ПО 8 СЕПТЕМВРИ

Празникот 8 септември беше и помина. Деветнаесет се тоа години транзиција, а без членство во НАТО и без членство во ЕУ и, соодветно, економија во распад. Овој прилог кон нашето истражување во рамките на проектот „Досие Груевски” методолошки е насочен и темпиран токму сега, не за да не се расипе празничното расположение, туку само за да ја илустрира дефинитивната конфузија во македонскиот од кон просперитетно општество. Секако сосема е видливо, а се обидуваме да доосветлиме дека, после сите години и прослави на независност, самостојност и што веќе сè не, остануваме на ист курс, на истите, веќе ветви, „тоа-па-тоа” фрази и истите, божемни, приоритети: членство во НАТО; членство во ЕУ; и Рамковен договор како резултат и “решение над решенијата” преточено во Устав. Иако ни се причинува дека е патемно, сепак во сиве овие години, главната преокупација ни е очајничкиот обид да не банкротираме како држава и тоа не заради државата како таква, туку за да не се наруши рејтингот на политичрите. Притоа не прашувајќи за цената. Едноставно, царува логиката: Нека чини колку ќе чини, секако сметката ќе ја плати друг, некоја друга политичка гарнитура!

(Тука како феномен треба да се одбележи дека промените на политичките гарнитури во 1998-та, 2002-та, 2006-та се одвиваа (за македонските стандарди на разбирање на демократијата како и “африканските” изборни процеси) во исклучително џентлменска атмосфера, со зачудувачка рамнодушност на оние кои си заминуваа од власт. По објавувањето на резултатите. Се разбира. Како да „некаде” постоел некаков договор за несанкционирање на (не)делата заради кои си заминувале од кормилото на државата!)

Околу Грција по кој знае кој пат и што научивме од тоа?

Научивме дека секогаш треба да се пали црвената сијалица за аларм кога „нашиве” онака еуфорично („рејтинг-шки”) ни продаваат магла како главен згодиток на Глобалното Бинго! Во изминатите илјада и кусур дена оваа гарнитура (партија) на власт толку многу успешно се испраксира во кампањи за продавање на „м… за бубрег”, што дури и приказната за „визите” ја продаваат како најврвен дострел на македонскиот пат до универзалната среќа и благосостојба. Одат дури дотаму што огромен дел од идеолозите на ВМРО ДПМНЕ визната либерализација ја сметаат како крајна достижна граница во нашето зачленување во НАТО и ЕУ во следните рамно-десет години , а после „…ќе видиме!”. Јасно е дека си умислиле, или пак „им кажале” дека може и НАТО сосе ЕУ, онака топтан, да се распаднат. Теории коишто во балканското опкружување, како на голема, така и на мала врата се раскажуваат по разно-разните, тотално окупирани (злобниците велат „путинизирани”) медиуми. Додуша, дури и да се распаднат, како што предвидуваат некои од идеолозиве на ВМРО ДПМНЕ, не ни кажуваат што ние ќе правиме во таков случај!? А сосема е веројатно дека, доколку така се случи, комшииве ќе ни удрат таков ќотек што, за нас, ќе биде трагедија, а за ВМРО и нивните идеолози и суфлери, причина за еуфорија! А којзнае? Можеби Белград и Москва ќе нè спасат, како што си мислат овие геостратези-пубертетлии. А ќе биде токму така. Како и сите спасувачки мисии на „браќата по вера, корен и идеологија” во изминативе два века. Историјата на Македонија циклично се соочувала со вакви (ин)директни спасувачки мисии после кои единственото политичко орудие било крикнувањето „Аман! Доста нè спасувавте!”.

Ако се вратиме пак на приземните теми и доколку се оствари најавата дека со ЕУ-датумот ќе си поминеме исто како и со НАТО, а не дај боже Грција да побара солидарност за визниот режим заради „техничка неспремност за издавање на визи”, тогаш ние, поточно нашиот дрим-тим Груевски-Иванов-Милошовски-Протуѓер не само што ќе доживее тотален пораз туку, било која и каква сака нека е следна влада, овој пораз ќе има последици и по самата држава Македонија. Како што било секогаш, се разбира, а особено кога со судбината на оваа земја управувале неавтономни владетели! Со ваков исход од досегашните преговори под „мудрото и патриотско” водство на Груевски не само што Грција си го остварува планот “А” (вето за евроатлантските интеграции на МК ) туку, без никаков напор од нејзина страна, ќе почне да си го остварува и планот “Б” каде таа дури ќе биде и жртва на „…македонскиот национализам” (читај глупост) и ќе успее да ги стави на маса сите максималистички барања кои заради дипломатска пристојност досега не се поставуваа.

Но еве, а „заради природата на преговорите со Грција” (уште една будалаштина на провинциските политичари), нема да откриваме детали, освен еден: Кога од жртва (послаба страна), милувана и поддржувана од сите, од глупост или од којзнае што преминавте на српско (нека простат чувствителните души, ама изразот има свое соодветно место во историјата на дипломатијата) „курчење“ тогаш ќе добиете исто колку и …Србија, се разбира. А колку доби Србија се знае и имавме прилика да се увериме!

Но ова не е сè! На советничката алхемија на советниците на Иванов и Груевски и’ нема крај. Тукушто здивнавме, еве ги тезите за НАТО и новите, поточно идните членки, овојпат со „консензус минус еден (глас)”! Ваква работа можат да лансираат само советниците на ВМРО-ДПМНЕ заедно со еден ептен еминентен професор од Запад, човек влијателен во НАТО колку и министерот за одбрана на Вануату. Многу е веројатно дека, како што им доликува само на „уфрлени” ербапи и хокхштаплери, тие кај „лидерите” ја лансирале оваа теза како привремен седатив за купување време. Смирување на краток рок, додека не се смисли (на друго место, се разбира) некој нов бисер и нова дупка во која ќе си допропаднеме и додека не се потпали некој нов оган, кој не мора нужно да биде лоциран на Балканот (може Иран, може Пакистан, може…?).

Скоро имавме прилика да се запознаеме со еден исклучитлно поучен документарен филм за „докторот на Хитлер” и неговите методи на лечење на вождот. Имено, човеков лечел преку терапија со тнр.„розова слика на светот”! Кога Хитлер ќе снеможел, еве го докторот. Една-две дози розови слики и вождов си се смирувал. Убавина. Советнициве кај двајцава (дали се навистина двајца, допрва ќе дознаеме!?) наши лидери ми изгледаат точно така. Колку порозов свет им се сервира на „лидериве” толку е поголем авторитетот на советникот кај лидерот. Додуша лидерот (и државата) е сè поболен, ама тоа секако не е важно, барем за советникот и неговите вистински наредбодавци. Старото правило на додворување во политиката вели дека на крајот од вакви „советодавни сеанси” лидерот се стрмоглавува (паѓа!), а советникот си бара нов работодавач, тезга или задачи!

ПАК ЗА НАТО

Останува непознаница во кое својство тука, во НАТО, ние (не)влегуваме, ама според илузиите со кои се хранат лидерите и се обидуваат и нас да нè нахранат со корумпираната медиумска машинерија, приемот во НАТО за нас е завршен уште во Букурешт! Значи, доколку се случи таа волшебна неверојатност НАТО со таков, инвалидизиран, консензус да донесе правило во кое ќе се вели дека е можно одлучување за членство со примена на клаузулата „минус еден”, тогаш како во приказните (розови) работата ќе важи и ретроактивно!

Во меѓувреме, има впечаток дека на претседателот му е здадена внатрепартиска задача, да нè занимава како нас, така и нашите искрени пријатели и подржувачи. Угледниот политиколог, уште поугледен професор. Претседателот Иванов, нели, го воведе политичкиот критериум -ПРОЦЕНТИ! Видливо е дека бил на (до)обука во погрешна училница. Учењето и елаборирањето на проценти не само што е смешно, неразбирливо, па дури и несимпатично, туку нема никаква вредност и важност во политиката. Да поодел уште некој чекор до следната училница ќе разберел дека таму се предава ГЕОМЕТРИЈА, најважниот предмет во политиката, особено кога Балканот е во прашање. Доволно е да се знае дека Черчил и Никола Пашиќ, додуша од позиција на сила, знаеле само геометрија (наука за границите, кованица од зборовите „гео“ – Земја и „метрија“ – мерење, ама и сечење!), па да се проникне во логиката на промислување на комлицираните нешта во македонската салата.

Додека Председателот се мачеше пред светот и векот, а особено пред Западот, да се претстави како мудар и учен лидер, во неговата татковина се случи веселба! МАНУ во една, повторно, воена формација, а небаре е по втор пат, на концерт на легендата Ману Чао во Скопје, истрча со концентратот на македонската памет, ум или како што би рекле енциклопедистите (вистинските, се разбира) со погледот на свет на едно цело општество претставено преку Пантеонот на Духот! За неупатените да споменеме дека станува збор за истото друштво (видливото и невидливото) од 2001-та кога, исто како денес, значи во воена формација, истрча и побара ПОДЕЛБА НА МАКЕДОНИЈА!

Заради минимална методолошка суреденост на прилогов, а и како вовед, станува збор за “Енциклопедијата…”. Проект на Владата на РМ и МАНУ (Чао!). Премиерот, според кого е насловен проектов и кон кого го приложуваме ова скромно дополнение, лично ја ПРОМОВИРАШЕ со учени лауди, како што доликува на еден магистрант чиј што магистерски труд беше помпезно промовиран пред истата таа МАНУ во полн состав!

А само со преглед на неколку енциклопедиски единици видовме што? Академициве и соработниците изгледа дека се невидено и нечуено информирани за разузнавачки активности на странските служби, особено на оние на САД и Велика Британија! Нешто што академици, во принцип, знаат само преку читање на документи во релевантни архиви. Не мислиме притоа на архиви (со тнр.актуелни фајлови!) на тајните служби, наши или странски сеедно, бидејки темата за која академициве-специјалисти пишуваат е безмалку лабораториска. Се случува(ше) денес или вчера или е (сè)уште и НЕЗАВРШЕНА, по сите точки од случувањата! Вклучително и според она што го нарекуваме Охридски (мировен) договор! Но, кога ќе ја згрешите вратата, потоа сè е лесно. Наместо да се концентрираат на она што една енциклопедија го подразбира, значи апсолвирани сознанија, нашиве академици се ориентирале на усмени преданија на разузнавачкиот полусвет и нивните мегафони по медиумите. Како од тогаш (2001-та) така и од денес. Преработено и надградено сознание за 2001-та, би рекле креативните пишувачи на Програмските темели на владеачката партија. Не дека не беше непознато, особено за неколкумина „видни” академици, но конспирациите им се „јака страна”, а нивните, ајде да се согласиме, научни извори секогаш им биле збирштина од конспиративни теории, кодошлаци, подземје, озборувања и сл. И сето тоа срочено како научно енциклопадиско толкување и замислено како дефинитивна едукативна содржина за следните генерации македонски граѓани или како што неисцрпниот народен дух би рекол – кретени! Финален производ на умот којшто ги замисли проектите за тоа дека „Знаењето е моќ”!

Тука, за да не остане некоја недоумица околу „изворите”, веднаш треба да се осврниме на најблиската историја. Имено, овие вакви, поточно исти извори, во извесна смисла „го закопаа” Глигоров како најбрутален пример за тоа на што сè се подготвени, ама и очигледно добро етаблирани по сите нива на општеството.

Овојпат, не е за чудење, доброволната жртва е МАНУ. А за жртва, повторуваме, станува збор. Темата со УЧК е толку податлива што теледиригирани провокатори никако не би ја испуштиле. Напросто во неа има сè! Од „Запад” па сè до „Американци”. За „блудницата Европа” претставена преку тнр. британско учество и да не зборуваме. (Упатуваме на енциклопедиската единица во која се зборува за УЧК и улогата на МПРИ – советодавна агенција за воени прашања тогаш стационирана во МО на РМ).

А кога веќе го споменавме Глигоров, не е на одмет да потсетиме на сите пост-атентатски магли кога ни се изнаредија теории за учество во атентатот на разно-разни Албанци, Бугари, Турци, Ескими и којзнае уште кој. Срби немаше – за љубов на вистината!

Фасцинантно е како една иста група ликови (сосема добро познати и видливи барем по дебар-маалските кафеани во Скопје), цврсто инсталирана во сите структури, вклучително и најмногу во тајните служби, цели дваесет години успева да ја занимава земјава и да ги замајува нејзините „демократски избрани” власти без да и’ фали ниту едно единствено влакно од главата! Импозантен е списокот на нивните „пациенти”, барем според имињата и функциите. Глигоров, Георгиевски, Црвенковски, во одредени периоди Трајковски, Груевски, а како капак, со нужна асистенција и од внатре, МАНУ! Иронијата да биде поголема, групава работи исклучиво според принципот на само-финансирање (а зошто да не?) па неколкумина од нив се стекнаа со сосема солидни имоти (земја, згради, акции и кеш!).

До овде „прилогот” е сосема во рамките на зададената тема за тоа што и како прави Груевски, а оттука темата се шири во други насоки, бидејќи МАНУ и нејзините сочиненија се сепак нешто постари.

За да нема никакви дилеми треба да споменеме уште едно нешто – доколку САД и Велика Британија навистина стоеја таму каде што МАНУ се обидува, како фиксирана вистина, да нè убеди дека стојат, нивната (на МАНУ и ВМРО-ДПМНЕ) енциклопедија нема(ше) да ја види светлината на денот! Немаше да има финансиер, поточно Влада на некоја си таму држава. Ќе ја немаше државата! Нешто што, сакаме да веруваме, сепак на повеќето академици сигурно им е туѓо.

Освен на академиците во САНУ и РУНУ.


ПРИЛОГ бр.2

ПРЕВОДОТ ОД ДЕЛОТО НА АЛЕКСАНДАР ДУГИН

Неоспорен факт е дека нашите безбедносни структури, бивши генерали со дебели наочари, бивши шефови и сегашни на легендарната УБК сосе нивни вработени и кодоши, онака, топтан сосе директори/началници, разузнувачи, знаат сè за секоја помала или поголема конспирација на Западот кон Македонија .Тие теории секако ги измислуваат или пласираат и споделуваат со нас по јавни медиуми и научни установи. Затоа редно е да видиме што прават „другите” или како што се вели „Истокот”. Не сме виделе некој да објави каква тоа стратегија за Македонија доаѓа од тој, вечно, пријателски Исток и од „Истокот” преку соседите.

За „Западот“ си знаеме сè! Што од локалните познавачи, што преку познавачи од “Исток”, што преку познавачи кај соседите. Трогателни се „традиционалните” релации Белград-Атина, проверени и заверени многукратно низ минатите децении. Особено кога станувало збор за заверка преку македонски грб, или пак со „омекнувачко покровителство” на Москва, да речеме. Заради тоа што сите тие имаат посебни односи со Белград, Атина и Москва, а дел од нив и со Бугарија, редно беше да се потрудиме и да објавиме и дел од една руска книга. Познавачите велат дека таа е Библија на руската геополитика, а напишана е рамно пред 15 години и објавена во 1997 година. Дело кое е во примена во скоро сите институции во Русија – од МНР до разноразните служби и службетини. Ова го објавуваме со надеж дека планот на Македонија во спорот со името нема да премине во обвинение кон НАТО, САД и ЕУ дека тие вршат притисок и ни го менуваат името и идентитетот. Треба сериозно да сме загрижени, море и уплашени од ова што веќе јавно го говори и подготвува нашиот „лидершип”, а околу алтернативите на НАТО и ЕУ. Алтернативата вели, „Треба многу поинтензивно да се дружиме со Исток, како на пример со Украина, Русија, Кина, Сингапур и неврзаниете!“ Опција која што лидерите, многу скоро, ќе ни ја соопштат преку нивните мегафони во медиумите, или најкасно до 2018-та, доколку бидеме ослободени од визи како наша крајна цел за ЕУ! Изгледноста на варијантата да бидеме Белорусија на Балканот можеби и нема да носи некоја добивка на кладилниците, но сепак поучни текстови, како овој на Дугин треба да се читаат и проучуваат.

 

НАДВОРЕШНАТА ГЕОПОЛИТИКАТА НА РУСИЈА

пишува Александер Дугин Зони и планини – граници

Императивот на геополитичката експанзија во правец на југ, ја определува структурата на композицијата на тие области, кои влегуваат во административните граници на Русија или во состав на државите-сојузници на Русија (ЗНД). Затоа анализата на периферијата на актуелните и полуактуелните геополитички лакови не смее ниту на миг да отстапува од првичната тенденција, која ја диктираат законите на геополитиката.

ВО „РУСКИОТ ЈУГ”, ВО ПООГРАНИЧЕНА СМИСЛА, СПАЃААТ СЛЕДНИВЕ ЗОНИ:

1) Северниот дел на Балканскиот Полуостров од Србија до Бугарија;

  • 2) Молдавија, и Јужна и Источна Украина;
  • 3) Ростовската област и Краснодарскиот крај (пристаништето Новоросијск);
  • 4) Кавказ;
  • 5) Источното и северното крајбрежје на Каспиското море (територијата на Казахстан и Туркменистан);
  • 6) Средна Азија, вклучително и Казахстан, Узбекистан, Киргистан и Таџикистан;
  • 7) Монголија.

Над тие зони континенталната стратешка контрола е утврдена, но сите треба да се разгледуваат како основи за понатамошна геополитичка експанзија на југ, а не како вечни граници на Русија. Од геополитичка гледна точка, постоењето на крајбрежни појаси кои не се ставени под контрола претставуваат постојана закана за намалување дури и на оние територии коишто во дадениот момент се цврсто соединети со центарот на Евроазија. Распадот на СССР и појавата на самостојни политички творби врз основа на бившите сојузни републики дава впечатлив пример за тоа како откажувањето од експанзија кон надвор, кон јужните брегови на континентот (излегувањето на советските војски од Авганистан), неизбежно го влече со себе отклонувањето на постојните граници на Москва далеку на север, во внатрешноста на континентот.

Но, слабеењето на континенталното присуство никогаш не створа вакуум или засилување на суверенитетот на териториите кои „се ослободуваат“ бидејќи нивниот провинцијален статус со сигурност ја исклучува [c.343] нивната геополитичка автархија. Наместо телурократското влијание на Москва, автоматски се зајакнува таласократското влијание на Атлантизмот (во една или друга форма).

Следствено, структурата на целиот внатрешен појас на „југот од Русија“, треба од самиот почеток да се разгледува како потенцијален плацдарм.

СЕКТОРИ НА ГЕОПОЛИТИЧКИОТ ЈУГ НА РУСИЈА:

  • 1 – Балкан;
  • 2 – Романија и Молдавија;
  • 3 – Крим – Југоисточна Украина;
  • 4 – Ростовска област и Краснодарски регион;
  • 5 – Кавказ;
  • 6 – Средна Азија (вклучително и Синџинг);
  • 7 – Тибет, Монголија и Манџурија [c.344]

Секако, работата се усложнува дотолку повеќе што практично сите погранични територии се наоѓаат на планински (често високопланински) реони.

На север од Балканскиот Полуостров тоа се Балканските Планини, на исток – Кавказот,понатаму сртот Копетдаг и Гиндукуш и потоа Памир, Тјан-Шан, Алтај. Планинскиот релјеф на јужната граница на Русија (Евроазија), кој во најголем дел ја предодредил целата историја на Истокот, моментално е еден од најважните адути на Атлантизмот. Древните Индоевропејци го делеле целиот евроазиски исток на два составни дела – северен дел – Туран (сè што е повисоко од евроазиската планинска линија) и јужен дел – Иран (кој лежи пониско од таа линија). Фактички, таа поделба строго соодветствува со современите геополитички термини – heartland (Туран) и rimland (Иран). Дури и после неколку илјади години, јужниот фронт на Русија ќе го постави истиот геополитички проблем кој бил карактеристичен за дијалектиката на односи „степски номади против староседелци-земјоделци од Персија”. Во овој случај, меѓутоа, ситуацијата кардинално е изменета кога кон степскиот Туран е придодадена словенската северна шума, балансирјќи ја и фиксирајќи ја динамиката на туранските номади. Постојаните жители, Индоевропејци (Словени), ја затвориле степата од север со културни форми, во многу нешто повторувајќи ги архетипите на иранскиот југ.

Русија, како и Евроазија, како синтеза на Шумата и Степата, квалитативно го надминува Туран, а следствено на тоа и проблемот на Иран (пошироко – неруска Средна Азија) и добива поинаква цивилизациска и геополитичка смисла. Тоа особено се пројавува од моментот на Исламската револуција во Иран, која радикално направи пресврт на атлантската таласократска политика која беше преточена во режимот на Шахот.

Сите овие геополитички аспекти ја изразуваат неопходноста од радикално нов приод кон проблемот „евроазиски планини“, кои треба да ја изгубат улогата на стратешка граница, да преминат од преграда на патот на континенталната интеграција во мост кон неа.

Потребата од промена на функцијата на планините на југот од Русија (и нејзиниот [c.345] стратешки ареал) е столб за понатамошната евроазиска геополитика. Без таква претходна операција Евроазија никогаш нема да се стекне со вистинска доминантност, дотолку повеќе што никогаш нема да се приближи кон оригинален рамноправен дијалог со таласократија.

 

4.3. БАЛКАН

Колку е поголем бројот на земји јужно од Русија и нејзиниот стратешки ареал кои се расно, културно и религиозно различни од цивилизацијата на Русите (освен Балканот и Украина), толку е попотребно геополитичките оски да бидат строго меридијански (значи дека примарно Русија сопствената геополитика треба да ја гради врз пресија од Север кон Југ). Оттаму, за да се овозможат сите вертикални (должински) интеграциски процеси и да се спречат сите хоризонтални (ширински) (односно да се спречи експанзионизмот на атлантските организации од Запад кон Исток во сфера етнички и политички различна од чисто руските пространства) треба да се применува принцип директно спротивен на принципот кој доминира во услови на етнокултурна еднородност. Ова значи дека затечените мултиетничките земји како Македонија, Косово, Молдавија или Босна ќе бидат посебно на удар, за да во некоја подоцнежна фаза дојде и до заговарање на федерализација и сукцесија.

Да ги напоменеме основните форми на геополитичката структура на „рускиот југ“ (во широка смисла), разгледувајќи ги по ред сите локални геополитички системи од запад кон исток.

БАЛКАНСКИ ПОЛУОСТРОВ. ОВДЕ ПОСТОЈАТ ЧЕТИРИ ОДДЕЛНИ ЗОНИ:

  • а) босанско-хрватска (најзападна и атлантски ориентирана, чист rimland);
  • б) српска (распоредена источно и јавно евроазиски ориентирана);
  • в) бугарска (уште поисточна, има елементи на „левантиска верзија на rimland” – модел кој најјасно е претставен преку Турција – и континенталната евроазиска синтеза);
  • г) грчка (православна, но влегува во атлантскиот блок).

„Новиот геополитички поредок” (континентален и евроазиски) во таа област (како и насекаде), е заснован на подобрување на сите интеграциски процеси по оската Север – Југ. Тоа значи дека треба максимално да се работи на зацврстувањето на врските помеѓу Белград–Атина и Софија–Атина. Но иако теоретски би бил идеално решение, проектот на општословенската јужна федерација, која би се состоела од Србија, Бугарија, Македонија, Црна Гора и Република Српска, нема скоро никакви шанси да се оствари во некоја блиска иднина бидејќи целиот регион Балкан сам по себе претставува мозаична и крајно сложена конфигурација.

Дотолку толку повеќе, тој ќе предизвика опасен процес на ширинска интеграција, која во такви сложени етнички региони секогаш е проблематична. Да се сетиме, на пример, на жестоките балкански војни на почетокот на дваесеттиот век помеѓу православните држави – Србија, Бугарија и Грција – вечниот проблем на Македонија, која претставува „јаболко на раздорот“ во потенцијално континенталните и евроазиски православни држави. Затоа, примерот на средновековната српска „империја“ на лозата Немањиќ може да биде земен во својство на позитивна геополитичка парадигма. Што е уште позначајно, сите значителни успеси на Грција во глобални геополитички проекти (особено војувањата на Александар Велики) добивале енергија единствено кога таа доаѓала од северниот дел на Балканот – македонската династија, а порано дорскиот тип на индоевропска Спарта. Во рамките на малиот модел на целиот Балкански полуостров, Србите (и делумно Бугарите) пројавуваат евроазиски импулс, истапуваат како носители на идејата на heartland. Грција, која се простира појужно, геополитички е растргната помеѓу тој северен континентален импулс и цврстата историска идентификација со rimland-от. Затоа сите обединувачки интеграциски проекти на Грција кон северниот Балкан, можат да ги засилат внатрешно-континенталните импулси во Грција, што би можело да се темели на конфесионалната блискост со православна Русија.

Доколку во подалечна перспектива можеме да си замислиме една сеопфатна, евроазиски ориентирана балканска федерација, тогаш геополитичката програма наједноставно можеме да ја формулираме како создавање на неправилен ромб Софија – Москва – Белград –Атина (и повторно Софија), во кој од центарот излегуваат два крака – руско-српски и руско-бугарски, за на крај да се соединат во Атина. Притоа прашањето на Македонија би можело да биде решено на начин на кој ќе и’ се додели посебен статус со цел да се отстрани каменот на препирање помеѓу сите три православни балкански и потенцијално евроазиски (во различна мера) држави. Одовде логично излегува суштинскиот интерес на Москва во проблемот на Македонија.

Ако погледнеме на целата слика од спротивниот агол, од аспект на атлантистите, веднаш станува очигледно дека за таласократијата е важно на сите геополитички процеси да им се даде директно спротивставен карактер. Пред сè, императив за „морската сила, т.е. Атлантската алијанса” е да ги поддржи проатлантските [c.347] сили на северниот Балкан (Хрвати и муслимани), а покрај тоа, да ги оддели Србија и Бугарија од геополитичкиот сојуз со Грција. За тоа најзгодно од сè е да се искористи Македонија, која ќе може да ги разруши сите континентални проекти во тој регион. А доколку и Турција се приклучи кон бугарскиот проблем, т.е. доколку се овозможи подобрување на турско-бугарските односи на штета на бугарско-руските, тогаш целата евроазиска континентална политика на Русија ќе претрпи пораз.