Граѓанското општество бара учество во спроведување на регионалните политики
На 16 февруари во Куманово се одржа работилница на тема „Ефикасност на политиката за рамномерен регионален развој“ во рамки на активностите на проектот Алијанса за регионален развој, кој е инициран од организациите Форум ЦСИД од Скопје и Младински иницијативи за дијалог и соработка од Битола, а подржан со финансиска помош од програмата на ЕУ од Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР) за 2014-2015 г.
На работилницата присуствуваа претставници на сите општини од Североисточниот плански регион, на Центарот за развој на регионот, како и многубројни членови на граѓанскиот сектор од овој регион, вклучително и претставници на месната самоуправа од неколку општини.

Покрај статистичките податоци поврзани со спроведувањето на политиката на рамномерен регионален развој во Македонија во последните десет години и постигнувањата на Североисточниот плански регион кои ги презентираа координаторот на Алијансата за регионален развој, Слаѓан Пенев, и еден од поистакнатите познавачи на процесите на децентрализацијата, Јане Вртески, беше истакнато дека е значајно граѓанскиот сектор да се вклучи и во креирање и во спроведување на политиките за локален и регионален развој, како и дека треба да се работи партнерски меѓу граѓанските организации, локалните самоуправи и центрите за развој на планските региони.
Пенев при презентацијата на истражувањето за ефектите од политиката за рамномерен регионален развој направено од проектниот тим на Алијанса за регионален развој потсети дека Североисточниот плански регион учествува со само 5 проценти во вкупниот национален БДП и дека според речиси сите параметри за споредба на развојот на регионите во Македонија се наоѓа на последно место.
Вртески напомена дека постоењето на лидерство во регионите е важно и дека ако се земе предвид дека една од главните политики на ЕУ е инвестирање во регионите, време е да почне и граѓанското општество да се заинтересира многу повеќе за регионалните теми.

Презентациите предизвикаа плодна дискусија во која можеше да се слушне дека и покрај недоволните резултати од досегашното спроведување на политиката за рамномерен регионален развој, сепак мора да бидеме задоволни кога ќе се спореди она што било пред 10 години во однос на регионалните политики, и она што е добиено по 10 години. И иако според економските параметри нема многу.
причини за задоволство, сепак претставниците на локалните власти и на Центарот за развој на Североисточниот плански регион констатираа дека јакнењето на капацитетите на центрите за развој на планските региони и на општините претставува голем напредок. Изработени се многу стратешки документи, анализи, програми, планови за развој, а со спроведените проекти (претежно т.н. меки проекти) се отпочна со подготовка и за посериозни инфраструктурни проекти.
Работилницата во Куманово е четврта во низата јавни презентации на истражувањето за политиките на регионален развој во Македонија, по Штип, Битола и Велес. Во следните недели ќе се одржат работилници и во останатите четири плански региони, по кои ќе следи обука на граѓански активисти заинтересирани за оваа област и за нивно вклучување во мрежата Алијанса за регионален развој.

