ПО САМИТОТ НА ОН ЗА КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ ВО КОПЕНХАГЕН
ПОЧЕТОК НА НОВА ЕРА ВО МЕЃУНАРОДНИТЕ ОДНОСИ
Конференцијата за климатски промени во Копенхаген е уште една испуштена шанса да се покаже дека светот може да дејствува во правилна насока за да се обезбеди подобра иднина за сегашните и следните генерации. Како и во случајот со наводната борба против сиромаштијата во светот, така и во случајот со борбата против глобалното затоплување, се потврдува исправноста на тезата дека да побарате од богатите да го жртвуваат своето богатство со надеж дека ќе се спаси светот е исто како да барате од тигарот да стане вегетеријанец. Главната дебата која се водеше на двонеделниот собир во Копенхаген беше за парите, т.е. кој ќе ги плати „казните“ за глобалното затоплување, наместо за брза и одлучна акција за борба против затоплувањето. Притоа, најтешкиот финансиски товар нема да падне врз оние што ќе издвојат дел од своите буџети за да им дадат на сиромашните држави за борба против последиците од глобалното затоплување, туку врз оние што треба да направат најголеми вложувања за да ги намалат емисиите на штетни гасови во атмосферата. Меѓу нив на прво место е Кина, која во 2008 година ја престигна Америка како најголем емитер на јаглерод диоксид во светот и која, како и многу други држави во развој, смета дека има легитимно право да ја развива својата напредна економија без оглед на последиците, а дека за климатските и еколошките нарушувања вината лежи во развиените земји кои со векови ја загадуваа и затоплуваа планетата земја.
Според финалниот документ, ако Тоа што таму се продуцираше може така да се нарече, од конференцијата во Копенхаген, финансиската поддршка за најранливите земји ќе биде 30 милијарди долари годишно до 2012 година (иако тие бараа по 70 милијарди ), за да од 2020 година се издвојуваат околу 100 милијарди долари годишно. Малите островски држави и африканските држави беа најгласни во барањето да се постигне поцврст договор, бидејќи се најранливи на климатските промени.
Предлозите за кои се појавија најмногу несогласувања беа 50-процентното намалување на глобалните емисии до 2050 година и 80-процентното намалување на емисиите од страна на развиените држави. Според британскиот секретар надлежен за климата и сето што од нејзе шроизлегува како последица, Ед Милибанд, на обата предлози Кина ставила вето, иако предлозите биле поддржани од коалиција на развиените држави и мнозинството држави во развој. Инаку, Кинезите најмногу се спротиставуваат нивните емисии да бидат контролирани од независен субјект.
Сепак, можеби поважниот аспект од Конференцијата за климатски промени во Копенхаген е зацврстувањето на архитектурата на новиот светски поредок во кој главните играчи/ривали остануваат Америка и Кина (патем, и двете држави не ги исполнуваат обврските преземени со Договорот од Кјото). Самитот беше идеална можност за силните глобални играчи да покажат каде им е местото во светскиот поредок, колкава е нивната моќ и нивната одговорност за иднината. И тоа Американците и Кинезите одлично го искористија, за разлика од Европјаните, кои речиси целосно отсуствуваа во одлучувањето за финалниот документ. Според Њујорк тајмс, американскиот претседател Барак Обама за документот преговарал со кинескиот премиер Вен Џиабао, а потоа им го дал текстот на „група европски држави“ чии претставници негодувале, но потпишале. Фразата „група европски држави“, се разбира, не е исто што и ЕУ, која има 27 членки, и која пропушти можност да покаже дека дејствува едногласно како политички играч на глобалната сцена.
Русите, пак, како и обично, не се многу загрижени за глобалното затоплување, бидејќи гледаат добра перспектива во малото стоплување на нивната студена држава, па затоа речиси и да не слушнавме руски став за време на самитот во Копенхаген. Впрочем, видлив е и “друг“-политички интерес, особено кога околу некои прашања се расправаат “други“ (во случајов Кина и САД) и трошат енергија, ресурси, позиции. Од такви расправи, а не дискусии, Русија може само да профитира, бидејки, кај и да е, на некој од учесниците ќе му биде потребен дополнителен сојузник!
Додека течеа преговорите за постигнување климатски договор, на некои од повлијателните светски медиуми често можеше да се слушне дека никаков документ е подобар од лош документ, за да по завршувањето на самитот се слушне дека некаков договор е подобар од никаков. Па така, во Копенхаген не се постигна епохален договор, но сепак некаков компромис се постигна, кој нема да биде правно обврзувачки, туку само политички. Претходно, преговарачите работеа 2 години на наоѓање договор, науката за климата даде конкретни предлози, но на крајот политичките лидери не ги прифатија. Во документот кој содржи 12 параграфи, светските водачи го признаваат научното гледиште дека зголемувањето на глобалната температура треба да биде под 2 Целзиусови степени и дека ќе се преземат дејствија за да се постигне тоа, но не се поставија таргети за емисиите на јаглерод диоксид, со што практично го обезвреднија договореното. Сега сите надежи се свртени кон Мексико Сити, каде следната година ќе се одржи нов, веќе се зборува како за вонреден, самит за климата.
Ако е за некаква утеха, во Копенхаген светските водачи навестија дека имаат волја за натамошни преговори за нов, поцврст и пообврзувачки договор за климата. Американскиот претседател Обама беше најексплицитен во тој поглед тврдејќи дека „постигнатото во Копенхаген не е крај, туку почеток. Почеток на нова ера во меѓународните односи.“
Слаѓан Пенев
Форум ЦСИД
