Форум ЦСИД денес во Клубот на новинари ја промовираше  публикацијата Анализа на оперативноста и функционалноста на Законот за заштита на укажувачи.  Анализата е резултат на полугодишно истражување на функционалноста на споменатиот закон кое е реализирано во рамки на проектот на Транспарентност Македонија и НВО Инфоцентар „Граѓански организации и медиуми против корупција – Коалиција за нулта толеранција“, поддржан од ЕУ.
Овој Закон е важен од повеќе причини, а неговата оперативност е директно поврзана и со поглавјето 23 (борба против корупцијата) за пристапување во ЕУ.


Целта на истражувањето меѓудругото беше да се подигне видливоста на овој Закон, да се зголеми јавната свест и да се охрабрат граѓаните и вработените во институциите активно да се вклучат во борбата против корупцијата. Во рамки на оваа анализа се објаснети процедурите што ги предвидува законот.
Со теренското истражување што го направивме се покажа дека Законот не е оперативен ни во институциите што се задолжени за негова имплементација. Само три министерства на своите интернет страници имаат директен пристап до овластено лице за прием на пријави од укажувачи, со посебно означен таг. Иако Законот важи за сите институции и приватниот сектор ниедна компанија, вклучувајќи ги и големите системи, градежна индустрија и трговски ланци нема воспоставено процедура за прием на пријави од укажувачи и нема одредено одговорно лице за прием на пријави.
Законот е на незадоволително ниво што првенствено се должи на отсуство на изразена политичка волја за воспоставување на системот на заштита на укажувачите во јавниот и во приватниот сектор.