На 18 март преку платформата за организирање видеоконференции ZOOM се одржа јавна презентација на Стратегијата на Општина Штип за соработка со граѓанските организации 2022-2026, подготвена од тимовите на Форум ЦСИД и Фондацијата за развој на локалната заедница од Штип.

 

Овој документ беше создаден по спроведениот процес за стратешко планирање во кој учествуваа претставници на граѓанскиот сектор и општинската администрација во Штип, како и други важни чинители за граѓанското општество – медиумите, стопанствениците, образовните институции и граѓаните.

Еден од најпозитивните резултати од овој процес  беше обврзувањето на Општина Штип да ја продолжи праксата на соработка со здруженијата на граѓани и да ги вклучи во програмирањето на финансиските средства кои треба да бидат искористени за решавање на клучните предизвици на граѓаните.

Учесниците на јавната презентација беа запознаени со главните цели и приоритети на петгодишната стратегија на Општина Штип, со кои ќе се поттикне соработката помеѓу општината и граѓанските организации, и ќе се предвиди директна одговорност на локалната самоуправа во спроведувањето на мерките во доменот на своите надлежности. Овие приоритети беа предложени во работилниците кои беа организирани во рамки на процесот на стратешко планирање, при што посебно внимание беше посветено на избор на приоритети кои се остварливи и реални.

Советот на Општина Штип ја усвои Стратегијата за соработка со граѓанските организации на седница одржана во март 2022 г.

Форум ЦСИД го иницираше процесот  за изготвување и на оваа стратегија за соработка на општините со граѓанските организации во рамки на институционалната поддршка од Цивика мобилитас. Претходно, како резултат на истиот процес беше подготвена Стратегија на Општина Кавадарци за соработка со граѓанските организации 2021-2025.