КРАТКА ИНФОРМАЦИЈА ЗА АВТОРОТ

Славица Ќучукова Николова, дипломиран новинар, со осумгодишно новинарско искуство, во последните девет години работи во граѓанскиот сектор на многубројни истражувања, како и мониторинзи на различни области од општественото живеење. Како дел од Коалицијата за буџетски мониторинг работи на согледување на финансиските аспекти на трошењата на парите на локалните самоуправи, следење на јавните набавки на локалните самоуправи,  мониторинг на трошењето на јавните пари од повеќе аспекти, а потоа и следење на буџетите на локалните самоуправи и политичките партии во предизборниот период. Особено внимание посветува на следење на локалните буџети на 9-те општини од Вардарскиот плански регион, односно начинот на кој се креираат програмите за работа на локалните самоуправи и како тие се имплементираат во текот на годината. Генерален фокус ѝ е локалниот развој, пред сѐ виден низ очите на Вардарскиот плански регион во кој учествувала, и во градењето на последните две стратегии на Центарот за развој на регионот, како и многубројни слични настани, обуки и работилници на оваа тема.

КРАТКО РЕЗИМЕ

Согледување на состојбата на јавните инвестиции во 9-те општини од Вардарскиот плански регион е темата на чија основа е поставена целокупната анализа. Во оваа насока, обезбедени се податоци од 9-те локални самоуправи (Велес, Градско, Лозово, Чашка, Кавадарци, Неготино, Свети Николе, Демир Капија и Росоман) за тоа колку различни типови на инвестиции се случиле во изминатиов период во секоја од поединечните општини, но и какви мерки презела секоја од наведените локални самоуправи за да привлече било какви инвестиции на нејзината територија.

ВОВЕД

Вардарскиот регион го зафаќа централниот дел на Република Македонија и се протега
по течението на реката Вардар и Овчеполската котлина. Во овој плански регион припаѓаат општините Велес, Градско, Демир Капија, Лозово, Кавадарци, Неготино, Росоман, Свети Николе и Чашка. Според податоците за 2014 година, регионот има најмал број на жители во споредба со останатите седум плански региони во Република Македонија, односно 7.4% од вкупното население на државата. Се простира на 16.2% од територијата на Република Македонија, и истовремено е и најретко населен регион со само 37.9 жители на км2. Според пописот од 2002 година има 154.535 жители, а според процената на населението во 2013 година 153.487 жители. Во споредба со просекот на Република Македонија, БДП по жител во Вардарскиот регион има индекс 104.2. Со тоа е рангиран на трето место, и е еден од трите региони со БДП по жител над просекот на национално ниво. Во 2012 година, Вардарскиот регион учествува со 7.77% во БДП на Република Македонија[1].

АНАЛИЗА НА ТЕМАТА

Оваа анализа ќе биде посветена на мониторингот на јавните инвестиции во 9-те општини од Вардарскиот плански регион, и тоа во период од четири години (2013-2016). Општините кои следуваат подолу во анализата се по азбучен ред, а анализата на инвестициите е редоследно по години.

ОПШТИНА ВЕЛЕС во 2013 година за нејзините потреби испланирала буџет во висина од 738.465.062 денари. Од нив успеала да реализира 614.309.255 денари[2] со кои инвестирала во уредување на индустриските зони, поставување на пешачки мост, реконструирање на делницата Велес – Кадрифаково, асфалтирање на дел од улиците, реконструкција на патниот премин преку стар мост, реконструкција на дел од водоводните мрежи, уредување на плоштади, изградба на спортски игралишта и потпорни ѕидови, поплочување на паркинг простори, санирање на кров на спомен костурницата, изградба на пречистителна станица за отпадни води и колектор, поставување на дел од атмосферска канализација, замена на светилките со штедливи во училиштата и реконструкција на уличното осветлување.

Во општината, во 2013 беше извршена реконструкција на три училишта со средства од буџетот на Република Македонија и Банката за развој при Советот на Европа. Фудбалската федерација на Македонија инвестираше во промена на тревата на градскиот стадион. За реконструкција на патот кон Иванковци, и три проекти преку кои се влијаело на подобрување на руралниот развој, средства обезбеди Владата[3].

Во 2013 година, Општина Велес планирала да инвестира 127.726.189 денари во капитални инвестиции, но од нив реализирала 50 милиони помалку или 77.358.446[4]. Иако општината е драстично поголема од останатите општини во Вардарски плански регион, по реализирани инвестиции се наоѓа на петто место по ред од деветте, со инвестиција од само 1.403 денари по жител.

Во 2014 година, Општина Велес има планиран буџет од 798.332.473, а реализира 641.846.509 денари[5]. За капитални инвестиции планирала да потроши 170.911.119 денари, а потрошила околу 70 милиони денари помалку. И оваа година Општина Велес е кон дното на табелата, односно шеста по ред од деветте општини во Вардарски плански регион со реализирани инвестиции од 1.785 денари по жител.

Инвестирано е во локалниот пат Јазла – Иванковци, кружен тек, паркови, изградба на водоснабдителен систем во индустриската зона Караслари и трафостаница за водоснабдителниот систем за истото село. Локални пари се трошеа за асфалтирање и поплочување на улици, и изградба и реконструкција на водоводни линии. Општината оваа година го реконструираше кровот на  Народниот музеј.

Со средства од Буџетот на Република Македонија беше реконструиран мостот Гемиџии, ревитализирана е делницата на автопатот Велес – Катланово и реконструиран е државниот пат Велес – Штип до Кадрифаково, изградена е новата театарска зграда во Велес, реконструирани се Градскиот стадион и Спомен-костурницата, а пуштен е во употреба и водоснабдителниот систем до езерото Младост. Преку Министерството за финансии се реконструираше дел од уличното осветлување, а од Агенцијата за поддршка на руралниот развој се изгради колектор со пречистителна станица во Раштани. Преку договорот за заем меѓу Република Македонија и Европската инвестициона банка, започна изградбата на водоснабдителниот систем во Црквино. Во спорстката сала „Гемиџии“ беше изграден сончев систем за топла вода преку глобалниот еколошки фонд. Преку ИПА проект, општината ги реконструираше фасадите на пет објекти од детската градинка. Преку Агенцијата за млади и спорт беше изградено повеќенаменско спортско игралиште во селото Иванковци[6].

Во 2015 година, општината планирала дека ќе потроши 862.838.639 денари, а потрошила скоро една четвртина помалку односно 654.805.639 денари[7]. За инвестиции од сопствени средства планирала да потроши 157.321.958, а до крајот на тековната потрошила двојно помалку, односно 74.657.144. Ова повторно ја рангира на шесто место од деветте општини во Вардарски плански регион, со реализирани 1.354 денари по жител капитални инвестиции.

Општината во 2015 година трошела на изградба на нов кружен тек, асфалтирање на улици и пристапни патишта, градење тротоари, паркинзи, потпорни ѕидови. И оваа година работела на подобрување на уличното освелување и на дел од водоводните линии. Се градел водоснабдителен систем за Новачани, водоводна мрежа во Сливник, фекална канализација на езерото Младост и дел од фекалната канализација во Горно Оризари и Сујалклари. Бил саниран кровот на две училишта и се сменија прозорците, пуштен бил во употреба Дневниот центар за лица со посебни потреби како заеднички проект на општината со Министерството за труд и социјална политика.

Од Буџетот на Република Македонија се изградило ново училиште во Сливник и две тениски игралишта. Со поддршка од Владата на Јапонија, беа инсталирани два нови котли и обновени 20 тоалети во две училишта. Со средства од европски фондови беше реновирана железничката станица. Преку Агенцијата за млади и спорт беше изградено ново повеќенаменско игралиште во Иванковци и Караслари, а беа поставени и фитнес вежбални на три локации. Во 2015 година, германската фабрика Маркарт, во која се произведуваат автомобилски делови  за германски брендови, отвори фабрика во Велес[8].

Општина Велес, во 2016 година испланирала досега највисок буџет во висина од 932.590.484, а реализирала речиси една третина помалку односно 669.488.281. Предвидела дека во капитални инвестии ќе вложи 194.723.537 денари, а остварила двојно помалку односно 90.397.507 денари.[9] Оваа година општината е најдолу на табелата на реализирани инвестиции по жител, со реализирани 1.640 денари, односно по неа единствено останува Општина Чашка.

Во 2016 година, во општината било инвестирано во инфраструктурно уредување на индустриската зона „Караслари“ и оформување на најголемата зона во село Мамутчево, реконструкција, асфалтирање и бетонирање на 33 улици, изградба на паркинг простори, водоводни линии на 12 улици во градот и две кон населени места, доизградба на осветлување, изградена прва детска градинка во рурална средина, реконструкција на фасадата и поставување на систем за греење и ладење, Ресурсен центар за лица со оштетен вид, осветлување на Градскиот стадион, прва фитнес зона на отворено и повеќенаменско игралиште во Башино село.

Беа официјализирани инвестициите на „СТС Текстајлс“ во погоните на поранешна Свилара и рестартирањето на поранешната фабрика „Киро Ќучук“ преку македонско-турската компанија „Еуро Брик Компани“.

Општина Велес, со цел да привлече нови инвеститори нуди голем број поволности како: ослободување од плаќање надоместок за уредување на градежно земјиште (со одлука на Советот на Општина Велес), развиени административни капацитети, електронски систем за управување со документи, тековна имплементација на системот за управување со комуникација со корисници, можност за директно купување на градежно земјиште, доделување на градежни локации и издавање на градежни дозволи, ослободување од трошоци за комуналии, зависно од приложениот бизнис план и бројот на ангажирана локална работна сила.[10]

ОПШТИНА ГРАДСКО во 2013 година планирала буџет од 46.886.768 денари, а до крајот на годината од предвидените реализирала 44.333.169 денари. За капитални инвестиции во посочената година планирала 4.456.817 денари, а реализирала 3.935.642 денари.[11] Ова ја позиционира на шесто место на табелата со инвестиции од 1.046 денари општинска инвестиција по жител.

Бидејќи Општина Градско функционира со блокирана сметка, сите инвестиции кои се случиле се финансирани од Владата на Република Македонија.[12] Според општината, во 2013 година се случила една инвестиција за санација на мостот на реката Вардар кај Ногаевци.

Во 2014 година Општина Градско планирала да потроши 73.492.942 денари, а успеала да реализира 60.030.800 денари. Од нив, за капитални инвестиции биле планирани 30.164.728, а реализирани 18.984.559[13].  Во 2014 година, од Владата биле финансирани следните инвестиции: изградба на повеќенаменско игралиште, изградба на локален пат Горно Чичево до манастирот Свети Архангел Михаил, поплочување на дел од улицата „8 ноември“ и изградба на одводен канал во населба Градско. Оваа година, Општина Градско е на врвот на табелата по издвоени капитални инвестиции по жител, во вредност од 5.049 денари, и ова е најголемата сума на инвестиции по жител кои биле издвоени од која било од деветте општини во која било од четирите анализирани години.

Општината Градско во 2015 година планирала буџет од 60.599.910, а реализирала 56.756.042. Реализирала 14.741.589 денари во капитални инвестиции, од предвидените 16.977.075 денари[14]. Владата оваа година во Градско го финансирала поплочувањето на улица 1 и улица 2 во Виничани и изградбата на улица „Кочо Рацин“ во истото село. Во 2015 година Општина Градско издвоила 3.920 денари по жител за капитални инвестиции.

Во 2016 година, општината предвидела дека ќе потроши 60.311.601 денар, а реализирала 49.219.736 денари. Од нив, за инвестиции планирала 16.365.423, а потрошила двојно помалку односно 9.488.617,[15] со што биле реализирани 2.523 денари, односно двојно помалку од пред две години. Оваа година, Владата ја поддржала Општина Градско со изградба на улици во Ногаевци.

Покрај досега наведените реализирани проекти на општина Градско, во отчетот на општината подготвен за временски период од 2013 до 2017 година, а поставен на фејсбук профилот на градоначалничката Жанета Чаушевска[16] (иако не распоредени по години) , пишува дека се реализирани и следниве проекти: изградба на шест улици во Градско, изградба на пристапен пат до Уланци, подобрување на водоснабдувањето во Горно Чичево, Виничани и Градско и реконструкција на дел од застарената секундарна мрежа за водоснабдување во Градско, Виничани и Подлес, изградба на нова водоводна мрежа во Ногаевци, партерно уредување на централното подрачје во Ногаевци и замена на постојните тела за осветлување. Биле  поставени нови линии за осветлување во Виничани, поставување на соларни колектори во градинката и спортската сала, асфалтирање на спортски терени во Водоврати, уредување на спортски терен во Кочилари и реконструкција на училишната зграда во Виничани. Општината вели дека преку брза и ефикасна постапка за одобрение за градење и транспарентност ги поддржува новите инвестиции.

ОПШТИНА ДЕМИР КАПИЈА во 2013 година планирала буџет од 127.418.879 денари, а потрошила 82.391.439 денари. Оваа година, општината за капитални инвестиции планирала 38.843.000, а реализирала 17 милиони помалку односно 21.554.695 денари[17], но и покрај тоа е на чело на табелата со 4.742 денари по жител инвестиции. Со овие средства го реконструирала локалниот пат Дошница – Дрен во соработка со Владата, спортска сала во училиште, започнала изградба на две индустриски зони  и изградба на економска зона (со финансиска поддршка на компаниите) кои треба да бидат готови до 2017 година, реализирала проект за опремување на училиштата и училишните кабинети, во 2013 г. започнал и сѐ уште е во тек проектот за изградба на градскиот базен, санација на каптажи на водоводни системи во селата, изградба на полски патишта, поставување на автобуски станици, изградба на систем за водоснабдување во село Лаките, изградба на улици во Горешница и Бистренци, изградба на училишни игралишта. Преку кредити, општината асфалтирала улици низ Демир Капија и селата, потоа го надградила водоводот во Демир Капија.[18]

Во 2014 година општината планирала 122.363.180 буџет, а реализирала  69.113.845 денари. За оваа година биле планирани 43.335.000, а реализирани 11.212.599 денари[19] за капитални инвестиции, што е речиси двојно помалку во однос на претходната 2013, со што општината се наоѓа на средина на табелата за рангирање со реализирани 2.467 денари инвестиции по жител. Средствата биле потрошени на изградба на водоводна мрежа во Клисура и реконструкција на водоводниот систем во Корешница (проекти кои сѐ уште се во тек), изградба на дел од атмосферска канализација во Демир Капија, уредување на туристичкиот локалитет Дошница, асфалтирање на патишта, изградба на плоштад на Демир Капија, проект кој е сѐ уште во тек. Преку кредит се гради кејот на реката Дошница и винскиот центар, изградба на полски патишта и реконструкција на локален пат М1 кај Прждево (прва фаза) во соработка со Владата.[20]

Демир Капија во 2015 година реализирала буџет од 84.954.940 денари, а предвидела 136.130.217 денари.[21] Оваа година реализирала 22.719.391 денар капитални инвестиции од предвидените 48.102.300 денари, со што повторно се наоѓа на врвот од табелата со 4.998 денари инвестиции по жител. Од овие средства, општината во соработка со Владата градела полски патишта, извршила надградба на локалниот пат М1 до село Прждево (втора фаза) и реализирала голем дел од проектите споменати во претходните две години кои се повеќегодишни.

Во 2016 година, Демир Капија планирала да потроши 205.316.161 денар, а реализирала само 79.671.825. [22] За капитални инвестиции предвидела 109.644.100 денари, а потрошила речиси 10 пати помалку односно само 11.996.270 денари, со што повторно на наоѓа на средина на табелата со 2.639 денари по жител. И во оваа година општината работела на дел од проекти кои беа започнати изминатата година, како изградба на полски патишта, етно село, санација на каптажи. Поддршката која ја дава општината за нови инвестиции се состои во: ослободување од комунална таксa, бесплатни градежни парцели во Клисура за изградба на вински куќи, организирање на обуки за искористување на достапните национални и ЕУ фондови.

ОПШТИНА КАВАДАРЦИ во 2013 година планирала да потроши 627.068.000, а потрошила 494.405.732 денари. Капиталните инвестиции биле прогнозирани на 130.617.000, а биле реализирани 71.091.767 денари,[23] односно општината издвоила 1.835 денари по жител. Општината изградила нов кружен тек, направила реконструкција на водоводот, канализација и атмосферска канализација на улица „Охридска“ и сите споредни улици, започнала замена на цементно-азбестните цевки преку проект финансиран од KFW банка. Со помош на Владата  продолжило  реконструирање и проширување на регионалниот пат кон Мушов гроб и патот Ладно Долче-Страгово-Крњево и катната гаража. Преку кредит од Светска банка бил реализиран проект за термо фасади и ПВЦ-столарија за 9 воспитно-образовни институции и градинки, било набавено возило за износ на смет, нов  музеј за градот, реконструкција на патот од Ресава-Бетниште, инсталација на 5 системи за автоматско хлорирање на водата, колекторот до Глишиќ, доасфалтирање на патот до Фариш и отпочнување на постапката за деловно трговски центар на локацијата на градскиот пазар. Во 2014 година бил планиран буџет од 658.780.000 денари, а реализиран буџет од 517.637.764 денари. Биле реализирани 93.841.520 денари[24] капитални инвестиции, од предвидените 177.485.000 денари. По жител биле инвестирани 2.422 денари. Оваа година општината инвестирала во изградба на првиот модуларен паркинг, реконструкција на патот од Ресава до село Бетниште и поставување на урбана опрема.

Во 2015 година 668.525.000 денари бил планираниот буџет, од кој се реализирале 536.11.237 денари. 146.675.000 денари[25] биле предвидени, а 76.192.181 денар реализирани инвестиции, или 1.966 денари по жител. Продолжила изградбата на кејот-шеталиште кон Ваташа, била асфалтирана дел од улицата Домовица, реконструкција на сообраќајницата Западен булевар, заменети 600 штедливи светилки, обновена хоризонтална сигнализација, асфалтирање на три нови улици, асфалтирање на делницата од раскрсницата над градскиот базен во правец кон Прилеп, замена на азбестно-цементни цевки, поставување урбана опрема. [26]

Највисок буџет од 782.586.000 денари бил планиран за 2016 година.[27] Од него се реализирале 586.877.106 денари. За капитални инвестиции биле предвидени 242.102.000 денари, но од нив биле реализирани 110.288.134 денари, односно 2.846 денари по жител. Биле асфалтирани патишта, изграден е кејот на реката Луда Мара, партнерно уредување, реализација на мини пазарче, осветлување на спортска сала,  реконструкција на кровната конструкција на основно училиште и промена на котел, реконструкција на старата лабораторија и нејзино приспособување во детска градинка, изградба на концертна сала за потребите на музичкото училиште и реконструкција на домот за култура. Општината донирала финансиски средства за средување на подовите во ученичкиот дом од Кавадарци и инвестирани биле средства од јавното препријатие Комуналец за средната висока зона и цевководот до Дрекслер мајер. Општински поволности за инвестирање во слободните локации се: слободни објекти, индустриски и туристички зони, административна поддршка во целиот процес на инвестирање. Советот на Општина Кавадарци може да донесе одлука за утврдување на посебни поволности, на барање на инвеститорот за конкретна инвестиција.

ОПШТИНА ЛОЗОВО во 2013 година планирала буџет од 37.494.745 денари, а реализирала 33.141.198 денари. Од овие средства, за капитални инвестиции општината планирала 4.973.351, а реализирала 4.001.731 денар,[28] односно потрошила  1.400 денари инвестиции по жител со што се наоѓа на шесттото место на табелата. Овие средства општината ги потрошила на монтажно училиште во Каратманово, изградба на канализациона мрежа во Дорфулија и асфалтирање и квалитетно тампонирање на улиците и локалните патни правци, проект кој траел од 2013 до 2016 година.

Во 2014 година, Општината Лозово иако за трошење предвидела 38.957.299 денари, потрошила 30.017.650 денари. За капитални инвестиции биле предвидени 7.811.090 денари, а потрошени тројно помалку односно 2.217.642 денари,[29]со што се сместува на дното од табелата со реализирани само 775 денари по жител за капитални инвестиции. Средствата биле употребени за изградба на игралиште во Милино, замена на прозорци на домот на културата и реновирање на училишта, замена на кров и поставување на парно греење.[30]

Во 2015 година општината реализирала 43.240.352 денари од планираните 58.034.613 денари. Од нив, за капитални инвестиции биле наменети 3.025.000 денари, а потрошени 2.511.071 денар,[31] со што е последно рангирана општина со 878 денари капитални инвестиции по жител. Средствата биле потрошени за изградба на канализациона мрежа во селото Милино, ставање во функција на пречистителната станица за фекална канализација, и реновирање и поставување фасада на општинската зграда.

Во 2016 година, Општина Лозово планирала 55.298.103 денари, а потрошила 34.380.238 денари, од кои за капитални инвестиции биле планирани 21.632.000 денари, а потрошени четири пати помалку односно 5.445.598 денари[32] и тоа за изградба на канализациона мрежа во Аџиматово и доизградба на канализациона мрежа во Каратманово, и претходно споменатиот проект кој трае низ сите овие четири години, а кој се однесува на асфалтирање и тампонирање на улици и локални патни правци. Оваа година општината има инвестирано 1.905 денари по жител и се искачува две места погоре на табелата, односно на седмото место. Општина Лозово на новите инвеститори нуди поддршка преку обезбедување комуналии за едно евро по метар квадратен.

ОПШТИНА НЕГОТИНО во 2013 година планирала буџет од 348.940.333 денари, а реализирала 258.973.763 денари. Планирала 90.276.839 денари, а реализирала само 40.129.796 денари за инвестиции,[33] односно вложила 2.088 денари по жител за оваа намена. Во оваа година општината инвестирала во решавање на најгорливиот проблем – водоснабдувањето, со поддршка од Владата. Започнала реконструкцијата на патот Тимјаник – Долни Дисан преку средства обезбедени од Владата, Агенцијата за државни патишта и општината, бил саниран Пепелишкиот мост, изградено повеќенаменско игралиште, поставен водовод, канализација и уредување на улицата „11 октомври“ со средства од Владата. Со поддршка на Владата биле отворени три нови градинки, канцеларија и инфо центар за енергетска ефикасност, реконструирано е учиштето во Долни Дисан, изградени се нови игралишта и поставени реквизити, уреден центарот на селото со поддршка на АФПРЗ. Преку SDC и АЛКА била добиена донација за набавка на ново возило, креирана мрежа за европска винска традиција преку проект, изградба на канализација во Тремник преку Европска инвестициона банка.[34] Општината инвестирала во уредување на центарот на Курија, биле ставени во функција бунарите кај Пепелиште, нов лик на центарот на село Војшанци, водоводна и канализациона мрежа за повеќе улици.

Во 2014 година буџетот на Општина Неготино бил проектиран на 361.711.000 денари од кои биле реализирани 273.727.623 денари. За капитални инвестиции биле планирани 96.995.000 денари, а инвестирани биле 53.500.914 денари.[35] Во оваа година во општината било инвестирано во изградба на два нови резервоари за вода, реконструкција и изградба на нова водоводна мрежа за 15 улици, оформена индустриска зона Дуброво-Тремник, комплетно реконструиран и асфалтиран патот Тимјаник-Долни Дисан, патот од Курија до Паликура, поставен паралелен систем за наводнување на дворни површини во Криволак, извршена реконструкција на водоводната мрежа на неколку локации во градот, обновени детски паркови и хортикултурно уредени, партерно уредување на село Долни Дисан преку Агенција за финансиска поддршка на земјоделство и рурален развој (АФПЗРР), замена на прозорците и вратите во детската градинка. [36]

Во 2015 година буџетот бил проектиран на 390.681.000 денари, а реализиран со 246.326.950 денари. Проектирани биле 89.897.000 денари, а реализирани 25.798.746 денари[37] за капитални инвестиции односно 1.342 денари. Инвестирано е во изградба на локална патна инфраструктура од село Калањево до излетнички локалитет Бела Вода преку АФПЗРР, довршен во 2017 година, поставување на хлорни станициво селата Пепелиште, Војшанци и Курија преку Биро за регионален развој, патен правец Горни Дисан до село Вешје, конзервација на Саат кулата во Неготино, комплетна реконструкција на патот Неготино – Криволак, санирање на ударните дупки, нов водовод кај Дуброво.

На 588.045.000 денари бил планиран, а со 329.162.197 денари бил реализиран буџетот во 2016 година.[38] Од нив за капитални инвестиции биле планирани 269.513.000 денари, а потрошени 82.694.396 денари, односно 4.304 денари со што во оваа година Општина Неготино е лидер по инвестиции  по жител од сите девет општини во регионот. Во 2016 г. општината го завршила проектот за изградба на два резервоари за вода, поставување на нова водоводна мрежа на 10 улици, индустриската зона Неготино, неколку регионални патни правци, асфалтирање на улици, ставен во функција патот Курија- Паликура, патот од Тимјаник до Долни Дисан, асфалтирање на пат од долни Дисан до Вешје, уредување и асфалтирање на централните подрачја на Војшанци, Тремник, Курија, Долни Дисан и Тимјаник, поставување на водоводна, атмосферска и фекална мрежа во повеќе урбани зони, изградба на три улици во тимјаник преку АФПЗРР, изградба на потисен цевковод и резервоар за вода во Пепелиште преку Европска инвестициона банка, уредување на дел од инфраструктурата во индустриска зона УЗ „8“.[39]

Општина Неготино, преку изградена комунална инфраструктура, ослободување од плаќање на комуналии, поддршка од карактер на изнаоѓање на потребен вид на кадри, простор за одржување на информативни средби, интервјуа, организирање на промотивни активности, организирање на заеднички настани, вклучување во разни обуки, едукации, форуми, презентации, поддршка за интеграција и координација на локалните институции и здруженија кои имаат взаемна визија за локалниот економски развој, промоција на малите и средни претпријатија, планирање, развој и воведување на услуги за јавни и приватни субјекти кои ќе го поддржат локалниот економски развој, ја дава поддршката на новите инвеститори.

ОПШТИНА РОСОМАН во 2013 година предвидела буџет од 57.373.576 денари, а потрошила 53.757.245 денари. Планирани биле капитални инвестиции во вредност од 17.4040.775 денари, а реализирани 16.284.769 денари.[40] Општината потрошила 3.932 денари во жител за инвестиции и се наоѓа на високото второ место на табелата. Во 2014 година општината планирала 59.960.459 денари, а потрошила 50.538.057 денари. Од нив за капитални инвестиции биле предвидени 17.079.750 денари, а реализирани 11.829.855 денари,[41] односно општината потрошила по 2.856 денари по жител и падна за едно место подолу на табелата во однос на претходната година.

Во 2015 година Росоман предвидела буџет од 69.721.082 денари, а од нив реализирала 62.648.214 денари, од кои за инвестиции биле планирани 20.909.766 денари, а реализирани 18.839.294 денари.[42] Со реализирани 4.549 денари по жител за капитални инвестиции, општината повторно се наоѓа на високото второ место, на кое ќе биде и следната 2016 година, со потрошени 3.403 денари по жител за инвестиции.

Во 2016 година предвидениот буџет бил 72.018.321 денар, од кои се реализирале 58.556.152 денари. За капитални инвестиции биле потрошени 14.095.371 денари од предвидените 22.701.371 денар.[43] Во отчетот на Градоначалникот на Општината, Стојанчо Лазов, пишува дека во изминативе четири години општината реализирала вкупно 96 проекти (не се означени по години) преку кои асфалтирала улици, санирала патишта, градела фекална канализација, пешачки патеки, потоа повеќенаменски игралишта, ја проширила мрежата за осветлување, инвестирала во изградба на нови училиштата и обнова на старите, на некои места биле поставувани нови водоводи, на други пак подобрено водоснабдувањето, биле градени паркови, ги уредила централните подрачја во дел од населените места, поставувала патна сигнализација, градела полски патишта, ги подобрувала условите во училиштата и слично, Општината ја дава поддршката на инвеститорите преку намалена цена за градежно земјиште за 50%, ослободување од надоместок за градежно земјиште за деловни субјекти кои ќе вработат 20 лица. Во Општина Росоман е планирано да се отвори канцеларија за поддршка на бизнисот, која ќе дава информации на потенцијалните инвеститори.[44]

ОПШТИНА СВЕТИ НИКОЛЕ во 2013 година потрошила 214.401.041 денар од предвидените 234.257.339 денари. За капитални инвестиции општината потрошила 12.671.531 денари, од предвидените 18.131.500 денари[45] или вложила само 685 денари по жител и е на претпоследното место на табелата за оваа година. Капиталните инвестиции биле вложени во крпење на ударните дупки, обезбедени од Агенцијата за државни патишта и буџетот на општината.

Следната, 2014 година, општината испланирала буџет од 293.903.071 денар, а потрошила 228.471.465 денари. За капитални инвестиции биле потрошени 19.833.008 денари од три пати повеќе предвидените 57.389.877 денари[46], односно општината вложила по 1.072 денари по жител инвестиција и повторно се наоѓа на претпоследното место на табелата. Во оваа година општината инвестирала за замена на под во спортска сала во основно училиште и за замена на под во училници. Со поддршка на Агенцијата за државни патишта биле закрпени ударните дупки во градот, а во соработка со Агенцијата за рурален развој биле реализирани неколку проекти, и тоа изградба на детски игралишта во селски средини со пари од општината и Агенцијата. Фекалната канализација во Горобинци била изградена од Агенцијата и локални пари. Изградбата на локалниот пат до акумулацијата Мавровица бил поддржан од Агенцијата и уште средства од локалниот буџет. Средства биле обезбедени од Агенцијата за рурален развој и општината за изградба на локален пат до локалитетот Билазора.

Во 2015 година општината потрошила 284.205.058 денари од предвидените 337.884.352 денари. Од нив за инвестиции биле планирани 85.237.465 денари, а реализирани односно 56.181.049 денари.[47]Оваа година општината потрошила 3.037 денари инвестиции по жител, со што се искачи на средина на табелата. Таа година општината трошела на крпење на ударни дупки и тоа сопствени средства и од Агенцијата за државни патишта. За санација на речното корито биле инвестирани средства од Министерството за животна средина и сопствени средства. Општински пари биле потрошени на реконструкција на улицата Цветан Димов, а за реконструкција на улиците Младинска и Крсте Мисирков бил земен кредит од 8.059.497 денари од Светска банка.[48]

Во 2016 година, општината потрошила 283.176.576 денари од предвидените 350.969.961 денари. Од нив, за капитални инвестиции биле потрошени 60.264.215 денари, а предвидени 40 милиони повеќе односно 99.837.220 денари,[49] односно општината потрошила 3.258 денари по жител и се наоѓа на високото трето место. Парите од оваа буџетска ставка биле потрошени за санација на подови во детска градинка, за реконструкција на улиците 11-ти октомври и Гоце Делчев, за асфалтирање и поставување рабници на улицата 11-та македонска бригада, улицата Ангел Трајчев, изградба на градска капела и паркинг за товарни возила. Со блок дотација бил реконструиран кров на основно училиште. Во соработка со Агенцијата за рурален развој било уредено излетничкото место Бареш и за тоа биле потрошени пари од Агенцијата, и пари на општината. Се изградила фекална канализација со средства од Агенцијата за рурален развој и од Агенцијата за државни патишта, и од буџетот на општината за санација на ударни дупки. Преку кредит од Светка банка во висина од 20.700.397 денари биле реконструирани улиците Младинска и Крсте Мисирков.

Советот на Општина Свети Николе може да донесе одлука за утврдување на посебни поволности, на барање на инвеститорот за конкретна инвестиција. Ова е поволноста која општината ја дава на потенцијалните инвеститори.

ОПШТИНА ЧАШКА во 2013 година планирала буџет од 114.441.315 денари, а реализирала 94.440.445 денари. 5.424.000 денари биле планирани за капитални инвестиции, а реализирани 2.225.756 денари[50] или само 290 денари по жител, што се убедливо најниски инвестиции по жител за сите општини за анализираните четири години. Во оваа година општината го реконструирала локалниот пат од манастирот во село Мокрени до местото викано Теовски уши (0,8 километри).

Во 2014 година, општината испланирала дека ќе потроши 170.282.272 денари, а потрошила 134.070.711 денар. Биле планирани 61.450.721 денар за капитални инвестиции, а реализирани 38.243.079 денари[51] или 4.984 денари со што ја носи општината на второ место на табелата. Во 2014 г. бил реконструиран локалниот пат од село Голозинци до село Мелница и изградба на резервоар за вода во селото Извор. Оваа година продолжила реконструкцијата на претходно споменатиот пат и тоа во вкупна должина од 8 километри. Следната 2015 година општината планирала дека ќе обезбеди буџет од 163.722.425 денари, а собрала 127.747.985 денари. 25.209.034 денари од предвидените 46.322.578 денари[52] биле реализирани за капитални инвестиции или 3.285 денари, со што општината се наоѓа на трето место. Оваа година продолжува проектот за реконструкција на локалниот пат од село Мокрени до место викано Теовски уши во должина од осум километри и започнува изградбата на систем за собирање, одведување и пречистување на фекални отпадни води од населеното место Лисиче.

Во 2016 година, општината реализирала 108.608.956 денари од предвидените 146.026.929 денари, од кои за капитални инвестиции потрошила ниски 6.800.911 денари од предвидените 28.261.113 денари[53] или 886 денари по жител, со што повторно се враќа на последно место на табелата за инвестиции по жител.

Советот на Општина Чашка може да донесе одлука за утврдување на посебни поволности на барање на инвеститорот за конкретна инвестиција.

„Во изминатиот период, инвестиции во регионот има, но потребно е нивниот број значително да се зголеми за да предизвика посериозно влијание врз стапката на регионалниот економски развој. За да се случи ова, неопходна е многу поактивна улога на општинските раководства, бидејќи досегашните инвестиции, а особено странските, се резултат пред сѐ на маркетинг напорите на централната власт. При тоа имајќи ја предвид стратешката важност на локациската поставеност на општините од Вардарски плански регион, акцентот треба да биде ставен на привлекување домашни инвеститори од другите плански региони, досека странски инвеститори пожелно е да се бараат во соседните земји. Дополнително треба да се напушта и досегашната пракса, според која привлекувањето инвеститори се засноваше преку стратегијата на „ниски цени“ и според принципот „секој што ќе дојде е добредојден“. Оттука се препорачува особено важна да биде улогата на вработените во секторите/одделенијата за локален економски развој. Тие, покрај клучните ингеренции, треба да имаат улога на „локални економски промотори“ со зголемени надлежности за привлекување нови, но и задржување на постоечките компании,“ вели д-р Игор Андреев, стратегиски аналитичар, експерт за маркетинг на населени места.

Табела 1: Планирани и реализирани вкупни буџети на општините од Вардарски плански регион 2013-2016

Општина 2013 2014 2015 2016
 

Велес

738.465.062

(планиран)

798.332.473

(планиран)

862.838.639

(планиран)

932.590.484

(планиран)

614.309.255

(реализиран)

641.846.509

(реализиран)

654.805.876

(реализиран)

669.488.281

(реализиран)

Градско 46.886.768

(планиран)

73.492.942

(планиран)

60.599.910

(планиран)

60.311.601

(планиран)

44.333.169

(реализиран)

60.030.800

(реализиран)

56.756.042

(реализиран)

49.219.736

(реализиран)

Демир Капија 127.418.879

(планиран)

122.363.180

(планиран)

136.130.217

(планиран)

205.316.161

(планиран)

82.391.439

(реализиран)

69.113.845

(реализиран)

84.954.940

(реализиран)

79.671.825

(реализиран)

Кавадарци 627.068.000

(планиран)

658.780.000

(планиран)

668.525.000

(планиран)

782.586.000

(планиран)

494.405.732

(реализиран)

517.637.764

(реализиран)

536.111.237

(реализиран)

586.877.106

(реализиран)

Лозово 37.494.745

(планиран)

38.957.299

(планиран)

58.034.613

(планиран)

55.298.103

(планиран)

33.141.198

(реализиран)

30.017.650

(реализиран)

43.240.352

(реализиран)

34.380.238

(реализиран)

Неготино 348.940.333

(планиран)

361.711.000

(планиран)

390.681.000

(планиран)

588.045.000

(планиран)

258.973.763

(реализиран)

273.727.623

(реализиран)

246.326.950

(реализиран)

329.162.197

(реализиран)

Росоман 57.373.576

(планиран)

59.960.459

(планиран)

69.721.082

(планиран)

72.018.321

(планиран)

53.757.245

(реализиран)

50.538.057

(реализиран)

62.648.214

(реализиран)

58.556.152

(реализиран)

Свети Николе 234.257.339

(планиран)

293.903.071

(планиран)

337.884.352

(планиран)

350.969.961

(планиран)

214.401.041

(реализиран)

228.471.465

(реализиран)

284.205.058

(реализиран)

283.176.576

(реализиран)

Чашка 114.441.315

(планиран)

170.282.272

(планиран)

163.722.425

(планиран)

146.026.929

(планиран)

94.440.445

(реализиран)

134.070.711

(реализиран)

127.747.985

(реализиран)

108.608.956

(реализиран)

 

Табела 2: Инвестиции на општините од Вардарски плански регион во периодот 2013-2016

Општина 2013 2014 2015 2016
 

Велес

127.726.189

(планирани)

170.911.119

(планирани)

157.321.958

(планирани)

194.723.537

(планирани)

77.358.446

(реализирани)

98.389.809

(реализирани)

74.657.144

(реализирани)

90.397.507

(реализирани)

Градско 4.596.817

(планирани)

30.164.728

(планирани)

16.977.075

(планирани)

16.365.423

(планирани)

3.935.642

(реализирани)

18.984.559

(реализирани)

14.741.589

(реализирани)

9.488.617

(реализирани)

Демир Капија 38.843.000

(планирани)

43.335.000

(планирани)

48.102.300

(планирани)

109.644.100

(планирани)

21.554.695

(реализирани)

11.212.599

(реализирани)

22.719.391

(реализирани)

11.996.270

(реализирани)

Кавадарци 130.617.000

(планирани)

177.485.000

(планирани)

146.675.000

(планирани)

241.102.000

(планирани)

71.091.767

(реализирани)

93.841.520

(реализирани)

76.192.181

(реализирани)

110.288.134

(реализирани)

Лозово 4.493.351

(планирани)

7.811.090

(планирани)

3.025.000

(планирани)

21.632.000

(планирани)

4.001.731

(реализирани)

2.217.642

(реализирани)

2.511.071 (реализирани) 5.445.598

(реализирани)

Неготино 90.276.839

(планирани)

96.995.000

(планирани)

89.897.000

(планирани)

269.513.000

(планирани)

40.129.796

(реализирани)

53.500.914

(реализирани)

25.798.746

(реализирани)

82.694.396

(реализирани)

Росоман 17.079.750

(планирани)

17.079.750

(планирани)

20.909.766

(планирани)

22.701.574

(планирани)

16.284.769

(реализирани)

11.829.855

(реализирани)

18.839.294

(реализирани)

14.095.371

(реализирани)

Свети Николе 18.131.500

(планирани)

57.389.877

(планирани)

85.237.465

(планирани)

99.837.220

(планирани)

12.671.531

(реализирани)

19.833.008

(реализирани)

56.181.049

(реализирани)

60.264.215

(реализирани)

Чашка 5.424.000

(планирани)

61.450.721

(планирани)

46.322.578

(планирани)

28.261.113

(планирани)

2.225.756

(реализирани)

38.243.079

(реализирани)

25.209.034

(реализирани)

6.800.911

(реализирани)

 

Табела 3: Инвестции по глава на жител во општините од Вардарски плански регион во периодот 2013-2016

  Општина 2013 2014 2015 2016
Инвестиции по жител (денари) Велес 1403 1785 1354 1640
Инвестиции по жител (денари)) Градско 1046 5049 3920 2523
Инвестиции по жител (денари) Демир Капија 4742 2467 4998 2639
Инвестиции по жител (денари) Кавадарци 1835 2422 1966 2846
Инвестиции по жител (денари) Лозово 1400 775 878 1905
Инвестиции по жител (денари) Неготино 2088 2784 1342 4304
Инвестиции по жител (денари) Свети Николе 685 1072 3037 3258
Инвестиции по жител (денари) Росоман 3932 2856 4549 3403
Инвестиции по жител (денари) Чашка 290 4984 3285 886

 

ЗАКЛУЧОЦИ

  1. Општините реализираат речиси двојно помалку капитални инвестиции од тие што ги предвидуваат во буџетите;
  2. Капиталните инвестиции во општините генерално се реализираат преку основниот буџет на општината, дополнет со заеми и донации остварени преку апликации на проекти;
  3. Реализираните буџети на општините тековно низ годините незначително се промениле, за разлика од планираните кај кои има подрастични промени (кај општините Велес, Демир Капија, Кавадарци, Неготино);
  4. Бројот на жители на општината не се однесува правопропорционално со одделените инвестиции за нив (најголемата општина Велес не издвојува најмногу инвестиции по жител);
  5. Освен во Општина Велес, во ниту една од другите општини не се случила странска инвестиција во последните четири години;
  6. Висината на реализираните буџети е во согласност со големината на општината, односно најголемата општина има најголем буџет, па сѐ до најмалата која има најмал буџет;
  7. Постојат големи разлики помеѓу општините во Вардарски плански регион (пред сѐ помеѓу урбаните и руралните општини);

БИБЛИОГРАФИЈА

  1. Водич за инвеститори за Вардарски регион, КА Групација (KA Group Consulting), Центар за развој на Вардарски плански регион, јуни 2015
  2. Државен завод за статистика, Регионите во Македонија 2015 година, http://www.stat.gov.mk/Publikacii/RegioniteVoRM2015.pdf
  3. Завршна сметка на Општина Велес за 2013, 2014,2015 и 2016 година
  4. Завршна сметка на Општина Градско за 2013, 2014, 2015 и 2016 година
  5. Завршна сметка на Општина Демир Капија за 2013, 2014, 2015 и 2016 година
  6. Завршна сметка на Општина Лозово за 2013, 2014, 2015 и 2016 година
  7. Завршна сметка на Општина Кавадарци за 2013, 2014, 2015 и 2016 година
  8. Завршна сметка на Општина Неготино за 2013, 2014, 2015 и 2016 година
  9. Завршна сметка на Општина Свети Николе за 2013, 2014, 2015 и 2016 година
  10. Завршна сметка на Општина Чашка за 2013, 2014, 2015 и 2016 година
  11. Отчет на Општина Велес за 2013, 2014, 2015 и 2016 година
  12. Отчет на Општина Градско 2013-2017 година
  13. Отчет на Општина Неготино за 2013, 2015 и 2016 година
  14. Отчет на Општина Росоман 2013-2017 година

[1] Државен завод за статистика, Регионите во Република Македонија, 2015 http://www.stat.gov.mk/Publikacii/RegioniteVoRM2015.pdf

[2] Завршна сметка на општина Велес за 2013 година

[3] Отчет на Општина Велес за 2013 г.  http://www.veles.gov.mk/images/stories/2014/fevruari/Otcet_Opstina_Veles_2013.pdf

[4] види табела 3 за инвестиции по број на жители

[5] Завршна сметка на општина Велес за 2014 година

[6] отчет на општина Велес за 2014 година https://mk-mk.facebook.com/opshtinaveles/posts/684568521660778

[7] завршна сметка на општина Велес за 2015 година, барање за слободен пристап до Велес од 04.05, одговорено на 25.05

[8] отчет на општина Велес за 2015 година http://www.veles.gov.mk/downloads/2015/Otcet2015.pdf

[9] Завршна сметка на општина Велес за 2016 и Отчет на општина Велес за 2016 година http://veles.gov.mk/downloads/2016/otcet_2016/otcet_2016.pdf

[10] Поднесено барање до Центарот за развој на Вардарски плански регион, добиен водич за инвеститори во Вардарски плански регион

[11] Завршна сметка на Општина Градско за 2013 година

[12] Поднесено барање за слободен пристап до информации од јавен карактер до Општина Градско на 04.05.2017, а добиен одговор на 22.05.2017

[13] Завршна сметка на општина Градско за 2014 година

[14] Завршна сметка на Општина Градско за 2015 година

[15] Завршна сметка на Општина Градско за 2016 година

[16] Отчет на Општина Градско (2013-2017)  https://www.facebook.com/ZanetaChaushevska/posts/1433997873277555

[17] Завршна сметка на Општина Демир Капија за 2013 година

[18] Отчет на Општина Демир Капија за 2013 година

[19] Завршна сметка на Општина Демир Капија за 2014 година

[20] Барање за слободен пристап поднесено до Општина Демир Капија на 19.05.2017, препратено на 03.07.2017, добиен  одговор истиот ден и дополнување на одговорот на 07.07.2017 година

[21] Завршна сметка на Општина Демир Капија за 2015 година

[22] завршна сметка на општина Демир Капија за 2016 година

[23] завршна сметка на општина Кавадарци за 2013 година

[24] Завршна сметка на Општина Кавадарци за 2014 година

[25] Завршна сметка на Општина Кавадарци за 2015 година

[26] www.kavadarci.gov.mk објави во комунални дејности и Кав`даречки весник

[27] Завршна сметка на Општина Демир Капија за 2016 година

[28] Завршна сметка на Општина Лозово за 2013 година

[29]  Завршна сметка на Општина Лозово за 2014 година

[30] Барање поднесено до Општина Лозово на 24.05.2017, добиен одговор на 15.05.2017

[31] Завршна сметка на Општина Лозово за 2015 година

[32] Завршна сметка на Општина Лозово за 2016 година

[33] Завршна сметка на Општина Неготино за 2013 година

[34]  Отчет на Општина Неготино за 2013 година

[35] Завршна сметка на Општина Неготино за 2014 година

[36] Поднесено барање за слободен пристап до Општина Неготино на 9.05.2017 година, добиен одговор на 12.05.2017 година

[37] Завршна сметка на Општина Неготино за 2015 година

[38]  Завршна сметка на Општина Неготино за 2015 година

[39]  Отчет на Општина Неготино за 2015 година

[40]  Завршна сметка на Општина Росоман за 2013 година

[41] Завршна сметка на Општина Росоман за 2014 година

[42] Завршна сметка на Општина Росоман за 2015 година

[43] Завршна сметка на Општина Росоман за 2016 година

44 Поднесено барање за слободен пристап до општина Росоман на 19.05.2017 година, препратено на 05.07.2017 година, добиен одговор на 10.07.2017 година.

[45] Завршна сметка на Општина Свети Николе за 2013 година

[46] Завршна сметка на Општина Свети Николе за 2014 година

[47] Завршна сметка на Општина Свети Николе за 2015 година

[48] Барање за слободен пристап поднесено до Општина Свети Николе на 19.05.2017 година, препратено на 03.07.2017 година и добиен одговор истиот ден

[49] Завршна сметка на Општина Свети Николе за 2016 година.

[50] Завршна сметка на Општина Чашка за 2013 година

[51] Завршна сметка на Општина Чашка за 2014 година

[52] Завршна сметка на Општина Чашка за 2015 година

[53] Завршна сметка на Општина Чашка за 2016 година и барање поднесено на 24.05.2017, одговорено на 08.06.2017