МЕЃУЕТНИЧКИТЕ И МЕЃУВЕРСКИТЕ ОДНОСИ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА: ВЛИЈАНИЕТО НА МЕДИУМИТЕ ВРЗ СОЗДАВАЊЕТО НА МИСЛЕЊАТА И ФОРМИРАЊЕТО НА СТАВОВИТЕ ВО ЈАВНОСТА
М-р Сашо Орданоски
АЛСАТ-М ТЕЛЕВИЗИЈА: УСПЕХОТ НА ЕДНА ВИЗИЈА
I.
Охридскиот Рамковен договор, потпишан на 13 август 2001 г., претставува исклучително модерен и ефикасен документ за уредување на односите во македонското мултиетничко општество. Иако концизен , Договорот принципиелно ги уредува суштествените прашања за заедничкиот живот на различните етнички групи во државата. Овој документ имаше племенита задача: не само што послужи за сопирање на ескалацијата во меѓуетничкиот конфликт во Македонија, туку преку заложбата за отфрлање на територијалните решенија за адресирање на етничките проблеми, Договорот предвиде сочувување на унитарниот карактер на македонската држава, со гарантирање на еднаквоста на сите граѓански и културни права на заедниците кои не се етничко мнозинство во државата.
Во кусата преамбула на Рамковниот договор се вели дека неговата задача е да “промовира мирен и хармоничен развој на граѓанското општество со почитување на етничкиот идентитет и интересите на сите македонски граѓани”. Веднаш потоа, уште во своите Основни принципи, во точката 1.3., Договорот предвидува дека “мулти-етничкиот карактер на македонското општество мора да биде сочуван и да се рефлектира во јавниот живот”.
Секое општество на свој специфичен начин ги одредува главните столбови на политичката култура во земјата. Во македонскиот мултиетнички, мултикултурен и мултиконфесионален демократски модел, главните карактеристики на политичката култура ги опфаќаат принципите на толеранцијата, компромисот и инклузивноста како главни дискурси во јавната политичка дебата и во делувањето на политичките партии и непартиските структури во демократскиот систем. Квалитетот на политичката култура ја определуваат тенденциите на пораст или на намалување на застапеноста на овие принципи во општествениот живот и во спроведувањето на јавните политики на власта. Би можело да се тврди дека доколку се воспостави редовен систем на мерење на тенденциите кај овие вредносни општествено-политички агрегати, може да се добие релативно прецизна слика за степенот на конфликтноста во општеството, односно за квалитетот на демократските односи во Македонија. Тоа, од своја страна, суштински влијае врз градењето на моралните вредности во општеството, како белег на времето во кое живееме.
Очигледно, успешното развивање на една мултиетничка демократија е невозможно без учество на медиумите во таа напорна, но благородна работа. Задачата на медиумите кои се објавуваат на јазиците кои не се мнозински во општеството е дотолку поважна: тие не се само средство за информирање на својата заедница, туку и медиум за еманципација и изборување на подобар статус во општеството на заедниците кои не се мнозински, што, во крајна линија, значи порамноправен – но, ако заради историските, социјалните и политичките услови е потребно, и диспропорционално поголем – пристап до ресурсите што државата им ги става на располагање на сите свои граѓани.
Се чини дека токму овие базични вредности беа главната водилка во проектот на основањето на Алсат-М телевизија како прва национална комерцијална телевизија која својата програма ја емитува билингвално, на албански и на македонски јазик, со особено внимание кон политичките и општествените интереси на албанската етничка заедница во Република Македонија.
II.
Телевизијата Алсат-М беше основана во 2006 г., како дел од регионалната медиумска мрежа на ВЕВЕ Групацијата којашто ги опфаќаше телевизиските иницијативи во Албанија, на Косово и во Македонија. Зад идејата стоеше сопственикот на ВЕВЕ Групацијата, Веби Велија, како еден од најуспешните балкански бизнисмени од албанско етничко потекло. Системот од овие три телевизии требаше да претставува силен информативен и пазарен инструмент во културното и духовното поврзување на Албанците на Балканот. Со својот култивиран медиумски пристап и содржина, со модерниот изглед и со прогресивната, либерална уредувачка политика – во која, на пример, сфаќањето за секуларниот карактер на државата е еден од уредувачките столбови на програмата – Алсатовиот телевизиски систем претставуваше делотворно информативно средство во поддршка на евро-атлантските интегративни аспирации на албанскиот етникум на Балканот.
Во октомври 2008 г. Алсатовите телевизиски станици во Тирана, Скопје и Приштина за првпат симултано извршија пренос во живо преку регионалната мрежа на оптички кабли со што на симболичен начин телевизиски ги поврзаа трите главни градови на државите на Балканот во кои живее најголемиот број етнички Албанци во регионот.
Несомнениот успех на Алсат-М телевизија ја потврди визијата на својот основач, г. Веби Велија. Програмската шема на Алсат-М се состои од 30% програма од странско производство (филмови и серијали), со дополнителни 15% забавна програма и околу 15% спортски содржини. Сепак, најголемиот дел од програмата е исполнет со висококвалитетна домашна продукција со забавен, образовен, документарен и информативен формат, во која доминираат четири дневни изданија на телевизиските вести (три на албански и еден на македонски јазик).
Уникатниот пристап на Алсат-М телевизија се состои во напорот најголем дел од својата програма да ја емитува двојазично, на македонски и на албански јазик, при што информативната програма има идентични содржини на двата јазици. Тоа дава единствена можност и гледачите кои не го говорат албанскиот јазик да имаат детален увид во размислувањата, тенденциите и ставовите на албанската етничка заедница во државата и за информирање “од прва рака” за ставовите на нејзината политичка и општествена елита. Забележителната гледаност на вечерните вести на македонски јазик и на неколкуте редовни неделни дебатни емисии од страна на гледачите коишто не го говорат албанскиот јазик говорат за успехот на ваквиот концепт.
Самата телевизија и нејзините уредници и новинари се редовни годишни добитници на десетина домашни и меѓународни професионални признанија во речиси сите области на телевизиското новинарство. Во 2009 г. телевизијата беше прогласена за Супербренд на македонскиот телевизиски пазар.
III.
Како потврда на ваквите тврдења се податоците за гледаност на програмите на Алсат-М на македонскиот телевизиски пазар, особено меѓу етничката албанска популација. Компанијата Нилсен во континуитет, неколку години наназад, ја мери гледаноста на македонските телевизии, а растот на гледаност кој се бележи во случајот на најмладата национална комерцијална телевизија, Алсат-М, е без преседан на македонскиот телевизиски пазар. Така, за само неколку години по основањето и започнувањето на емитувањето на редовната телевизиска програма (во 2007 г.), Алсат-М бележи рапиден пораст во сите сегменти: ако уделот на телевизиската гледаност кај албанската популација во 2008 г. бил 12,27%, тој удел веќе во 2010 г. е повеќе од дуплиран и зафаќа 26,4% (Графикон 1).

Во јануари 2011 г. уделот на Алсат-М продолжува да расте и се зголемил на 31,45%, а во февруари 2011 г. веќе се искачил на 34,6%, во споредба со стагнацијата и падот на гледаноста кај албанската популација на другите телевизиски национални комерцијални канали. Така, на пример, гледаноста на втората најгледана комерцијална национална телевизија во Македонија од страна на Албанците е А1, која забележила пад во гледаноста од вкупно 8,51% во јануари, на 8% во февруари 2011 г. (Графикон 3).

Овие исклучително високи рејтинзи меѓу албанската етничка популација овозможуваат специфична позиција на македонскиот телевизиски пазар за Алсат-М телевизија – имено, нејзиното влијание на речиси една третина од пазарот е толку доминантно, што ја прави диспропорционално посилна на пазарот токму затоа што на другите две третини од пазарот конкуренцијата е многу поизразена и со учество на сите комерцијални национални телевизии во натпреварот за поголем дел од дневниот „колач“ на гледачи. Така, во јануари и февруари 2011 г. Алсат-М телевизија е на трето место по гледаност во конкуренцијата на сите комерцијални телевизии во Македонија, со тенденција на пораст на својот удел и до двоцифрена застапеност кон крајот на 2011 г., што се гледа од следниот графикон:

За доминантната медиумска позиција на Алсат-М телевизија меѓу етничките Албанци во Македонија говори и нивото на доверба што гледачите го имаат во нејзината информативна програма. Така, според резултатите од истражувањата направени во декември 2010 г. за потребите на американскиот Меѓународен републикански институт (IRI) , на прашањето “Која телевизиска станица најмногу ја следите за да се информирате за вести од политиката?”, дури 72.6% од етничките албански испитаници во ова истражување одговориле дека Алсат-М е телевизијата со најголема доверба кога се работи за политичките настани за кои сакаат да бидат информирани. Следна по доверба е А1 Телевизија за која се определиле 9.1% од испитаниците, пред МТВ (програма на албански јазик) со 7% и ТВ ЕРА со 5.8% од испитаниците.
Овој податок е уште поуверлив доколку се знае дека, според истото истражување, дури 96.5% од испитаниците изјавиле дека телевизијата како медиум им е примарниот извор на информации за политичките собитија во општеството.
За улогата на Алсат-М телевизија и вон македонските државни граници, а со оглед на големата албанска дијаспора која живее и работи вон Македонија, а со одредена редовност се информира за случувањата во државата, говори растот на посетите на веб-страницата на Алсат-М телевизија (www.alsat-m.tv). Ако во 2008 г. за некоја од богатиот избор на содржини на интернет страничката на Алсат-М месечно се определувале околу 150.000 уникатни посетители (unique visitors – Табела 2), тој број во 2011 г. се приближува кон цифрата од 600.000 месечни посети. Вкупните поединечни странички (hits – Табела 1), пак, кои посетителите ги вртеле на веб-страницата на телевизијата се квадрифицирале од 2008 до 2011 г.: така, во 2008 г. месечно бројот на хитови бил околу 10 милиони, за во 2010/2011 тој да порасне на над 40 милиони хитови месечно.


IV.
Ваквото, објективно, импресивно професионално и деловно портфолио на Алсат-М телевизија, за жал, не придонесе за рамноправен третман на телевизијата од страна на македонската држава во рамките на неформалната владина стратегија (2007-2011) за обилна финансиска поддршка на комерцијалните телевизии во Македонија со средства од државниот Буџет. Контроверзноста на ваквата политика – и од политички и од финансиски аспект – спроведувана од премиерот Никола Груевски и неговите албански коалициони партнери во изминатите пет години е предмет на жестоки полемики во јавноста. Таа е предмет и на отворени и остри критики во извештаите за состојбата со слободата на медиумите во земјава од страна на Брисел и Вашингтон, но и од други угледни меѓународни институции. Точните суми на големите буџетски трансфери на сметките на некои приватни национални телевизии сé уште не е познат, но факт е дека во изминатите неколку години Македонската влада преточи неколку десетици милиони евра јавни пари во приватните телевизиски компании.
Невладината Транспарентност Македонија проценува дека Владата на премиерот Груевски годишно троши околу 1,5% од државниот буџет за сопствено рекламирање и други промотивни активности во државата и во странство, од што добар дел од средствата се прелеваа(т) на сметките на неколку домашни комерцијални телевизиски канали. Ако се има предвид дека обемот на малиот рекламен медиумски пазар во Македонија вкупно се движи околу 40-50 милиони евра годишно, тогаш станува јасно каква е разорната пазарна и политичка моќ на милионите евра коишто селективно, без јасни критериуми и без транспарентни процедури ги добиваат некои од пазарните конкуренти на Алсат-М телевизија.
Од деловен аспект, штетата од ваквата политика на Владата е двојна: од една страна, добиените пари од државата конкурентските телевизиски станици можат да ги вложат во сопствениот технички, програмски и човечки развој, што и се ускратува на Алсат-М телевизија; од друга, со така добиените милионски средства конкурентските телевизии ги дигаат цените на купената странска играна, забавна и спортска програма, а ги спуштаат цените на сопствениот рекламен простор – пазарна трка којашто Алсат-М мора да ја следи од сопствени финансиски извори и на сопствена штета.
Од политички аспект, ваквата состојба, која со години наназад се толерира и од коалиционите партнери на г. Груевски, претставува јасна политика на дискриминација по професионална, деловна, но и по етничка основа, со оглед на незаинтересираноста на главната владејачка партија во Владата да оствари влијание кај најголемиот сегмент од публиката на Алсат-М телевизија – етничките Албанци во Македонија. Оваа владина политика со право може да се доживее и како директен политички притисок врз уредувачката политика на Алсат-М телевизија која се стреми да ги поддржи и промовира вредностите на мултиетничкиот, мултирелигиозниот и мултикултурниот карактер на македонската држава.
Впрочем, Алсат-М телевизија е единствениот медиум кој, токму заради ваквата своја конструктивна, про-европска и политика посветена на постигнување на идеалите на Рамковниот договор, е спомната во последниот редовен извештај на Европската комисија за напредокот на државата во процесот на евро-интеграциите: “Медиумите остануваат поделени по етнички и политички линии, а автоцензурата е широко распространета. Само еден телевизиски канал (на албански јазик) емитува редовни двојазични програми и активно придонесува за поголемо меѓусебно разбирање меѓу двете најголеми заедници”, се вели во Извештајот.
Дали тоа што Алсат-М “активно придонесува за поголемо меѓусебно разбирање меѓу двете најголеми заедници” во Македонија е причината поради која не може да се квалификува за посериозен државен рекламен трошок во изминатите 3-4 години?
За волја на вистината, после низа домашни и меѓународни протести и укажувања во врска со ваквата дискриминација, состојбата е нешто променета на подобро во изминатите неколку месеци, но со оглед на неизвесноста на предвремените јунски парламентарни избори и пропуштените години за уште подобар севкупен развој на телевизијата, и оваа тенденција не може поинаку да се квалификува освен како во англиската поговорка: “Too little, too late!” (“Премалку, предоцна!”)
V.
Со оглед на општите политички состојби во државата, на ниското ниво на политичката култура и на политичкиот дијалог во земјата и на бројните предизвици за остварување на идеалите од Рамковниот договор, би можело да се тврди дека Алсат-М телевизија, со својата програмска и уредувачка политика, на извесен начин, оди “пред времето” во Македонија. Всушност, со оглед, пак, на постигнатата популарност и влијание во македонската јавност, поточно би било да се каже дека телевизијата е “пред времето” во кое живеат и начинот на кој работат нашите политички елити. На пример, Алсат-М редовно се јавува како клучен смирувач на меѓуетничките и меѓурелигиските тензии коишто повремено ги произведуваат политичарите во Македонија, а чијашто ескалација со поддршка на телевизијата лесно би можела да излезе и вон контрола на самите политички провокатори и локални политиканти. Во својот уредувачки пристап во информативната програма, телевизијата секогаш тежнее кон политичка избалансираност и професионален пристап кон сите актери на политичката сцена, дури и независно од нивниот однос кон самата телевизија.
Заради таквата своја уредувачка политика, но и заради доминантната информативна позиција на дел од македонскиот медиумски простор, телевизијата и нејзините уредници/новинари биле и се предмет на политички притисоци, понекогаш со примена на груби и опасни методи. Но, не се само политичките партии оние кои употребуваат методи на притисок врз новинарството во Алсат-М – познато е дека Исламската верска заедница, на пример, често ги тужи (и редовно без особен правосуден успех) новинарите и уредниците на телевизијата заради начинот на кој се покриваат долгогодишните контроверзни случувања во и околу оваа важна верска институција во земјата.
Сепак, далекусежниот идеен залог на прерано починатиот сопственик и основач на Алсат-М телевизија, г. Веби Велија, како и доследното спроведување на неговите визии од страна на неговиот син и наследник, г. Ферик Велија, цврсто ја држат телевизијата на курсот на политичката и меѓуетничката еманципација во Македонија, како земја чија единствена шанса е меѓусебното почитување и толеранција на етничките заедници кои живеат во неа.
За успехот на таквата визија говори растечката гледаност и доверба што Алсат-М телевизија ја доживува во македонската јавност од своето основање, до денеска. Можеби тоа е и најдобриот показател дека иднината на македонската држава, втемелена врз принципите на Рамковниот договор од Охрид, е единствената перспектива за развојот на македонското општество.
