Вториот модул од „Школата за активно граѓанство“ со осмата генерација слушатели се одржа во Велес, во Хотел „Романтик“ од 27-29 ноември, 2015 година.

Првиот ден од Школата, по краткиот вовед од страна на тимот на Форум ЦСИД,  беше отворен со предавањето Современи трендови во промоцијата и заштитата на човековите права и можни реакции на граѓанскиот сектор во случај на повреда на човековите права, кое го одржа Проф. Д-р Мирјана Најчевска, од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, УКИМ – Скопје. Предавањето беше проследено со прашања од страна на учесниците и дискусија со професорката во врска со човековите права.

Второто предавање го одржа истакнатиот политички аналитичар и професор на Универзитетот на Југоисточна Европа, Сашо Орданоски. Предавањето за Политичката комуникација на граѓанските организации  побуди голем интерес и поттикна интересни прашања и дискусија од страна на слушателите. По ова предавање следуваше работата во групи на тема политичка комуникација.

Вториот ден од вториот модул на Школата за активно граѓанство беше предвиден за предавањата на Зоран Бојаровски, новинар и уредник во Алфа ТВ, истражувач и тренер, кој во првото предавање говореше за Алатките за комуникација во граѓанскиот сектор, проследено со работа во групи на тема – Стратегија за комуникација со медиумите, додека второто предавање се однесуваше на Социјалните медиуми како алатка за граѓански ангажман. Предавањето беше проследено со интересна дискусија и прашања од слушателите кои по предавањето работеа во групи на тема – Стратегија за употреба на социјалните медиуми. Потоа следуваше презентација на резултатите од работата во групи.

Во последниот ден од вториот модул со слушателите на VIII генерација на Школата за активно граѓанство, истакнатите новинари Владо Апостолов (Фокус), Жарко Настоски (Радио МОФ) и Огнен Јанески (24 Вести) одржаа панел дискусија на тема: Колку чини слободата (во медиумите)? И ова предавање не ги остави слушателите рамнодушни  тие имаа бројни и интересни прашања за панелистите.

Школата се затвори со дополнување и дискусија на Поимникот за граѓанско општество, по што следуваше евалуација на вториот модул од Школата за активно граѓанство и заминување на учесниците.

Следна средба со учесниците на VIII генерација на Школата за активно граѓанство закажуваме идната година на пролет, заедно со идните учесници на Школата, од деветтата генерација.