Повик за учество во обука за анализа и следење на политиките за регионален развој

Форум-Центар за стратешки истражувања и документација и Младински иницијативи за дијалог и соработка ги повикуваат сите заинтересирани да се пријават за учество во обука за мониторирање на политиките за регионален развој и застапување за рамномерен регионален развој, во рамките на проектот Алијанса за регионален развој, поддржан со финансиска помош од Европската Унија преку програмата ЕИДХР 2014-2015.
На овој повик можат да се пријават сите заинтерeсирани кои покажуваат интерес за проширување на своето знаење од оваа област и кои поседуваат одредени предзнаења за темите поврзани со децентрализацијата и регионалниот развој.
Избраните кандидати ќе имаат можност да бидат вклучени во идните активности на Алијанса за регионален развој, првенствено со можност за истражување на некои аспекти поврзани со спроведувањето на политиките за рамномерен регионален развој, кое ќе биде финансиски поддржано од Алијанса за регионален развој.
Реализацијата на програмата ќе се одржи од 17 до 19 март во Хотел Романтик, Велес. За да се постигнат целите на програмата и за да стекнат сертификат за учество на обуката, од пријавените кандидати се очекува спремност за тимска работа и редовност во текот на целокупната обука.
За подобро разбирање на потребите на кандидатите за учество во обуката потребно е накратко да одговорат на следните прашања:
- Кои се Вашите досегашни искуства поврзани со темите од областа на децентрализацијата, локалниот или регионалниот развој?
- Како стекнатото знаење од обуката ќе Ви биде од корист во Вашите идни активности?
- Издвојте специфично поле на интерес поврзан со темата регионален развој.
Заедно со овие одговори, потребно е кандидатите да испратат и кратка биографија на следнава електронска адреса: mihajlovska@forum-csrd.org.mk најдоцна до 13 март 2017 година.
Бидејќи бројот на учесници на обуката е ограничен, ќе се направи селекција на кандидатите кои ќе бидат поканети на обуката. Предност ќе им се даде на кандидатите кои се активни членови на граѓански организации или неформални групи кои спроведувале проекти, истражувања или иницијативи поврзани со децентрализацијата и локалниот развој. Исто така, ќе се даде можност на обуката да има учесници од секој од осумте плански региони.
Најмногу двајца претставници од иста организација може да бидат поканети на обуката, а при селекцијата на кандидатите посебно внимание ќе се посвети на родовиот баланс и на вклучување на претставници на малцинствата и маргинализираните заедници.
Обуките ќе се одржуваат на македонски јазик, а презентери на обуката ќе бидат истакнати обучувачи за децентрализација и регионален развој со големо искуство во следење на политиките на регионален развој и долгогодишно искуство во соработка со локалните власти, националните и регионалните институции кои имаат ингеренции за спроведување на политиките за регионален развој.
Трошоците за учесниците на обуката паѓаат на товар на организаторите.
Повикот на македонски јазик можете да го преземете тука.
Повикот на албански јазик можете да го преземете тука.

