу 527 милиони евра лични приходи на работна сила. Оттука, заедничкиот ефект на проектот врз вкупните приходи на работна сила се проценува дека ќе изнесува околу 600 милиони евра.

За време на најактивната изградба (2018), директниот придонес на проектот Иловица-Штука во националниот БДП се предвидува да изнесува 33,5 милиони евра. Индиректните и предизвиканите ефекти врз БДП во истата година се помали и предвидени во износ од 13,3 милиони евра, но го зголемуваат вкупниот ефект на Проектот врз БДП на 46,7 милиони евра. Се предвидува дека во текот на целиот период на изградба, проектот ќе учествува во економијата на земјата со вкупен директен придонес кон БДП од 67,0 милиони евра. Индиректните и предизвиканите придонеси кон БДП во износ од 26,5 милиони евра ќе пораснат во сеопфатен вкупен ефект на изградбата на проектот Иловица-Штука врз БДП во износ од 93,5 милиони евра.

За време на првата цела година од работењето (2020 г.) директниот придонес на проектот во националниот БДП се предвидува да изнесува 82,7 милиони евра. Директните и индиректните придонеси поврзани со овој проект носат уште дополнителни 23,8 милиони евра, со што севкупниот проектен придонес во БДП ќе достигне 106,5 милиони евра. За само еден проект, ова претставува значителен придонес (1%) кон националниот БДП. Вкупниот директен (1.901,7 милиони евра), индиректен и предизвикан (547,2 милиони евра) придонес на проектот Иловица-Штука во БДП на земјата во текот на целиот животен век на рудникот се предвидува да достигне речиси 2,45 милијарди евра.

Вкупните годишни надоместоци за општините Босилово и Ново Село од работењето на рудникот ќе бидат во просек околу 2.800.000 евра.

Освен за општината, од надоместоците ќе добива дополнително и државата, во просек годишно по 800.000 евра. Најголем приход од рудникот Иловица-Штука, ќе се добива од Корпоративниот данок на доход, односно, годишно во просек по 8.200.000 евра, а дополнително од данок на промет и акцизи по 3.300.000 евра годишно и од персонален данок на доход по 2.100.000 евра годишно. Така вкупниот годишен приход од рудникот ќе изнесува 17.200.000 евра, или за 23 годишниот век на рудникот 396.600.000 евра.

Од компанијата исто посочуваат дека, работењето на рудникот ќе има позитивно влијание врз извозот на Македонија. Извозната вредност на концентратот на бакар и злато, во првата година од работењето ќе изнесува 249 милиони евра, што кога ќе се спореди со вкупната вредност на македонскиот извоз за 2016 година, претставува зголемување за речиси 7%, правејќи ја рударската индустрија клучен двигател во македонскиот извоз. Просечната годишна вредност на извозот во текот на 23-годишниот животен век на рудникот Иловица ќе изнесува околу 171 милиони евра годишно. При овие пресметки, се користат цените на бакарот и златото кои се добиени со користење на модули и информации за досегашните движења на цените, како и предвидувања за идните движења.

Во врска со уништувањето на шумите за изградба на рудникот, од компанијата посочија дека предложениот површински коп е на дел од ридот што моментално е грмушеста шума која постојано се сече во последните неколку десетици години и не е забележан раст на зрела шума, всушност најголем дел од падината е оголен. Компанијата веќе обезбедила средства за Шумското стопанство за одгледувалиште на шумски садници со цел да се одгледуваат локални садници и како помош во пошумувањето, вклучувајќи го обновувањето на локацијата на рудникот по завршување на експлоатацијата.

За загриженоста на земјоделците за квалитетот и имиџот на нивните производи, од компанијата Евромакс објаснуваат дека постојат многу примери во Европа каде земјоделството се развива во близина на рударски активности  и каде двете гранки паралелно постојат без никакво нарушување. Како пример во Македонија тие го спомнуваат градот Кавадарци, каде се наоѓа топилницата за никел и една од најпознатите винарии во државата. Според нив, целта не е да се замени земјоделството со рударство, туку тие истовремено да постојат и да понудат добро платени и постојани работни места со придобивки за сите во заедницата.

Најголема загриженост за граѓаните за загадување е хидројаловиштето. Во однос на тоа, од компанијата истакнуваат дека браната на хидројаловиштето ќе се изгради од неминерализиран материјал и истата е проектирана да поднесе сеизмички настани и е според меѓународните стандарди за проектирање. Позади браната ќе се остави доволно простор за задржување на максималните поплавни води. Истото е направено за максималните можни врнежи од дожд. Исто така, браната редовно ќе се надгледува во текот на животниот век на проектот, не само од вработените, туку и од независни меѓународни стручни лица. Ќе се изведува прогресивно обновување на вегетацијата на хидројаловиштето и по одреден временски период по затворањето на хидројаловиштето, истото ќе изгледа како природен рид.

ПРОЕКТ КАЗАНДОЛ

Според веб страната[8] на концесионерот на рудникот Казандол, во овој проект се планира да бидат инвестирани 35 милиони евра. Од компанијата очекуваат годишно да произведуваат по 4.000 тони катоден бакар. Приходот за Општина Валадово според нив ќе биде 500.000 евра годишно. Се предвидува да се вработат над 100 лица. Од компанијата се обврзуваат на транспарентност и отвореност кон граѓаните.

Во врска со заштита на животната средина, од компанија посочуваат дека гаранција за тоа дава компанијата OUTOTEC, која строго го почитува Глобалниот договор под покровителство на ООН за животна средина, човекови права, труд и борба против корупцијата.

На обвинувањето на дел од јавноста дека рудникот ќе ја загади околината, од копанијата концесионер „Сардич“, гарантираат дека нема да користат цијанид во технологијата на производство, нема да користат концентрирана сулфурна киселина, нема да предизвикуваат бучава и прашина, ќе користат безшумно минирање, нема да користат вода наменета за земјоделството и нема да користат земјоделски парцели. Исто така посочуваат дека рудникот се наоѓа на безбедносно растојание од Валандово на 4,3 километри и рудникот нема да предизвика штета врз земјоделството, како и врз здравјето на луѓето и животната средина.

Од вкупно 30.000.000 евра инвестиција, 2.500.000 евра се планирани за заштита на животната средина. Исто така компанијата планира да одвојува финансиски средства во висина од 50.000 евра годишно за заштита на животната средина.

По затворањето на рудникот се планирани 1.200.000 евра за рекултивација на локалитетот и ремедијација на флората.

Во врска со економскиот интерес од рудникот односно финансиските ефекти, од компанијата „Сардич“ ги посочуваат следните приходи од надоместоци и даноци:

  • Концесиски надомест (2% од вредноста на продаден бакар, годишно): Во Буџетот на РМ 440.000 евра, од кои за Буџетот на општина Валандово 343.000 евра.
  • Наплата на годишен надомест за концесија за експлоатација: Во Буџет на РМ 44.000 евра, од кои за Буџетот на општина Валандово 34.320 евра.
  • Наплата на годишен закуп за користење на градежно земјиште: 6.350 евра, од кои за Буџет на оштина Валандово 4.950 евра.
  • Наплата на ДДВ плус дополнителни средства по закон, годишно: За Буџетот на Општина Валандово 50.000 евра.
  • Наплата на данок од добивка, годишно: 522.000 евра за Буџетот на РМ.

Досега од компанијата „Сардич“ се уплатени над 140.000 евра во Буџетот на Општина Валандово.

Вкупниот финансиски ефект во Буџетот годишно ќе биде: 1.336.000 евра, од кои за Буџетот на општина Валандово 450.000 евра, или 9% од вкупниот буџет за 2016 година.

ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО ВО ЈУГОИСТОЧНИОТ ПЛАНСКИ РЕГИОН

Според податоците од Заводот за статистика[9], во земјоделскиот сектор вкупно во Југоисточниот плански регион се вработени 67.713 граѓани, и дополнително 15.769 сезонски работници. Оваа бројка покажува дека земјоделството сепак е примарна дејност во овој регион. Висината на приходите од земјоделството е неспоредливо поголема со приходите од новите рудници. Односно, тоа што од новите рудници би биле лични приходи на годишно ниво, тоа во земјоделството се приходи на месечно ниво. Тоа укажува дека колку и да се економски оправдани новите рудници, сепак во овој регион земјоделството е многу повеќе економски оправдано, и не смее да се случат штети врз земјоделството како резултат на изградбата на новите рудници. Истовремено, Југоисточниот регион е најзначајниот земјоделски регион во Република Македонија, и истиот располага со вкупна земјоделска површина од 37.852 хектари.

Според Ѓорги Хаџи-Котаров[10], од Здружението на органски производители Органо-Логистик, отворањето на новите рудници ќе има  влијание на регионалниот развој, но на штета на земјоделството. Истовремено, според него, постои ризик за загадување на човековата околина и долгорочно загадување на целиот регион. Тој препорачува, сѐ додека не се изнајдат нови методи за екстракција кои нема да ја загадуваат човековата околина, да не се дозволи експлоатација.

Од интервјуто со Александар Лазаров[11], Претседател на ЕД Планетум, може да се издвои дека, локалниот развој мора да се заснова врз темелите на одржливо и рамномерно искористување на природните ресурси. Тој смета дека отворањето на новите рудници, ниту ќе го постигне посакуваниот ефект за подобрување на квалитетот на живот на локалното население, ниту ќе предизвика развој на овој регион. Со таквиот концепт, локалното население ќе добие промена на климата, загуба на одреден вид на растенија, загуба на одреден вид инсекти, промена на животна патека на одредени диви животни и слично. Еколошката загуба ќе биде огромна од аспект на здрава животна средина која како категорија е загарантирана со Уставот на РМ. Затоа, тој смета дека отворање на рудници во овој регион како еден од најистакнатите со производство на земјоделски производи, нема да предизвика развој. Наместо тоа, тој смета дека треба нови методи за зголемување на производството и подобрување на условите за производство, отварање на нови центри за одмор кои ќе привлечат туристи и воведување методи за одржливо искористување на природните ресурси.

Според Ристо Чивчиев[12], од Центарот за развој на Југоистичниот плански регион, коренот на проблемот со новите рудници е во децентрализацијата. Процесот на децентрализација во последните години е сопрен. Малите општини располагаат со многу малку финансии за да ги реализираат своите програми, па се принудени да бараат нови начини на финансирање на општините. Еден од начините е продажбата на земјиштето, од што општините добиваат приходи од комуналните надоместоци. Таков е примерот и со давањето на согласност за концесиите на експлоатација на минерални суровини, во што општините гледаат начини на нивно финансиско обезбедување и гледаат тој процес да го завршат брзо, правејќи притоа грешки што не ја вклучуваат доволно јавноста во планирањето.

Во Програмата за развој на Југоисточниот плански регион 2015 – 2019[13], се дадени детали во однос на тоа како треба се развива регионот. Во оваа Програма како заклучок од SWOT анализата за развој на регионот стои дека експлоатацијата на минералните суровини, претставуваат значајна можност за подинамичен развој на рударскиот сектор. Според истата, Југоисточниот плански регион има значајни предности во секторот земјоделство и рурален развој и во содејство со постоечките можности даваат основа за уште поголем и поинтензивен развој на оваа област. Југоисточниот плански регион е најголемиот и најпознат регион за производство на земјоделски производи.

Регионот поседува значителни природни ресурси кои се потребни за развој на земјоделскиот сектор. Во регионот постојат и доволен број на пасишта кои го овозможуваат развојот на сточарството. Големиот број на сончеви денови нудат извонредни услови за развој на градинарството, овоштарството и лозарството. Климатските услови се погодни и за искористување на одржливите извори на енергија во насока на обезбедување на енергенси за земјоделскиот сектор.

Освен примарното земјоделско производство, во регионот се присутни и преработувачките капацитети кои се застапени пред сѐ преку мали и средни претпријатија кои се извозно ориентирани, флексибилни и лесно приспособливи на побарувачката на пазарот. Кај дел од овие преработувачки капацитети се воведени нови, современи технологии и стандарди за производство и работа. Исто така во регионот веќе постои структура на верига на откупно-дистрибутивни центри и агро берза.

Зајакнувањето на капацитетите за органско земјоделство и преработка на органски земјоделски производи нудат голема можност во зајакнување на конкурентноста и зголемување на извозот. Потребни се мерки кои ќе влијаат на свеста на субјектите за конверзија кон ваков вид производство и организирана советодавна и финансиска поддршка за зголемување на површините на кои се одгледуваат органски земјоделски производи.

Процентуалното учество на овој регион во вкупниот БДП од година во година е сѐ поголем, што укажува дека регионот има динамичен раст. Овој регион е со најдинамичен раст после Скопскиот регион. Најголема додадена вредност во структурата на БДП во Југоисточниот регион има секторот земјоделство.

Во интервјуто со Жулиета Ѓуркова, Директорка на Центарот за развој на југоистичниот плански регион,[14] таа посочи дека Програмата за развој на Југоисточниот плански регион 2015 – 2019 е изработена со вклучување на сите засегнати страни. При изгработката на Програмата во различни работни групи учествувале граѓанските организации, експерти од областите, претставници од бизнис заедницата, претставници од институциите на локално и државно ниво. Програмата пред финално да биде средена, била презентирана на јавноста, а за истата позитивно се изјасниле и од Националниот Совет за рамномерен регионален развој. Таа смета дека Програмата е сеопфатна и е многу подобра од претходната програма за претходните пет години

Во врска со вклученоста на граѓанските организации во процесот на планирање на регионалниот развој, според Танкица Таукова од Центарот за развој на заедницата[15], граѓанските организации, како и граѓаните се вклучени на едно средно ниво во подготовката и креирањето на развојните програми. Средно ниво, затоа што постајат уште многу можности и простор за работа на оваа тема. Според неа, постојат повеќе механизми за вклучување на граѓанските организации кои ги користат општините. Такви се: фокус групи за креирање на стратешки документи, организирани јавни расправи за креирање на стратешки документи и акциони планови за реализација на истите, доделување финансиски средства од страна на општините за граѓанските организации за реализација на проекти, организирани отворени денови со одделни комисии на Советите на општините за блиска комуникација на организациите и граѓаните со членовите на Советот. Еден од најсуштинските механизми за вклучување на граѓаните во креирање на локални политики за развој е организирањето на Форуми во заедницата за креирање на буџетите на општините, како и т.н проектни форуми.

Од анализирањето на законските можности за вклучување на граѓанските организации во процесот на планирање на регионалниот развој, со усвојување на Законот за Локална Самоуправа,[16] Македонија стана децентрализирана држава. Со овој Закон, постојат следните форми на граѓанска партиципативност: граѓанска иницијатива; собир на граѓани; референдум; претставки и предлози; јавни трибини, анкети и предлози. Исто така овој Закон пропишува дека седниците на Советот на општината треба да бидат јавни и да не се исклучува присуството на јавноста во дебатите за општинскиот буџет, годишните општински финансиски сметки и извештаи, и за урбанистичките планови.

Според Анализата[17] издадена од Фондацијата за развој на локалната заедница – Штип, во врска со вклученоста на граѓаните во процесот на креирањето на локалните политики, граѓаните повеќе се вклучени во процесот на информирање за работата на локалните самоуправи, отколку директно во процесот на донесување на одлуки.

Како начин на информирање на граѓаните, во сите десет општини од регионот, може да се каже дека сите општини го следат новиот тренд на информирање преку социјалните медиуми. Сите општини од регионот имат официјални веб страни, а повеќето општини, како и нивните градоначалници, имаат официјални Фејсбук профили. Комуникацијата преку фејсбук, е многу користена, затоа што оваа алатка ја користат голем дел од населението, поради брзиот пристап до информации, пишување директни пораки, како и можноста за размена на слики и видео фајлови.

Заклучоци

  • Локалните самоуправи од овој регион не ги вклучија навремено граѓаните во процесот на планирање на развојот на општините. Граѓаните не беа прашани дали се согласуваат на територијата на нивната општина да се дадат концесии за експлоатација на минерални суровини.
  • Поради бавниот процес на децентрализација, малите рурални општини се соочуваат со финансиски проблеми. Затоа тие се принудени да изнаоѓаат дополнителни извори на финансии. Притоа тие во издавањето на концесиите за откопување на минерални суровини, гледаат можност за финансирање на општините за нејзино непречено функционирање.
  • Локалните самоуправи од регионот, соочени со притисоците од реализацијата на референдумите против рудниците, решија да ја префрлат одговорноста на централната власт, Со тоа, сакаат да ја сокријат грешката што навремено не ги вклучија граѓаните во одлучувањето за давањето на концесиите.
  • Граѓанскиот сектор покажа капацитет дека може да спроведе цел процес на референдум.
  • Според Студиите за оценка на влијанието врз животната средина, новите рудници ќе ги запазат сите еколошки стандарди и нема да предизвикаат несакани нарушувања на животната средина. Но, граѓаните немаат доверба во институциите, и стравуваат дека тоа што е напишано во студиите нема да се применува на дело.
  • Економските бенефити од рудниците ќе бидат многу големи за овие рурални општини. Работењето на рудниците ќе го подигнат економскиот стандард на граѓаните од овие општини.
  • Земјоделците и екологистите сметаат дека со отворањето на рудниците ќе се нанесе повеќе штета отколку корист. Здравата животна средина и производството на храната не може да се компензира со економскиот бенефит од отворањето на новите рудници.
  • Во најголемиот рудник во овој регион Иловица-Штука, вкупните директни приходи на вработените, се проценети на над 320 милиони евра. Значителен ќе биде придонесот (1%) кон националниот БДП. Вкупните годишни надоместоци за општините Босилово и Ново Село од работењето на рудникот ќе бидат во просек околу 2.800.000 евра. Приходот од Корпоративен данок на доход, годишно во просек ќе изнесува 8.200.000 евра, а дополнително од данок на промет и акцизи по 3.300.000 евра годишно и од персонален данок на доход по 2.100.000 евра годишно. Така вкупниот годишен приход од рудникот ќе изнесува 17.200.000 евра, или за 23 годишниот век на рудникот 396.600.000 евра. Извозната вредност во првата година од работењето ќе изнесува 249 милиони евра, што претставува зголемување на извозот за речиси 7%.
  • Според податоците од Заводот за статистика, во земјоделскиот сектор вкупно во Југоисточниот плански регион се вработени 713 граѓани, и дополнително 15.769 сезонски работници. Оваа бројка покажува дека земјоделството сепак е примарна дејност во овој регион. Висина на приходите од земјоделство е неспоредливо поголема од приходи од новите рудници.

Библиографија

  • Закон за Локална Самоуправа, Сл. Весник на Р. Македонија, бр. 5, 29.01.2002 година
  • Програма за развој на Југоисточниот плански регион 2015 – 2019, декември 2014
  • Анализа на постоечките практики на користење на механизмите за консултација со граѓаните во креирањето на локалните политики и нивната ефикасност, Фондација за развој на локалната заедница Штип, 2017
  • Оцена на влијанието врз животната средина, Еуромакс Ресоурцес – Проект за бакар и злато „Иловица“, април 2016, достапна на http://euromaxresources.mk
    • Анекс 1: Процес на оцена на влијанието врз животната средина
    • Анекс 2: Вклучување на чинителите
    • Анекс 3: Постојни услови за оцена на влијанието врз животната средина
  • Студија за оцена на влијанието врз животната средина – Рударски комплекс за производство на катоден бакар „Казандол“, Општина Валандово, Република Македонија, изготвувач Емпириа ЕМС, Скопје, јуни 2015, достапна на http://copin.mk
  • Веб страна на Завод за статистика на РМ, http://stat.gov.mk

[1] Записник од Седницата на Советот за развој на Југоисточниот плански регион, добиена од Градоначалникот на Општина Валандово, Николче Чурлинов, на 16 јуни, како одговор на барањето за произнесување на Општина Валандово во врска со новите рудници.

[2] Рада И. Маневска, „Владата наскоро ќе го соопшти ставот за рудниците за кои се одржани референдуми“, Плусинфо, 05 јули 2017, http://plusinfo.mk/vest/119722/vladata-naskoro-kje-go-soopshti-stavot-za-rudnicite-za-koi-se-odrzani-referendumi-

[3] „Заев денеска пред бизнис комората го откри планот на владата за рудниците за кои се крена на нозе цела држава“, Доказ М, 05 јули 2017, http://www.dokazm.mk/zaev-deneska-pred-biznis-komorata-go-otkri-planot-na-vladata-za-rudnitsite-za-koi-se-krena-na-noze-tsela-drzhava-ima-reshenie-kako-da-bidat-zadovoleni-i-dvete-strani-eve-kako/

[4] Интервју со Драги Пелтечки, раководител на проектот Иловица-Штука, направено на 06 јули 2017 г.

[5] Христијан Станоевиќ, „Николов: Да имаше државата долгорочна стратегија за рударството ќе ги немаше овие проблеми“, Фактор, 11.07.2017, http://faktor.mk/nikolov-da-imashe-drzavata-dolgorochna-strategija-za-rudarstvoto-kje-gi-nemashe-ovie-problemi

[6] Интервју со Игор Чапов, вработен во Општина Радовиш, направено на 25 мај во Радовиш

[7] Разговор со Елизабета Стоева, вработена во информативниот центар на Euromax, направено на 13 јуни

[8] http://www.copin.mk/mk

[9]http://makstat.stat.gov.mk/PXWeb/pxweb/mk/MakStat/MakStat__Zemjodelstvo__OrganskoProizvodstvo/?rxid=16f8aea8-93a1-4815-b3de-3d86e7bb71f7

[10] Интервју со Ѓорги Хаџи-Котаров, Претседател на Здружението на органски производители Органо-Логистик, направено на 19 јуни во Струмица

[11] Интервју со Александар Лазаров, Претседател на Еколошко Друштво Планетум, направено на 22 јуни во Струмица

[12] Интервју со Ристо Чивчиев, Раководител на Одделението за меѓуопштинска соработка и административни работи при Центар за развој на Југоистичниот плански регион, направено на 23 јуни во Струмица

[13] Програма за развој на Југоисточниот плански регион 2015 – 2019, декември 2014

[14] Интервју со Жулиета Ѓуркова, Директорка на Центарот за развој на југоистичниот плански регион, направено на 23 јуни во Струмица

[15] Интервју со Танкица Таукова, вработена во Центарот на зедницата, во Струмица, направено на 9 јуни во Струмица

[16] Закон за Локална Самоуправа, Сл. Весник на Р. Македонија, бр. 5, 29.01.2002

[17] Анализа на постоечките практики на користење на механизмите за консултација со граѓаните во креирањето на локалните политики и нивната ефикасност, Фондација за развој на локалната заедница Штип, 2017.