Струга – Тест за федерализација
Етничката поделба меѓу младите и постојаното потсетување на жртвите од конфликтот во 2001 година се факторите кои влијаат за дестабилизација на земјата и водат кон нејзина федерализација, коментираат интелектуалците. Тие сметаат дека земјата е длабоко навлезена во етничките поделби и напоменуваат дека Струга е само еден камен од одронот, кој би можел да ги погоди и останатите градови. Меѓу интелектуалците има и такви кои не веруваат дека поделбата меѓу учениците во Струга е закана за федерализација. Според нив, проблемот во Струга е решлив и не може да биде причина за дестабилизација на целата држава.
Струга е само тест што треба да не увери дека е невозможно Македонците и Албанците да живеат заедно, вели за „Шпиц“ аналитичарот Ким Мехмети. Но, како што појаснува, тоа не е единствен случај на етничка поделеност, бидејќи слична, па дури и подрастична поделба меѓу младите има и во Тетово и во Куманово. Она по кое проблемот во Струга се разликува од проблемите во останатите два града, вели тој, е тоа што ситуацијата со струшкото училиште излезе од контрола.
– Етничката поделба која се правеше досега во Струга излезе на виделина. Всушност, Струга излезе во јавност и со тоа се обелодени сето она што во другите градови го правеше во тајност. Да можеше тоа тивко да се спроведе како што се спроведувало претходно, најверојатно е дека еден ден ќе се разбудевме и ќе видевме дека и автобусите ни се поделени, и паркот ни е поделен, како и се останато – појаснува Мехмети.
Мехмети напоменува дека земјата е веќе поделена. Власта, појаснува тој, во моментот се дистанцира од Струга и прашањето сега го префрла на локално ниво.
За настаните во Струга, Гордан Георгиев од ФОРУМ, вели дека покажуваат колку актуелната власт ја игнорира важноста на охридскиот договор, кој, според него, е суштински столб на македонското мултиетничко општество. Со тоа, како што вели, им се остава простор на малициозните толкувачи на охридскиот договор да понудат алтернативни визии за решавање на ситуацијата.
Професор Јове Кекеновски се согласува со мислењето кое завчера го изнесе во јавност претседателскиот кандидат Љубомир Фрчкоски, а тоа е дека федерализација на земјата е возможна доколку продолжи поделбата меѓу учениците во Струга.
– Каменот може како лавината да се стркала и во другите градови и да предизвика сериозни проблеми – вели Кекеновски.
Според него, постојаното враќање на минатото и потсетувањето на жртвите од конфликтот во 2001 година, исто така, води кон етнички раздор и кон дестабилизација на земјата.
– Минатото треба да се покрие, а не постојано да се навраќаме на него. Враќањето кон минатото е само негирање на рамковниот договор, а со тоа се дестабилизира земјата – коментира професор Кекеновски.
За разлика од нив, креаторот на Уставот и на рамковниот договор, професор Владо Поповски уверува дека Струга не е проблем кој води до федерализација на земјава. Во ОБСЕ, пак, не сакаа да ја коментираат можноста за поделба на државата како резултат на поделбите во Струга. За нив, како и за ЕУ, најважно е да се работи на обединување на младите и на нивно помирување за што, според нив, треба да придонесат и релевантните фактори во власта.
Стојна ТОДОРОВСКА
