Експлоатацијата на дрво и сечата на шумите во Република Северна Македонија е една од најактуелните теми во последните десет години кога е во прашање оваа област. Државните институции, невладините организации и меѓународната заедница овој проблем го ставија под опсервација. Само во овој момент на четири нивоа се следат случувањата поврзани со експлоатација на шумите во приватните и во државните шуми: од надлежното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, во чии рамки е и Шумската полиција, од ЈП „Национални шуми“, од граѓанскиот сектор и од медиумите.

Според Законот за шумите, грижата за заштита, обновување и експлоатација на шумскиот фонд во Република Северна Македонија ја води ЈП „Национални шуми“. Во рамките на ова претпријатие се 30 подружници од сите региони на државата, преку кои се одвива сеча на шумите според плановите што ги прави ЈП „Национални шуми“, а ги одобрува надлежното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Поради запрената трансформација на ова јавно претпријатие, лошата кадровска и техничка опременост за теренска работа, 75 проценти од работата на терен во ова јавно претпријатие ја вршат надворешни економски оператори, а 25 проценти вработените.

Форум ЦСИД го спроведе проектот „Запознавање со механизмите и со алатките за спречување криминал и корупција при експлоатација на шуми“ од ноември 2019 до декември 2020 година. Овој проект е поддржан од проектот „Интегритет и антикорупција во бизнис-секторот“, кој го спроведуваат во партнерство Центарот за граѓански комуникации, Конект и Здружението на даночни советници, а финансиран од ЕУ во склоп на програмата на ЕУ за поддршка на организациите од граѓанското општество во рамките на Civil Society Facility Action 2016-2017.

Во рамките на овој проект е изготвена анализа со која сакаме да помогнеме и да укажеме на потребата да се подобри соработката меѓу институциите и сите заинтересирани страни, со цел да се намалат илегалните активности во шумите и да се спречи нелегалната сеча на дрвна маса, со што подобро би се сочувал шумскиот фонд како природен ресурс и богатство на Република Северна Македонија.

Анализата во целост можете да ја преземете  тука.