Форум Центарот за стратегиски истражувања и документација и Прогрес Институтот за социјална демократија на 9 јуни 2010 година организираа дебата на тема: “Состојбите во цивилниот сектор и неговата улога во креирање на општествените текови во Република Македонија”.

Целта на дебатата беше да се поттикне јавна расправа за актуелните состојби во граѓанскиот сектор, неговата вклученост во процесите на одлучување во државата, улогата на политичките елити во застојот или развојот на овој сектор, како и развојот на граѓанското општество од осамостојувањето до денес.

Свои излагања на овие теми имаа Владимир Милчин од Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, Сашо Клековски од Македонскиот центар за меѓународна соработка, Петар Атанасов од Институтот за социолошки и политичко правни истражувања, Зоран Богдановски од Центарот за институционален развој и Ѓунер Исмаил од Форум Центарот за стратегиски истражувања и документација.

Во воведните излагања и во дебата која следеше потоа, а во која се вклучија уште неколку истакнати претставници на невладиниот сектор, се отворија многу прашања за местото на граѓанското општество во развојот на демократските процеси во државата. Се направи ретроспектива на главните приоритети на овој сектор од осамостојувањето на Македонија до денес, со потенцирање на улогата на невладиниот сектор во борбата за признавање на независноста на Македонија во почетокот на 90-те години од минатиот век, па до лобирањето за признавање на името и влијанието врз процесите во државата во 2001 година, кога овој сектор влијаеше да ги преброди воените конфликти и да се донесе Устав како конструктивен општествен договор. Беше посочено и дека во тој период почна сатанизацијата на невладиниот сектор, со применување на рецептурата од некои источни држави на прогласување на одредени личности од невладиниот сектор за странски платеници и инсталирање на невладини организации од страна на политичарите. Поради тоа, постои опасноста и во Македонија да се повтори примерот на Бугарија, каде се случува феноменот на “заробено граѓанско општество”, по повлекувањето на странските донации во невладиниот сектор и доминација на политичарите во невладините организации (НВО).

Од друга страна, се изнесоа мислења дека стигматизирањето на невладиниот сектор поради странското финансирање се прави од политички побуди, со цел да се дискредитираат невладините организации и да се прогласат за политички противници. Загрижува тоа што притисоците кон невладините организации продолжуваат не само на ниво на закани, туку и на физичко насилство, како што беше случајот со нападот врз Ивица Младенов од невладината организација “Хоризонт Македонија”.

Според некои истражувања на јавното мнение кои беа презентирани на оваа трибина, 41% од граѓаните имаат доверба во НВО, 33% од граѓаните веруваат дека НВО ги задоволуваат интересите на граѓаните, наспроти 25% од граѓаните кои гледаат на нив како на странски агентури, а 80% сметаат дека НВО се злоупотребени од политичарите.

Беа отворени прашањата за бројноста на невладините организации, при што се изнесе податокот дека постојат 9.000 невладини организации во Македонија, што во просек се 44 организации на 1000 жители, а беа изнесени и спротивни мислења за улогата на медиумите – од една страна беше истакнато дека во медиумите отсуствува поддршка на активностите на невладиниот сектор, а од друга страна медиумите беа посочени како главен сојузник на невладините организации, бидејќи помогнале да се идентификуваат разни феномени во државата на кои тие посочувале