Стартува коалицијата за мониторинг на буџетите на општините
Организациите Форум ЦСИД и Центар за економски анализи (ЦЕА) oд почетокот на март 2014 година почнаа да го спроведуваат проектот „Коалиција за буџетски мониторинг“. Целта на овој проект е да се создаде мрежа на организации од граѓанскиот сектор кои ќе ги следат буџетските процеси во сите единици на локалната самоуправа (ЕЛС) во Македонија. Оваа коалиција на граѓански организации треба да биде воедно и моќен глас на граѓаните во барањето општините да бидат транспарентни и отчетни за сите приходи и расходи. И секако, таа треба да биде отворен партнер за соработка со сите единици на локалната самоуправа во Македонија.
Почетната активност на овој проект беше истражување на областите на дејствување на граѓанските организации во Македонија и нивните капацитети за мониторинг на работата на локалната самоуправа. Во сите осум плански региони постојат организации кои во помала или поголема мера спроведувале активности поврзани со работата на локалната соработка, често во соработка со одговорни лица од општините, а понекогаш овие организации спроведувале и активности понепосредно поврзани со темите за финансиите со кои располагаат општините и начинот на кој ги трошат парите на даночните обврзници.
За да се направи подобра проценка на капацитетите на организациите за буџетски мониторинг во втората половина на март и првата половина на април оваа година беа организирани четири фокус групи во Прилеп, Струмица, Гостивар и Скопје, на кои заедно со околу 40 претставници на граѓанскиот сектор се дискутираше за активностите и односите на релација ЕЛС и здруженија на граѓани.
Од овие дискусии се потврди дека голем дел од локалните организации имаат солидни познавања на буџетските процеси во општините од кои потекнуваат, како и во планските региони каде што дејствуваат. Многу поретко се кажуваа пофални зборови за властите и администрациите на локалните самоуправи во однос на отвореноста за соработка со граѓанскиот сектор и обидите за вклучување на граѓаните во процесите на донесување на општинските буџети.
Таквите состојби потврдуваат дека, од ед на страна, потребно е зголемување на напорите да се подобрат практиките на консултација на општинските раководства со локалниот граѓански сектор, а од друга страна се потребни понатамошни активности за зголемување на капацитетите на граѓанските активисти за следење на трошењето на јавните финансии во локалната самоуправа, за да бидат подготвени да реагираат на сомневањата за злоупотреба на парите кои власта ги добива од граѓаните. Во таа насока Форум ЦСИД и ЦЕА планираат да изберат девет организации кои самостојно или во партнерство со други локални организации ќе спроведуваат засилен мониторинг на буџетските процеси во сите единици на локалната самоуправа во Република Македонија. Членовите на овие организации и нивните партнери ќе бидат обучени за спроведувањето на мониторингот и во следните 12 месеци со помош на Форум ЦСИД и ЦЕА ќе подготвуваат месечни и тримесечни извештаи за буџетските теми во сите локални самоуправи. Извештаите, покрај на официјалната веб страна на Коалицијата (www.kbm.mk), ќе бидат јавно претставени на многу презентации во поголемите градови низ Македонија.
Проектот Коалиција за буџетски мониторинг се спроведува со финансиска помош од Делегацијата на Европската Комисија во Македонија, преку програмата ИПА ЦСФ 2012 – 2013.
